У.бр.44/2020 и У.бр.50/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110  од Уставот на Република Северна Македонија и член 14 став 1 и членовите 27 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019), на седницата одржана на 28 април 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на:

– Уредбата со законска сила за определување на висината на платата на избраните, именуваните и назначените лица во јавниот сектор за време на вонредна состојба, донесена од Владата на Република Северна Македонија, број 44-2867/1 од 9 април 2020 година, („Службен весник на Република Северна Македонија” број 97/2020), и

-Уредбата со законска сила за дoполнување на Уредбата со законска сила за определување на висината на платата на избраните, именуваните и назначените лица во јавниот сектор за време на вонредна состојба, донесена од Владата на Република Северна Македонија, број 44-3091/1 од 13 април 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија” број 100/2020).

2.СЕ ЗАПИРА извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземени врз основа на актите означени во точката 1 од ова решение.

3.Ова решение ќе се објави во “Службен весник на Република Северна Македонија”.

4.Томислав Кузмановски, адвокат од Скопје до Уставниот суд на Република Северна Македонија, како и овој суд, по службена должност во смисла на член 14 став 1 од Деловникот на Уставниот суд, поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата на  Томислав Кузмановски од Скопје, која со дополнителен поднесок доставен до Судот на 27 април 2020 година изврши прецизирање со одредбата на  членот 3 од предметната Уредба се определува намалување на платата која штo треба да им се исплатува на избраните и именувани лица во јавниот сектор за месеците април и мај 2020 година и истата да биде во висина на минималната плата утврдена за месец декември 2019 година во Република Северна Мaкедонија во износ од 14.500,00 денари. Со одредбата од ставот 3 на членот 2 од предметната уредба се определува  оваа уредба да се однесува и на избраните судии кои остваруваат право на плата согласно Законот за платите на судиите и на избраните јавни обвинители кои остваруваат право на плата согласно Законот за платите на јавните обвинители.

Одредбата од член 3 од предметната уредба не може да се применува на платите на судиите и јавните обвинители. Ова од причина што правото за плата и висина на платата на судиите и јавните обвинители е уредено со одделни специјални закони кои што одделно во двата определуваат исто, дека платата за судиите и на јавните обвинители не може да биде намалена со закон или одлука на државен орган.

Владата на Република Северна Македонија во време на вонредна состојба има овластување и обврска да го уредува со нормативни акти функционирањето на системот во државата, но тоа уредување мора да биде извршено во согласност со постојниот уставен и правен поредок.

Правото на соодветна заработувачка определено во одредбата од член 32 став 3 од Уставот на Република Северна Македонија е економско право и за cyдиитe и за јавните обвинители. Соодветноста на заработувачката на судиите и јавните обвинители е определена во одредбите од Законот за платите на судиите и Законот за платите на  јавните обвинители. Со одредбата од член 2 став 2 е определена заштита на соодветноста односно висината на платата на судиите и јавните обвинители.

Подносителот на иницијативата смета дека  со оспорените членови од Уредбата се повредува одредбата од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Макeдонија, односно принципот на владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Со предметната уредба не била  определена околност со стапувањето во сила на предметната уредба да престанат да важат горенаведените две одредби од горенаведените два закони, поради што била настаната состојба на двојство на примена  на различни прописи по однос на едно исто фактичко прашање, прашањето на висината на платата на судиите и јавните обвинители за односниот период наведен во предметната уредба.

Согласно одредбата од член 51 став 1 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите. А согласно одредбата од став 2 од истиот член секој е должен да ги почитува Уставот и законите. Во случајов, согласно одредбата од член 35 и 36 од Законот за Влада на Република Северна Македонија, предметната Уредба претставува акт па Владата за спроведување на закони. Со оспорената одредба од предметната Уредба се повредуваат одредбите од членот 51 од Уставот на Република Северна Македонија. Затоа што предметната Уредба, мора да биде во согласност со Законот за платите на судиите и Законот за платите на јавните обвинители. Но, во случајов оспорената одредба од член 2 став 3 од предметната Уредба не е во согласност, туку е во спротивност со одредбите од членот 2 став 2 од Законот за платите на судиите и Законот за платите на јавните обвинители. Со ова се повредува одредбата од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија за владеењето на правото.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека од содржината на предметната Уредба произлегува заклучок дека Владата со цел да му помогне на буџетот на државата, поаѓајќи од уставното начело за хуманизмот, социјална правда, и солидарноста определено во член 8 став 1 алинеја 8 во Уставот на Република Северна Македонија, ја донела оваа Уредба. Но, мерките кои ги презема Владата за справување со кризата во Република Северна Македонија предизвикана со појавата на епидемијата на Корона вирусот треба да се преземаат преку нормативни акти кои ќе бидат во согласност со Уставот и законите. Во примената на начелата има правила на примена. Во случајов немало можност да се примени одредбата од член 8 став 1 алинеја 8 преку примена на оспорената Уредба, затоа што со примена на тоа начело на начин како што е определено во оспорената Уредба,  се повредило начелото за владеењето на правото определено во одредбата од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија.

Уставниот и правниот поредок во Република Северна Македонија ги има уредено сите фактички состојби меѓу кои и оние кои настануваат во време на вонредна состојба. Подведувањето на фактичка состојба под правни норми мора да се врши со правните механизми кои ги остава на располагање уставниот и правниот поредок на Република Северна Македонија.-

Врз основа на горенаведеното, подносителот цени дека Владата на Република Северна Македонија ги повредила горенаведените одредби од Уставот на Република Северна Македонија, Законот за платите на судиите, Законот на платите на јавните обвинители и Одлуката за утврдување на постоење на вонредна состојба донесена од страна на Претседателот на PCM. Владата има право во вонредна состојба да презема надлежности од Собранието и да носи Уредби со законска сила, но во вршењето на тие работи Владата мора да постапува во согласност со Уставот на Република Северна Македонија и со законите на Република Северна Македонија, кaко што е определено во членот 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија.

Уставниот суд  на Република Северна Македонија на работниот состанок одржан на 15 април 2020 година врз основа на член 14 став 1 од Деловникот на Уставниот суд донесе заклучок по службена должност да поведе постапка за оценување и на останатиот дел, односно и другите членови од Уредбата кои не се опфатени со поднесената иницијатива, односно да ја цени во целина  оваа Уредба поради што по сопствена иницијатива спроведува постапка за оценување на согласноста на оспорениот акт со одредбите на Уставот и конкретните закони кои ја уредуваат наведената област опфатена со Уредбата.

5. Судот на седницата утврди дека оспорените акти се со следната содржина:

I Врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна  Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16 и 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 7 април 2020 година, донесе

У Р Е Д Б А

СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ОПРЕДЕЛУВАЊЕ НА ВИСИНАТА НА ПЛАТАТА НА ИЗБРАНИТЕ, ИМЕНУВАНИТЕ И НАЗНАЧЕНИТЕ ЛИЦА ВО ЈАВНИОТ СЕКТОР ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА
СОСТОЈБА

Член 1

Со оваа уредба со законска сила се уредува висината на платата на избраните, именуваните и назначените лица во јавниот сектор за време на траење на вонредната состојба.

Член 2

Одредбите од оваа уредба со законска сила се однесуваат на избраните и именуваните лица во јавниот сектор, и тоа на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија, Претседателот на Република Северна Македонија, функционерите кои ги именува Претседателот на Република Северна Македонија, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, функционерите и лицата кои ги избира или именува Собранието на Република Северна Македонија, претседателот на Владата на Република Северна Македонија и избраните и именуваните лица од Владата на Република Северна Македонија, градоначалниците и лицата кои остваруваат право на плата по престанувањето на функцијата, согласно Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија, именувани лица од Владата на Република Северна Македонија кои остваруваат право на плата согласно Одлуката за утврдување на коефициенти за пресметување на платата на функционерите кои ги именува Владата на Република Македонија, претседател и членови, односно лице кое раководи со регулаторно тело, лицата кои раководат со институциите кои вршат дејности од областа на образованието, културата, социјалната заштита и заштитата на детето, спортот, и во институциите кои вршат работи од јавен интерес утврден со закон, а се организирани како агенции, фондови, правни лица на кои им е доверено вршење на јавно овластување, јавни установи,  јавните претпријатија основани од Република Северна Македонија или од општините, од градот Скопје и од општините во градот Скопје и акционерските друштва во целосна сопственост  на државата.

Одредбите од оваа уредба со законска сила се однесуваат и на назначените државни секретари, генерални секретари, секретарот на Градот Скопје и секретарите на општините, кои остваруваат право на плата согласно Законот за административни службеници.

Одредбите од оваа уредба со законска сила се однесуваат и на избраните судии кои остваруваат право на плата согласно Законот за платите на судиите и на избраните јавни обвинители кои остваруваат право на плата согласно Законот за платите на јавните обвинители.

Член 3

На избраните, именуваните и назначените лица од членот 2 од оваа уредба со законска сила, за месеците април и мај 2020 година им се исплатува плата во висина на минимална плата утврдена за месец декември 2019 година во Република Северна Македонија, во износ од 14.500 денари.

Член 4

Одредбите од оваа уредба со законска сила не се однесуваат на избраните и именуваните лица во јавните здравствени установи.

Член 5

Ова уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр. 44-2867/1                                                      Претседател на Владата
7 април  2020 година                              на Република Северна Македонија
Оливер Спасовски,

II. Врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна  Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“  бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16 и 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19),  Владата на Република Северна Македонија, на седницата одржана на 13 април 2020 година, донесе

У Р Е Д Б А

СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ  И ДОПОЛНУВАЊЕ НА УРЕДБАТА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ОПРЕДЕЛУВАЊЕ НА ВИСИНАТА НА ПЛАТАТА НА ИЗБРАНИТЕ, ИМЕНУВАНИТЕ И НАЗНАЧЕНИТЕ ЛИЦА ВО ЈАВНИОТ  СЕКТОР ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Член 1

Во Уредбата со законска сила за определување на висината на платата на избраните, именуваните и назначените лица во јавниот сектор за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 97/20), во насловот по зборовите „јавниот сектор“ се додаваат зборовите „и на вонредните и ополномоштени амбасадори и генерални конзули на Република Северна Македонија во странство“.

Член 2

Во член 1 по зборовите „јавниот сектор“ се додаваат зборовите „и на вонредните и ополномоштени амбасадори и генерални конзули на Република Северна Македонија во странство“.

Член 3

Во член 2, по ставот 3 се додава нов став 4 кој гласи:

„Одредбите од оваа уредба со законска сила се однесуваат и на вонредните и ополномоштени амбасадори и генералните конзули на Република Северна Македонија, кои остваруваат право на плата согласно Законот за надворешни работи“.

Член 4

Во член 3, по ставот 1 се додава нов став 2, кој гласи:

„На вонредните и ополномоштени амбасадори и генералните конзули од член 2 став 4 од оваа уредба со законска сила, за месеците април и мај 2020 година им се исплатува плата намалена за 20% од платата утврдена за месец март 2020“.

Член 5

Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр. 44-3091/1                                                                                   Претседател на Владата
13 април 2020 година                                                            на Република Северна Македонија Скопје                                                                                                Оливер Спасовски, с.р.

6. Според член 8 став 1 алинеите 1,3 и 4 од Уставот на Република Северна Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власта на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Со членот 9 од Уставот е определено дека граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 32 став 3 од Уставот, секој вработен има право на соодветна заработувачка, а според ставот 5 од наведениот член, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Според членот 51 од Уставот , во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според членот 54 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот (став 1). Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот (став 2). Ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба (став 3).

Според член 95 став 3 од Уставот организацијата и работата на државната управа се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Според членот 96 од Уставот Органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Според членот 125 од Уставот, вонредна состојба настанува кога ќе настанат големи природни непогоди или епидемии (став 1).Ако Собранието не може да се состане, одлука за постоење на вонредна состојба донесува претседателот на Републиката и му ја поднесува на Собранието на потврдување штом тоа ќе е во можност да се состане (став 4 ).

Според членот 126 од Уставот, при постоење на воена или вонредна состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила. Овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучува Собранието.

Во конкретниот случај, претседателот на Република Северна Македонија со две последователни одлуки, утврди постоење на вонредна состојба на територијата на Републиката, со следните содржини:

Врз основа на членовите 125 и 126 од Уставот на Република Северна Македонија, а во врска со предлогот на Владата на Република Северна Македонија до Собранието на Република Северна Македонија да утврди постоење на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија заради спречување на внесување, ширење и справување со Коронавирус COVID-19, а согласно пандемска епидемија прогласена од Светската здравствена организација за нов вид на вирус кој е проширен на сите континенти и ја зафати територијата на Република Северна Македонија бр. 44-2329/1 од 18.3.2020 година и известувањето од претседателот на Собранието на Република Северна Македонија бр. 09-1690/2 од 18.3.2020 година, донесувам

О Д Л У К А

ЗА УТВРДУВАЊЕ НА ПОСТОЕЊЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

I Се утврдува постоење на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија за период од 30 дена заради заштита и справување со последиците од ширењето на Коронавирусот COVID-19.;

II Одлуката се донесува врз основа на образложениот предлог на Владата на Република Северна Македонија бр. 44-2329/1 од 18.3.2020 година до Собранието на Република Северна Македонија, во кој се утврдува постоење на пандемска епидемија прогласена од Светската здравствена организација за нов вид на вирус кој е проширен на сите континенти и ја зафаќа територијата на Република Северна Македонија и известувањето од претседателот на Собранието на Република Северна Македонија бр. 09-1690/2 од 18.3.2020 година дека Собранието на Република Северна Македонија согласно со Одлуката за распуштање на Собранието на Република Северна Македонија „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 43/20, не може да свика седница на која ќе се разгледа предлогот поднесен од Владата на Република Северна Македонија.

III Одлуката ќе му биде поднесена на Собранието на Република Северна Македонија на потврдување штом тоа ќе е во можност да се состане.

IV За времетраењето на вонредната состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила.

V Одлуката влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр. 08-526/2                                                                                      Претседател на Република
18 март 2020 година                                                                            Северна Македонија,
Скопје                                                                                                 Стево Пендаровски, с.р.

Врз основа на членовите 125 и 126 од Уставот на Република Северна Македонија, а во врска со предлогот на Владата на Република Северна Македонија до Претседателот на Република Северна Македонија да утврди постоење на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија заради заштита и справување со последиците од ширењето на Коронавирус COVID-19, а согласно пандемска епидемија прогласена од Светската здравствена организација за нов вид на вирус кој е проширен на сите континенти и ја зафати територијата на Република Северна Македонија бр. 44-2329/2 од 14.4.2020 година и известувањето од претседателот на Собранието на Република Северна Македонија бр. 09-1690/2 од 18.3.2020 година, донесувам

ОДЛУКА ЗА УТВРДУВАЊЕ НА ПОСТОЕЊЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

I Се утврдува постоење на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија за период од 30 дена заради заштита и справување со последиците од ширењето на Коронавирусот COVID-19.

II Одлуката се донесува врз основа на образложениот предлог на Владата на Република Северна Македонија бр. 44-2329/2 од 14.4.2020 година до Претседателот на Република Северна Македонија, во кој се утврдува постоење на пандемска епидемија прогласена од Светската здравствена организација за нов вид на вирус кој е проширен на сите континенти и ја зафаќа територијата на Република Северна Македонија и известувањето од претседателот на Собранието на Република Северна Македонија бр.09-1690/2 од 18.3.2020 година дека Собранието на Република Северна Македонија, согласно со Одлуката за распуштање на Собранието на Република Северна Македонија „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 43/20, не може да одржи седница.

III Одлуката ќе му биде поднесена на Собранието на Република Северна Македонија на потврдување штом тоа ќе е во можност да се состане.

IV За времетраењето на вонредната состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила.

V Одлуката влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр. 08-607/2                                                                                               Претседател на Република
16 април 2020 година                                                                                    Северна Македонија,
Скопје                                                                                                           Стево Пендаровски, с.р.

Во конкретниот случај, Владата на Република Северна Македонија, повикувајќи се на член 126 став 1 од Уставот, поточно на уставната определба дека таа при постоење на вонредна состојба донесува уредби со законска сила ја донесува оспорената уредба со законска сила и нејзиното дополнување, уредувајќи дека на дел од вработените во јавниот сектор, односно на избраните, именуваните и назначените лица во јавниот сектор, како и на вонредните ополномоштени амбасадори и генерални конзули на Република Северна Македонија  им´ ја определува висината на платата  за месеците април  и мај 2020 година.

Во членот 2 од оваа уредба, децидно се наведени сите лица на кои се однесува оспорената одредба.

Според член 2 став 2 од Законот за платите на судиите ( „Службен весник на Република Македонија” бр.110/2007, 103/2008, 153/2009, 67/2010, 97/2010, 135/2011, 231/2015, и 161/2018), платата на судиите утврдена според одредбите од овој закон, не може да биде намалена со закон или одлука на државен орган.

Според член 2 став 2 од Законот за платите на јавните обвинители ( “Службен весник на Република Македонија” бр.153/2019, 67/2010 и 231/2015), платата на јавниот обвинител, утврдена според одредбите на овој закон, не може да биде намалена со закон или одлука на државен орган.

Според членот 1 од Законот за плати и други надоместоци на избрани и именувани лица („Службен весник на  Република Македонија” бр.36/1990, 44/1990-исправка, 11/1991-исправка, 38/1991, 23/1997, 37/2005, 84/2005, 121/2007, 161/2008, 92/2009, 42/2010, 97/2010, 162/2010, 11/2012, 145/2012, 170/2013, 139/2014, 233/2018), право на плата во месечен износ за вршење на функцијата имаат претседателот на Република Македонија, функционерите избрани од редот на пратениците, функционерите и лицата кои ги избира или кои ги именува Собранието, носителите на правосудни функции, функционерите кои ги именува претседателот на Република Македонија и кои ги именува Владата на Република Македонија.

Согласно членот 2 од истиот закон, платата на претседателот на Република Македонија, на функционерите избрани од редот на пратениците, на функционерите кои ги избира или кои ги именува Собранието и носители на правосудни функции (во натамошниот текст: функционери) и на раководните работници кои ги назначува надлежното тело на Собранието (во натамошниот текст: раководни работници) ги утврдува Собранието или телото што ќе го овласти. Платата на функционерите и на раководните работници кои ги именува, односно кои ги назначува претседателот на Република Македонија или телото што тој ќе го овласти ги утврдува претседателот на Република Македонија или телото што тој ќе го овласти.

Во следните цитирани одредби од наведениот закон се децидно уредени постапката и начинот на пресметување на плата на избраните и именувани лица.

Така, според членот  3 од овој закон, правата утврдени со овој закон им припаѓаат на функционерите и на раководните работници од денот на изборот, именувањето, односно назначувањето до крајот на месецот во кој им престанала функцијата, а на пратениците во Собранието од денот на верификацијата на мандатот до крајот на месецот во кој им престанал пратеничкиот мандат, ако со овој закон не е поинаку определено.

Според членот 8 од Законот, средствата за плата на функционерите се обезбедуваат зависно од општественото значење и вредноста на работите и задачите што ги вршат и од сложеноста, обемот и вкупниот придонес што функционерот со својот труд го дава во остварувањето на правата и должностите на органот во кој ја врши функцијата.

Средствата за плата на раководните работници во Собранието се обезбедуваат зависно од вредноста на работите и задачите што ги вршат и од вкупниот придонес што раководниот работник со својот труд го дава во остварувањето на работите и задачите од делокругот на Собранието.

Согласно членот 9 од овој закон, средствата за плата на функционерите и на раководните работници се обезбедуваат во буџетот на Републиката.

Согласно членот 10 од Законот, платата на функционер и на раководен работник се утврдува на начин што основицата за пресметување на плата се множи со утврдениот коефициент и се зголемува за процентот за работното искуство.

Работното искуство се вреднува така што платата во месечен износ се зголемува процентот утврден за работното искуство од 0,5% за секоја започната година работен стаж, а најмногу до 20%.

Членот 11 од Законот предвидува дека основица за пресметување на платата е просечната исплатена месечна плата по вработен во Републиката за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика.

Според членот 12 од Законот коефициентите за утврдување на надоместокот на плата и на платата изнесуваат од 2,20 до 4,50.

Членот 13 од Законот предвидува дека коефициентот за утврдување на платата за претседател на Република Македонија, претседател на Собранието и претседател на Владата, изнесува до 4,50.

Согласно членот 14 од овој закон, коефициентот за утврдување на платата за претседател на Уставниот суд на Република Македонија, потпретседател на Собранието и, изнесува 4,00.

Според членот 15 од Законот коефициентот за утврдување на платата на член на Владата, претседател на работно тело на Собранието, претседател на Врховниот суд на Република Македонија, јавен обвинител на Република Македонија, судија на Уставниот суд на Република Македонија, гувернер на Народната банка на Република Македонија, јавен правобранител на Македонија, народниот правобранител, секретар на Собранието и секретар на Владата, изнесува до 3,70.

Според членот 16 од Законот коефициентот за утврдување на платата на заменик министер, директор на републичка организација, раководител на Кабинетот на претседателот на Република Македонија, советник на претседателот  на  Република  Македонија, секретар на Кабинетот на претседателот на Република Македонија републички советник во Собранието, заменик на гувернерот на Народната банка на Република Македонија, заменик на секретарот на Собранието, судија на Врховниот суд на Република Македонија, заменик на јавниот обвинител на Република Македонија, заменик на јавниот правобранител на Република Македонија, заменик на народниот правобранител, претседател на апелациониот суд и виш јавен обвинител, изнесува до 3,40.

Членот 17 од Законот предвидува дека коефициентот за утврдување на платата на раководен работник кој го именува Собранието или кој го назначува надлежното тело на Собранието, на судија на апелационен суд и заменик на вишиот јавен обвинител, претседател на основен суд и основен јавен обвинител изнесува до 3,20.

Согласно членот 17-б коефициентот за утврдување на плата на судија на основен суд и на заменик на основниот јавен обвинител, изнесува до 2,80.

Согласно членот  17-в од Законот коефициентите за утврдување на платите на градоначалниците на општините и за градоначалникот на град Скопје изнесува од 2,70 до 3,70.

Коефициентите од став 1 на овој член се определуваат според бројот на жителите и тоа:

– за градоначалник на општина до 10.000 жители, коефициент 2,70;
– за градоначалник на општина од 10.001 до 25.000 жители коефициент 2,90;
– за градоначалник на општина од 25.001 до 50.000 жители, коефициент 3,20 и

– градоначалник на општина со над 50.000 жители коефициент 3,40.

Коефициентот за утврдување на платата на градоначалникот на град Скопје изнесува 3,70.

Градоначалниците кои функцијата ја вршат волонтерски, имаат право на надоместок на плата во висина од 30% од соодветниот износ во став 1 на овој член.

Правата утврдени со овој закон им припаѓаат на градоначалниците од денот на нивниот избор  до  крајот на месецот во кој им престанал мандатот, ако со овој закон не е поинаку определено.

Согласно членот 18 од овој закон органите односно нивните надлежни тела од член 2 на овој закон  со свој општ акт, во рамките на определените коефициенти го утврдуваат коефициентот за секоја функција.

Органите и нивните надлежни тела од член 2 на овој закон со свој акт определуваат и други функционери и раководни работници на кои се применуваат одредбите на овој закон и го утврдуваат коефициентот за секоја функција.

Членот 19 од Законот уредува дека пратеник кој за време на вршењето на пратеничката функција остварувал плата или надоместок на плата во месечен износ во Собранието, функционер и раководен работник кој го именува Собранието, односно назначува телото што тоа ќе го овласти претседателот на Република Македонија и Владата кој за време на вршењето на функцијата остварувал плата, може да остварува плата по престанувањето на функцијата за време до една година, и тоа:
– три месеци, ако функцијата ја вршел до шест месеци,                                                                – шест месеци, ако функцијата ја вршел од шест месеци и еден ден до 12 месеци,
– девет месеци, ако функцијата ја вршел од 12 месеци и еден ден до 24 месеци и                         – 12 месеци, ако функцијата ја вршел 24 месеци и еден ден и повеќе.

Пратеник, функционер и раководен работник има право да остварува плата според одредбите на овој закон за време подолго од една година од денот на престанувањето на функцијата, а најмногу уште шест месеци ако во тоа време стекнува право на пензија. Пратеник, функционер и раководен работник не може да го стекне правото од ставовите 1 и 2 на овој член ако ги исполнил условите за стекнување право на старосна пензија, согласно со закон.

Според членот 20 од Законот правото од член 19 на овој закон се стекнува врз основа на лично барање, кое се поднесува најдоцна во рок од 30 дена од денот на престанувањето на функцијата.

Надлежното тело на Собранието со решение го утврдува правото од член 19 на овој закон и престанувањето на правото според одредбите на овој закон.

Членот 21 од овој закон предвидува дека на пратеник, функционер и раководен работник му престанува правото од член 19 на овој закон кога ќе ги исполни условите за стекнување право на старосна пензија, согласно со закон.

Согласно членот 22 од овој закон, пратеник, функционер и раководен работник кој поднел оставка или е разрешен од должноста пред истекот на времето за кое е избран, именуван или назначен, ги има сите права од член 19 на овој закон.

Лицата од став 1 на овој член, додека го остваруваат правото на плата, имаат право и на надоместок за користење на годишен одмо

Според членот 23 од Законот на пратеник, функционер и раководен работник му престанува правото пред истекот на времето утврдено во член 19 на овој закон кога тој тоа ќе го побара, кога ќе се вработи или ќе биде избран или именуван на друга функција врз основа на која остварува плата.

Лицата од став 1 на овој член го немаат правото од член 19 на овој закон, односно тоа право им престанува ако се правосилно осудени за кривични дела против државата или за кривични дела сторени од користољубие.

Според членот 24 од Законот, платата на пратеник, функционер и раководен работник остварен според одредбите од член 19 на овој закон се исплатува од средствата за работа на органот, односно на организацијата во која ја вршел функцијата.

Членот 25 од овој закон предвидува дека одредбите од член 19 до 24 на овој закон се применуваат и на претседателот на Република Македонија, на функционер и раководен работник што го именува или назначува претседателот на Република Македонија или телото што тој ќе го овласти и на функционер и раководен работник кој го именува или назначува Владата.

НАДОМЕСТОК НА ОПРЕДЕЛЕНИ МАТЕРИЈАЛНИ ТРОШОЦИ И ДРУГИ ПРИМАЊА

Во членот 26 од Законот се предвидува дека на пратеник во Собранието, претседателот на Република Македонија, претседателот и потпретседателот на Собранието, претседателот, потпретседателот и членовите на Владата, им се обезбедува бесплатен превоз во железничкиот и патниот сообраќај во Републиката во сите правци.

Членот 27 од Законот уредува дека надоместоците за определени трошоци на избраните и именуваните лица во Републиката, се утврдуваат според висината на трошоците, а можат да изнесуваат:
1)  дневница за службено патување во земјата без трошоците за ноќевање
–  до 8% од просечната нето плата по работник исплатен во Република Македонија во претходните три месеци,

– трошоците за ноќевање се признаваат во полн износ, според приложената сметка, освен во хотелите од де лукс категорија,
– дневницата за службено патување во странство согласно со Уредбата за издатоците за службен пат и селидби во странство што на органите на управата им се признаваат во тековни трошоци;

2) надоместок за користење на автомобил во лична сопственост за службени цели, во висина до 20% од продажната цена на еден литар гориво, според изминатиот километар за возилото кое се користи,
3) надоместок поради одвоен живот од семејството до 30% од просечната нето месечна плата по  работник исплатен во Република Македонија во претходните три месеци;

4) надоместок за селидбени трошоци од местото на живеалиштето до местото во кое се врши функцијата, односно до местото на преселување во рок од една година од денот на престанување на функцијата. Во селидбени трошоци на функционерот се признаваат и трошоците за превоз на функционерот и на членовите на неговото домаќинство. Селидбените трошоци и трошоци за превоз се исплатуваат врз основа на приложени сметки и документација, под услови утврдени со општиот акт на органот од член 3 на овој закон;

5) надоместок за користење на годишен одмор најмалку во висина на просечната месечна плата по работник исплатен во Република Македонија, во претходните три месеци;

6) испратнина при заминување во пензија во висина на двократен износ од просечната месечна нето плата по работник во Републиката, објавена до денот на исплатата; и

7) надоместокот на трошокот за погреб во износ на две просечни месечни нето плати на функционерот, а ако трошоците за погреб не ги поднесува неговото семејство – во износ на последната нето плата на починатиот функционер;

Членот 28 од Законот предвидува дека на избраните и именуваните лица во Републиката им припаѓа и:
надоместок на плата во случаите на неспособност за работа поради негова болест или повреди до 21 ден под услови и износ утврдени за работниците во органот во кој ја врши функцијата и

2) надоместок на трошоците за превоз заради посета на потесното семејство од кое функционерот живее одвоено до четири патувања месечно, со правдање на трошоците за превоз, ако не прима надомест за одвоен живот од семејството, а нема право на бесплатен превоз.

Според членот 29 од овој закон, условите и начинот на остварување на правата од членовите 26 до 28 на овој закон, како и висината на надоместокот, односно на износот што на претседателот на Република Македонија, пратеник, функционер и раководен работник им припаѓа во остварувањето на тие права, со општ акт ги утврдува надлежното тело на Собранието; на функционерите и раководните работници кои ги именува, односно кои ги назначува претседателот на Република Македонија – претседателот или телото што тој ќе го овласти; а Владата за функционерите и раководните работници кои таа ги назначува.

V-А НАДОМЕСТОЦИ НА ЧЛЕНОВИТЕ НА СОВЕТИТЕ НА ОПШТИНИТЕ И НА ЧЛЕНОВИТЕ НА СОВЕТОТ НА ГРАДОТ СКОПЈЕ

Членот 29-а од Законот предвидува дека на членовите на советите на општините и на членовите на Советот на градот Скопје им припаѓа месечен надоместок за присуство на седниците на советот и надоместок на патните и дневните трошоци.

Средствата за исплата на надоместоците од ставот 1 на овој член се обезбедуваат во буџетот на општината и во Буџетот на градот Скопје.

Членот 29-б од истиот закон уредува дека месечниот надоместок за присуство на седници на советот се утврдува во процентуален  износ од просечната месечна нето плата во Републиката исплатена за претходната година, но не повеќе од:

– 40% во општини до 10.000 жители,

– 50% во општини од 10.001 до 25.000 жители,

– 60% во општини од 25.001 до 50.000 жители,

– 70% во општини над 50.001 жител и

– 100% во градот Скопје.

Висината на месечниот надоместок за присуство на седниците се утврдува со одлуката за извршување на буџетот на општината и Буџетот на градот Скопје.

Според членот 29-в од Законот на претседателите на советите на општините и на претседателот на Советот на градот Скопје, за раководењето и организирањето на работата на советот, надоместокот од членот 29-б се зголемува за 30%.

Според членот 29-г од овој закон, месечниот надоместок за присуство на седниците на советот се исплатува за присуство на сите седници на советот во тековниот месец.

Месечниот надоместок за присуство на седниците на советот се намалува за 30% за секое отсуство од седница на советот.

Месечниот надоместок за присуство на седниците на советот не се исплатува, доколку членот на советот не присуствувал на ниту една седница на советот во тековниот месец.

Месечниот надоместок за присуство на седниците не се исплатува, доколку советот во тековниот месец не одржал седница.

Според членот 20-д од Законот на членовите на советите на општините и на членовите на Советот на градот Скопје им се исплатуваат надоместоци за патни и дневни трошоци за службени патувања во земјата и странство според прописите кои се однесуваат на државните службеници вработени во општинската администрација и во администрацијата на градот Скопје.

Согласно членот 30 од Законот основите и мерилата за утврдување на платите, другите примања и надоместоци на определени материјални трошоци на функционерите уредени со овој закон соодветно се применуваат и на членовите на Советот на Републиката до 28 јануари 1991 година, за што одлучува претседателот на Република Македонија, односно телото што тој ќе го овласти.

Според членот 31 од Законот органите од член 2 во согласност со одредбите на овој закон ќе ги донесат општите акти во рок од 30 дена од денот на неговото влегување во сила.

До донесување на општите акти од став 1 на овој член на пратениците, функционерите и раководните работници на кои се применува овој закон платата, другите примања и надоместоци на материјалните трошоци им се исплатуваат во износ утврден според одредбите на општите акти што биле во сила до почетокот на примената на овој закон.

Согласно членот 32 од овој закон, одредбите на овој закон се применуваат и на функционерите и раководните работници и лицата кои ги избрале, односно именувале Собранието на Република Македонија, Претседателството на Република Македонија и Извршниот совет на Собранието на Република Македонија, како и на собранијата на општините и Собранието на град Скопје на кои на денот на почетокот на примената на овој закон им престанала функцијата или должноста.

На функционерите и раководните работници во фондовите, самоуправните интересни заедници, општествено-политичките организации, претседателите и судиите на судовите на здружен труд, општествените правобранители на самоуправувањето и нивните заменици и функционерите и другите раководни работници на другите органи и организации кои се укинуваат личниот доход им се утврдува според коефициентите определени со овој закон сообразно на групите во кои биле определени со општи акти кои биле во сила до денот на почетокот на примената на овој закон.

Лицата од ставовите 1 и 2 на овој член имаат право на надоместок на плата или на плата како и на остварувањето на другите права утврдени во членовите 19 до 25 на овој закон.

Според Законот за надворешни работи ( “Службен весник на Република Македонија” бр.46/2006, 107/2008, 26/2013, 39/2014, 61/2015 и 103/2015- пречистен текст) во членот 65 се предвидува дека платата на дипломатот распореден на работа во Министерството се состои од следниве компоненти: компонента за работно место, компонента за дипломатско звање и компонента за варијабила. На платата со која се вреднува работното место и варијабилата се вреднува и стажот на дипломатот во износ од 0,5 % за секоја завршена година работен стаж, а најмногу до 20%. Платата на помошно-стручните службеници се ут-врдува согласно Законот за административни службеници. Платата на помошно-техничките лица се утврдува согласно Законот за работните односи. Начинот на формирање на плата се утврдува со акт на министерот, кој се донесува по претходна согласност од Министерството за финансии.

Според член 85 став 1 од Законот за административни службеници („Службен весник на Република Македонија” број 27/2014, 199/2014, 48/2015, 154/2015, 5/2016, 142/2016, 11/2018, „Службен весник на Република Северна Македонија” број 275/2019 и 14/2020), адми-нистративниот службеник има право на плата и надоместоци на плата под услови и критериуми утврдени со овој закон, освен ако со посебен закон и со колективен договор поинаку не е уредено.

Законот за административни службеници во член 92 став 1 предвидува право на додаток на плата за административниот службеник за ноќна работа, работа во смени, работа за време на неделен одмор, работа за време на празници утврдени со закон и работа подолго од полното работно време.

Законот за административни службеници уредува право на административниот службеник и на други надоместоци на плата.

Така според член 93 став 1 од Законот, административниот службеник има право на надоместоци на плата и други надоместоци согласно со овој закон и општите прописи за работни односи, и тоа за:

-патни, дневни и други трошоци за службени патувања во земјата и во странство,

-трошоци за користење на возила во лична сопственост за службени цели,

-трошоци за одвоен живот од семејството,

-селидбени трошоци,

-трошоци за работа на терен,

-трошоци за погреб во случај на смрт на административен службеник или член на неговото потесно семејство (брачниот другар и децата родени во брак или надвор од брак, посиноците, посвоените деца и децата земени на издржување),

-штета при елементарни непогоди и

-трошок при подолго боледување на административниот службеник.

Според член 94 став 1 од Законот, ако кај административниот службеник настапи привремена неспособност за работа има право на надоместок на плата во висина утврдена согласно со закон.

Со Законот за вработените во јавниот сектор („Службен весник на Република Македонија” број 27/2014, 199/2014, 27/2016, 35/2018, 198/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 143/2019 и 14/2020), се уредуваат општите начела, класификацијата на работните места, евиденцијата, видовите на вработувања, општите права, должности и одговорности, мобилноста, како и други општи прашања за вработените во јавниот сектор.

Според членот 2 став 2 од Законот за вработените во јавниот сектор, вработени во јавниот сектор се лицата кои засновале работен однос кај некој од работодавачите од ставот 1 на овој член, како што се органите на државната и на локалната власт и други државни органи основани согласно со Уставот и со закон, институциите кои вршат дејности од областа на образованието, науката, здравството, културата, трудот, социјалната заштита и заштитата на детето, спортот, како и во други дејности од јавен интерес утврден со закон, а организирани како агенции, фондови, јавни установи.

Од анализата на цитираните уставни и законски oдредби, а тргнувајќи од наводите содржани во иницијативата, како и од наоѓањето на овој суд кој по сопствена иницијатива го покрена прашањето за уставноста и законитоста на целината на оспорената уредба, Судот оцени дека основано може да се постави прашањето за согласноста на Уредбата која како подзаконски акт треба да биде во согласност со одредбите од Уставот, како и со одредбите од наведените законски одредби.

Имено, според Судот, оспорената уредба во целина, со која се определува намалување на платата која што треба да им се исплатува на наведените лица во членот 2 од оспорената уредба, за месеците април и мај 2020 година и истата да биде во висина на минималната плата утврдена за месец декември 2019 година во Република Северна Македонија во износ од 14.500,00 денари е во спротивност со одредбите од Уставот и наведените законски норми.

Правото на плата и висината на плата на наведените лица е уредена со одделни закони кои имаат карактер на lex spesialis. Владата во време на вонредна состојба има овластување и обврска да го уредува функционирањето на системот во државата, но тоа уредување мора да

биде извршено во согласност со постојните важечки норми, односно постојниот уставен и правен поредок.

Испитувајќи ја оспорената уредба со законска сила и нејзиното дополнување, од аспект на согласноста на нејзината содржина со Уставот и законите, Судот утврди дека определувањето на висината на платата на наведените лица кое се прави со оспорениот акт/и, нема ниту уставна, ниту законска основа.

Имено, неспорно е дека Владата донесува уредби со законска сила при постоење на вонредна (и воена) состојба, така што оспорениот акт/и не е спорен од аспект на нејзиниот доносител.

Меѓутоа, она што е спорно и уставно недозволено, е околноста што Владата, без никаква уставна и законска основа, ограничува права на граѓаните кои им´ припаѓаат од сферата на работните односи. Видно, од оспорениот акт/и, нема наведување на ниту една правна норма, уставна или законска, на основа која извршната власт се впушта во ограничување на права на граѓаните, што пак од друга страна е разбирливо, затоа што такви ограничувања не се предвидени ниту со Уставот, ниту со Законот.

Членот 126 од Уставот на кој се повикува Владата, не го оправдува ваквото ограничување. Уставниот член само уредува овластување на Владата да може да донесува уредби со законска сила до завршување на вонредната состојба, меѓутоа, тоа уставно овластување никако не значи и не подразбира да може Владата, по своја сопствена проценка и оценка самата слободно да одлучува кои слободи и права ќе ги ограничи со уредба, кого се´ ќе опфати со ограничувањата, а кого не.

Поточно, Владата има право и може според членот 126 од Уставот да однесува уредби со законска сила, но тоа мора да биде во согласност со Уставот и со закон.

Уредбите не се закон, тие имаат само сила на закон во дадена ситуација со предзнак на воена или вонредна состојба, но само како правна алатка во ситуација кога Собранието како претставнички дом на граѓаните на државата, не може да се состане и да функционира, при што истите мора да бидат во согласност со Уставот и со закон, а како што впрочем неспорно тоа го уредува Уставот.

Уставната определба, уредбите со законска сила да мора да бидат во согласност со Уставот и со закон, упатува на тоа дека уредбите со законска сила можат да бидат донесени само во функција на операционализација на уставни и законски одредби, а не со истите изворно, оригинерно да се нормира одредена ситуација која не е предвидена со Уставот или со закон, а уште повеќе, со истите, изворно, да се уредува ограничување на слободи и права за човекот и граѓанинот.

Ограничувањето на слободите и правата е уставна материја, а само во одредени случаи и законска материја кога уставотворецот препуштил со закон да може да се ограничат услови за остварување на одредени права, и тоа во Уставот децидно се наведува.

Според тоа, околноста што Уставот при состојба на прогласена вонредна состојба во државата, и´ дал овластување на Владата да донесува уредби со законска сила, не значи и овластување за Владата за арбитрарност во оцената кои и какви уредби да донесува, туку да донесува уредби во функција на операционализација, во функција за донесување на решенија неопходно потребни во едно демократско општество .

Најнапред, според Судот, оспорената уредба е во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, од причина што со истата се повредува темелната вредност на уставниот поредок на Републиката- владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните. Имено, во сите горенаведени закони децидно е наведено дека платата на овие лица не може да биде намалена со закон или одлука на државен орган. Со оспорената уредба е настаната состојба на двојство на примена на различни прописи по однос на едно исто фактичко и правно прашање, прашањето на висината на платите на субјектите од членот 2 од Уредбата. На овој начин, поради настанување на правна колизија со важечките закони, сметаме дека со предметната уредба се повредува принципот на владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните.

Со оспорената Уредба, исто така се повредува и членот 32 од Уставот, а посебно ставот 3 од истиот член кој предвидува дека секој вработен има право на соодветна заработувачка. Оттука, соодветноста на заработувачката на наведените лица е децидно утврдена во наведените специјални закони со кои всушност се определува заштита на соодветноста, односно на висината на платата на овие лица.

Согласно одредбата од членот 51 од Уставот во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите. Во конкретниов случај,согласно одредбите од членовите 35 и 36 од Законот за Влада на Република Северна Македонија оспорената уредба претставува акт на Владата за да биде во согласност со наведените закони и со Уставот , односно истиот мора да претставува операционализација на законските одредби, но не смее да излегува надвор од рамките на содржината на законските одредби.

Имено, согласно член 36 од Законот за Владата на Република Македонија:

(1) Со уредба со законска сила Владата уредува прашања од надлежност на Собранието во случај на воена или вонредна состојба ако не постои можност за свикување на Собранието.

(2) Со уредба Владата го уредува извршувањето на законите; утврдува начела за внатрешна организација на министерствата и другите органи на државната управа и уредува други односи во согласност со Уставот и со законите.

(3) Со одлука Владата одлучува за одделни прашања и мерки за извршување на законите; основа стручни и други служби за своите потреби и заеднички служби за потребите на Владата и на министерствата и другите органи на државната управа.

(4) Со упатство Владата го пропишува начинот на работата на министерствата и органите на државната управа.

(5) Со програма се утврдуваат одделни прашања од надлежност на Владата за кои е потребно утврдување на динамика и рокови. Програмата содржи и финансиски план за нејзината реализација.

(6) Со решение Владата врши именување и назначување, односно разрешување од должност на директори кои раководат со органи на државната управа, државен, односно генерален секретар и други именувања и разрешувања за кои е овластена и одлучува за други прашања и за управни работи.

(7) Со заклучок Владата зазема ставови по прашањата што ги претресувала на седница; утврдува мислења по предлозите на закони и други прописи и по материјали што до Собранието ги поднеле други овластени предлагачи; одлучува за определени прашања на внатрешната организација и односи во Владата; ги определува задачите на министерствата и органите на државната управа и задачите на своите служби и зазема ставови за прашањата од својата надлежност.

Уставот во членот 54, јасно уредува дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот, при што, ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.

И членот 126 од Уставот, неспорно уредува дека при постоење на воена или вонредна состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила.

Значи, слободите и правата на човекот и граѓанинот за време на воена или вонредна состојба, може да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот и Уставот децидно ги наведува случаите во кои може да се ограничат слободи и права на човекот и граѓанинот за време на постоење на воена или вонредна состојба.

Така, според член 21 од Уставот, граѓаните имаат право мирно да се собираат и да изразуваат јавен протест без претходно пријавување и без посебна дозвола. Користењето на ова право може да биде ограничено само во услови на воена и вонредна состојба.

Потоа, членот 27 од Уставот кој се однесува на правото на слободата на движењето (на територијата на Републиката, право на слободен избор на живеалиште, правото на напуштање на територијата на Републиката и враќање во Републиката), јасно наведува во кои случаи, остварувањето на овие права можат да се ограничат, а тоа може единствено во случаите кога е тоа потребно заради заштита на безбедноста на Републиката, водење на кривична постапка или заштита на здравјето на луѓето.

Ограничувањата на слободите и правата, легитимитетот го црпат или директно од Уставот или од закон, и тоа само доколку Уставот, препуштил со закон да можат да се ограничат одредени услови за остварување на некои права.

Така, со член 38 став 1 од Уставот, се гарантира правото на штрајк. Притоа, Уставот со ставот 2 од членот 38, уредува дека со закон може да се ограничат условите за остварување на правото на штрајк во вооружените сили, полицијата и органите на управата.

Оттука, ограничувањата на слободите и правата, децидно мора да бидат наведени во Уставот или Уставот за тоа ограничување да упатува на закон.

Во конкретниот случај, ниту со Уставот, ниту со закон постои уреденост според која висината на платата, може да им биде ограничена на наведените субјекти во оспорената уредба за време на вонредна состојба.

Оттука, определувањето на висината на платата на наведените лица во оспорената уредба, сторено со оспорениот акт на Владата и неговото дополнување, а кои се однесуваат на исплата на минимална плата во износ од 14.500,00 денари, за времетраењето на вонредната состојба, нема правен легитимитет, затоа што не наоѓа правна основа ниту во Уставот, ниту во закон, со што основано се постави прашањето за уставната издржаност на оспорената уредба со законска сила со нејзиното дополнување. Имено, Судот оцени дека во време на вонредна состојба не може да има ограничување на правото на заработувачка бидејќи истовремено со ваквото ограничување се навлегува и во правото на сопственост и мерката донесена со оспорената уредба не е соодветна и пропорционална на целта која што сака да се постигне и донесувањето на истата не е неопходно оправдано во дадениов момент, ниту пак претставува општокризна мерка.

Во конкретниот случај, различното постапување со граѓани кои се во иста правна ситуација и положба, имплицира истовремено и дискриминаторско постапување по основ на општествен статус под кој се подразбира и професионалниот статус на граѓанинот-вработен, што е спротивно на членот 9 и членот 54 од Уставот. Ова, од причина што со оспорените акти е опфатена само одредена група на граѓани. Ваквата определба на доносителот на актот, односно ваквото уредување значи повреда на наведените членови од Уставот што упатува на постоење на дискриминација на граѓаните што е спротивно на сите законски прописи, како и меѓународни договори ратификувани и прифатени како дел од внатрешниот правен поредок. Имено, според наведените уставни одредби граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјално потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според членот 118 од Уставот, меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.

Така, во членот 1 од Протоколот кон Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи се предвидува дека секое физичко или правни лице има право на непречено уживање на својата сопственост. Никој нема да биде лишен од својата сопственост освен кога тоа е во јавен интерес и под услови определени со закон и општите принципи на меѓународното право. Меѓутоа, во конкретниов случај исклучокот предвиден во наведениот член од протоколот не е определен со ниту еден закон во позитивната законска регулатива на Република Северна Македонија.

Од напред наведената уставно-судска анализа, Судот оцени дека основано може да се доведе под сомнение согласноста на оспорената уредба со одрeдбите од Уставот по однос на член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 4, членот 9, член 32 став 3, членот 51, членот 54 и членот 126 од Уставот, како и со одрeдбите од Законот за плати и други надоместоци на избрани и именувани лица, Законот за надворешни работи, Законот за платите на судиите и Законот за платите на јавните обвинители, како и со Законот за административни службеници и Законот за вработените во јавниот сектор.

7. Според Судот, тргнувајќи од наведените аргументи, во конкретниов случај има основ за примена на членот 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија за донесување на решение за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија што се преземени врз основа на оспорената уредба, бидејќи со нејзиното извршување би можеле да настанат тешко отстранливи последици.

8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу,   д-р Дарко Костадиновски и Владимир Стојаноски.

У.бр.44/2020 и 50/2020
28 април 2020 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати