У.бр.134/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија‟ број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија‟ број 202/2019) на седницата одржана на 12 февруари 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 16 алинеја 4 од Законот за просветната инспекција („Службен весник на Република Македонија‟ број 52/2005, 81/2008, 148/2009, 57/2010, 51/2011, 24/2013, 137/2013, 164/2013, 41/2014, 33/2015, 145/2015, 30/2016 и 64/2018).

2. Игорчо Точев од Кочани, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата на членот од Законот, означен во точката 1 на ова решение.

Според подносителот на иницијативата алинејата 4 од членот 16 не била во согласност со темелната вредност владеење на правото пропишана со Уставот на Република Северна Македонија којашто подразбирала дека, во правниот поредок можело да суштествуваат одредби коишто биле јасни и недвосмислени.

Имено, примената на оспорениот член 16 алинеја 4 каде било предвидено директорот да ја донесе годишната програма за работа на Инспекторатот најдоцна до 31 декември во тековната година за наредната година, можело да доведе до заблуда при примената на член 5-а став 2 од истиот закон согласно кој директорот ја донесувал годишната програма за работа на инспекторатот во рок од седум дена од денот на приемот на согласноста од Инспекцискиот совет, односно најдоцна до 10 декември во тековната година доколку Инспекцискиот совет не ја разгледал и не доставил согласност, односно забелешки во рокот утврден со закон.

Поради наведеното, се бара поведување на постапка за оценување на уставноста на член 16 алинеја 4 од Законот за просветната инспекција а потоа и нејзино укинување.

3. Судот на седницата утврди дека според член 16 алинеја 4 „Директорот на Државниот просветен инспекторат, односно раководниот државен службеник за инспекциски надзор од членот 5 на овој закон е должен да: – донесува годишна програма за работа на Инспекторатот најдоцна до 31 декември во тековната година за наредната година‟.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Членот 51 од Уставот определува дека „Во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон‟ (став 1). „Секој е должен да ги почитува Уставот и законите‟ (став 2).

Согласно членот 1 од Законот за просветната инспекција („Службен весник на Република Македонија‟ број 52/2005, 81/2008, 148/2009, 57/2010, 51/2011, 24/2013, 137/2013, 164/2013, 41/2014, 33/2015, 145/2015, 30/2016 и 64/2018), со овој закон се уредуваат организацијата, надлежностите и овластувањата на просветната инспекција, што ја врши Државниот просветен инспекторат и овластените инспектори на општината и на градот Скопје (во натамошниот текст: просветни инспектори).

Во член 5 став 1 од Законот, Државниот просветен инспекторат го раководи директор кој на предлог на министерот за образование и наука (во натамошниот текст: министерот), го именува Владата на Република Македонија. Во отсуство на директорот го заменува раководен државен службеник кој врши инспекциски надзор, што тој ќе го определи.

Во член 5-а став (1) од Законот е наведено дека Директорот изготвува предлог на годишна програма за работа на инспекторатот и истата ја доставува до Инспекцискиот совет, најдоцна до 31 октомври во тековната година за следната година.

Според ставот (2) од истиот член, Директорот ја донесува годишната програма за работа на инспекторатот во рок од седум дена од денот на приемот на согласноста од Инспекцискиот совет, односно најдоцна до 10 декември во тековната година доколку Инспекцискиот совет не ја разгледа и не достави согласност, односно забелешки во рокот утврден со закон.

Согласно ставот (3), Врз основа на донесената годишна програма директорот подготвува квартални планови за работа на секој инспектор кои збирно ги доставува на разгледување до Инспекцискиот совет најдоцна две недели пред почетокот на следниот календарски квартал и тоа до 15 декември за првиот квартал од следната година, до 15 март за вториот, до 15 јуни за третиот, односно до 15 септември за четвртиот квартал во тековната година.

Според ставот (4), Во кварталните планови за работа за секој инспектор директорот задолжително го внесува бројот на планирани надзори во следните три месеци, како и степенот на сложеност на секој од надзорите.

Според ставот (5), Врз основа на кварталните планови за секој инспектор директорот подготвува месечен план за работа, кој план содржи и распоред на надзори по датуми и по субјекти на надзор.

Согласно ставот (6), Директорот најдоцна две недели од почетокот на тековниот календарски квартал за претходниот до Инспекцискиот совет збирно доставува квартални извештаи за работата на секој инспектор и тоа до 15 јануари за четвртиот квартал од претходната година, до 15 април за првиот квартал, до 15 јули за вториот, односно до 15 октомври за третиот квартал во тековната година.

Според ставот (7), Директорот најдоцна до 1 март во тековната година до Инспекцискиот совет доставува годишен извештај за работата на инспекторатот за претходната година.

Согласно членот 16 од Законот, Директорот на Државниот просветен инспекторат, односно раководниот државен службеник за инспекциски надзор од членот 5 на овој закон е должен да:
– врши увид над работата на државните просветни инспектори,
– ја усогласува работата на државните просветни инспектори и
– дава задолжителни инструкции за работа на државните просветни инспектори, стручна помош и друго.
– директорот донесува годишна програма за работа на Инспекторатот најдоцна до 31 декември во тековната година за наредната година.

Ваквото различно регулирање на датумот и времето на донесување на годишната програма за работа на Инспекторатот од страна на директорот на Државниот просветен инспекторат, односно со член 5-а став 2 е утврден датум до 10 декември во тековната година, а со оспорениот член од Законот е утврден датум најдоцна до 31 декември во тековната година до кој може да се донесе наведената програма која ќе важи за наредната година, не создава нејаснотија и правна несигурност, на што се повикува подносителот во иницијативата.

Ова поради тоа што со оспорената одредба од член 16 алинеја 4 од Законот се утврдува само крајниот рок до кој може најдоцна да се донесе годишната програма за работа на Инспекторатот со што не се доведува во прашање работењето на директорот за ажурно и навремено донесување на Програмата во рокот до 10 декември имајќи во предвид дека донесувањето на ваквата програма е условено и со добивање на согласност од Инспекцискиот совет, со што во рамки на таа меѓусебна соработка донесувањето на Програмата со Законот е определено дека треба да биде најдоцна во текот на месец декември во тековната година, односно до 31 декември во тековната година како што е прецизно уредено со оспорениот член 16 алинеја 4 од Законот за просветната инспекција.

Имено, интенцијата на законодавецот со одредбите од Законот за просветната инспекција не била да се создаде правна несигурност туку да го ажурира донесувањето на предметната годишна програма за работа на Инспекторатот до крајот на тековната година, која ќе важи за наредната година.

Оттука, во случајов со оспорената одредба од Законот не се повредува член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија којшто се однесува на владеењето на правото, имајќи во предвид и дека со оспорената одредба не е доведена во прашање правната сигурност како елемент на владеењето на правото во правниот поредок.

5. Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 16 алинеја 4 од Законот со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.

 

У.бр.134/2019
12.02.2020 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати