У.бр.49/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 14 став 1, членот 27 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и “Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019), на седницата одржана на 28 април 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на:

-Уредбата со законска сила за ограничување на исплата на додатоци и надоместоци на плата за вработените во јавниот сектор за време на вонредна состојба, донесена од Владата на Република Северна Македонија, број 44-2865/1 од 7 април 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија” број 94/2020);

-Уредбата со законска сила за дополнување на Уредбата со законска сила за ограничување на исплата на додатоци и надоместоци на плата за вработените во јавниот сектор за време на вонредна состојба, донесена од Владата на Република Северна Македонија, број 44-2865/2 од 9 април 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија” број 97/2020);

-Уредбата со законска сила за дополнување на Уредбата со законска сила за ограничување на исплата на додатоци и надоместоци на плата за вработените во јавниот сектор за време на вонредна состојба, донесена од Владата на Република Северна Македонија, број 44-3182/1 од 16 април 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија” број 103/2020) и

-Уредбата со законска сила за дополнување на Уредбата со законска сила за ограничување на исплата на додатоци и надоместоци на плата за вработените во јавниот сектор за време на вонредна состојба, донесена од Владата на Република Северна Македонија, број 44-3198/1 од 24 април 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија” број 108/2020).

2. СЕ ЗАПИРА ИЗВРШУВАЊЕТО на поединечните акти и дејствија што се преземени врз основа на актите, означени во точката 1 од ова решение.

3. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија”.

4. Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 14 став 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, по сопствена иницијатива поведе постапка за оценување на уставноста на актите, означени во точката 1 од Решението, затоа што пред Судот, со основ се постави прашањето за нивната согласност со Уставот на Република Северна Македонија.

5. Судот на седницата утврди дека Владата на Република Северна Македонија, за време на постоење на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија, прогласена заради спречување на внесување, ширење и справување со коронавирус COVID-19, донела Уредба со законска сила со која се врши ограничување на исплата на додатоци и надоместоци на плата за вработените во јавниот сектор за време на вонредна состојба, како и уредби за дополнување на истата.

Уредбите со законска сила ја имаат следната содржина:

Врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија, („Службен весник на Република Македонија” број 59/2000, 12/2003, 55/2005, 37/2006, 115/2007, 19/2008, 82/2008, 10/2010, 51/2011, 15/2013, 139/2014, 196/2015, 142/2016 и 140/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 98/2019), Владата на Република Северна Македонија, на седницата одржана на 7 април 2020 година, донесе

СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ОГРАНИЧУВАЊЕ НА ИСПЛАТА НА ДОДАТОЦИ И НАДОМЕСТОЦИ НА ПЛАТА ЗА ВРАБОТЕНИТЕ ВО ЈАВНИОТ СЕКТОР ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Член 1

Со оваа уредба со законска сила се уредува ограничување на исплатата на додатоци и надоместоци на плата на вработените во органите на државната власт, единиците на локалната самоуправа, институциите кои вршат дејности од областа на образованието, културата, социјалната заштита и заштитата на детето, спортот и во институциите кои вршат работи од јавен интерес утврден со закон, а се организирани како агенции, фондови, регулаторни тела со јавни овластувања утврдени со закон, јавни установи и јавните претпријатија основани од Република Северна Македонија или од општините во Градот Скопје и акционерските друштва во целосна сопственост на државата, за време на траење на вонредната состојба.

Член 2

На вработените од член 1 од оваа уредба со законска сила не им´ се исплатуваат додатоци и надоместоци на плата согласно закон и колективен договор, за време на траење на вонредната состојба.

Член 3

Одредбите од оваа уредба со законска сила не се однесуваат на медицинскиот и помошно-технички персонал во јавните здравствени установи, вработените во Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана и кабинетските службеници.

Член 4

Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија”.

Бр.44-2865/1                                                                                    Претседател на Владата
7 април 2020 година                                                             на Република Северна Македонија
Скопје                                                                                               Оливер Спасовски, с.р.

Врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16 и 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19) Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 9 април 2020 година, донесе

У Р Е Д Б А

СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ДОПОЛНУВАЊЕ НА УРЕДБАТА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ОГРАНИЧУВАЊЕ НА ИСПЛАТА НА ДОДАТОЦИ И НАДОМЕСТОЦИ НА ПЛАТА ЗА ВРАБОТЕНИТЕ ВО ЈАВНИОТ СЕКТОР ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Член 1

Во Уредбата со законска сила за ограничување на исплата на додатоци и надоместоци на плата за вработените во јавниот сектор за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 94/20), во членот 3, по зборовите „Министерството за одбрана“, се става запирка и се додаваат зборовите: „затворската полиција“.

Член 2

Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр. 44-2865/2                                                                                 Претседател на Владата
9 април 2020 година                                                             на Република Северна Македонија,                                                                                                                         Оливер Спасовски, с.р

Врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16 и 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19) Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 16 април 2020 година, донесе

У Р Е Д Б А

СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ДОПОЛНУВАЊЕ НА УРЕДБАТА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ОГРАНИЧУВАЊЕ НА ИСПЛАТА НА ДОДАТОЦИ И НАДОМЕСТОЦИ НА ПЛАТА ЗА ВРАБОТЕНИТЕ ВО ЈАВНИОТ СЕКТОР ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБA

Член 1

Во Уредбата со законска сила за ограничување на исплата на додатоци и надоместоци на плата за вработените во јавниот сектор за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 94/20 и 97/20), во членот 2, точката на крајот се брише и се додаваат зборовите: „почнувајќи со исплата на плата за месец април 2020 година.“

Член 2

Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија.“

Бр. 44-3182/1                                                                             Претседател на Владата
16 април 2020 година                                                       на Република Северна Македонија,
Скопје                                                                                           Оливер Спасовски, с.р

У Р Е Д Б А

СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ДОПОЛНУВАЊЕ НА УРЕДБАТА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ОГРАНИЧУВАЊЕ НА ИСПЛАТА НА ДОДАТОЦИ И НАДОМЕСТОЦИ НА ПЛАТА ЗА ВРАБОТЕНИТЕ ВО ЈАВНИОТ СЕКТОР ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16 и 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19) Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 24 април 2020 година, донесе

Член 1

Во Уредбата со законска сила за ограничување на исплата на додатоци и надоместоци на плата за вработените во јавниот сектор за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 94/20, 97/20 и 103/20), во членот 1 по зборот „состојба” се додаваат зборовите „за месец април и мај”.

Член 2

Во членот 2 по ставот 1 се додава нов став 2 кој гласи:

„На вработените од член 1 од оваа уредба со законска сила, на кои им се исплатува плата согласно закон и колективен договор правото на додаток за работен стаж, додаток за ноќна работа, надоместок на плата за време на привремена спреченост за работа поради болест или повреда, надоместок на плата поради користење на годишен одмор, надоместок на плата за ден на државен празник и неработен ден утврден со закон, одвоен живот од семејството (освен за пратениците), надоместок на трошок за смрт на работникот или член на неговото семејство, отпремнина при заминување во пензија, го остваруваат и се исплаќа и за време на траењето на вонредната состојба за месец април и мај.”.

Член 3

Во членот 3, по зборовите „затворската полиција“, се става запирка и се додаваат зборовите „високообразовните установи и јавните научни установи, инспекторите вработени во Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за труд, Државниот инспекторат за транспорт, Агенцијата за лекови и медицински средства и Агенцијата за храна и ветеринарство.“.

Член 4

Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија.“

Бр. 44-3198/1                                                                                         Претседател на Владата
24 април 2020 година                                                                 на Република Северна Македонија,
Скопје                                                                                                      Оливер Спасовски, с.р

6. Според член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 4 од Уставот на Република Северна Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Со членот 9 од Уставот е определено дека граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со Уставот, правата од сферата на работните односи се уредени во делот II. Основни слободи и права на човекот и граѓанинот, точка 2. Економски, социјални и културни права во кои, помеѓу другото е уреден и членот 32.

Според член 32 став 3 од Уставот, секој вработен има право на соодветна заработувачка, а според ставот 5 од наведениот член, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Според членот 54 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот (став 1). Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот (став 2). Ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба (став 3).

Според член 14 од Европската конвенција за заштита на човековите права, уживањето на правата и слободите, признати со оваа Конвенција, треба да се обезбедат без никаква дискриминација заснована врз пол, раса, боја на кожата, јазик, вера, политичко или кое и да биле друго мислење, национално или социјално потекло, припадност на национално малцинство, материјална положба, потекло по раѓање или кој и да е друг статус.

Од погоре цитираните уставни одредби произлегува можност од ограничување на слободите и правата на човекот и граѓанинот, но само во случаи утврдени со Уставот, што значи слободите и правата на човекот и граѓанинот кои со Уставот се загарантирани, можат да бидат предмет на одредено ограничување од страна на јавната власт, само доколку тоа ограничување биде предвидено со Уставот, како  случаите во кои тие може да се ограничат.

На пример, според член 21 од Уставот, граѓаните имаат право мирно да се собираат и да изразуваат јавен протест без претходно пријавување и без посебна дозвола. Користењето на ова право може да биде ограничено само во услови на воена и вонредна состојба.

Потоа, според член 27 од Уставот

Секој граѓанин на Република Северна Македонија има право слободно да се движи на територијата на Републиката и слободно да го избира местото на своето живеалиште (став 1).

Секој граѓанин има право да ја напушти територијата на Републиката и да се врати во Републиката (став 2).

Остварувањето на овие права може да се ограничи со закон, единствено во случаите кога е тоа потребно заради заштита на безбедноста на Републиката, водење на кривична постапка или заштита на здравјето на луѓето (став 3). Со оваа уставна одредба, Уставот препуштил со закон да можат да бидат ограничени овие права и тоа единствено во случаите наведени со ставот 3 на членот 27 од Уставот.

Исто така, според членот 38 од Уставот,

Се гарантира правото на штрајк (став 1).

Cо закон може да се ограничат условите за остварување на правото на штрајк во вооружените сили, полицијата и органите на управата (став 2). Со оваа уставна одредба, Уставот, исто така препуштил со закон да можат да бидат ограничени условите за остварување на одредени права.

Уставот уредува и други случаи во кои можат да бидат ограничени слободите и правата на човекот и граѓанинот, но од суштинско значење е дека ограничувањето на уставно загарантираните слободи и права, како и случаите за тоа ограничување, мора да биде предвидено со Уставот, а мора да бидат предвидени и законските ограничувања на слободите и правата.

Според членот 126 од Уставот, при постоење на воена или вонредна состојба, Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила. Овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучува Собранието.

Од погоре цитираната уставна одредба произлегува овластување за Владата да може да донесува уредби со законска сила за време на воена или вонредна состојба, но исто така со Уставот децидно е уредено дека Владата има обврска уредбите со законска сила да ги донесува во согласност со Уставот и со закон.

Во конкретниот случај, Судот утврди дека Владата ги пречекорила своите уставни овластувања, на начин што не водела сметка дали Уредбата со која Владата се впушта во ограничување на остварување на права на вработените од јавниот сектор кои се однесуваат на додатоци и надоместоци на плата за време на траењето на вонредната состојба, има уставна основа или не, односно дали Уставот воопшто предвидел одредени услови за остварување на правата од работен однос да можат да бидат ограничени со закон.

Имено, со Одлуката за утврдување на постоење на вонредна состојба, број 09-1690/2 од 18.3.2020 година, донесена од страна на претседателот на Републиката, на територијата на Република Северна Македонија е утврдено постоење на вонредна состојба за период од 30 дена заради заштита и справување со последиците од ширењето на коронавирусот COVID-19, во која се наведува дека за времетраењето на вонредната состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила.

Владата на Република Северна Македонија, повикувајќи се на членот 126 став 1 од Уставот, донесува Уредба со законска сила за ограничување на исплата на додатоци и надоместоци на плата за вработените во јавниот сектор за време на вонредна состојба, донесена од Владата на Република Северна Македонија, број 44-2865/1 од 7 април 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија” број 94/2020), а потоа и дополнувања на истата со број 44-2865/2 од 9 април 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија” број 97/2020), број 44-3182/1 од 16 април 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија” број 103/2020) и број 44-3198/1 од 24 април 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија” број 108/2020).

Со овие уредби, Владата се впушта во ограничување на права од работен однос за дел од вработените во јавниот сектор, на начин што им´ го ограничува правото на исплата на додатоци и надоместоци кои им´ следуваат согласно закон и колективен договор, за време на траењето на вонредната состојба за месец април и мај, почнувајќи со исплата на плата за месец април 2020 година.

Испитувајќи ја предметната уредба со законска сила и нејзините дополнувања, од аспект на согласноста на нејзината содржина со Уставот, Судот утврди дека ограничувањето на правата од работен однос кое се прави со оспорените акти, нема уставна основа, односно, Уставот, воопшто не предвидел такво ограничување за време на вонредна состојба, поточно, со Уставот нема одредби врз основа на кои можат да се ограничат овие права за време на воена или вонредна состојба, ниту пак Уставот содржи одредба која упатува, со закон да можат да бидат ограничени овие права или одредени услови за нивно остварување.

Исто така, ако се имаат предвид причините и целта која сакала да се постигне со прогласувањето на вонредната состојба, а тоа е да се спречи ширењето на коронавирусот и да го заштити населението од последиците по здравјето од тоа ширење, неспорно може да се заклучи дека овластувањата на Владата да донесува уредби со законска сила, треба да бидат во контекст на остварување на таа цел, односно во функција на преземање на мерки со кои ќе се пресретне брзото ширење на заразата и мерки во функција на навремено дејствување заради справување и заштита на населението од последиците од ширењето на коронавирусот.

Неспорно е дека Уставот ја овластил Владата да донесува уредби со законска сила за време на вонредна состојба, но, исто така Уставот го ограничил тоа овластување на Владата, уредувајќи дека тоа мора да биде во согласност со Уставот и со закон, а во конкретниот случај, Владата, без никаква уставна, а со тоа и законска основа, донесува уредба со законска сила со која се врши ограничување на слободи и права на граѓаните вработени во јавниот сектор за време на вонредна состојба.

Членот 126 од Уставот на кој се повикува Владата, само уредува овластување за Владата да може да донесува уредби со законска сила до завршување на вонредната состојба, меѓутоа, тоа уставно овластување никако не значи и не подразбира да може Владата, арбитрарно, по своја сопствена проценка и оценка, самата, слободно да одлучува кои слободи и права ќе ги ограничи со уредба, кого се´ ќе опфати со ограничувањата, а кого не, што впрочем и се прави со предметната уредба и нејзините дополнувања.

Ограничувањата на слободите и правата за време на воена или вонредна состојба, според членот 54 од Уставот, можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот и исклучиво според одредбите на Уставот и не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба (став 3).

Уставната определба, уредбите со законска сила да мора да бидат во согласност со Уставот и со закон, упатува на тоа дека уредбите со законска сила можат да бидат донесени само во функција на операционализација на уставни и законски одредби, а не со истите изворно, оригинерно да се нормира одредена ситуација која не е предвидена со Уставот или со закон, а уште повеќе, со истите, изворно, да се уредува ограничување на слободи и права за човекот и граѓанинот, кои патем, воопшто не се предмет на ограничување со Уставот, следствено ниту со закон.

Ограничувањата на слободите и правата на човекот и граѓанинот се уредуваат со Уставот, а доколку Уставот упатил тоа ограничување да биде уредено со закон, во тој случај законодавецот може, да уредува норми во функција на операционализација на уставна норма со која се уредува одредено ограничување на слободи и права, и тоа во Уставот децидно се наведува.

Но, и во случај на постоење на уставна и законска основа (доколку Уставот упатува на законско уредување), ограничувањето на слободите и правата на човекот и граѓанинот, мора да биде пропорционално со целите кои треба да се постигнат со тоа ограничување и да биде неопходно во едно демократско општество.

Во конкретниот случај, околноста што Уставот при состојба на прогласена вонредна состојба во државата, и´ дал овластување на Владата да донесува уредби со законска сила, не значи и овластување за Владата за арбитрарност во оцената кои и какви уредби со законска сила да донесува за време на вонредната состојба и со уредби со законска сила да регулира прашања за граѓаните кои не се во допир со настанатата состојба, па дури и да ограничува слободи и права за граѓаните, надвор од оние децидно предвидени со Уставот.

Уредбите со законска сила, а токму согласно членот 126 став 1 од Уставот, јасно определува дека во согласност со Уставот и со закон, Владата донесува уредби со законска сила при постоење на воена или вонредна состојба.

Во конкретниот случај, ниту со Уставот, ниту со закон постои уреденост според која додатоците и надоместоците на плата, што се права кои произлегуваат од работен однос, да можат да му бидат ограничени на работникот за време на вонредна состојба, односно истите да не бидат исплатувани.

Оттука, ограничувањето на правата на вработените во јавниот сектор, сторени со предметната уредба со законска сила и нејзините дополнувања, а кои се однесуваат на забрана на исплата на додатоците и надоместоците на плата за времетраењето на вонредната состојба, нема правен легитимитет, затоа што не наоѓа правна основа во Уставот, со што се доведува во прашање уставниот принцип на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, како и правната сигурност на граѓаните во однос на остварувањето на нивните слободи и права, загарантирани со Уставот.

Воедно, не само што Владата со предметната уредба со законска сила и нејзините дополнувања уредила ограничување на правата од работен однос, надвор од Уставот, туку предметната уредба имплицира и дискриминаторско постапување, спротивно на член 54 став 3 од Уставот, што е дополнително уставно недозволиво. Ова од причини што, согласно предметната уредба со законска сила и нејзините дополнувања, дел од вработените во јавниот сектор, нема да можат да го остварат правото на додатоци и надоместоци на плата согласно закон и колективен договор, како што тоа ќе можат да го остварат граѓаните од јавниот сектор вработени во институциите наведени во членот 3 од предметната уредба со законска сила и нејзините дополнувања.

Поточно, со предметната уредба со законска сила и нејзините дополнувања, не само што без уставна основа се врши забрана на остварување на права од работен однос утврдени со закон и со колективен договор, туку, дополнително ги става граѓаните-вработени во јавниот сектор во нееднаква правна положба пред Уставот и законите, иако сите се наоѓаат во иста правна ситуација, вонредната состојба е прогласена за целата територија на државата без исклучок и сите се наоѓаат во иста правна положба, што е спротивно на членот 9 од Уставот.

Кои слободи и права на човекот и граѓанинот можат да бидат предмет на ограничување од страна на јавната власт, е уредено со Уставот. Уставот, воедно уредил кои слободи и права на човекот и граѓанинот можат да бидат предмет на ограничување од страна на јавната власт за време на постоење на воена или вонредна состојба. Воопшто, Уставот забранил, ограничувањето на слободите и правата на човекот и граѓанинот да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.

Според член 14 од Европската конвенција за заштита на човековите права, уживањето на правата и слободите, признати со оваа Конвенција, треба да се обезбедат без никаква дискриминација заснована врз пол, раса, боја на кожата, јазик, вера, политичко или кое и да биле друго мислење, национално или социјално потекло, припадност на национално малцинство, материјална положба, потекло по раѓање или кој и да е друг статус.

Зборовите од оваа одредба “како што се” и “друг статус” наведуваат и упатуваат дека категориите за кои се однесува забраната за дискриминација, како и основите за дискриминација во рамки на Европската конвенција за човекови права, не се исцрпени. Од тука следува заклучок дека е широк опсегот на прашања покриени со член 14 од истата.

Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) го толкува терминот “друг статус” на тој начин што под него ги подвел термините: сексуална ориентација, статус на вонбрачно дете, статус на синдикално здружение, воен статус, професионален статус, затвор, неспособност, возраст, живеалиште, географска област, ХИВ серопозитивност, финансиски или имотен статус, религија, национално или етничко потекло, јазик и др.

Во конкретниот случај, различното постапување со граѓани кои се во иста правна ситуација и положба, а кое се согледува во оневозможување на дел од вработените од јавниот сектор да ги остварат правата кои произлегуваат од работен однос, затоа што своите работни обврски за време на вонредната состојба, не ги извршуваат во институциите опфатени со членот 3 од предметната уредба со законска сила и нејзините дополнувања, туку своите работни обврски за време на траењето на вонредната состојба ги вршат во останатите институции на јавната власт (државна и локална), имплицира и дискриминаторско постапување по основ на општествен статус под кој се подразбира и професионалниот статус на граѓанинот-вработен, што е спротивно на членот 54 став 3 од Уставот и членот 14 од Европската конвенција за заштита на човековите права.

Во случајов, Судот ја имаше во предвид Уредбата со законска сила за дополнување на предметната уредба, донесена на 24 април 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија” број 108/2020), со која уредува дека одредени додатоци и надоместоци за вработените во јавниот сектор, сепак ќе ги исплатува за време на траењето на вонредната состојба, но, според Судот, тоа не ја намалува неуставноста на предметната уредба и нејзините дополнувања, имајќи во вид дека за вработените во јавниот сектор со закон и со колективен договор се предвидени и други додатоци и надоместоци на плата.

Ова дотолку повеќе што со Законот за вработените во јавниот сектор („Службен весник на Република Македонија” број 27/2014, 199/2014, 27/2016, 35/2018, 198/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 143/2019 и 14/2020), конкретно со членот 37 од Законот се предвидува дека (1) Во случај на вонредни околности (природни непогоди, епидемии, поплави и слично), вработените во јавниот сектор можат без нивна согласност да бидат упатени на извршување на работи и на работни задачи кај работодавачи надвор од местото на нивното живеалиште. (2) Упатувањето од ставот 1 на овој член трае додека траат вонредните околности, но, не подолго од три месеци. (3) Во случаите на упатување на извршување на работите и на работните задачи од ставот 1 на овој член, вработените имаат право на надоместоци утврдени со општите прописи за работните односи.

Во случајов, Владата, не само што го суспендира ова законско право за вработените во јавниот сектор за време на вонредна состојба, туку и тоа го прави на дискриминаторска основа, односно во зависност од тоа во која институција на јавната власт, работникот ги врши работните задачи и должности, односно дека тоа (вклучително и останатите додатоци и надоместоци на плата утврдени со закон и со колективен договор, чија исплата се ограничува) нема да се однесува за вработените во јавниот сектор опфатени со членот 3 од Уредбата и нејзините дополнувања, што е спротивно на член 54 став 3 од Уставот и на членот 14 од Конвенцијата.

Од сето погоре изнесено, Судот утврди дека предметната уредба со законска сила и нејзините дополнувања со која се врши ограничување на исплата на додатоци и надоместоци на плата за вработените во јавниот сектор, опфатени со Уредбата, нема уставна основа. Воедно,  предметната уредба со законска сила и нејзините дополнувања, имплицира и повреда на уставниот принцип на еднаквост и недискриминација, што дополнително истата ја прави уставно недозволива.

Исто така, имајќи предвид дека Владата со донесувањето на уредбата со законска сила и нејзините дополнувања, се впуштила во изворно уредување на прашања поврзани со ограничување на права од сферата на работните односи за време на вонредна состојба, кои ограничувања можат да бидат предмет само на уставно, но, и на законско уредување доколку на тоа упатува Уставот, Судот оцени дека предметната уредба со законска сила и нејзините дополнувања, имплицира и повреда на член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот, според кој поделбата на државната власта на законодавна, извршна и судска, е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

7. Тргнувајќи од сето погоре изнесено, Судот оцени дека во конкретниот случај, предметната уредба и нејзините дополнувања, не се во согласност со член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 4, членот 9, членот 32 и членот 54 од Уставот. Судот исто така оцени дека се исполнети условите од членот 27 од Деловникот на Судот за донесување на решение за запирање на извршувањето на уредбите со законска сила, наведени во точка 1 од Решението, како и сите дејствија донесени, односно преземени врз основа на истите.

8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од Решението.

9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу,   д-р Дарко Костадиновски и Владимир Стојаноски.

У.бр.49/2020
28.04.2020 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати