У.бр.131/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019) на седницата одржана на 12.02.2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на проф. д-р Башким Идризи од Скопје за заштита на слободите и правата што се однесуваат на забрана на дискриминација на граѓаните по основ на социјална припадност.

2. Проф. д-р Башким Идризи од Скопје до Уставниот суд поднесе барање за заштита на слободите и правата заради сторена дискриминација со Решение Ип1 бр.09-38/2016 од 18.01.2016 година на Државниот просветен инспекторат.

Во барањето се наведува дека по повод извршен редовен инспекциски надзор Државниот просветен инспекторат го донел наведеното решение со кое на Државниот универзитет Тетово во Тетово му наложил да го поништи во целост изборот на проф. д-р Башким Идризи во наставно-научно звање доцент и вонреден професор по предметот Картографија на Природно-математички факултет при ДУТ-Тетово и изборот на кандидат во наставно-научно и соработничко звање да го спроведе согласно член 125 од Законот за високото образование.

Вака донесеното решение не било доставено до Министерството за образование и до оштетеното лице, односно сега подносител на барањето. Имено, решението се однесувало на работното место и стручна кариера на подносителот, но за тоа тој не бил информиран со што спроведената постапка се косела со член 209 став 5 од Законот за општата управна постапка, како и со членовите 5 до 12 од истиот закон. Со тоа што не бил информиран и изземен од целокупната постапка тој не можел да изјави жалба со што било повредено и уставно загарантираното право на правна заштита, како и правото на еднаквост во слободите и правата. Поради наведените причини биле загрозени неговите основни човекови права и бил дискриминиран во предметот во кој се решавало за неговите права.

По повод допрен глас, а врз основа на одредбите од Законот за пристап до информации од јавен карактер со мејл од 31.05.2016 година побарал од Државниот просветен инспекторат да му се достави решението и истото му е доставено по мејл во скенирана форма на 02.06.2016 година.

Поднесената жалба до второстепената комисија била одбиена како недопуштена бидејќи била поднесена од неовластено лице. Подносителот на барањето водел и управен спор, но тужбата била отфрлена со образложение дека со спорното решение не се одлучувало за извесно право или обврска на тужителот. Вишиот Управен суд со Решение УЖ-1 бр.764/2017 од 27.12.2017 година го потврдил вака донесеното решение, со што, според подносителот на барањето, биле исполнети законските услови за поведување на иницијатива до Уставниот суд.

Во натамошниот текст на барањето се посочуваат докази во прилог на тврдењето на подносителот дека тој има соодветно образование за конкретното наставно-научно звање и се потенцира дека тој немал можност ова да го докаже бидејќи му било ускратено правото на жалба, а како немал статус на странка во постапката.

Врз основа на наведеното се бара Судот да ја уважи иницијативата, односно барањето и да го поништи спорното решение поради прекршување на основните човекови права и дискриминација.

Поднесокот е примен во Судот на 02.07.2019 година и е заведен под Р.бр.32/2019.

По повод допис од Судот, подносителот на барањето на 23.09.2019 година го допрецизира барањето на начин што наведува дека бара заштита на слободите и правата согласно член 110 став 1 алинеја 3 од Уставот, а како истиот бил дискриминиран по социјална основа како припадник на социјалната категорија-универзитетски професор.

3. Судот на седницата, утврди дека врз основа на член 31 став 2 од Законот за Просветната инспекција, Државниот просветен инспектор во Државниот просветен инспекторат донел решение Ип1 бр.09-38 од 18.01.2016 година со кое:

1. Се наредува на Државниот Универзитет Тетово во Тетово како правно лице и на одговорното лице да преземат мерки и активности за отстранување на незаконитоста и тоа:

Да се поништи во целост изборот на проф.д-р Башким Идризи во наставно-научно звање доцент и вонреден професор од наставните предмети: Картографија на Природно-математички факултет при ДУТ-Тетово;

Изборот на кандидатот во наставно-научно и соработничко звање да се спроведе согласно член 125 од Законот за високото образование.

Сето наведено во рок од 8 дена по приемот на решението.

2. За преземените мерки Универзитетот е задолжен согласно член 31 став 5 од Законот за просветна инспекција да го извести надлежниот инспектор.

3. Жалбата не го одлага извршувањето на решението.

4. Ова решение влегува во сила со денот на донесувањето.

Во образложението на решението, меѓу другото, е наведено дека по извршениот редовен инспекциски надзор е утврдено дека кандидатот проф.д-р Башким Идризи има стекнато научен степен Доктор на технички науки и согласно Класификацијата на научно-истражувачките подрачја, полиња и области според Меѓународната Фраскатиева класификација не е соодветна за да се избира во наставно-научно звање доцент и вонреден професор по наставните предмети: Теоретска картографија и Практична картографија на Природно-математичкиот факултет при ДУТ-Тетово.

Според упатството за правно средство против решението може да се изјави жалба до Државната Комисија за одлучување од втор степен во областа на инспекциски надзор и прекршочна постапка во рок од осум дена по приемот на решението.

Ова решение не му е доставено на подносителот на барањето за заштита на слободите и правата. Тој го примил по електронски пат (мејл) на 02.06.2016 година и преку пошта на 07.06.2016 година врз основа на одредбите од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Подносителот на барањето безуспешно барал заштита на своите права од Државната комисија за одлучување од втор степен во областа на инспекциски надзор и прекршочна постапка и во постапка пред Управниот суд и Вишиот управен суд.

4. Согласно член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверува-њето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политич-кото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Согласно членот 51 од Деловникот, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени во членот 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Од изнесената уставна одредба произлегува дека Уставниот суд ги штити наведените уставно утврдени слободи и права на човекот и граѓанинот, а од изнесената деловничка одредба произлегува дека заштита на слободите и правата по член 110 алинеја 3 од Уставот може да се бара во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт. За повредите сторени со дејствија рокот тече од денот на дознавањето за преземање на дејството со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Во конкретниот случај актот со кој се тврди дека е сторена повредата од страна на подносителот на барањето е примен по електронски пат (мејл) на 02.06.2016 година, односно пошта на 07.06.2016 година (датуми што ги означува и потврдува подносителот на барањето), а барањето за заштита на слободите и правата е поднесено во Судот на 02.07.2019 година. Со оглед на тоа што се бара заштита на слободите и правата по истекот на рокот од 2 месеци од доставувањето, произлегува дека има процесни пречки за постапување по барањето, поради што се исполнетите условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот, за отфрлање на барањето.

Актите донесени од: Државната комисија за одлучување од втор степен во областа на инспекциски надзор и прекршочна постапка, Управниот суд и Вишиот управен суд не се посочени како акти со кои е сторена повреда, од каде не се од влијание за формирање на поинакво правно мислење во конкретниот случај.

5. Врз основа на изнесеното, Судот со мнозинство гласови одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.

У.бр.131/2019
12.02.2020 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати