У.бр.136/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019), на седницата одржана на 4 март 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членовите 68, 69, 70, 71, 72, 73, 74, 75, 76, 77, 78, 79, 80 и 81 од Законот за нотаријатот („Службен весник на Република Македонија“ бр. 72/2016, 142/2016 и 233/2018).

2. Зоран Стојановски, адвокат од Тетово до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата оспорените одредби од Законот за нотаријатот биле во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 и 4, членот 51 и Амандман XXV со кој се менува членот 98 од Уставот на Република Северна Македонија.

Во наводите на иницијативата се цитираат членовите 68, 69, 70, 71, 72, 73, 74, 75, 76, 77, 78, 79, 80 и 81, коишто се составен дел на глава V. Нотарски платен налог од основниот Закон за нотаријатот („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016). Содржината на оспорените одредби е изменета и дополнета со Законот за изменување и дополнување на Законот за нотаријатот објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.233/2018 од 20.12.2018 година, односно подносителот ги цитира оспорените законски одредби без да ги има во предвид нивните подоцнежни измени и дополнувања, но тие измени и дополнувања не се од суштествено значење, бидејќи подносителот во суштина го оспорува постоењето на нотарскиот платен налог.

Според наводите во иницијативата согласно одредбите од Законот за нотаријат, нотарски платен налог бил службен документ кој се издавал од страна на нотар, со кој документ нотарот по барање на еден субјект, врз основа на соодветна книговодствена документација, задолжувал друг субјект да изврши определена престација, односно да изврши плаќање во определен рок под закана за присилно извршување и таквиот карактер на службен документ бил документ кој навлегувал во работи кои требало да ги извршува суд, односно овој документ требало да го издава само судот.

Понатаму, во наводите од иницијативата се цитира членот 1 од Законот за парничната постапка којшто супсидијарно се применува во постапката за издавање на нотарски платен налог и според кој се уредуваат правилата на постапката врз основа на кои судот расправа и одлучува во споровите за основните права и обврски на човекот и граѓанинот, за личните и семејните односи на граѓаните, како што се работните, трговските, имотните и другите граѓанско-правни спорови, ако со закон за некои од тие спорови не е определено за нив судот да решава според правилата на некоја друга постапка.

Според подносителот на иницијативата, оваа одредба од членот 1 од Законот за парничната постапка укажувала дека за спорни трговски, имотни и други граѓанско-правни спорови е надлежен да одлучува судот, а не и нотар.

Во наводите на иницијативата, се цитираат и членот 417, членот 417-а, членот 418, членот 418-а и членот 420 од Законот за парничната постапка коишто се однесуваат на постапката за судски платен налог.

Во овој контекст, подносителот на иницијативата ги наведува и ги цитира одредбите од членот 1, членот 4, членот 22 и член 31 став 2 од Законот за судовите.

Во иницијативата се цитираат член 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот според кои владеењето на правото и поделбата на државната власт за законодавна, извршна и судска се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија, Амандманот ΧΧV со кој се менува членот 98 од Уставот според кој судската власт ја вршат судовите и членот 51 од Уставот според кој законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите.

Според подносителот на иницијативата доколку се направела споредба меѓу оспорените одредби од Законот за нотаријат, коишто се однесуваат на нотарски платен налог, со одредбите од Законот за парнична постапка, коишто се однесуваат на издавање судски платен налог, произлегувало дека тие регулирале суштествено една иста материја, една иста правна состојба. Тоа било правна состојба во која за постоењето на правото на наплата на пристигнато парично побарување на доверителот должникот кој треба да ја исполни обврската за плаќање на пристигнатото парично побарување не го платил паричното побарување на доверителот или задоцнил во исполнувањето на својата обврска, доверителот со правото на поднесување на тужба барал од надлежен орган да му наложи престација на должникот со закана за присилно извршување, исполнување на обврската во определен рок, со единствена разлика што судскиот платен налог се однесувал на обврска која требала да биде исполнета во странство. Оттука, произлегувало дека се работело за една иста правна состојба која можела да се подведе под членот 1 од Законот за парничната постапка и за која неспорно требало да решава и да одлучува судот.

Според подносителот на иницијативата, од наведените уставни и законски одредби можело неспорно да се утврди дека нотарот нема уставни и законски овластувања да постапува по предмети од судска надлежност, а дека законодавецот со Законот за нотаријат го нарушил уставниот принцип на поделба на власта и судските надлежности определени со Устав и со закон ги пропишал во надлежност на нотари, спротивно на наведените одредби од Уставот. Постапувањето на законодавецот што со Законот за нотаријатот, којшто е донесен со обично мнозинство, вршел упад во уставните надлежности на судската власт, којашто се регулирала со закон којшто е донесен со двотретинско мнозинство, бил еден опасен преседан со кој законодавната власт го нарушувала темелниот принцип на владеење на правото и на поделбата на власта и претставувало реална опасност да се повтори и во други системски закони доколку Уставниот суд не го оневозможи законодавецот во неговата намера и цел да ги наруши темелните вредности на уставниот поредок.

Поради горенаведените причини, подносителот на иницијативата бара од Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби од Законот за нотаријат и истите да ги поништи или укине поради нивната спротивност со Уставот на Република Северна Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека со одредбите на членовите од 68 до 81 (Глава V – НОТАРСКИ ПЛАТЕН НАЛОГ) од Законот за нотаријатот, се уредува прашањето за издавање на решение за нотарски платен налог врз основа на веродостојна исправа. Според овие законски одредби, предлог за издавање на решение за нотарски платен налог врз основа на веродостојна исправа се поднесува до нотарот (членот 68 од Законот), а во членовите 69 и 70 е утврдена содржината на предлогот, основот за издавање на решението за нотарски платен налог, како и веродостојните исправи врз кои се поднесува предлогот. Постапката по предлог за издавање на решение на нотарски платен налог е уредена во членот 71, а во членот 72 се уредени прашањата во однос на приговор против решението со кое е издаден нотарски платен налог. Во членот 73 од Законот се уредува прашањето во однос на ставање на потврда за правосилност и извршност, а укинувањето на потврдата на правосилност и извршност е регулирано во членот 74. Наградата и трошоците во постапката за издавање на решение за нотарски платен налог е уредена со членот 75 од Законот. Повлекувањето на предлогот за издавање на нотарски платен налог е уредено во членот 76, а обврската за плаќање на судска такса е уредена во членот 77. Формата и содржината на решението за нотарски платен налог е уредена во членот 78 од Законот, а во натамошните одредби е уреден начинот на достава на писмена (член 79 и член 80). Членот 81 упатува на супсидијарна примена на Законот за парнична постапка, според кој во постапката за издавање на нотарски платен налог, во недостаток на одредби од овој закон и за изземање, соодветно ќе се применуваат одредбите од Законот за парничната постапка.

4. Владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија, предвидени во член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот на Република Северна Македонија.

Според Амандман XXI со кој е заменет член 15 од Уставот на Република Северна Македонија, се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд. Според овој член од Уставот, правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и други органи што вршат јавни овластувања се уредува со закон.

Со член 50 став 2 од Уставот, се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции кои вршат јавни овластувања.

Согласно членот 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 58 став 2 од Уставот, учеството во управувањето и одлучувањето во јавните установи и служби се уредува со закон и врз принципите на стручност и компетентност.

Согласно Амандманот XXV со кој се менува членот 98 од Уставот, судската власт ја вршат судовите. Судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. Забранети се вонредни судови. Видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон, што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Со Законот за нотаријатот („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016, 142/2016 и 233/2018), во членот 1, се уредуваат организацијата на нотаријатот како јавна служба и неговите органи, постапката за именување и разрешување на нотарите, делокругот на работа и службените дејствија на нотарите, овластувањата на нотарите, составувањето на нотарски исправи, надзорот и дисциплинската одговорност на нотарите, како и други прашања коишто се однесуваат на нотаријатот.

Во членот 2 од Законот за нотаријатот, е уредено дека нотарската служба е јавна служба што ја вршат нотари, кои се самостојни и независни носители на таа служба (став 1). Нотаријатот е самостојна, независна јавна служба во која се вршат работи од видот на јавни овластувања, врз основа на закон (став 2).

Согласно членот 3 од Законот, нотарот е лице што врши јавни овластувања утврдени со закон, именувано од Министерството за правда, кое нотарската служба ја врши како единствено професионално занимање (став 1). Нотарската служба опфаќа составување и издавање на јавна исправа за правните работи во форма на нотарски акт, изјави и потврди за факти врз основа на кои се востановуваат права или обврски, донесување решенија во постапка за издавање на нотарски патни налози, потврдување на приватни исправи (солемнизација), издавање на потврди, заверка на потпис и ракознак, на препис, на превод, примање на чување исправи, на пари и на предмети од вредност заради нивно предавање на други лица или органи, како и вршење на доверени работи определени со закон (став 2). Нотарската служба нотарот ја врши слободно, независно, самостојно, стручно и непристрасно врз основа на Уставот, закон, меѓународни договори што се ратификувани во согласност со Уставот на Република Македонија и други прописи и општи акти засновани врз основа на закон (став 3). Нотарската служба се врши со примена на начелата за гарантирање на законито вршење на работите, одговорност за причинетата штета во вршењето на нотарската служба, диспозиција на странките и неспорност на правниот однос, надзор над законитоста во вршењето на нотарската служба, угледно и достоинствено вршење на нотарската служба и надоместок за извршената работа (став 4).

Нотарски исправи се јавни исправи што нотарот ги составил во рамки на делокругот на работата и службените дејствија утврдени со закон, а меѓу другите, како нотарска исправа согласно член 4 став 1 од Законот за нотаријатот е и нотарскиот платен налог. Согласно став 3 на членот 4 од Законот, нотарските акти, потврдените (солемнизирани) приватни исправи, нотарските платни налози и решенија донесени во оставинска постапка како доверена работа од судот, во случаите утврдени со овој закон имаат сила на извршна исправа (став 3). Нотарските исправи имаат доказна сила на јавни исправи ако при нивното составување и издавање се исполнети потребните услови предвидени со овој закон (став 4). Нотарските заверки имаат доказна сила на јавни исправи во делот на фактите кои нотарот ги потврдил (став 5).

Со одредбите на членовите од 68 до 81 (Глава V – НОТАРСКИ ПЛАТЕН НАЛОГ) од Законот за нотаријатот, се уредува прашањето за издавање на решение за нотарски платен налог врз основа на веродостојна исправа.

Во Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016, 142/2016 и 233/2018) во членот 12 се наведени сите исправи коишто претставуваат извршни исправи: 1) извршна судска одлука и судско порамнување; 2) извршна одлука и порамнување во управна постапка, ако гласат на исполнување на парична обврска; 3) извршна нотарска исправа; 5) решение за издавање на нотарски платен налог и 6) друга исправа која како извршна исправа е предвидена со закон.

Согласно членот 16 од Законот за извршување во кој е уредена извршноста на нотарската исправа, нотарската исправа е извршна исправа ако станала извршна според посебен пропис кој ја уредува извршноста на таквата исправа (став 1). Решението за издавање на нотарски платен налог станува извршна исправа со ставање на потврда за правосилност и извршност од нотарот (став 2). Врз основа на нотарска исправа која станала извршна во еден дел, извршувањето ќе се спроведе само во тој дел. (став 3)

Од изнесеното произлегува дека според Законот за извршување, решението за издавање платен налог од страна на нотар е извршна исправа со ставање на потврда за правосилност и извршност од страна на нотар, односно кога против ова решение во предвидениот рок не е поднесен приговор до судот, решението на нотарот станува правосилно и извршно.

Согласно членот 1 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2006, 35/2008, 150/2010, 83/2018, 198/ 2018 и 96/2019), судската власт ја вршат судовите во Република Македонија (став 1). Судовите се самостојни и независни државни органи (став 2).

Во членот 4 од Законот за судовите е уредено дека судот одлучува во постапка пропишана со закон: за правата на човекот и граѓанинот и правно заснованите интереси, за споровите меѓу граѓаните и другите правни субјекти, за кривични дела и прекршоци и за други работи што со закон се ставени во надлежност на судот.

Стварната надлежност на основните судови со проширена надлежност е уредена во членот 31, при што во ставот 2 на овој член е уредено дека основните судови со проширена надлежност, покрај надлежноста утврдена во членот 30 од Законот, за подрачјата за кои се основани, се надлежни да одлучуваат во граѓански и трговски работи и тоа: за спорови во имотно-правните и други граѓанско-правни односи на физички и правни лица, чија вредност е над 50.000 евра во денарска противвредност, доколку со закон не е предвидена надлежност на друг суд; во трговски спорови во кои двете странки се правни лица или државни органи, како и спорови од авторски и други сродни права и права од индустриска сопственост; во постапка за стечај и ликвидација; во спорови за утврдување и обезбедување за присилно извршување и за спорови на домашни правни и странски лица кои произлегуваат од нивните меѓусебни стопански, односно трговски односи.

Од изнесеното, произлегува дека за граѓански и имотно- правни работи и други граѓанско – правни односи судот е надлежен да одлучува ако вредноста на спорот е над 50.000 евра.

Имајќи ги предвид одредбите од Законот за судовите, според кои судот одлучува за имотно – правни и граѓанско – правни спорови над 50.000 евра, во таков случај за донесување на решение за издавање на платен налог би бил надлежен судот, па според тоа, постои разграничување кога за платен налог одлучува судот, а кога нотарот.

Со Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2005, 110/2008, 83/2009, 116/2010 и 124/2015) се уредуваат правилата на постапката врз основа на кои судот расправа и одлучува во споровите за основните права и обврски на човекот и граѓанинот, за личните и семејните односи на граѓаните како што се работните, трговските, имотните и другите граѓанско-правни спорови, ако со закон за некои од тие спорови не е определено за нив судот да решава според правилата на некоја друга постапка (член 1).

Постапката по судскиот платен налог е уредена во членовите 417 до 428 од Законот за парничната постапка. Согласно членот 417 ако во оваа глава не постојат посебни одредби, во постапката по судски платен налог ќе се применуваат другите одредби на овој закон.

Во Законот за парничната постапка е утврдено дека се поднесува тужба со предлог за издавање судски платен налог, за што се плаќа судска такса во рок од осум дена, а во спротивно тужбата се смета за повлечена (член 417-а).

Според ставот 1 на членот 418 од Законот, кога тужбеното барање се однесува на побарување во пари, а тоа побарување се докажува со веродостојна исправа приложена кон тужбата во оригинал или во заверен препис и ако обврската треба да се исполни во странство, судот ќе му издаде налог на тужениот да го исполни тужбеното барање (судски платен налог). Според ставот 2 постапката од ставот 1 на овој член мора да заврши во рок од три месеци. Во постапка по жалба против одлуката на првостепениот суд, второстепениот суд е должен да донесе одлука во рок од триесет дена (став 3).

Со наведената одредба од Законот за парничната постапка се определува кога судот одлучува за издавање на судски платен налог, па според тоа не постои поклопување во надлежностите и постапувањето на судовите и нотарите.

Во натамошните одредби од овој закон (член 418-а) се утврдува дека како веродостојни исправи се сметаат: 1) јавни исправи, 2) меници и чекови со протест и со повратни сметки ако тие се потребни за засновање на барање, 3) фактури и 4) исправи кои според посебни прописи имаат значење на јавни исправи.

Согласно членот 420 од Законот за парничната постапка: (1) Судскиот платен налог го издава судија поединец, односно претседателот на советот без одржување на рочиште. (2) Во судскиот платен налог судот ќе изрече дека тужениот е должен во рок од осум дена, а во меничните и чековните спорови во рок од три дена по приемот на судскиот платен налог да го исполни барањето на тужбата заедно со трошоците што ги одмерил судот или во истиот рок да поднесе приговори против судскиот платен налог. Во судскиот платен налог судот ќе го предупреди тужениот дека ќе ги отфрли ненавремено поднесените приговори. (3) Судскиот платен налог се доставува до двете странки. (4) До тужениот кон судскиот платен налог се доставува и примерок од тужбата со прилозите.

Согласно членот 422 од Законот, судскиот платен налог тужениот може да го побива само со приговор. Ако судскиот платен налог се побива единствено во поглед на одлуката за трошоците, оваа одлука може да се побива само со жалба против решение (став 1). Според ставот 2 на овој член, во делот во кој не е оспорен со приговор, судскиот платен налог станува правосилен.

Оттука произлегува дека за издавање на судски платен налог странките поднесуваат тужба, а во постапката пред нотарот не се поднесува тужба, туку предлог за издавање на платен налог.

Постапката по приговор по нотарски платен налог во Законот за парничната постапка е уредена во членовите 428-а, 428-б и 428-в кои се дел од глава 28 – Постапка по платен налог.

Според членот 428-а, по приговор на решението за издавање на нотарски платен налог, одлучува надлежниот основен суд согласно одредбите на овој закон (став 1). По приемот на приговорот поднесен против решението за издавање на нотарски платен налог, нотарот е должен предметот со сите списи да го достави до надлежниот основен суд во рок три дена (став 2). Ненавремените, нецелосните или недозволените приговори на нотарскиот платен налог ќе ги отфрли судијата поединец, односно претседателот на советот без одржување на рочиште (став 3).

Според член 428-в, постапката по приговор на решението за издавање на ноторски платен налог пред првостепениот суд мора да заврши во рок од шест месеци од денот на приемот на предметот во судот (став 1). Второстепениот суд е должен да донесе одлука по жалба поднесена против одлуката на првостепениот суд во рок од 30 дена (став 2).

5. Според подносителот на иницијативата, кој прави споредба на оспорените одредби од Законот за нотаријат за нотарски платен налог со одредбите на Законот за парничната постапка за судски платен налог, станувало збор за иста правна состојба за која требало да решава и да одлучува суд, а не нотар. Според подносителот, нотарот немал уставни и законски овластувања да постапува по предмети од судска надлежност, а со Законот за нотаријат, законодавецот го нарушил уставниот принцип на поделба на власта и судските надлежности определени со Устав и со закон биле пропишани во надлежност на нотарите.

Наводите во иницијативата во однос на тоа дека нотарот нема уставни овластувања да постапува по предмети од судска надлежност, а дека законодавецот со Законот за нотаријатот го нарушил уставниот принцип на поделба на власта, се неосновани поради следново:

Од цитираните уставни одредби, произлегува дека како уставна основа за воспоставување и конституирање на нотаријатот како јавна служба е Амандманот XXI и членот 50 од Уставот на Република Северна Македонија, според коишто е дадена можност за постоење на институции со јавни овластувања, кои како установи и јавни служби би ги вршеле работите и овластувањата врз основа на принципот на стручност и компетентност согласно член 58 став 2 од Уставот. Притоа, законодавецот е овластен да ги уредува одделните материи односно прашањата и односите почитувајќи го принципот на уставност, целисходност, рационалност и одговорност во работењето со респектирање на интересите на граѓаните и правните субјекти во остварувањето на нивните права и интереси, а сè со цел за нормално и ефикасно одвивање на правниот промет во државата.

Потребно е Уставот да се толкува креативно и идејата за пренесување на вршењето на јавните овластувања врз недржавни институции не само што не му е туѓа на Уставот, туку Уставот неа и ја претпочита. Со вакво толкување на Уставот може да се дојде до уставниот основ на нотаријатот како јавна служба и да се даде одговор дека вршењето на работи во вид на јавни овластувања можат да се пренесат и на служби коишто не се споменуваат во Уставот бидејќи би било ирационално во Уставот да бидат спомнати сите можни служби на кои ќе им бидат пренесени јавни овластувања.

Законските одредби за трансферот на судската надлежност во доменот на постапката за издавање на платен налог беа уредени во Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување од 2009 година, со кој нотарите добија нова изворна надлежност да донесуваат решенија со кои се дозволува извршување врз основа на веродостојна исправа и претставуваше извршна исправа. Но, со Законот за нотаријатот, со денот на почнување на неговата примена престанаа да важат тие одредби од Законот за извршување што се однесуваа на решение за дозвола за извршување и за првпат се воведе терминот нотарски платен налог и се уредува постапката за негово издавање.

Според Законот за нотаријатот, нотаријатот е самостојна, независна јавна служба во која се вршат работи од видот на јавни овластувања, правото на овие субјекти (нотарите) да вршат јавни овластувања е пренесено со закон и се регулира со закон. По пренесувањето на јавното овластување државата го задржува правото да врши надзор над законитоста на работењето на субјектите на кои им е доверено тоа овластување.

Согласно Законот за нотаријатот решението за издавање нотарски платен налог, во суштина претставува мериторна одлука со која нотарот го усвојува барањето на доверителот и истото го издава нотарот. На донесувањето на решението со кое нотарот го издава предложениот нотарски платен налог не му претходи усна расправа за претпоставките за негово издавање или за неговата основаност што нотарот тоа го утврдува од предлогот за издавање решение за нотарски платен налог поднесен од доверителот и од прилозите приложени кон предлогот, со што се скратува постапката во остварувањето на правата на доверителот.

Нотарот го издава платниот налог со решение, чијашто форма и содржина е детално уредена во членот 78 од Законот за нотаријат и таа е задолжителна. Бидејќи со решението со кое е издаден нотарскиот платен налог се усвојува барањето за паричното побарување на доверителот наведено во предлогот за донесување решение за издавање на нотарски платен налог, кое произлегува од приложената веродостојна исправа кон предлогот, износот на паричното побарување наведен во предлогот треба да биде еднаков со износот што е усвоен во решението со кое е издаден нотарскиот платен налог. Од ова недвосмислено произлегува дека првиот услов за да може нотарот да издаде решение за нотарски платен налог врз основа на веродостојна исправа е да постои парично побарување и тоа да е достасано. Вториот услов за издавање на решение за нотарски платен налог е доверителот да приложи веродостојна исправа со која се докажува достасаното парично побарување.

Решението со кое се издава нотарски платен налог треба да содржи поука за правото на приговор во рок од осум дена од денот на приемот на решението со кое е издаден нотарскиот платен налог. Право на приговор против решението со кое е издаден нотарски платен налог, како и за одлуката за трошоците (членот 72 од Законот за нотаријатот) имаат должникот и доверителот.

Имено, приговорот се поднесува до надлежниот основен суд на чиешто подрачје се наоѓа седиштето на нотарот што постапувал по предлогот, преку нотарот што го донел решението со кое е издаден нотарскиот платен налог во рок од осум дена сметано од денот на приемот на решението (член 72 став 3 од Законот за нотаријатот).

Во поглед на рокот за приговор против решението за издавање на платен налог, согласно законската регулатива постојат одредени разлики кога постапката се води пред судот или пред нотарот. Имено, според Законот за нотаријатот не е предвиден друг рок за извршување на обврската од страна на должникот и за давање приговор против решението за издавање нотарски платен налог, освен рокот од осум дена и не се прави разлика дали нотарскиот платен налог е издаден врз основа на веродостојна исправа – меница или чек, со нотарски платен налог издаден врз друга веродостојна исправа, како што прави разлика Законот за парничната постапка, во случаите кога судскиот платен налог е издаден врз основа на меница и чек се предвидува рок од три дена од денот на приемот на судскиот платен налог за исполнување на барањето на тужбата, а за другите судски платни налози издадени врз основа на други веродостојни исправи е предвиден рок за исполнување на барањето на тужбата, или давање приговор од осум дена.

Кога е поднесен приговор до судот против решението на нотарот за издавање на платен налог, судот првенствено го испитува приговорот од формален аспект, дали приговорот е навремен, целосен и дозволен, а во натамошната постапка одлучува за основаноста на приговорот против решението со кое е издаден нотарски платен налог, што всушност значи одлучување за тоа дали решението за издадениот нотарски платен налог треба да остане во сила или да се укине.

Против пресуда на судот донесена во постапка по повод приговор против решение со кое е издаден нотарски платен налог странките можат да поднесат и жалба според правилата на општата парнична постапка, што значи дека против решението на нотарот е обезбедена и второстепена судска постапка.

Имајќи ја предвид законската регулатива што се однесува на платниот налог, работата на нотарот и на судот е тесно поврзана и претставува една целина, која треба да заврши со донесување на правосилна одлука – решение за издавање на нотарски платен налог или правосилна судска одлука (во случај кога е поднесен приговор), како извршна исправа што претставува основ за да се поведе постапка за извршување и за наплата на побарувањето на доверителот.

Оттука, нотаријатот е служба на т.н превентивна правна заштита од причина што со своето дејствување, нотаријатот придонесува кон обезбедување на поголема правна сигурност, од една страна, и избегнување на спорови, од друга страна. Превентивната функција на нотарската служба во голема мера го оневозможува настанувањето на споровите, односно го олеснува нивното решавање доколку до нив сепак дојде. Имајќи го ова предвид, нотарската служба веќе во фазата на составување на нотарските исправи и дефинирањето на односите помеѓу странките го обезбедува она ниво на правна заштита коешто судовите би можеле да го дадат дури во решавање на настанатите спорови.

Од тие причини, и во парничната постапка се внесени одредби во насока на растоварување на судовите од постапување во неспорни работи, особено во воведувањето на новата изворна надлежност на нотарите – да донесуваат решение со кое се дозволува извршување врз основа на веродостојна исправа. Со воведувањето на ваквото законско решение, законодавецот всушност креирал законска основа која дозволува и други субјекти, освен судот, да постапуваат во постапки кои по содржина на правната заштита што ја обезбедуваат во суштина значат постапки за издавање платен налог.

Во оваа насока, со цел за растеретување на судовите од неспорни предмети, исто така и во Законот за вонпарничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.9/2008) во член 126 став 1 во надлежност на нотарите (сметано до 1 март 2008 година) е и водењето на оставинската постапка, како повереници на судот.

Имајќи ги предвид изнесените уставни и законски одредби, Судот смета дека согласно уставните овластувања, законодавецот ја утврдил надлежноста на судовите во поглед на издавањето на судски платен налог, а во Законот за нотаријат, законодавецот утврдил во кои случаи и во каква постапка нотарот може да донесе решение за издавање на платен налог, а сè со цел за побрза и поевтина постапка за остварување на правата и обврските на граѓаните, како и да се делува превентивно и да се поштедат граѓаните и во неспорни ситуации да водат судски постапки.

Поради тоа, Судот оцени дека со оспорените одредби од Законот за нотаријатот, нотарите не постапуваат по предмети од судска надлежност, затоа што со Законот за судовите, Законот за парничната постапка и со другите закони со кои се уредува прашањето за издавање на платниот налог, се утврдува кога постапува судот и во каква постапка, а кога нотарот. Постои разграничување во кои случаи и во каква постапка одлучува судот за донесување на платен налог, а во кои случаи и во каква постапка за ова прашање одлучува нотарот, што значи нема преклопување на надлежностите.

Воедно, согласно горенаведените уставни одредби надлежностите на судот се уредуваат со закон, како што е и постапено со Законот за судовите, Законот за парничната постапка и со други закони со кои се уредуваат одредени постапки и прашања за кои се надлежни да одлучуваат судовите, а за евентуална неусогласеност меѓу Законот за нотаријатот и другите закони со кои се уредува надлежноста и постапката пред судовите и нотарите, Уставниот суд не е надлежен да одлучува.

Од изнесените законски одредби произлегува дека постапувањето на нотарот е со цел да се избегнат споровите и парниците пред судовите, од причина што нотарската исправа е резултат на волјата на заинтересираните лица, а доколку има нешто спорно, согласно членот 72 од Законот за нотаријатот, странките имаат право на приговор против решението со кое е издаден нотарски платен налог, којшто приговор се поднесува до надлежниот суд. Тоа значи дека и за издадениот платен налог од страна на нотар е обезбедена првостепена, па и второстепена судска заштита, при што судовите и нотарите одлучуват секој во рамките на своите законски овластувања.

Поради наведеното, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од Законот за нотаријатот со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 51 и амандман XXV со кој се менува членот 98 од Уставот на Република Северна Македонија.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.

У.бр.136/2019
04.03.2020 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати