Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија,член 28 алинеи 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019) на седницата одржана на 12 февруари 2020 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА барањето на Нада Буњак и Лепосава Буњак и двете од Белград, Република Србија, застапувани од адвокат Јовица Косиќ од Белград, Република Србија, за заштита на слободи и права по основ на член 29 од Уставот на Република Северна Македонија, повредени со Пресуда Уж-1 број 111/2019 од 22 мај 2019 година донесена од Вишиот управен суд на Република Северна Македонија.
2. Нада Буњак и Лепосава Буњак и двете од Белград, Република Србија, застапувани од адвокат Јовица Косиќ од Белград, Република Србија, поднесоа барање за заштита на слободи и права повредени со Пресуда Уж-1 бр.111/2019 од 22 мај 2019 година донесена од Вишиот управен суд на Република Северна Македонија.
Според наводите во барањето, со членот 8 од Уставот на Република Северна Македонија како темелна вредност на уставниот поредок е нужното почитување на општо прифатените норми на меѓународното право.
Со членот 14 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи е утврдено дека се забранува дискриминација по кој било основ.
Членот 17 од оваа конвенција забранувал злоупотреба на правата, односно ништо не можело да се толкува или прави што е насочено кон поништување на кое и да било право и слобода во поголема мерка од онаа што е предвидена со Конвенцијата.
Членот 1 од Протоколот кон оваа конвенција, утврдувал дека секое физичко и правно лице има право на непречено уживање на својот имот, па никој не можел да биде лишен од својот имот освен заради јавен интерес и општи начела на меѓународното право.
Членот 1 од Протоколот број 12 кон оваа конвенција за заштита на човековите права и основни слободи, од 4 ноември 2000 година, составен во Рим гарантирал дека секое право што законот го предвидувал ќе се остварува без дискриминација по кој и да било основ.
Повелбата на Обединетите нации (1945 година), особено член 55 упатувал на почитување на човековите слободи и права, без размислување.
Универзалната декларација за човековите права, особено членовите 1 и 2, гарантирале слобода и еднаквост во достоинството и правата.
Доведувајќи ги во меѓусебна поврзаност наведените одредби од меѓународното право со правата гарантирани со членот 8 од Уставот на Република Северна Македонија, во барањето се наведува дека во постапката пред Вишиот управен суд на Република Северна Македонија при донесувањето на пресудата Уж.-1 број 111/2019 од 22 мај 2019 година, во постапката за денационализација, биле повредени правата на барателите гарантирани и со членот 29 од Уставот, според кој на странците им се гарантираат слободите и правата под условите утврдени со меѓународните договори и спогодби.
Со оглед на тоа, неприфатливо било да се прави разлика и на барателите да им се ускратува правото на денационализација само затоа што немале македонско државјанство, а јасно и неспорно било дека тие се законски наследници на субјектите на национализацијата.
Примарен проблем бил кај законодавецот во Република Северна Македонија кој имал донесено законска одредба со која странците се деградирани од правото на денационализација, а Вишиот управен суд го прифаќал и применувал таквото законско решение коешто било во очигледна спротивност со меѓународното право.
Со ускратување на правото на денационализација, барателите биле дискриминирани и им било оневозможено да во постапката на денационализација си го вратат имотот на своите предци и со тоа да бидат изедначени со другите учесници на постапките за реституција кои имаат македонско државјанство.
Во барањето до Уставниот суд се наведува дека недозволиво било со законската регулатива и нејзината примена во Република Северна Македонија да се елиминираат граѓаните кои немаат македонско државјанство да бидат во својство на овластени баратели во постапката на денационализација, наспроти декларираните права и слободи во меѓународните акти.
Со оглед на тоа што Вишиот управен суд ја донел пресудата Уж-1 број 111/2019 од 22.05.2019 година, со која жалбата на барателите им ја одбил и ја потврдил пресудата на Управниот суд У-2 број 399/2016 од 29.12.2016 година со која била одбиена тужбата изјавена против одбиеното барање за денационализација со решението на Комисијата за денационализација ДН број 26-08-2136/1 (3138) од 16.03.2016 година, произлегува дека во случајов се повредени слободите и правата од член 29 од Уставот на Република Северна Македонија.
Имено, со ставот 1 од овој член од Уставот е уредено дека странците во Република Северна Македонија уживаат слободи и права гарантирани со Уставот, под услови утврдени со закон и меѓународни договори.
Од овие причини се бара Уставниот суд да утврди дека на барателите им се повредени слободите и правата со Пресудата Уж-1број 111/2019 од 22 мај 2019 година донесена од Вишиот управен суд на Република Северна Македонија.
3. Судот на седницата утврди дека Министерството за финансии – Комисија за одлучување по барањата за денационализација за општините Центар-Скопје, Карпош-Скопје и Гази Баба-Скопје, со седиште во Општина Центар-Скопје, со Решение ДН бр.26-08-2136/1 (3138) од 16.03.2016 година, го отфрлило барањето за денационализација на барателите, како поднесено од неовластени лица.
Управниот суд на Република Северна Македонија со Пресуда У-2 број 399/2016 од 29.12.2016 година ја одбил како неоснована тужбата на барателите Нада Буњак и Лепосава Буњак, двете од Белград, Република Србија, која била поднесена против погоре наведеното Решение за денационализација ДН бр.26-08-2136/1 (3138) од 16.03.2016 година.
Вишиот управен суд со Пресуда Уж-1 број 111/2019 од 22.05.2019 година ја одбил како неоснована жалбата на Нада Буњак и Лепосава Буњак, изјавена против Пресудата У-2 број 399/2016 од 29.12.2016 година, донесена од Управниот суд која е претходно наведена.
Со Пресудата на Вишиот управен суд Уж-1 број 111/2019 од 22.05.2019 година, меѓу другото е утврдено дека согласно одредбите од Законот за денационализација се оценило дека жалбените наводи биле неосновани, бидејќи во постапката за денационализација барателите не доставиле доказ дека се државјани на Република Македонија, па оттука Управниот суд со обжалената пресуда и надлежната Комисија која одлучувала по барањето за денационализација законито одлучувале, односно не бил исполнет условот содржан во член 13 став 2 од Законот за денационализација („Службен весник на Република Македонија“ бр.43/2000 – пречистен текст), а тоа е член 11 став 2 од Законот за денационализација – интегрален текст („Службен весник на Република Македонија“ бр.20/1998, 31/2000, 42/2003, 44/2007, 72/2010, 171/2010, 55/2013, 33/2015 и 104/2015), според кој барател во смисла на овој член е лице кое на денот на влегувањето во сила на овој закон е државјанин на Република Македонија и согласно член 49 од Законот не бил доставен доказ за државјанство на Република Македонија стекнато на денот на влегување во сила на овој закон.
Законот за денационализација („Службен весник на Република Македонија“ бр.20/1998, 31/2000, 42/2003, 44/2007, 72/2010, 171/2010, 55/2013, 33/2015 и 104/2015), во член 11 став 2 предвидел: „Барател во смисла на став 1 на овој член е лице кое на денот на влегување во сила на овој закон е државјанин на Република Македонија“.
Во членот 47 став 3 точка 2 од овој закон е предвидено: „Кон барањето од ставот 1 на овој член се поднесува: – доказ за државјанство на Република Македонија стекнато до денот на влегување во сила на овој закон“.
Овие законски одредби се содржани во основниот текст на Законот (објавен во „Службен весник на Република Македонија“ број 20/1998) и не се менувани и дополнувани со подоцнежните измени на Законот.
Од пречистениот текст на Законот за денационализација („Службен весник на Република Македонија“ бр.43/2000), произлегува дека нумерацијата на членот 11 од интегралниот текст на Законот е член 13 од пречистениот текст , а на членот 47 од интегралниот текст е член 49 од пречистениот текст и евидентно е дека кај органите и во конкретниов случај со актите по предметот се употребувани нумерации на членовите од пречистениот текст на Законот, што не ја менува суштината на нормите.
Уставниот суд на Република Северна Македонија со Решение У.бр.35/2002 од 10.04.2002 година не повел постапка за оценка на уставноста на член 11 став 2 во делот: „на денот на влегување во сила на овој закон“ и на член 47 став 3 точка 2 во делот: „стекнато до денот на влегување во сила на овој закон“, од Законот за денационализација („Службен весник на Република Македонија“ бр.20/1998 и 31/2000).
Подоцна, Уставниот суд со решенија У.бр.130/2002 од 4 декември 2002 година, У.бр.228/2008 од 22 април 2009 година, У.бр.71/2013 од 4 декември 2013 година, У.бр.129/2018 од 28 февруари 2019 година и У број 128/2018 и 136/2018 од 12 декември 2019 година, ги отфрлил иницијативите за оценка на уставноста на член 11 став 2 на Законот за денационализација.
Уставниот суд, по донесување на Решението У.бр.35/2002 од 10.04.2002 година кога не повел постапка за оценка на уставноста на член 47 став 3 точка 2 во делот: „стекнато до денот на влегување во сила на овој закон“, од Законот за денационализација, имал донесено и решенија У.бр.71/2013 од 04.12.2013 и У.бр.128/2018 и 136/2018 од 12.12.2019 година, со кои ги отфрлил иницијативите за оценка на уставноста на оваа одредба од Законот.
Оттука, произлегува дека од уставно-правен аспект веќе биле опсервирани и ценети наведените одредби од Законот за денационализација од страна на Уставниот суд, во однос на прашањето за државјанството, кој утврдил дека тие одредби не се во несогласност со Уставот.
Факт е дека наведените одредби од Законот за денационализација се применувале во постапките за денационализација од страна на надлежните органи и тие биле применети и во конкретниот предмет за денационализација, по кој апликантите пред Уставниот суд бараат заштита на слободи и права повредени со Пресуда на Вишиот управен суд Уж-1 број 111/2019 од 22.05.2019 година.
Пред Уставниот суд апликантите бараат тој да земе статус на надлежен инстанционо повисок суд спрема одлуката на Вишиот управен суд и да ја оценува исправноста на оваа одлука наспрема членот 29 од Уставот на Република Северна Македонија, според кој: „Странците во Република Северна Македонија уживаат слободи и права гарантирани со Уставот, под услови утврдени со закон и меѓународни договори“, како и на релација со меѓународните акти, кои ги штителе слободите и правата.
4. Според член 8 став 1 алинеи 1 и 11 од Уставот на Република Северна Македонија темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право.
Уставот со концептот на граѓанска држава, основните слободи и права на човекот и граѓанинот ги класифицирал како граѓански и политички права (членови 9 – 29), економски, социјални и културни права (членови 30-49), гаранции на основните слободи и права (членови 50-54) и основи на економските односи (членови 55-60).
Со член 29 став 1 од Уставот е утврдено дека странците во Република Северна Македонија уживаат слободи и права гарантирани со Уставот, под услови утврдени со закон и меѓународни договори. Уставотворецот во делот на граѓанските и политички права, со оваа одредба од Уставот дал основ законодавецот со закон да ги уреди правата на странците во Република Северна Македонија во однос на уживањето на слободите и правата гарантирани со Уставот на Република Северна Македонија, согласно со меѓународните договори.
Согласно член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.
Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање. Во барањето, според членот 52 од Деловникот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствијата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.
Според член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат други процесни пречки за одлучување по барањето.
Во конкретниов случај, пред Уставниот суд апликантите бараат Уставниот суд спрема Пресудата на Вишиот управен суд да интервенира како инстанционо повисок суд кој ќе ја испитува пресудата како неправилна одлука со која се применувале одредби од Законот за денационализација коишто одредби всушност биле спротивни на членот 29 од Уставот на Република Северна Македонија и на меѓународни акти коишто уредувале заштита на слободи и права.
Со барањето не се наведува по кој основ од членот 110 алинеја 3 од Уставот, се бара конкретна заштита на слободи и права.
Наводите во барањето до Уставниот суд се позиционирани општо и генерално на повреда на права од член 29 од Уставот со кои на странците им се декларира уживање на слободите и правата гарантирани со Уставот и таа повреда се истакнува дека била сторена со Пресудата на Вишиот управен суд. Меѓутоа, барателите не ја имаат во предвид целосно уставната норма од член 29 став 1 од Уставот, кој упатува уживањето на слободите и правата гарантирани со Уставот од страна на странците во Република Северна Македонија е под услови утврдени со закон и договори меѓународни. Соодветно на тоа со закон, односно и со одредбите од Законот за денационализација е уредено прашањето на тоа кој може да биде барател во таа постапка.
Со барањето пред Уставниот суд декларативно се бара заштита на слободи и права, без повикување на заштита на некое од слободите и правата утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот, иако со писмо на генералниот секретар Р.бр.34/2019 од 3.09.2019 година барателите биле известени да го прецизираат правото или слободата за која бараат заштита, но тоа и во вториот допис до Судот не го сториле.
Барателите всушност упатуваат во барањето намера Уставниот суд мериторно да интервенира кон оспорената Пресуда на Вишиот управен суд дека со примената на одредби од Законот кој е во правниот поредок, Вишиот управен суд сторил повреда на слободи и права кон нив, кои немале државјанство на Република Македонија и имале статус на странци во Републиката, но истите требале да ги уживаат како и лицата кои имале државјанство.
Значи, се работи за одредби од Закон за денационализација кои се во правниот поредок и не се уставно-правно проблематизирани пред Уставниот суд кој истите ги ценел како согласни со Уставот. Потоа, тие законски одредби се во примена и се применети и во конкретната постапка на барателите која правосилно се окончала со Пресудата на Вишиот управен суд. Оттука, во барањето е содржана намера на барателите, Уставниот суд преку прифаќање на нивното декларативно, општо барање за заштита на слободи и права, всушност да ја ограничи примената на одредбите од Законот за денационализација со кои им се попречува денационализација за која сметаат дека имаат право, а со тоа надлежните органи да не одлучуваат според овие законски одредби кои ги ограничувале правата на странците спротивно на меѓународните акти.
Со оглед на тоа што од погоре изнесеното произлегува како прво, дека пред Уставниот суд не е поднесено прецизно барање за заштита на слободи и права согласно наведените одредби од членот 110 алинеја 3 од Уставот и од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, ниту правниот застапник-адвокатот на апликантите во оваа постапка пред Уставниот суд доставил доказ дека му е допуштено од страна на Управниот одбор на Адвокатската комора на Република Северна Македонија да дава правна помош во Република Северна Македонија во својство на адвокат од друга држава согласно член 14 од Законот за адвокатурата („Службен весник на Република Македонија“ број 59/02,60/06,29/07,106/08,135//11,113/12 и 148/15) и согласно одредбите од Статутот на Адвокатската комора на Република Северна Македонија, и второ, се бара во суштина Уставниот суд како инстанционо повисок суд да одлучува за примена на закон од страна на Вишиот управен суд во Пресудата Уж-1 број 111/2019 од 22.05.2019 година, што не е во надлежност на Уставниот суд, како и со своја интервентна уставно-судска одлука фактички да ја дерогира од страна на надлежни органи, примената на законските одредби кои
се во правниот поредок, под закрила на заштита на слободи и права на кои се повикуваат барателите, сметаме дека барањето во целост треба да се отфрли согласно член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија поради ненадлежност за одлучување на предметното барање и постоење на процесни пречки за одлучување по барањето.
Имено, во конкретниов случај не се исполнети условите, односно процесните претпоставки од членовите 51 и 52 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, за впуштање во мериторно одлучување по барањето за заштита на слободи и права.
5. Имајќи го предвид наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.
У.бр.133/2019
12.02.2020 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати