У.бр.135/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 202/2019), на седницатa одржана на 11 март 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 46 став 1 алинеја 4 во делот „локалните избори“ и член 76 став 3 во делот „локалните избори“ од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ број 5/2002).

2. Игорчо Точев од Кочани, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на деловите од одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата, најнапред е цитиран членот 192 од Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија“ број 40/2006), согласно кој престанале да важат повеќе закони, помеѓу кои и Законот за локалните избори („Службен весник на Република Македонија“ број 45/2004, 52/2004, 60/2004 и 4/2005).

Но и покрај ова, оспорените делови од одредбите на Законот за локалната самоуправа упатувале на примена на закон којшто престанал да важи што доведувало до забуна во примената и практикувањето на правото, а што не било во согласност со начелото на владеење на правото како една од темелните вредности на уставниот поредок гарантирани со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека според член 46 став 1 алинеја 4 од Законот за локалната самоуправа, на членот на советот му престанува мандатот пред истекот на времето за кое е избран, меѓу другото и ако настапи случај на неспојливост со функцијата член на советот согласно со Законот за локалните избори.

Според член 76 став 3 од истиот закон, доколку настапат условите за распуштање на советот од членот 75 на овој закон, за остатокот од изборниот период ќе се распишат нови избори за советот, согласно со Законот за локалните избори.

Судот, исто така утврди дека согласно член 192 од Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија“ број 40/2006), со денот на влегувањето во сила на овој законик престануваат да важат Законот за избор на претседател на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 20/1994, 48/1999 и 11/2004), Законот за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 42/2002 и 46/2004), Законот за локалните избори („Службен весник на Република Македонија“ број 45/2004, 52/2004, 60/2004 и 4/2005), Законот за избирачки список („Службен весник на Република Македонија“ број 42/2002, 35/2004 и 74/2005), Законот за избирачките места („Службен весник на Република Македонија“ број 50/1997) и Законот за изборните единици за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 43/2002).

Според член 197 од Законикот, овој законик влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

Изборниот законик е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ број 40/2006 од 31 март 2006 година, односно влегол во сила истиот ден со што престанал да важи Законот за локалните избори („Службен весник на Република Македонија“ број 45/2004, 52/2004, 60/2004 и 4/2005).

4. Според член 8 став 1 алинеjа 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Според член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно со член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Според наводите во иницијативата, оспорените делови од одредбите од Законот за локалната самоуправа упатувале на примена на Законот за локалните избори којшто престанал да важи со отпочнувањето на примената на Изборниот законик, што доведувало до забуна во примената и практикувањето на правото, а што не било во согласност со начелото на владеењето на правото.

Судот смета дека ваквите наводи се неосновани со оглед на фактот дека единствен закон којшто е во примена и којшто го регулира прашањето за избор на членови на советите на општините е Изборниот законик, каде што јасно и недвосмислено во членот 192 е определено дека со денот на неговото влегување во сила, престанува да важи Законот за локалните избори.

Во конкретниот случај, наводите во иницијативата всушност претставуваат барање до Уставниот суд преку оценување на уставноста на оспорените делови од одредбите од Законот за локалната самоуправа, да изврши корекција во двете одредби поради тоа што се повикуваат на закон којшто веќе не е дел од правниот поредок, нешто што е во исклучива надлежност на законодавецот.

Од друга страна, надлежноста на Уставниот суд за уставно-судска контрола не се однесува на проверка на меѓусебната неусогласеност на законите, туку Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Имајќи ги во предвид утврдените надлежности на Уставниот суд во членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и наводите од иницијативата од друга страна, Судот одлучи да ја отфрли иницијативата согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, со оглед дека наводите се сведуваат на барање на постапување на овој суд што е во исклучива надлежност на законодавецот кој ги креира, изменува и дополнува законите коишто ги донесува, а преку што се врши меѓусебното усогласување на истите.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.

У.бр.135/2019
11.03.2020 гoд.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати