Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и “Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019), на седницата одржана на 8 и 15 април 2020 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Одлуката за распуштање на Собранието на Република Северна Македонија, број 08-1421/1 од 16.02.2020 година, („Службен весник на Република Северна Македонија” број 43/2020).
2. Светскиот македонски конгрес од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на актот, означен во точката 1 од Решението.
Според наводите од иницијативата, Одлуката за распуштање на Собранието на Република Северна Македонија од 16 февруари 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија” број 43/2020), не била во согласност со член 2 став 1, член 8 став 1 алинеја 3 и членот 51 од Уставот на Република Северна Македонија и Одлуката за утврдување на постоење на вонредна состојба во Република Северна Македонија од 18.02.2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија” број 68/2020). Во продолжение на иницијативата, подносителот ги цитира содржините на погоре наведените одредби од Уставот.
Со иницијативата се набројуваат, а и се цитираат содржините и на уставните одредби од членовите 61, 62, 63, 65, 66, 67, 68 со Амандманот XIII, 93, 125 и членот 126 од Уставот, коишто требало да се имаат во предвид при одлучувањето, а воедно да се имале во предвид и одредбите од член 12 став 1 и член 15 став 4 од Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија” број 40/2006, … и „Службен весник на Република Македонија” 42/2020), чиишто содржини се цитираат во продолжение на иницијативата.
Понатаму, при одлучувањето за уставноста на оспорената Одлука за распуштање на Собранието од 16.02.2020 година, да се имале во предвид и Одлуката за утврдување на вонредна состојба од 18.03.2020 година, донесена од претседателот на Република Северна Македонија, чијашто содржина се наведува во продолжение на иницијативата, а се наведува и што содржело Решението за распишување на предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија од 16.02.2020 година.
Понатаму се наведува дека со донесување на Одлуката за утврдување на постоење на вонредна состојба, станало невозможно спроведувањето на Решението за распишување на предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, бидејќи вонредната состојба траела заклучно со 17 април 2020 година.
Според подносителот на иницијативата, бидејќи претседателот на Собранието од само нему познати причини без уставна основа не свикал седница на Собранието на која требало да се разгледа предлогот поднесен од Владата на Република Северна Македонија за утврдување на постоење на вонредна состојба на територијата на Републиката заради спречување на внесување, ширење и справување со коронавирусот и да се донесе одлука со која ќе се поништела Одлуката за распуштање на Собранието, останувала надлежноста на Уставниот суд да ја поништи Одлуката за распуштање на Собранието. Со тоа ќе престанеле сите акти како Решението за распишување на предвремени избори за пратеници во Собранието и сите дејствија, односно изборните дејствија преземени од Државната изборна комисија заради одржување на избори на 12 април 2020 година.
Според подносителот на иницијативата, со распуштањето на Собранието не престанувал мандатот на пратениците, односно дека никаде во Уставот не било утврдено дека со Одлуката за распуштање на Собранието престанувал и мандатот на пратениците, туку напротив тие се избирале за време од четири години. Мандатот на пратениците го верифицирал Собранието и почнувал да тече од неговата конститутивна седница. Тоа уште појасно било утврдено во член 15 став 4 од Изборниот законик, односно дека мандатот на пратениците траел од денот на неговото верификување до денот на верификувањето на мандатот на новоизбраните пратеници, но не подолго од четири години.
Во продолжение на иницијативата се наведува дека неосновано било мислењето дека со распуштањето на Собранието престанувал мандатот на пратениците и дека тие не можеле повторно да заседаваат. Ако престанал мандатот на пратениците кои го избирале претседателот на Собранието, која била логиката и правната основа дека не престанал мандатот на претседателот на Собранието, а тој редовно ги вршел надлежностите утврдени со Уставот и редовно присуствувал на седници на Советот за безбедност на Републиката. Видно било дека претседателот на Собранието со допис број 09-1690/2 од 18.03.2020 година го известил претседателот на Републиката дека не можел да свика седница на која ќе се разгледал предлогот поднесен од Владата за утврдување на постоење на вонредна состојба заради спречување на внесување, ширење и справување со коронавирусот Covid-19.
Според подносителот на иницијативата, иако пратениците имале мандат да заседаваат и покрај Одлуката за распуштање на Собранието, претседателот на Собранието „проценил” дека Собранието не можело да се состане, а Одлуката за утврдување на постоење на вонредна состојба по предлогот на Владата од 18 март 2020 година, тој ја препуштил на претседателот на Републиката, а претседателот на Републиката со одлуката за утврдување на постоење на вонредна состојба, го оневозможил спроведувањето на предвремените избори за пратеници во Собранието на Републиката коишто требало да се одржат на 12 април 2020 година. Со тоа ги оневозможил изборните дејствија утврдени од Државната изборна комисија врз основа на Решението за распишување на предвремените избори за пратеници донесено од претседателот на Собранието на 16 февруари 2020 година.
Подносителот смета дека неосновано било образложението на претседателот на Собранието за неможноста од свикување на седница на Собранието поради Одлуката за распуштање на Собранието или дека вонредните владини мерки поради пандемијата забранувале групирање на повеќе од пет лица на едно место, бидејќи и пратениците на шпанскиот Сенат во празна сала со електронско гласање, гласале за ратификацијата на Протоколот за членство на Република Северна Македонија во НАТО, што покажало дека било можно заседавање на законодавниот дом, што било лесно изводливо и за Собранието на Република Северна Македонија.
Уставниот суд не смеел да заборави дека не постоел закон за вонредна состојба што Собранието требало да го донесе, без кој не можело да се оствари овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила до завршувањето на вонредната состојба, утврдено во член 126 став 1 од Уставот, затоа што за тоа одлучувало Собранието, што во случајот не било сторено. Едноставно немало закон за вонредна состојба, односно не постоело овластување од Собранието со кое Владата ќе можела да донесува уредби со законска сила до завршувањето на вонредната состојба.
И она што било најважно согласно член 67 став 4 од Уставот само претседателот на Собранието распишувал избори за пратеници и избор на претседател на Републиката, а Владата немала надлежност ниту овластување од Собранието да го поништи Решението за распишување на предвремени избори за пратеници во Собранието на Републиката, ниту пак надлежности да распише нови предвремени или редовни избори за пратеници во Собранието на Републиката. Надлежност да распише нови предвремени избори за пратеници во Собранието на Републиката имал само претседателот на Собранието, откако Собранието претходно ќе ја поништело Одлуката за распуштање на Собранието, којашто била основа за распишување на предвремените избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија на 12 април 2020 година.
Во услови кога надлежноста за утврдување на постоење на вонредна состојба ја презел претседателот на Републиката, заради владеењето на правото, Уставниот суд бил единствено надлежен орган да ја поништи Одлуката за распуштање на Собранието на Република Северна Македонија, со што ќе престанеле да важат и ќе се запрело извршувањето на Решението за распишување на предвремени избори за пратеници во Собранието и изборните дејствија заради одржување на предвремените избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија.
Од наведените причини со иницијативата се бара да се поништи оспорената Одлука за распуштање на Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” број 43/2020) како несогласна со член 2 став 1, член 8 став 1 алинеја 3 и членот 51 од Уставот и Одлуката за утврдување на постоење на вонредна состојба во Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” број 68/2020), а до донесување на конечна одлука, се предлага донесување на решение за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија што се преземени врз основа на оспорената одлука за распуштање на Собранието, односно да престанело извршувањето на Решението за распишување на предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија и изборните дејствија заради одржување на предвремените избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија.
3. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 68 став 2 и член 63 став 6 од Уставот на Република Северна Македонија, Собранието на Република Северна Македонија, на седницата одржана на 16 февруари 2020 година, донело Одлука за распуштање на Собранието на Република Северна Македонија, број 08-1421/1 од 16.02.2020 година, („Службен весник на Република Северна Македонија” број 43/2020).
4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото, е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Согласно членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според членот 61 од Уставот, Собранието на Република Северна Македонија е претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт на Републиката. Организацијата и функционирањето на Собранието се уредуваат со Уставот и со Деловникот.
Според член 63 став 6 од Уставот на Република Северна Македонија, Собранието се распушта ако за тоа се изјасни мнозинството од вкупниот број пратеници.
Според член 68 став 2 од Уставот, Собранието за вршење на работите од своја надлежност донесува одлуки, декларации, резолуции, препораки и заклучоци.
Во конкретниот случај, Собранието на Република Северна Македонија, врз основа на член 68 став 2 и член 63 став 6 од Уставот на Република Северна Македонија, на седницата одржана на 16 февруари 2020 година, донело Одлука за распуштање на Собранието на Република Северна Македонија, број 08-1421/1 од 16.02.2020 година, којашто влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија”. Истата, на 16.02.2020 година е објавена во „Службен весник на Република Северна Македонија” број 43/2020.
Подносителот на иницијативата смета дека оспорената Одлука за распуштање на Собранието на Република Северна Македонија, не била во согласност со член 2 став 1, член 8 став 1 алинеја 3 и членот 51 од Уставот, со што се бара нејзино поништување, а при одлучувањето да се имале во предвид и уставните одредби од членовите 61, 62, 63, 65, 66, 67, 68 со Амандманот XIII, 93, 125 и членот 126 од Уставот, како и одредбите од член 12 став 1 и член 15 став 4 од Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија” број 40/2006, … и „Службен весник на Република Македонија” 42/2020), чиишто содржини се цитираат во продолжение на иницијативата.
На крајот со иницијативата се наведува дека се бара поништување и на Одлуката за утврдување на постоење на вонредна состојба во Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” број 68/2020), меѓутоа од содржината на иницијативата произлегува дека акцентот на оспорување е само Одлуката за распуштање на Собранието, но, не и Одлуката за утврдување на постоење на вонредна состојба, која патем истиот подносител, истовремено посебно ја оспорува со друга иницијатива по друг предмет пред Уставниот суд, од кои причини истата не е опфатена со конкретниот предмет.
Оспорената одлука во членот 1 регулира дека Собранието на Република Македонија се распушта. Правниот основ за донесување на оспорената одлука е член 68 став 2 од Уставот којшто регулира дека Собранието за вршење на работите од својата надлежност донесува и одлуки, декларации, резолуции, препораки и заклучоци и член 63 став 6 од Уставот, според кој Собранието се распушта ако за тоа се изјасни мнозинството од вкупниот број пратеници.
Во конкретниот случај, уставотворецот им´ дал право на пратениците да се изјаснат по прашањето за распуштање на Собранието, под услов за тоа да се изјасни мнозинството од вкупниот број пратеници.
Оттука, според Судот, цитираните уставни одредби претставуваат уставен основ за донесување на оспореното решение за распуштање на Собранието на Република Македонија.
Судот ги имаше во вид наводите од иницијативата дека неосновано било мислењето дека со распуштањето на Собранието престанувал мандатот на пратениците и дека тие не можеле повторно да заседаваат, односно дека претседателот на Собранието од само нему познати причини без уставна основа не свикал седница на Собранието на која требало да се разгледа предлогот поднесен од Владата на Република Северна Македонија за утврдување на постоење на вонредна состојба на територијата на Републиката заради спречување на внесување, ширење и справување со коронавирусот и да се донесе одлука со која ќе се поништела Одлуката за распуштање на Собранието, поради што останувала надлежноста на Уставниот суд да ја поништи Одлуката за распуштање на Собранието.
Меѓутоа од аспект на тие наводи, не може да се разгледува согласноста на оспорената одлука со Уставот. Ова од причини што со неа акцентот на уставноста на оспорениот акт, којшто е донесен на 16.02.2020 година, уште кога не била прогласена вонредна состојба, се бара да се оценува низ призмата на нејзината согласност со Уставот, но од аспект на последици кои настанале или можат да настанат по нејзиното донесување, а по прогласена вонредна состојба.
Што се однесува пак до надлежноста на Уставниот суд, согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според тоа, Уставниот суд тргнувајќи од своите уставни надлежности, во оцената на согласноста на конкретно оспорениот акт во однос на одредбите на Уставот, утврди дека оспорената одлука има основа во Уставот, како од аспект на нејзиниот доносител, така и од аспект на содржината опфатена со истата. Имено, тргнувајќи од уставната определба од член 63 став 6 од Уставот, мнозинството од вкупниот број на пратеници се изјасниле Собранието да се распушти, што според Уставниот суд, вака изразената волја на мнозинството пратеници од вкупниот број на пратеници не е во спротивност со одредбите на Уставот.
5. Имајќи предвид дека во конкретниот случај со оспорената одлука Собранието на Република Северна Македонија ја реализирало својата уставна можност за распуштање определена во член 63 став 6 од Уставот во форма на правен акт предвиден во член 68 став 2 од Уставот, пред Судот не се постави прашањето за нејзината согласност со одредбите на Уставот.
6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Владимир Стојаноски.
У.бр.40/2020
8 и 15 април 2020 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати