На средбата остварена на 5 март 2020 година, меѓу претседателот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, г. Сали Мурати и Амбасадорот на Кралството Холандија во Република Северна Македонија, Н.Е. г. Дирк Јан Коп, се разговараше за улогата на Уставниот суд во остварувањето на темелната вредност на уставниот поредок – владеењето на правото, како и за предизвиците со кои се соочува Судот и активностите кои се преземаат за нивното надминување.
На средбата, претседателот Мурати го запозна Амбасадорот со работата на Уставниот суд изразена преку двата главни столба: заштитата на уставноста и законитоста и заштитата на слободите и правата на човекот и граѓанинот која Судот ја врши за ограничен број слободи и права согласно член 110 алинеја 3 од Уставот. Притоа, беше нагласено дека е особено важно да се унапреди заштитата на слободите и правата на човекот и граѓанинот утврдени во Уставот, преку воведување на инструментот уставна жалба.
Покрај ова, претседателот Мурати го запозна Амбасадорот и со потребата за донесување Закон за Уставниот суд кој би ја гарантирал буџетската, административната и функционалната независност на Судот.
На оваа средба, претседателот Мурати изрази задоволство за интересот за улогата и работата на Уставниот суд, како и од поддршката којашто Кралството Холандија ја дава на Република Северна Македонија во спроведувањето на реформските процеси.
Амбасадорот г. Дирк Јан Коп се заблагодари за информациите за работата на Уставниот суд и го поздрави напредокот на реформите во владеењето на правото.