Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеи 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019), на седницата одржана на 20 февруари 2020 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за усвојување на Предлог измена и дополна на Детален урбанистички план за У.Е.„Центар–А“ Блок 9, КО Гостивар 2 – Општина Гостивар, со површина на опфатот од 21.770 ха, за плански период 2017-2022, бр.08-241/1 од 24.01.2019 година, донесена од Советот на Општина Гостивар („Службен гласник на Општина Гостивар“ бр.1/2019).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата во делот што се однесува на барањето за меѓусебна согласност на оспорената одлука со Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање и во деловите што се однесуваат на барање согласност на оспорената одлука со член 4 став 2 алинеја 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање и со член 35 став 1 алинеја 2 од Законот за железници („Службен весник на Република Македонија“ бр. 64/2005 и 24/2007).
3. Пајазит Абази и Зулфиќар Абази, двајцата од Гостивар, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.
Според подносителите на иницијативата, оспорената одлука не била во согласност со Уставот на Република Северна Македонија, со Законот за просторно и урбанистичко планирање, Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, Законот за животна средина, Законот за културното наследство и Законот за железници.
Во образложението на иницијативата се наведува дека подносителите на иницијативата се сопственици на катастарските парцели КП.бр.7829/1 и КП.бр.7829/2 за КО.Гостивар кои се наоѓаат во планскиот опфат на актот чијашто уставност и законитост се оспорува од следните причини:
1) Непочитување на границата на сопственост на катастарските парцели, согласно член 22 став 7 од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 142/2015, 217/2015, 222/2015, 228/2015, 35/2-16, 99/2016 и 134/2016).
Просторот кој бил во нивна сопственост пред усвојувањето на оспорената одлука со донесувањето на Генералниот урбанистички план бил изменет од намена Г-индустрија во намена А2-колективно домување, по кој Генерален урбанистички план, од повисоко ниво, за прв пат се изработувал Детален урбанистички план. Нивните катастарски парцели своите граници ги имале уште од претходниот Генерален план, што значело дека тие граници би требало да имаат предност како постоечки граници и меѓи и да се почитуваат при донесувањето на новиот ДУП, во споредба со новите парцели коишто се формирале за првпат со овој план, каде што ја немало обврската за почитување на поранешните меѓи. Од таа причина со оспорениот план била направена грешка при парцелацијата во нивната градежна парцела бидејќи не била испочитувана поделбата на градежната парцела согласно катастарската поделба. Со ова групирање на катастарските парцели од повеќе сопственици во една градежна парцела им се скратувала можноста да поднесат барање за одобрение за градба како единствени носители на правото за градба, бидејќи на тој начин тие требало да се усогласат со соседите за да поднесат заедничко барање за одобрение за градба, па потоа да водат постапка за физичка делба за да може новиот изграден објект да го запишат во катастарот на недвижности само во нивна сопственост, која процедура им одземала и време и финансии.
2) Непочитување на основните начела во процесот на планирање и уредување на просторот, согласно член 4 став 2 алинеја 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.99/2014, 44/2015, 193/2015, 31/2016, 163/2016 и 64/2018).
Во ДУП-от при планирање на површините за градба не бил планиран рамномерен просторен развој, бидејќи на сите градежни парцели не им бил даден ист развој. Конкретно, во нивната парцела ГП.бр.А.9.247 максималната висина на објектот била Н=16.6м со спратност П+4+Пк, која била значително помала од соседните објекти ГП.бр.А9.250 со висина Н=19.60м со спратност П+5+Пк кои исто така биле со намена А2; со ГП.бр.А.9.246 со висина Н=21.60 со спратност П+5+Пк и др. Ова можело да се види и во нумеричките показатели во големата разлика во процентот на изграденост (од 29-70% за намената А2) и коефициентот на искористеност помеѓу градежните парцели.
3) Непочитување на максимално дозволените вредности на процентот на изграденост, коефициентот на искористеност на земјиштето и дозволената максимална висина за класите на намени, согласно член 49 став 1 и член 53 став 1 алинеја 3 од претходно цитираниот Правилник за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање.
Конкретно, во нивната градежна парцела ГП.бр.А.9.247 не било постапено по овој член:„А2 домување во станбени згради (Р) до 70% (Н) мин.(П+3+Пк) за градежни парцели помали од 500м2“, туку напротив парцелата била здружена со други катастарски парцели за да се задоволи површина над 500м2 и да се зголеми коефициентот на искористеност со тоа што на објектот му се давало можност за развој во висина, а од друга страна се намалувала површината за градба во основа со процент на изграденост 47% и дополнително им се скратувало правото за тие да можат да градат како единствени носители на правото за градба. Со овој начин на планирање во тие парцели му било овозможено на планерот да ги зголеми површините на соседните парцели кон нивната парцела и да обезбеди растојание од 1/3 за да ја зголеми нивната висина. Истовремено во ниво на блок во голема мера бил зголемен процентот на изграденост, со предвидување на тие големи површини за градба со намена А2. Со надминување на процентот и коефициентот се доведувало и до надминување на густината на жители по м2 што било видно од билансните показатели дека се надминати параметрите од ГУП-от.
4) Планирање на многу мал процент на парковско зеленило Д1 во ниво на блок, согласно член 8 став 1 алинеи 3 и10, член 43 и член 51 од Уставот и член 81 став 1 и став 3 од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање.
Видно од параметрите на ниво на блок предвидениот процент од 0.56% за парковско зеленило бил премногу мал имајќи во вид дека се работело за план каде што се предвидуваат значителен број на објекти со намена колективно домување А2 на локацијата која со претходниот ГУП била со намена индустрија Г. Земајќи во предвид дека значително се зголемувала густината на жители по метар квадратен, парковско зеленило би требало да има многу поголем процент за да се задоволи хуманото живеење на жителите кои ќе живеат во тој блок. Од тој аспект биле нарушени во голема мера условите за еколошки чиста средина земајќи ги во предвид и големиот број на паркинг места што ќе се изграделе во подземните нивоа под таа голема површина предвидена за градба на колективно домување со висина П+5+Пк. Од таа гледна точка нарушени биле и условите за градба и од геомеханички аспект на носивост на почва, земајќи ја во предвид и близината на реката Вардар.
5) Непочитување на растојанието помеѓу површините за градба и мешање на типови на градба, согласно член 40 став 2 алинеи 1, 2, 3 и 4 од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање.
Во голем дел од парцелите со намена А2 не било постапувано по наведениот член од Правилникот и не била почитувана одредбата со 1/3 растојание до границата на градежната парцела со соседните парцели. Ова отстапување доведувало до зголемување на површините за градба и нарушувања на сите параметри. Колективните згради со големи фронтови и висини од 21.60м. доближени на 3м растојание до границата на градежната парцела (ГГП) овозможувале да се формираат големи коридори меѓу парцелите со големо осенчување на долните спратови. Со таков начин на планирање на површините во голема мера се нарушувал квалитетот на живеење на жителите кои се предвидува да живеат во таа голема густина на градби без зеленило, без растојанија меѓу објектите и со големо струење на воздухот и осенчување на долните спратови.
6) Непочитување на условите при планирањето на контактната зона за објектот што бил означен како објект од значајно културно наследство, согласно член 69 ставови 69, 70 и 72 од Законот за заштита на културното наследство („Службен весник на Република Македонија“ бр. 20/2004, 115/2007, 18/2011, 148/2011, 23/2013, 137/2013, 164/2013, 38/2014, 44/2014, 199/2014, 104/2015, 154/2015, 192/2015, 39/2016 и 11/2018).
Објектот на ГП бр. А.913 со намена верски објект-црква бил означен како објект под значајно културно наследство. Парцелите кои граничат со градежната парцела не биле означени како парцели во контактна зона со објект со посебен режим на заштита.
7) Непочитување на растојанието на заштитниот појас покрај железничката пруга Скопје-Гостивар-Кичево, согласно член 35 став 1 алинеја 2 од Законот за железници („Службен весник на Република Македонија“ бр. 64/2005 и 24/2007).
Во сите парцели коишто гравитираат кон железничката пруга не било испочитувано растојанието од градежна парцела до оската на крајниот колосек на пругата и тоа од пропишаните минимални 25м.(пр. ГП бр.А.9.281; А.9.235, А.9.259 и др.).
8) Неспроведување на стратегиска оцена за влијание врз животната средина, согласно член 8 став 1 алинеи 3 и 10, член 43 и член 51 од Уставот, член 8 од Законот за просторно и урбанистичко планирање и член 65 од Законот за животна средина („Службен весник на Република Македонија“ бр. 53/2005, 81/2995, 24/2007, 159/2008, 83/2009, 47/2010 и 124/2010).
Согласно наведените законски одредби Општина Гостивар при постапката за донесување на ДУП од аспект на животна средина, градоначалникот носел одлука за спроведување или за неспроведување на постапка за стратегиска оцена на влијанието врз животната средина и тоа во зависност од намените во блокот којшто се изменува и во зависност од постапката на студијата или стратегиската оцена што се водела во постапката за донесување на ГУП. За донесената одлука било за спроведување или за неспроведување на постапка, општината требало да добие и позитивна согласност од надлежниот орган при Министерството за животна средина. По добиената согласност одлуката се објавувала на веб-страната на општината 30 дена со цел да се информираат граѓаните по кое имаат и право на жалба, а согласно член 65 став 11 од Законот за животна средина. Доколку не е оспорена, оваа одлука станувала составен дел и била еден од значајните акти во постапката за донесување на Детален урбанистички план, чија уставност и законитост ја испитувал Уставниот суд.
Од сите претходно наведени значителни забелешки, со иницијативата се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука и истата да ја поништи.
Исто така, се предлага, врз основа на член 27 од Деловникот на Уставниот суд, Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија преземени врз основа на оспорената одлука.
4. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 22 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија“ бр. 05/2002) и во врска со член 39 став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 199/2014, 44/2015, 193/2015, 31/2016,163/2016, 64/2018, 168/2018), градоначалникот на Општината му предлага на Советот на Општина Гостивар на 11-та седница одржана на 24.01.2019 г. да донесе Одлука за усвојување на Предлог измена и дополна на ДУП за У.Е. Центар – А, Блок 9, КО Гостивар 2 – Општина Гостивар, со површина на опфатот од 21.770 Ха, за плански период 2017-2022
Според членот 1, со оваа одлука да се усвојува Предлог измена и дополна на ДУП за У.Е. Центар – А, Блок 9, КО Гостивар 2-Општина Гостивар, со површина на опфатот од 21.770 Ха, за плански период 2017-2022., што ги опфаќа овие граници:
Од северна страна по Бул. “ Гоце Делчев“ и по граница со Блок 8,
Од јужна страна по ново проектирана улица “ 25 “ по ГУП на град Гостивар,
Од источна страна со железничката пруга Скопје – Кичево, и
Од западна страна по ул. “Беличица“.
Според членот 2 од Одлуката, ДУП се прикажува во текстуалниот и графичкиот приказ што претставува составен дел на оваа одлука.
Според членот 3, овaa одлука стапува во сила со денот на донесување, а ќе се објави во “Службен гласник на Општина Гостивар”.
Одлуката е заверена под бр. 08-241/1 од 24.01.2019 година и е објавена во „Службен гласник на Општина Гостивар“ бр.1/2019 од 24.01.2019 година.
5. Согласно член 8 став 1 алинеи 3 и 10 од Уставот, владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и природата, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Согласно членот 43 од Уставот, секој човек има право на здрава животна средина (став 1). Секој е должен да ја унапредува и штити животната средина и природата (став 2). Републиката обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина (став 3).
Според членот 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Со Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 199/2014, 44/2015, 193/2015, 31/2016, 163/2016, 64/2018 и 168/2018) се уредуваат условите и системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите на планска документација и постапката за изработување и донесување на истата како и други прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање.(член 1)
Според членот 3 од овој закон, изработувањето, донесувањето и спроведувањето на Просторниот план на Република Македонија, урбанистичките планови, регулацискиот план на генерален урбанистички план, урбанистичко планската документација и урбанистичко-проектната документација се работи од јавен интерес
Согласно член 7 став 1 од Законот, во зависност од просторот кој е предмет на планирањето се донесуваат следниве планови:
1) Просторен план на Република Македонија и
2) урбанистички планови:
– генерален урбанистички план;
– детален урбанистички план;
– урбанистички план за село и
– урбанистички план за вон населено место.
Постапката за изработување и донесување на урбанистички планови и урбанистичко-плански документации е пропишана во главата VI од Законот (членови 24 – 39).
Според член 24 став 1 од Законот, постапката за изработување и донесување на урбанистички планови, регулациски планови на генерални урбанистички планови, урбанистичко-плански документации и урбанистичко-проектни документации се спроведува во електронска форма преку информациски систем е-урбанизам.
Според член 26 став 1 од Законот, урбанистичките планови од член 7 став (1) точка 2 на овој закон, регулациските планови на генерален урбанистички план и урбанистичкопланските документации од член 7 став (2) на овој закон се изработуваат врз основа на планска програма со која се утврдува границата и содржината на планскиот опфат и истата се состои од текстуален и графички дел.
Согласно ставот 2 на истиот член, планската програма се изработува од страна на комисијата за урбанизам на органот надлежен за донесување на урбанистичкиот план односно за одобрување на урбанистичко-планската документација или од страна на правно лице со лиценца за изработување на урбанистички планови, а истата ја одобрува градоначалникот на општината, градоначалникот на општината на градот Скопје односно градоначалникот на градот Скопје.
Со членот 28 од Законот се уредува прашањето за стратегиска оцена за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето, и тоа:
„(1)Стратегиска оцена за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето се спроведува при донесување на генерален урбанистички план, урбанистички план за село, урбанистички план за вон населено место, локална и државна урбанистичко-планска документација, а при донесување на детален урбанистички план само доколку не била спроведена стратегиска оцена за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето при донесувањето на генералниот урбанистички план врз основа на кој е изработен предметниот детален урбанистички план.
(2)Донесувачот на урбанистичките планови и урбанистичко-планската документација од став (1) на овој член е должен по донесување на годишната програма од член 20 став (1) на овој закон, да донесе одлука за спроведување или одлука за неспроведување на стратегиска оцена за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето, во која се образложени причините за спроведувањето односно неспроведувањето на оценката, на начин и постапка пропишани со Законот за животната средина.
(3)Доколку органот на државна управа надлежен за вршење на работите од областа на животната средина, во рок од осум дена од приемот на одлуката со која е одлучено да не се спроведува стратегиска оценка за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето, формуларите и другите придружни документи утврдени со Законот за животната средина, не донесе решение со кое го задолжува донесувачот на урбанистичкиот план односно урбанистичкопланската документација да спроведе стратегиска оценка за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето, не се спроведува стратегиска оценка.“
Според член 29 став 2 од Законот, деталниот урбанистички план, урбанистичкиот план за село и урбанистичкиот план за вон населено место се изработуваат во една фаза, како предлог на план.
Согласно членот 31 од Законот, нацртот на генералниот урбанистички план, предлогот на деталниот урбанистички план, предлогот на урбанистичкиот план за село и предлогот на урбанистичкиот план за вон населено место го изработува изработувачот на урбанистичкиот план, во согласност со одобрената планска програма од член 26 на овој закон.
Според член 32 став 1 од Законот, субјектите кои ги вршат работите од областа на заштита на животната средина, заштита на културното наследство, заштитата и спасувањето, здравствената заштита, социјалната заштита, образованието, земјоделието, водостопанството, транспортот и врските, воздухопловството, безбедноста, јавните патишта, како и субјектите надлежни за изградба и одржување на сообраќајна, водоводна, канализациона, електроенергетска, телекомуникациска, топловодна и гасоводна инфраструктура, должни се да ги достават сите податоци и информации со кои располагаат до изработувачот на просторниот план, урбанистичкиот план, урбанистичко-планската документација и урбанистичко-проектна документација.
Според членот 33 од истиот закон, по изготвување на нацртот на генералниот урбанистички план, односно предлогот на деталниот урбанистички план, предлогот на урбанистичкиот план за село и предлогот на урбанистичкиот план за вон населено место, надлежната комисија за урбанизам од членот 23 на овој закон, должна е во електронска форма преку информацискиот систем е-урбанизам, да даде стручно мислење за согледување на степенот на усогласеноста на нацртот на генералниот урбанистички план односно на предлогот на детален урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план за вон населено место, со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на истиот. (став 1). Надлежната комисија од членот 23 на овој закон е должна мислењето од став (1) на овој член да го даде во рок од 15 работни дена од денот на доставување на нацртот на генералниот урбанистички план односно во рок од осум работни дена од денот на доставување на предлогот на детален урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план за вон населено место, од страна на изработувачот на урбанистичкиот план, а во спротивно ќе се смета дека е издадено позитивно мислење (став 2). Изработувачот на урбанистичкиот план, должен е да постапи по стручното мислење од став (1) на овој член и да го достави нацртот односно предлогот на планот до донесувачот на урбанистичкиот план (став 3).
Согласно членот 35 од Законот:
(1) Јавна презентација и јавна анкета се спроведува на предлог на детален урбанистички план, на предлог на урбанистички план за село и на предлог на урбанистички план за вон населено место, по добивање на стручно мислење на предлогот на план согласно член 33 на овој закон (став 1).
(2) Општината односно општината во градот Скопје започнува постапка за спроведување на јавна презентација и јавна анкета за предлогот на деталниот урбанистички план, предлогот на урбанистичкиот план за село и предлогот на урбанистички план за вон населено место, најдоцна во рок од пет работни дена по приемот на предлогот на урбанистичкиот план за кој е дадено стручно мислење согласно член 33 на овој закон.
(3) За одржувањето на јавна презентација и јавна анкета се известуваат субјектите од членот 32 став (1) на овој закон, во електронска форма преку информациски систем е-урбанизам, а се објавува и соопштение во информациски систем е-урбанизам, како и во две јавни гласила, најмалку три работни дена пред започнувањето на јавната анкета, во кое задолжително се наведува називот на планот, времето и местото на одржување на јавната анкета, времето и местото на одржување на јавната презентација, местоположбата и површината на опфатот на планот, како и имињата на улиците кои се во рамки на опфатот на планот.
(4) Учество во јавната презентација и јавната анкета можат да земат субјектите од членот 32 став (1) на овој закон, како и заинтересирани правни и физички лица од подрачјето опфатено со планот.
(5) Јавната анкета од ставот (1) на овој член истовремено се спроведува и во електронска и во писмена форма.
(6) Јавната анкета во електронска форма се спроведува преку информацискиот систем е-урбанизам, а јавната анкета во писмена форма се спроведува со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во општината или во просториите на општината.
(7) Јавната презентација е стручно презентирање на планот кое се организира во рамките на јавната анкета и трае еден работен ден.
(8) Јавната анкета за предлог на детален урбанистички план трае најмалку десет работни дена, а за предлог на урбанистички план за село и предлог на урбанистички план за вон населено место, најмалку пет работни дена, во кој рок субјектите од членот 32 став (1) на овој закон како и сите заинтересирани физички и правни лица можат на анкетни листови да достават забелешки и предлози по предлогот на планот, во електронска форма преку информацискиот систем е-урбанизам или во писмена форма.
(9) Доколку во роковите утврдени во став (8) на овој член субјектите од членот 32 став (1) на овој закон и другите учесници, не достават забелешки и предлози, ќе се смета дека немаат забелешки и предлози на планското решение.
(10) За спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за урбанистичкиот план, од страна на стручна комисија формирана од градоначалникот на општината односно општината на градот Скопје, која е составена од три члена и тоа претставник на изработувачот на планот, вработено лице во општинската администрација надлежно за урбанистичко планирање и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање.
(11) Извештајот од ставот (10) на овој член се изработува најдоцна во рок од пет работни дена од денот на завршување на јавната анкета и истиот е составен дел на предлогот на планот, а се прикачува и во електронска форма во информацискиот систем е-урбанизам.
(12) Врз основа на извештајот, комисијата од ставот (10) на овој член е должна, во рок од пет работни дена од изготвувањето на извештајот да го извести секој субјект од член 32 став (1) на овој закон и секое физичко и правно лице кои поднеле анкетен лист, со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози, при што лицата кои поднеле анкетен лист во електронска форма се известуваат електронски преку информациски систем е-урбанизам, а лицата кои поднеле анкетен лист во хартиена форма се известуваат писмено.
(13) Доколку комисијата од став (10) на овој член оцени дека предлогот на планот со прифатените забелешки од јавната анкета претрпел значајни промени (промена на границата на урбанистичкиот опфат, промена на регулациона линија и промена на намената на земјиштето), повторно се спроведува јавна презентација и јавна анкета. Повторената јавна анкета и јавна презенатција трае најмалку пет работни дена.
(14) Изработувачот на планот изработува конечен предлог на урбанистичкиот план, најдоцна во рок од 10 работни дена од изготвувањето на извештајот од став (10) на овој член и истиот го доставува до донесувачот на урбанистичкиот план.
Според членот 36 од Законот:
(1) Донесувачот на урбанистичкиот план е должен веднаш по приемот на конечен предлог на детален урбанистички план, конечен предлог на урбанистички план за село и конечен предлог на урбанистички план за вон населено место, преку информацискиот систем е-урбанизам во електронска форма, да достави барање за мислење до органот надлежен за заштита на културното наследство, органот надлежен за заштита на животната средина, органот надлежен за здравствената заштита, органот надлежен за социјалната заштита, органот надлежен за образованието, Агенцијата за катастар за недвижности, а општините во Градот Скопје и до градот Скопје.
(2) До органот надлежен за заштита на културното наследство и до органот за заштита на животната средина, се доставува барање за мислење согласно став (1) на овој член, само доколку истите доставиле забелешки и предлози на урбанистичкиот план во текот на јавната анкета, а до органот надлежен за здравствената заштита доколку во планскиот опфат има градби со намена здравствена заштита, до органот надлежен за социјалната заштита доколку во планскиот опфат има градби со намена социјална заштита и до органот надлежен за образованието доколку во планскиот опфат има градби со намена образование и наука и градби со намена групно домување во функција на образование.
(3) Органот надлежен за заштита на културното наследство и органот за заштита на животната средина се должни да дадат мислење дали е постапено по нивните забелешки и предлози дадени во текот на јавната анкета, органите надлежни за здравствената заштита, социјалната заштита и образованието се должни да дадат мислење дали се почитувани стандардите и нормативите за градбите со намена здравствена заштита, односно социјална заштита односно образование и наука, Агенцијата за катастар на недвижности е должна да даде мислење за утврдената состојба по извршеното споредување на податоците од урбанистичкиот план со податоците од катастарскиот план, а Градот Скопје дали предлогот на детален урбанистички план на општините во Градот Скопје е во согласност со генералниот урбанистички план и дали се почитувани одредбите за примарната сообраќајна мрежа на генералниот урбанистички план на Градот Скопје.
(4) Субјектите од став (3) на овој член се должни во рок од пет работни дена од приемот на барањето од став (1) на овој член, во електронска форма преку информацискиот систем е-урбанизам да дадат мислење, а во спротивно ќе се смета дека немаат забелешки и дека е дадено позитивно мислење, при што евентуалните идни штети настанати поради непостапувањето, ќе бидат на товар на органот кој не постапил по барањето.
(5) Доколку во постапката за донесување на урбанистичкиот план се спроведени две јавни анкети, конечниот предлог на урбанистичкиот план се доставува и до надлежната комисија за урбанизам од член 23 на овој закон која е должна да достави стручно мислење за согледување на степенот на усогласеноста на конечниот предлог на урбанистичкиот план, со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на истиот, во рокот утврден во став (4) на овој член, а во спротивно ќе се смета дека нема забелешки и дека е дадено позитивно мислење.
Според член 37 став 1 од Законот, на нацртот на Просторен план, на конечниот предлог на урбанистичките планови од членот 7 став (1) точка 2 на овој закон, на урбанистичко-планската документација од член 7 став (2) на овој закон како и на проектот за инфраструктура, се врши стручна ревизија со која се утврдува дали истите се изработени во согласност со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон. Според ставот 6 на истиот член, за извршената стручна ревизија, се изготвува извештај за стручна ревизија на урбанистичкиот план, урбанистичко-планската документација и проектот за инфраструктура, во кој се констатира дали истите се изработени во согласност со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на истиот или имаат недостатоци кои треба да се отстранат.
Според член 38 став 1 од Законот, на плановите од член 7 став (1) точка 2 на овој закон изработени во форма на предлог план и за кои е изготвен позитивен извештај за стручна ревизија согласно член 37 на овој закон, согласност дава органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот, со која се потврдува дека истите се изработени во согласност со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон. Според ставот 2 на истиот член, надлежниот орган од став (1) на овој член е должен во рок од 10 работни дена од денот на поднесувањето на барањето за добивање на согласност од страна на донесувачот на планот, да издаде согласност или да достави известување за констатирани недостатоци на урбанистичкиот план до донесувачот на урбанистичкиот план, во електронска форма преку информацискиот систем е-урбанизам, а во спротивно ќе се смета дека согласноста е издадена.
Со членот 39 од Законот се пропишува постапката за донесување на урбанистичкиот план. Според ставот 1 на овој член, градоначалникот на општината, општината во Градот Скопје и Градот Скопје е должен најдоцна три работни дена по добивање на согласноста од член 38 став (2) на овој закон, а доколку не е издадена согласност и не е доставено известување за констатирани недостатоци на урбанистичкиот план, по истекот на рокот за издавање на согласност утврден во член 38 став (2) на овој закон, да го достави предлогот на планот во електронска форма преку информацискиот систем е-урбанизам, до Советот на општината, општината во Градот Скопје и Градот Скопје а претседателот на Советот е должен предлогот на планот да го стави на првата наредна седница на Советот, а Советот е должен да одлучи по истиот на истата седница.
Според ставот 9 на истиот член, урбанистичкиот план се смета дека е донесен доколку за одлуката за донесување на урбанистичкиот план гласале најмалку 1/3 од вкупниот број членови на Советот на општината, општината во градот Скопје односно градот Скопје, а притоа нивниот број не е помал од бројот на членовите на Советот на општината, општината во градот Скопје односно градот Скопје кои гласале против одлуката за донесување на урбанистичкиот план.
6. Врз основа на доставената документација за донесување на оспорената одлука за усвојување на Предлог измена и дополна на Детален урбанистички план за У.Е.„Центар–А“ Блок 9, КО Гостивар 2 – Општина Гостивар, Судот ја утврди следната фактичка состојба:
Советот на Општина Гостивар, на седницата одржана на 9 февруари 2017 година, има донесено Годишна програма за изработка, измена и дополна како и донесување на урбанистички планови во Општина Гостивар во 2017 година, бр.08-342/1 од 09.02.2017 година.
Градоначалникот на Општина Гостивар, врз основа на член 26 став 6 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 199/2014, 44/2015, 193/2015, 31/2016 и 163/2016), издава Решение бр.23-1665/7 од 03.04.2017 година, со кое се одобрува Планска програма со техн. број У-06/17 од март 2017 година за изработка на измена и дополна на ДУП за У.Е. Центар-А, Блок 9, КО Гостивар 2-Општина Гостивар, со површина на плански опфат од 21.770 ха.
Градоначалникот на Општина Гостивар, врз основа на член 35 став 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, има донесено Одлука бр.23-1665/12 од 03.10.2017 година, за организирање на јавна презентација и јавна анкета по Предлог измена и дополна на ДУП за У.Е. Центар-А, Блок 9, КО Гостивар 2-Општина Гостивар. Според член 3 од Одлуката, јавната презентација ќе се одржи на 09.10.2017 година во 12.00 часот, а јавната анкета ќе трае 11 работни дена од 10.10.2017 год. до 25.10.2017 година, секој работен ден од 08.00-16.00 часот.
Извештај од јавната презентација и јавната анкета е заведен под бр. 23-1665/32 од 11.12.2017 година.
Со Заклучок бр.23-1665/53 од 08.06.2018 година, од страна на Комисијата за спроведување на јавна презентација и јавна анкета е констатирано дека по неиздавањето на согласност за конечниот Предлог измена и дополна на ДУП и враќањето на документацијата од страна на Министерството за транспорт и врски е утврдено дека е направена грешка при водењето на постапката во одредувањето на датумот за одржување на јавната презентација што е спротивно на Законот за просторно и урбанистичко планирање како и Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, поради што е потребно Предлогот за измена и дополна на ДУП да се истакне на повторна јавна анкета.
Со Одлука на градоначалникот на Општина Гостивар, бр.23-1665/55 од 08.06.2018 година, определено е по Предлог измена и дополна на ДУП да се организира јавна презентација на ден 18.06.2018 година во 12.00 часот, а јавна анкета во траење од пет работни дена од 18.06.2018 година до 22.06.2018 година од 08.00-16.00 часот.
За спроведените јавна презентација и јавна анкета изготвен е Извештај бр. 23-1665/61 од 06.12.2018 година.
За извршената стручна ревизија на Детален урбанистички план за У.Е.„Центар-А“ Блок 9. КО.Гостивар 2 Општина Гостивар, изготвен е Извештај, тех.бр.Р.У. 02/18 Штип, од декември 2018 година, со Заклучок на комисијата за стручна ревизија дека може да се продолжи постапката за донесување на истиот, согласно законската регулатива.
Градоначалникот на Општина Гостивар, врз основа на член 65 став 6 од Законот за животна средина („Службен весник на Република Македонија“ бр. 53/2005, 81/2995, 24/2007, 159/2008, 83/2009, 47/2010 и 124/2010, 51/2011, 123/2012, 93/2013, 187/2013, 42/2014, 44/2015, 129/2015, 192/2015 и 39/2016), има донесено Одлука за неспроведување на стратегиска оцена на влијанието врз животната средина за планскиот документ измена и дополна на ДУП за У.Е.„Центар-А“ Блок 9. КО.Гостивар 2 Општина Гостивар, заведена под број 20-1480/1 од 05.09.2018 година. Одлуката е објавена на веб-страната на Општина Гостивар на 17.09.2018 година. Министерството за животна средина и просторно планирање, со свој акт УП1-15-1269/2018 од 24.09.2018 година известува дека наведената одлука се прифаќа.
Министерството за култура – Управа за заштита на културно наследство, во врска со доставениот Предлог измена и дополна на ДУП за У.Е.„Центар-А“ Блок 9. КО.Гостивар 2 Општина Гостивар, има доставено Мислење бр.17-1357/6 од 21.12.2017 година во кое се укажува дека Управата смета дека одредбите од Заштитно-конзерваторските основи се вградени во планот.
Дирекцијата за заштита и спасување – ПО Гостивар, има дадено свое мислење бр.09-276/2 од 22.12.2017 година, според кое констатирано е дека мерките за заштита и спасување се во состав на документацијата на Предлог измена и дополна на ДУП за У.Е.„Центар-А“ Блок 9. Општина Гостивар и истите се соодветно вградени, за што Дирекцијата за заштита и спасување дава позитивно мислење.
Јавното претпријатие Македонски железници инфраструктура – Скопје, со свој акт бр.2001-5891/1 од 11.12.2017 година информира дека заштитниот пружен појас на железничката пруга Скопје-Гостивар-Кичево прикажан во Нацрт ДУП-от е во рамките на Законот за железнички систем („Службен весник на Република Македонија“ бр.48/2010), член 39 став 3 и член 59 став 4, поради што се дава позитивно мислење за нацрт ДУП за блок 9 Урбана единица А Општина Гостивар.
Македонски Телеком АД Скопје, со свој акт 489053/1 од 31.07.2018 година дава позитивно мислење на ДУП за У.Е.„Центар-А“ Блок 9. Општина Гостивар, со констатација дека во тој ДУП се внесени постоечките и планирани ТК инсталации на Македонски Телеком АД Скопје.
Јавното претпријатие „Комуналец“ Гостивар, со свој акт бр.03-142/2 од 25.12.2017 година, известува дека по разгледување на приложената документација за планското решение за водоводна, фекална и атмосферска канализациона инфраструктура за ДУП за У.Е.„Центар-А“ Блок 9. Општина Гостивар, за истата дава позитивно мислење.
ЕВН Електродистрибуција ДООЕЛ Скопје, КЕЦ Гостивар, со свој акт бр.14-14/2 од 02.07.2017 година, дава позитивно мислење за Измена и дополна на ДУП за У.Е.„Центар-А“ Блок 9. Општина Гостивар, со напомена при евентуална дислокација инвеститорот да ги плати/подмири вкупните трошоци за дислокација на предметната трафостаница по пресметка изготвена од надлежниот Корисничко енергетски центар на ЕВН Електродистрибуција ДООЕЛ.
Агенцијата за катастар на недвижности, со свој акт бр.0928-3928/7 од 04.12.2018 година, по извршениот увид на доставената документација и електронскиот запис со кој се потврдува дека урбанистичкиот проект го исполнува квалитетот од тематски и тополошки аспект, известува дека се исполнети условите за издавање на позитивно мислење.
МЕПСО Скопје со свој акт бр.02-2322/1 од 28.04.2017 година, во врска со барањето на податоци за изработка на Измена и дополна на ДУП за У.Е.„Центар-А“ Блок 9. Општина Гостивар, известува дека нивни постојни и планирани 110 kV и 400 kV објекти не се вкрстуваат со наведениот ДУП.
Јавното претпријатие Македонски железници инфраструктура – Скопје, со свој акт бр.2001-2586/1 од 04.07.2018 година доставува известување за предвидениот заштитен појас на постојната железничка пруга Скопје-Гостивар-Кичево на Предлог измена и дополна на ДУП за У.Е.„Центар-А“ Блок 9. Општина Гостивар, дека е во рамките на Законот за железнички систем („Службен весник на Република Македонија“ бр.48/2010), член 39 став 3 и член 59 став 4, поради што се дава позитивно мислење за Предлог ДУП за блок 9 Урбана единица А Општина Гостивар.
Министерството за здравство по однос на барањето мислење за Измена и дополна на ДУП за У.Е.„Центар-А“ Блок 9. Општина Гостивар, со свој акт бр.15-160/2 од 15.01.2018 година, известува дека нема забелешки по однос на доставеното барање.
Министерството за труд и социјална политика, во врска со барањето мислење во врска со изработка на ДУП за У.Е.„Центар-А“ Блок 9. Општина Гостивар, со свој акт бр.03-8878/2 од 06.12.2017 година, известува дека нема забелешки на предложените локации и дава позитивно мислење за добивање согласност за Предлог-планот.
Министерството за транспорт и врски, со свој акт бр.24-12530/2 од 27.12.2018 година, врз основа на членот 38 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.99/2014, 44/2015, 193/2015, 31/2016, 163/2016 и 64/2018), дава согласност на конечен предлог Детален урбанистички план за У.Е.„Центар-А“ Блок 9. Општина Гостивар, со плански период (2017-2022), со плански опфат (21.770 ха), изработен од „УРБАН ГИС“ ДОО Куманово, со тех.бр.У-06/17 од ноември 2018 година.
Одлуката за усвојување на Предлог измена и дополна на Детален урбанистички план за У.Е.„Центар–А“ Блок 9, КО Гостивар 2 – Општина Гостивар, со површина на опфатот од 21.7700 Ха, за плански период 2017-2022, бр.08-241/1 од 24.01.2019 година, е донесена од Советот на Општина Гостивар („Службен гласник на Општина Гостивар“ бр.1/2019).
7. Од анализата на наведените уставни и законски одредби произлегува дека владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата се темелни вредности на уставниот поредок на Републиката, во која смисла законодавецот со Законот за просторно и урбанистичко планирање пропишал прецизна регулатива во врска со планирањето на просторот, точно определувајќи ги плановите за просторно и урбанистичко планирање, нивната содржина и постапката за нивно донесување.
Од доставената документација за донесување на оспорениот ДУП и утврдената фактичка состојба, претходно изнесена, произлегува дека Општина Гостивар, при донесување на Одлуката за усвојување на Предлог
измена и дополна на Детален урбанистички план за У.Е.„Центар–А“ Блок 9, КО Гостивар 2 – Општина Гостивар, ги спровела законски пропишаните фази за донесување на детален урбанистички план.
(1) Во однос на наводите во иницијативата со кои се упатува на несогласност на оспорената одлука со одредби од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, сметаме дека треба да се има предвид следното:
Уставниот суд, согласно надлежностите утврдени во член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот, одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето или ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање е подзаконски акт, исто како и оспорената одлука, па постапувањето на Судот по барањето во иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука, од аспект на несогласност со одредби од Правилникот, во суштина би значело Судот да одлучува за меѓусебна согласност на акти/прописи од ист правен ранг – подзаконски акти за коишто, согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд не е надлежен.
Поради тоа Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата во тој дел.
(2) Во однос на наводите во иницијативата дека со оспорениот ДУП се вршело непочитување на основните начела во процесот на планирање и уредување на просторот, согласно член 4 став 2 алинеја 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, којшто предвидувал рамномерен просторен развој, како начело во процесот на планирање, а во оспорениот ДУП при планирањето на површините за градба не бил планиран рамномерен просторен развој бидејќи на сите градежни парцели не им бил даден ист развој (иста максимална висина на објектот, односно иста катност), Судот го имаше предвид следното:
Прашањето дали во ДУП-от при планирање на површините за градба била планирана иста катност на сите градежни парцели, за Судот е ирелевантно, од причина што тоа се однесува на содржината и стручно-технички прашања поврзани со деталниот урбанистички план, што е во надлежност на доносителот на планот и надлежните органи коишто даваат согласност на истиот, а Уставниот суд има надлежност да ја цени само постапката за донесување на урбанистичкиот план, а не и неговата содржина.
Поради тоа Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата во овој дел.
(3) Во однос на наводите во иницијативата за непочитување на условите при планирањето на контактната зона за објектот што бил означен како објект од значајно културно наследство, што не било во согласност со член 69 ставови 69, 70 и 72 од Законот за заштита на културното наследство, Судот оцени дека истите се неосновани. Ова од причина што подносителите на иницијативата немале предвид дека во постапката за донесување на оспорениот ДУП, Министерството за култура – Управа за заштита на културно наследство, во врска со доставениот Предлог измена и дополна на ДУП за У.Е.„Центар-А“ Блок 9. КО.Гостивар 2 Општина Гостивар, има доставено Мислење бр.17-1357/6 од 21.12.2017 година во кое се укажува дека Управата смета дека одредбите од Заштитно-конзерваторските основи (бр.0801-34/10 од 14.10.2015 година), одобрени од Управата со Решение бр.УП.17-1923 од 10.11.2015 година, се вградени во планот.
Оттука, според Судот, не може основано да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со наведените одредби од Законот за заштита на културното наследство.
(4) Наводите во иницијативата за непочитување на растојанието на заштитниот појас покрај железничката пруга Скопје-Гостивар-Кичево, согласно член 35 став 1 алинеја 2 од Законот за железници („Службен весник на Република Македонија“ бр. 64/2005 и 24/2007), исто така, Судот ги оцени како неосновани.
Ова од причини што Законот за железници, на кој се повикуваат подносителите, престанал да важи со член 140 од Законот за железничкиот систем („Службен весник на РМ“ бр. 48/2010 од 9 април 2010 година), поради што постојат процесни пречки за одлучување на иницијативата во овој дел.
Сепак, треба да се има предвид дека Јавното претпријатие Македонски железници инфраструктура – Скопје, со свој акт бр.2001-2586/1 од 04.07.2018 година доставило известување за предвидениот заштитен појас на постојната железничка пруга Скопје-Гостивар-Кичево на Предлог измена и дополна на ДУП за У.Е.„Центар-А“ Блок 9. Општина Гостивар, дека е во рамките на Законот за железнички систем („Службен весник на Република Македонија“ бр.48/2010), член 39 став 3 и член 59 став 4, поради што се дава позитивно мислење за Предлог ДУП за блок 9 Урбана единица А Општина Гостивар.
(5) Изработка на стратегиска оцена за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето е дел од постапката за донесување на плановите за просторно и урбанистичко планирање. Така, законодавецот со членот 28 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, пропишал дека во постапката за донесување на урбанистичките планови и урбанистичко-планската документација донесувачот на тие планови е должен да донесе одлука за спроведување или одлука за неспроведување на стратегиска оцена за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето, во која се образложени причините за спроведувањето односно неспроведувањето на оценката, на начин и постапка пропишани со Законот за животната средина. Доколку органот на државна управа надлежен за вршење на работите од областа на животната средина, во рок од осум дена од приемот на одлуката со која е одлучено да не се спроведува стратегиска оценка за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето, формуларите и другите придружни документи утврдени со Законот за животната средина, не донесе решение со кое го задолжува донесувачот на урбанистичкиот план односно урбанистичко-планската документација да спроведе стратегиска оценка за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето, не се спроведува стратегиска оценка
Според член 65 став 6 од Законот за животна средина („Службен весник на Република Македонија“ број 53/2005, 81/2005, 24/2007, 159/2008, 83/2009, 48/2010, 124/2010, 51/2011, 123/2012, 93/2013, 187/2013, 42/2014, 44/2015 , 129/201, 192/2015 и 39/2016), органот којшто го подготвува планскиот документ е должен да донесе одлука за спроведување или одлука за неспроведување на стратегиска оцена во која се образложени причините за спроведувањето, односно неспроведувањето согласно со критериумите утврдени во прописот од ставот (4) на овој член. Според ставот 10 на истиот член, органот што го подготвува планскиот документ во рок од пет дена од денот на донесувањето на одлуката од ставот (6) на овој член, заедно со формуларите од ставот (20) на овој член е должен да ги објави на својата веб-страница на начин пропишан со актот донесен согласно со членот 61 став (8) од овој закон. Согласно став 11 на истиот член, против одлуката од ставот (6) на овој член, јавноста има право на жалба во рок од 15 дена од денот на нејзиното објавување на веб страницата на органот којшто го подготвува планскиот документ до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен. Според став 12 на овој член, органот што го подготвува планскиот документ во рок од пет дена од денот на донесувањето на одлуката од ставот (6) на овој член, заедно со формуларите од ставот (20) на овој член, како и другите придружни документи е должен да ги достави до органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина.
Според ставот 13 на истиот член, органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина во рок од 15 дена од денот на приемот на одлуката, формуларите и другите придружни документи од ставот (12) на овој член, со која е одлучено да не се спроведува стратегиска оцена, доколку оцени дека се исполнети условите за спроведување на стратегиската оцена на планскиот документ или истиот има значителни влијанија врз животната средина и здравјето на луѓето ќе донесе решение со кое го задолжува органот што го подготвува планскиот документ да спроведе стратегиска оцена на истиот. Според ставот 15 на овој член, органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина е должен во рок од 15 дена од денот на приемот на одлуката, формуларите и другите придружни документи од ставот (12) на овој член, со која е одлучено да се спроведува стратегиска оцена ќе издаде решение со кое го определува обемот на стратегиската оцена доколку утврди дека истиот не е целосно определен од страна на органот што го подготвува планскиот документ. Согласно ставот 19 на истиот член, доколку органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина не донесе решение од ставовите (13) и (15) на овој член во рок од 15 дена од денот на приемот на одлуката од ставот (6) на овој член, ќе се смета дека нема забелешки по истата.
Имајќи го предвид наведеното, произлегува дека постои законска обврска општината, во постапката за донесување на ДУП, да донесе одлука за спроведување или одлука за неспроведување на стратегиска оцена за влијание на животната средина во која се образложени причините за спроведувањето, односно неспроведувањето на стратегиската оцена, но притоа, органот што го подготвува планскиот документ е должен, согласно член 65 од Законот за животната средина, на што упатува Законот за просторно и урбанистичко планирање, на својата веб-страница да ја објави наведената одлука, заедно со соодветните формулари, од кој датум тече рокот за запознавање на јавноста со одлуката и можноста за поднесување на жалба на истата. Доколку органот на државна управа надлежен за вршење на работите од областа на животната средина, во рок од осум дена од приемот на одлуката со која е одлучено да не се спроведува стратегиска оценка за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето, формуларите и другите придружни документи утврдени со Законот за животната средина, не донесе решение со кое го задолжува донесувачот на урбанистичкиот план односно урбанистичко-планската документација да спроведе стратегиска оценка за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето, не се спроведува стратегиска оценка
Во конкретниот случај, градоначалникот на Општина Гостивар, врз основа на член 65 став 6 од Законот за животна средина, донел Одлука за неспроведување на стратегиска оцена на влијанието врз животната средина за планскиот документ измена и дополна на ДУП за У.Е.„Центар-А“ Блок 9. КО.Гостивар 2 Општина Гостивар, заведена под број 20-1480/1 од 05.09.2018 година, со образложение дека од самата технологија нема да има загадување на вода, почва, бучава на околното население и воздухот, односно нема да има нарушување на животната средина.
Одлуката е објавена на веб-страната на Општина Гостивар на 17.09.2018 година.
Министерството за животна средина и просторно планирање, со свој акт УП1-15-1269/2018 од 24.09.2018 година известува дека наведената одлука за неспроведување на стратегиска оцена се прифаќа.
Оттука, произлегува дека Одлуката за неспроведување на стратегиска оцена на влијанието врз животната средина за планскиот документ измена и дополна на ДУП за У.Е.„Центар-А“ Блок 9. КО.Гостивар 2 Општина Гостивар, заведена под број 20-1480/1 од 05.09.2018 година, е донесена согласно пропишаната законска постапка, поради што Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за нејзината согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 10, членот 43 и членот 51 од Уставот, членот 28 од Законот за просторно и урбанистичко планирање и членот 65 од Законот за животната средина.
8. Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека не се исполнети условите од членот 27 од Деловникот на Уставниот суд за прифаќање на барањето во иницијативата Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија преземени врз основа на оспорената одлука.
9. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
10. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, Никола Ивановски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.
У.бр.121/2019
20.02.2020 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати