У.бр.107/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019) на седницата одржана на 20.02.2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 133 и член 134 став 1 од Законот за работни односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 149/2009, 50/2010, 52/2010, 124/2010, 47/2011, 11/2012, 39/2012, 13/2013, 25/2013, 170/2013, 187/2013, 20/2015, 33/2015, 72/2015, 129/2015, 27/2016, 120/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија бр.110/2019).

2. Самка Ибраимовски од Скопје, до Уставниот суд поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 133 и член 134 став 1 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата го цитира оспорениот член 133 од Законот според кој, работникот има право на дневен одмор од најмалку 12 часа непрекинато меѓу два последователни работни дена во текот на 24 часа. Но, во одредбата не стоел зборот: „платен“ од каде, според подносителот, пред зборот: „дневен“ требало да стои зборот: „платен“.

Во оспорениот член 134 став 1 од Законот било предвидено дека, работникот има право на неделен одмор во траење од најмалку 24 часа непрекинато, плус 12 часа дневен одмор од член 133 на овој закон. Но, според подносителот одморот не бил платен, па пред зборот: „неделен“ требало да стои зборот: „платен“.

Имено, според членот 51 од Уставот законите мора да бидат во согласност со Устав, а сите други прописи со Уставот и со законите.

Наведената одредба не била во согласност со член 32 став 4 (погрешно означен како став 1) од Уставот кој гласел: „Секој има право на платен дневен, неделен и годишен одмор. Од овие права вработените не можат да се откажат“.

Во нашите закони и досегашната практика само годишниот одмор бил платен, но не и дневниот и неделен одмор, односно според член 137 став 1 од Законот за работните односи само годишниот одмор бил платен, од каде оспорените одредби морало да се усогласат на начин што и дневниот и неделен одмор да мора да бидат платени.

Ова од причина што уставната одредба била изречна, дури нагласувала дека вработените не можеле да се откажат од овие права и надоместокот за дневен и неделен одмор.

3. Судот на седницата, утврди дека во оспорениот член 133 од Законот е предвидено дека работникот има право на дневен одмор од најмалку 12 часа непрекинато меѓу два последователни работни дена во текот на 24 часа.

Во оспорениот член 134 став 1 од Законот е предвидено дека работникот има право на неделен одмор во траење од најмалку 24 часа непрекинато, плус 12 часа дневен одмор од членот 133 на овој закон.

4. Согласно член 32 став 4 од Уставот се определува дека: „секој вработен има право на платен дневен, неделен и годишен одмор. Од овие права вработените не можат да се откажат. Според ставот 5 од истиот член од Уставот остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Според член 51 од Уставот во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Уставната гаранција предвидена во член 32 став 4 од Уставот за правото на платен неделен и годишен одмор од кое право вработените не можат да се откажат е операционализирано со Законот за работните односи во главата Х која има наслов „Паузи и одмори“.

Така, меѓу другото, во член 112 став 2 од Законот, работодавачот е должен да му исплати надоместок на платата во случаите на отсутност од работа поради користење на годишниот одмор, платениот вонреден одмор, дообразување, со закон определени празници и од работа слободните денови и во случаите кога работникот не работи од причини на страна на работодавачот.

Според член 132 став 5 од Законот, времето на паузата во текот на работниот ден се засметува во работното време и за истото се исплатува плата.

За разлика од цитираните одредби каде се уредува правото на исплата за време на дневен и неделен одмор во оспорените одредби тоа право не е предмет на уредување. Во оспорените одредби се уредува најмалото времетраење на дневниот одмор во текот на денот (член 133), односно најмалото времетраење на неделниот одмор во текот на неделата (член 134 став 1).

Инаку операционализација на правото на платен дневен и неделен одмор гарантирано во член 32 став 5 од Уставот освен во Законот за работните односи има и во други закони и колективни договори од областа на работното законодавство.

Оттаму, подносителот на иницијативата неосновано тврди дека со оспорените одредби се повредувале член 32 став 1 и член 51 од Уставот.

Судот по однос на барањето во одредбите да се внесе зборот: „платен“ оцени дека за вакво барање нема надлежност да постапува, бидејќи креирањето на норми е во надлежност на Собранието, односно во надлежноста на законодавната власт како дел од државната власт. По однос на правилната примена на одредбите во практиката надлежност има извршната власт.

Според наведеното Судот оцени дека оспорените член 133 и член 134 став 1 од Законот за работни односи се во согласност со член 32 став 4 и член 51 од Уставот.

5.Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6.Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.

У.бр.107/2019
20.02.2020 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати