На средбата остварена денес помеѓу претседателот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Сали Мурати и Амбасадорот на Руската Федерација во Република Северна Македонија, Н.Е. г-дин Сергеј Баздникин, тема на разговор беа остварувањето на уставната улога на Судот со посебен осврт на заштитата на слободите и правата, како и предизвиците со кои се соочува Судот и активностите кои се преземаат за нивно надминување.
Претседателот Мурати, го запозна Амбасадорот со решенијата содржани во Нацрт-предлог законот за Уставниот суд на Република Северна Македонија, преку кои би се гарантирала буџетската, административната и функционалната независност на Судот.
Беше нагласено дека особено е важно понатамошното унапредување на заштитата на слободите и правата на човекот и граѓанинот од страна на Судот, којашто во моментот опфаќа заштита на мал број на слободи и права, преку воведување на инструментот уставна жалба. Притоа, претседателот на Судот, Сали Мурати го запозна Амбасадорот за поддршката за оваа идеа добиена од страна на претседателот на Европскиот суд за човекови права, г-дин Линос-Александре Сицилианос.
Амбасадорот, Н.Е. г-дин Сергеј Баздникин на претседателот на Судот, Сали Мурати, во оваа прилика му врачи покана од министерот за правда на Руската Федерација, г-дин Александар Коновалов, за учество на Десетиот меѓународен правен форум, што треба да се одржи во Санкт Петерсбург, Русија, во месец мај оваа година, којашто беше со задоволство прифатена.
Воедно, во рамките на одличната соработка помеѓу двата уставни суда во минатото, претседателот на Судот, Сали Мурати, искажа подготвеност за обновување на билатералната соработка при што упати покана до претседателот на Уставниот суд на Руската Федерација, проф.д-р Валериј Д. Зоркин за официјална посета на Република Северна Македонија.
Од страна на амбасадорот на Руската Федерација, беше изразена целосна подготвеност и поддршка за активностите со кои беше запознат.