Издвоено мислење по предметот У.бр.115/2019

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019), по моето гласање против Одлуката У.бр.115/2019 од 14 мај 2020 година, со која се укина Законот за спречување и заштита од дискриминација („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 101/2019), го издвојувам и писмено го образложувам следното

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

1. Сметам дека при одлучувањето да се поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот закон и неговото подоцнежно укинување, мнозинството судии погрешно ја протолкуваа втората реченица од ставот 3 од членот 75 од Уставот.

Притоа, неспорна е фактичката состојба на која како причина за оспорување се повикува подносителот на иницијативата и како таква, беше прифатена по однос на несогласноста на укинатиот закон со претходно цитираната одредба од Уставот.

Имено, претседателот на Републиката одлучил да не го потпише указот за прогласување на Законот за спречување и заштита од дискриминација, донесен на седницата на Собранието одржана на 11 март 2019 година.

Собранието, на седницата одржана на 16 мај 2019 година, повторно го разгледало истиот закон и го усвоило со 55 гласа „за“, по што претседателот на Републиката и претседателот на Собранието, го потпишале указот за прогласување на истиот закон.

Во овие рамки, мнозинството смета дека при повторното разгледување, „Законот бил донесен без потребното мнозинство предвидено во наведениот член 75 став 3 од Уставот на Република Северна Македонија, односно за истиот не гласале 61 пратеник како што исклучиво бара наведениот член од Уставот“.

2. За разлика од мнозинството, мојот став е дека оваа уставна одредба има друг предмет на уредување и значење.

Така, ставот 3 од членот 75 од Уставот го сочинуваат две реченици коишто регулираат две различни ситуации.

Првата, на претседателот на Републиката му доделува уставно овластување да одлучи да не потпише указ за прогласување на закон. Согласно ова, во конкретниот случај претседателот на Републиката, првиот пат одлучил да не го потпише указот за прогласување на Законот за спречување и заштита од дискриминација.

Со втората пак, се пропишува обврска за претседателот на Републиката – да потпише указ за прогласување на одреден закон, којашто настанува ако се исполнат кумулативно двата истовремено пропишани услови: (1) Собранието повторно да го разгледа законот; и (2) доколку го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Во однос на Собранието е употребен изразот „доколку“, што е номотехнички израз за предвидување услов којшто треба да настапи за да настане одредена правна последица, за разлика од терминот кој е употребен во однос на претседателот на Републиката, за кој е јасно дека се однесува на пропишување обврска.

Според тоа, втората реченица од ставот 3 од членот 75 од Уставот е уставна норма којашто утврдува обврска за претседателот на Републиката којашто настанува под услов да се преземени дејствијата од страна на Собранието предвидени со истата норма. Со ова е определен нејзиниот предмет на уредување – одредени ситуации во постапката за прогласување на законите, а не нивното донесување.

Впрочем, членот 75 од Уставот, во целост се однесува на прогласувањето на законите како последна фаза од законодавната постапка.

Последица на ова е дека одредбата единствено може да се разгледува во случаите кога Судот треба да оцени дали претседателот на Републиката ја исполнил, односно испочитувал, својата уставна обврска да го потпише указот за прогласување на закон којшто бил повторно разгледан од Собранието и усвоен со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, а не дали еден закон е донесен, односно усвоен во согласност со оваа одредба.

Тоа значи дека мнозинството гласови од вкупниот број на пратеници што е предвидено со истата одредба, не претставува потребен број на гласови од пратениците за донесување на еден закон, туку тоа е мнозинство што е еден од условите за настанување на обврска за претседателот на Републиката да потпише указ за прогласување на еден закон.

Притоа, треба да се има предвид дека во одредбата се користи изразот „усвои“, наместо изразот „донесе“ којшто Уставот го користи за мнозинствата потребни за донесување на законите, што е суштинска разлика (на пример, член 5 став 2, член 62 став 5 од Уставот итн.).

Од друга страна, доколку при толкувањето на втората реченица од ставот 3 од членот 75 од Уставот се примени методот – argumentum a contrario, произлегува дека претседателот на Републиката не е должен да потпише указ за прогласување на закон којшто бил повторно разгледан од Собранието, но бил усвоен со обично мнозинство, како што е случај со оспорениот закон.

Во конкретниот случај, иако не биле исполнети уставните претпоставки за настанување обврска за потпишување указ за прогласување на Законот, истиот бил потпишан од претседателот на Републиката и од оваа гледна точка, не може да се оспори таквата негова одлука, бидејќи не е спротивна на конкретната одредба од Уставот.

Тоа што Законот за спречување и заштита од дискриминација бил усвоен со помало мнозинство, не значи дека поради тоа е противуставен од гледна точка на член 75 став 3 реченица 2 од Уставот, туку дека не настапиле уставните услови претседателот на Републиката да биде уставно-правно должен да го потпише указот за прогласување на истиот закон.

Секако, последното не се однесува на ситуација кога Собранието треба повторно да разгледа и усвои закон којшто согласно Уставот се донесува со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, а во кои не спаѓа укинатиот закон којшто се донесува со обично мнозинство. Во таков случај, при повторното разгледување, законот мора да биде усвоен со апсолутно мнозинство, исто како што се предвидува и за неговото донесување.

П р е т с е д а т е л
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Сали Мурати

Одлука У.бр.115/2019