У.бр.126/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 28 алинеја 3 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019), на седницата одржана на 12 февруари 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за дополнување на Одлуката за извршување на Буџетот на Општина Илинден за 2019 година, со арх.бр. 07-1061/8 од 03.06.2019 година (“Службен гласник на Општина Илинден” бр.7/2019).

2. Градоначалникот на Општина Илинден, д-р Жика Стојановски до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорената одлука во целост била во спротивност со членот 23, членот 27 и член 29 став 2 од Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа која законска материја ја уредувала постапката на донесување на буџет и одлуката за извршување на буџетот.

Имено, според подносителот на иницијативата оспорената одлука не била донесена на начин и постапка која што била предвидена со Статутот на Општината Илинден од причина што не биле доставени соодветни материјали и документација релевантни и од значење за донесување на оспорената одлука. На 22-рата редовна седница била предложена нова точка на дневен ред: Предлог – одлука за дополнување на Одлуката за извршување на Буџетот на Општината за 2019 година без притоа да се образложи итноста за нејзиното донесување од страна на членовите на Советот.

Поради постоење на вакви недостатоци градоначалникот на Општина Илинден смета дека донесената одлука е во спротивност со одредбите од Уставот и одредбите од Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа поради што предлага Судот да донесе Решение за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука.

3. Судот на седницата утврди дека оспорената одлука е со следната содржина:

О Д Л У К А

За дополнување на Одлуката за извршување на Буџетот на Општина Илинден за 2019 бр.07-2418/4 од 25 .12.2018 година

Член 1

Со оваа одлука се дополнува Одлуката за извршување на Буџетот на Општина Илинден за 2019 бр.07-2418/4 од 25 .12.2018 година(објавена во “Службен гласник на Општина Илинден” бр.12/2018)и тоа во членот 9 став 5 точката на крајот на реченицата се брише и се додаваат зборовите:” а се исплатува најдоцна до 15-ти во тековниот месец за претходниот месец”.

Член 2

Оваа Одлука влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се применува по објавувањето во “Службен гласник на Општина Илиндeн”.

4. Советот на Општина Илинден со Одлука за извршување на Буџетот за 2019 година која е донесена на 25.12.2018година со арх.бр.07-2418/4 и објавена во”Службен гласник на Општина Илинден” бр.12/2018 го уредува децидно начинот на извршување на одредбите од оваа одлука.

Член 9 став 5 од Одлуката, која со сега оспорената одлука се дополнува, гласи:

“Месечниот надоместок за присуство на седниците на советот се исплатува за присуство на сите седници на советот во тековниот месец”.

Во членот 20 од истата Одлука се утврдува дека Буџетот на Општина Илинден се извршува од 01.01.2019 до 31.12.2019 година.

Советот на Општина Илинден со оспорената одлука за дополнување на Одлуката за извршување на Буџетот на Општина Илинден за 2019 година, врши дополнување на истата и тоа само во член 9 став 5 така што точката на крајот од реченицата се брише и се додаваат зборовите: „а се исплатува најдоцна до 15-ти во тековниот месец за претходниот месец”.

Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективни договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Од содржината на оспорената одлука произлегува дека со неа се врши дополнување на Одлуката за извршување на Буџетот на Општина Илинден за 2019 година, чија важност е за периодот од 01.01.2019 година до 31.12.2019 година.

Оттука, произлегува дека оспорената одлука се однесува за конкретно усогласување кое што на членовите на Советот на Општина Илинден им се исплатува за присуство на седници кои што биле одржувани во текот на 2019 година за кога се однесуваат определените средства предвидени со Буџетот на Општината за 2019 година. Меѓутоа, според Судот оспорената одлука има темпорален карактер и истата важи само за предвидениот период во членот 20 од Одлуката за извршување на Буџетот.

Според Судот, оспорената одлука поради својот темпорален карактер не произведува повеќе правно дејство, односно, оспорената одлука веќе не е во правна сила и важноста на истата завршила заклучно со 31.12.2019 година. Од овие причини, Судот оцени дека во конкретниов случај во смисла на член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд постојат процесни пречки за мериторно одлучување, поради што Судот одлучи иницијативата да ја отфрли.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, Никола Ивановски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.

У.бр.126/2019
12.02.2020 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати