Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија (“Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и “Службен весник на Република Северна Македонија“ 202/2019), по моето гласање против Решението У.бр.147/2019 и У.бр.155/2019 од 04 март 2020 година, за не поведување на постапка за оценување на уставноста член 24 ставови 3 и 5 и член 25 ставови 1, 2 и 3 од Законот за полиција (“Службен весник на Република Македонија” бр.114/2006, 6/2009, 145/2012, 41/2014, 33/2015, 31/2016, 106/2016, 120/2016 и 211/2018) го издвојувам и писмено го образложувам следното:
ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ
Уставниот суд на Република Северна Македонија постапувајќи по иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 24 ставови 3 и 5 и член 25 ставови 1, 2 и 3 од Законот за полиција (“Службен весник на Република Македонија” бр.114/2006, 6/2009, 145/2012, 41/2014, 33/2015, 31/2016, 106/2016, 120/2016 и 211/2018)*, со мнозинство гласови донесе Решение за не поведување на постапка за уставноста на оспорените одредби од Законот, бидејќи оцени дека тие одредби по сите основи се во согласност со Уставот.
Мнозинството судии при анализа на рефератот, заземаа спротивно правно мислење, односно став за кое имам суштински различно и спротивно мислење, поинаков пристап, материјална подлога и поткрепа за уставноста, односно, против уставноста на наведените одредби во точка 1 во решението.
Изразувајќи несогласност со таквото Решение гласав против и го издвојувам своето мислење, затоа што сметам дека оспорените одредби од член 24 ставови 3 и 5 и член 25 ставови 1, 2 и 3 од Законот за полиција не се во согласност со Уставот, поради што требаше да се поведе постапка за оценување на нејзината уставност и врз основа на изведување на правно издржани аргументи да се донесе правилна одлука.
Моето спротивно мислење го темелам на ставот дека Решението на Судот е во спротивност со член 8 став 1 алинеи 1, 3, 5, 9 и 11 (основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот; владеење на правото, политичкиот плурализам и слободните непосредни и демократски избори; локалната самоуправа како темелна вредност на уставниот поредок и почитување на општо прифатените норми на меѓународното право), член 9 став 1 и 2, член 22 став 2, член 50, член 51, член 114 и членот 114 од Уставот на Република Северна Македонија.
Во ова решение Судот оцени дека: „со наведените уставни норми се гарантира правото на локална самоуправа на граѓаните на начин што во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на урбанизмот, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, предучилишно воспитување, основното образование, основната здравствена заштита и во други области утврдени со закон. Во наведените области не е наведена јавната служба на која се повикуваат иницијаторите, како ни областа на јавната безбедност и безбедноста на сообраќајот на патиштата, што значи дека за истите законодавецот ја уредува нивната организација и надлежност што е во согласност со наведените уставни норми.
Оттука, сосема легитимен и уставен е начинот на избор на командир-от во конкретна полициска станица, како и начинот и поставеноста на неговата организираност, надлежност и функционирање, коишто се предвидени во оспорените ставови на член 24 и член 25 од Законот за полиција. Од овие причини според Судот не може да се доведе под сомнение согласноста на оспорените членови со одредбите од Уставот на кои се повикуваат подносителите на иницијативите.“
Локалната самоуправа, Уставот ја воздигнува и заштитува како едена од темелните вредности на уставниот поредок во Републиката. Во Амандманот XVII од Уставот, со кој се заменува ставот 1 од членот 115 од Уставот**, е утврдено дека во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.
Имајќи го предвид наведеното,веднаш се уочува дека ваквиот начин на регулирање на работите во членот 24 точка 3 од Законот за полиција според кој „Командирот од ставот 1 на овој член се избира со мнозинство гласови од вкупниот број советници од страна на советот на општината во којашто е сместена полициската станица од општа надлежност на Министерството (во натамошниот текст: советот на засегнатата општина), од листа која содржи најмалку тројца кандидати, предложена од страна на министерот, меѓу кои барем еден кандидат припаѓа на заедницата која е во мнозинство во тие општини„ СЕ ПОВРЕДУВА членот 115 од уставот што значи дека во конкретната проблематика граѓаните на општина Пласница, непосредно и преку претставници НЕ учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење со што се повредува и ставот 2 на членот 115 од Уставот, „општината е самостојна во вршењето на надлежностите утврдени со Уставот и со закон ….“
Во конкретниот случај ниту граѓаните непосредно и преку избраните претставници учествуваат при избор на „Командирот со мнозинство гласови од вкупниот број советници од страна на советот на општината во којашто е сместена полициската станица од општа надлежност на Министерството„ ниту пак општината е самостојна во вршење на надлежностите утврдени со уставот и со закон во овој дел.
Особено повредата се гледа кога случајот ќе се анализира и од аспект на членовите од Законот за локална самоуправа***. Според членот 36 од Законот во кој уредени надлежностите на советот на општините, меѓу другите надлежности, во точките 12 и 13 од ставот 1 на овој член се предвидува дека советот го избира лицето кое раководи со подрачната единица на Министерството за внатрешни работи во општината, во согласност со закон, како и дека го разгледува и усвојува годишниот извештај за јавната безбедност на подрачјето на општината кој го доставува до министерот за внатрешни работи и народниот правобранител.
Од тука се гледа дека во конкретниот случај Советниците на општина Пласница се обесправени во неприменување на членот 36 точките 12 и 13 од ставот 1 каде се предвидува дека советот го избира лицето кое раководи со подрачната единица на Министерството за внатрешни работи во општината, како и дека го разгледува и усвојува годишниот извештај за јавната безбедност на подрачјето на општината.
Тие ниту учествуваат при изборот на лицето кое раководи со подрачната единица ниту можат да разгледуваат и усвојуваат годишниот извештај за јавната безбедност на подрачјето на нивната општината.
Волјата на другите советници на советот на општината во која што е сместена полициската станица од општа надлежност и тоа со: избор на командир на полициската станица и разгледување и усвојување годишниот извештај за јавната безбедност само од советот на подрачјето на општината каде е сместена полициската станица да произведува правно дејствија, да има важност и за советите т.е. на граѓаните на наведената општина претставува апсолутна повреда на наведените уставни одредби од причини што одлуката за избор и разгледување и усвојување на извештајот од еден совет, императивно да важи и за друга општина и друг општински совет доведува до повреда на уставната начела на еднаквоста и повреда на темелната вредност на уставот „правото на локална самоуправа“.
Сметам дека со ваква против уставност и против законитост на регулирање на односите, на граѓаните кои живеат во општини каде нема полициски станици од општа надлежност (само за илустрација вреди да се спомнува дека во Републиката од вкупно 80 општини имаме 38 полициски станици од општа надлежност, а бројката на општини кои немаат полициски станици од општа надлежност изнесува 42) им се повредува правото од членот 115 од уставот што значи дека во конкретната проблематика граѓаните непосредно и преку претставници НЕ учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење и со ваков начин на регулирање се повредува правото на советите на 42 општини т.е. правата предвидени во ставот 2 на членот 115 од Уставот, „општината е самостојна во вршењето на надлежностите утврдени со Уставот и со закон ….„
Од конкретната анализа и ваквиот начин на регулирање на конкретната област според моето становиште е спротивно со член 8 став 1 алинеја 1 „се повредуваат основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот„; се повредува принципот на „владеење на правото„ од алинеја 3: исто така се стеснува „ политичкиот плурализам и слободните непосредни и демократски избори„ од алинеја 5; директно се повредува темелниот вредност „локалната самоуправа како темелна вредност на уставниот поредок„ од алинеја 9, и со наведените регулативи не се почитува „општо прифатените норми на меѓународното право„ од алинеја 11 од членот 8 од Уставот.
Исто така, се повредува членот 9 од Уставот и тоа ставовите 1 и 2 каде на многу јасен начин се предвидува дека „Граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно…(став 1) и „Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви„ (став 2). Во конкретниов случај граѓаните и нивните избрани претставници во општина Пласница (овоаа противуставност се однесува и важи и за другите граѓани кои живеат во општини каде немаат полициски станици од општа надлежност) и нивните избрани претставници не се еднакви пред Устав и законот во остварувањето на своите слободи и права со граѓаните и советници кои живеат во општините кои во своите подрачја имаат полициски станици. Со ваквиот неуставен начин на регулирање на оваа проблематика жителите на општина Пласница и жители на други 40 општини (да се претпостави дека наведени општини во просек имат по 10 илјади жители, т.е. вкупно над 400 илјади жители се обесправени, од друга страна, исто така се обесправени и не се во еднаква положба со жителите и советите во општините каде има седиште на полициските станици.
Според моето становиште законодавец можел на поинаков начин да ги регулира наведени односи.Имено, според мене оваа прашање требало законодавецот да се реши збирно со учество на сите совети на општините кои ги покрива наведената полициска станица.Да претпоставиме дека седиштето на една полициски станица опфаќа 2 или 3 општини, односно е воспоставен на две или повеќе општини , тогаш со учество на членовите на сите совети со заедничко постапување согласно со наведените одредби, да предлагаат кандидати, каде има потреба и законски услов почитување на принципот на правична застапеност во општините, согласно со член 24 точка 4,5 и 6 и изборот да го вршат советите на сите општини. По изборот на командирот на полициска станица, тој за своите постапувања и должностите предвидени согласно со член 25 на овој закон, на секои шест месеца писмено да го информира не само советот туку и советите на засегнатите општини за работите што се однесуваат на јавната безбедност и безбедноста на сообраќајот на патиштата, а командирот по барање на сите засегнати советот ги информира советите на засегнатата општина за работите што се однесуваат на јавната безбедност и безбедноста на сообраќајот на патиштата.
Имајќи го предвид наведеното, сметам дека, законодавецот при уредување на прашањето на избор на командир на полициска станица каде тој има седиште, морал да го има предвид Законот за локалната самоуправа и во Законот за полиција да го уреди начинот на изборот на командирот на полиција со учество на советите и на другите единиците на локалната саамоуправа, а не само со учество на советот на чија територија тој има седиште.Неспорно е дека Судот не ја цени меѓусебната согласност на закон со закон, меѓутоа според моето становиште, недопуштено е со специјален закон да се дерогира општ закон и на тој начин да се повредуваат основите начела кои се темелни вредности на уставниот поредок предвидени во членот 8 од Уставот.
Ваквото мое становиште и размислување се поткрепува и со фактот што за почитување на начелото на еднаквост на граѓаните во оштините се водело сметка многу поодамна.
Ваква пракса е позната, односно се применувала во бивша Југославија при избор на судии. Тогаш изборот на судии вршеле Собранијата на општините. При изборот на судии учествувале советници на сите општини на подрачјето каде дотичниот суд имал месна надлежност т.е. учествувал сите советници од сите општини кои биле опфатеи со месната надлежност на општинскиот суд т.е. ако судот е востановен за подрачје на две или повеќе општини. Така согласно со Закон за судовите од општа надлежност**** во глава IV Судии и судии поротници, 1. Избор на судии и судии-поротници во членот 18 предвидува „Судиите и судите-поротници на општинските судови ги избора и разрешува од должност ОПШТИНСКОТО СОБРАНИЕ„
Ако судија или судија поротник избираат повеќе општински собранија избран е кандидатот што е избра ВО СИТЕ СОБРАНИЈА. Ако кандидатот не биде избран во сите собранија, се врши повторно објавување на изборот и се спроведуваат нови избори.
Од горните аргументи, Законодавецот уште во далечната 1965 година, обврнувал внимание на темелните вредности и почитување на правото на локална самоуправа и еднаквост на граѓаните и на собранијата на општините. Но за жал по 50 години наместо да се развива демократското свест и да се оди чекор понапред, се предвидува полошо решение од решението од 1965 година.
Исто така и подоцна оваа начело се применувало во позитивното законодавство во бивша Југославија односно СР Македонија. Само за илустрација, Согласно со Законот за редовните судови***** од 1977 година, избор на судија-поротник предвидува: Судиите-поротници ги избира собранието на соодветното општествено-политичка заедница. Така, судиите-поротници во општинските судови ги избираат општинските собранија, а ако општинскиот суд е востановен за подрачје на два или повеќе општини, изборот го вршат собранијата на сите општини******.
Доколку законодавецот пристапил на ваков начин на регулирање на оваа материја, со сигурност сите граѓани ќе беа еднакви во остварувањето на правот на локална самоуправа и другите гарантирани уставни и законски права од оваа проблематика.
Сметам дека со ваквиот начин на регулирање на работите се повредува и член 22 став 2 од Уставот, волјата од резултатите на избирачкото право „Избирачкото право е еднакво, општо и непосредно и се остварува на слободни избори со тајно гласање„ во конкретниот случај граѓанинот со изборот го искористил своето непосредно избирачкото прав, но неговата волја не може подеднакво да се рефлектира кај своите избрани претставници во креирањето на општите политики од аспект на јавната безбедност.
Со ваков начин на регулирање на работите, сметам дека се повредуваат и одредбите од член 50 и член 51 од Уставот на Република Северна Македонија.
И на крајот да спомнам дека детално анализирав предметот на оспорување и нејзината несогласност со член 114 и членот 115 од Уставот на Република Северна Македонија и начинот на регулирање на оваа материја во Законот за локална самоуправа а особено член 36 точките 12 и 13. Сметам дека оспорени одредби се во несогласност со наведените Уставни и законски одредби.
Тргнувајќи од сето погоре наведено, сметам дека со основ може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 24 ставови 3 и 5 и член 25 ставови 1, 2 и 3 од Законот за полиција (“Службен весник на Република Македонија” бр.114/2006, 6/2009, 145/2012, 41/2014, 33/2015, 31/2016, 106/2016, 120/2016 и 211/2018) со Уставот и тоа со член 8 став 1 алинеи 1, 3, 5, 9 и 11 (основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот; владеење на правото, политичкиот плурализам и слободните непосредни и демократски избори; локалната самоуправа како темелна вредност на уставниот поредок и почитување на општо прифатените норми на меѓународното право), член 9 став 1 и 2, член 22 став 2, член 50, член 51, член 114 и членот 114 од Уставот на Република Северна Македонија и општи прифатени меѓународни норми, а согласно со член 25 став 6 од Деловникот на Судот го издвојувам своето мислење од донесеното Решение за не поведување на постапка.
Претседател на Уставниот суд на
Република Северна Македонија,
Сали Мурати
* Законот за полиција (“Службен весник на Република Македонија” бр.114/2006, 6/2009, 145/2012, 41/2014, 33/2015, 31/2016, 106/2016, 120/2016 и 211/2018)
** Устав на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 52/1991)
*** Закон за локалната самоуправа (“Службен весник на Р.Македонија” бр.5 од 29.01.2002 год.)
**** Закон за судовите од општа надлежност „Службен весник на СР Македонија бр.42 од 18 декември 1965 година година.
***** Закон за редовните судови „Службен Весник на СРМ„ бр.10/76 и 30/77
****** Прирачник за судиите-поротници во редовните судови, Скопје 1978 година страна 12