У.бр.111/2019-1

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Северна Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.70/1992 и 202/2019) на седницата одржана на 15 јануари 2020 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за донесување на Измена и дополнување на Урбанистички план вон населено место за мултинаменски стопански комплекс на патот Гевгелија – Граничен премин Богородица, дел од Блок 1, 3 и 7, Општина Гевгелија, за плански период 2012 – 2022 („Службен гласник на Општина Гевгелија“ бр.3/2014), донесена од Советот на Општина Гевгелија под бр.07-385/1 од 13.02.2014 година.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Северна Македонија по повод иницијатива на Марина Наќева Кавракова, застапувана од Адвокатското друштво Јоанидис од Скопје, со Решение У.бр.111/2019 од 13 ноември 2019 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од оваа одлука, бидејќи основано се постави прашањето за неговата согласност со Устав и закон.

4. Судот на седницата утврди дека Советот на Општина Гевгелија, на седницата одржана на 13.02.2014 година ја донела оспорената одлука, со која во членот 1 е уредено дека се утврдува донесувањето на Одлуката, а во членот 2 се утврдени границите на планскиот опфат. Со членовите 3 и 4 од Одлуката се определени намените на просторот опфатен со измените и дополнувањата на урбанистичкиот план вон населеното место и е утврдено дека планот се состои од текстуален и графички приказ коишто се составен дел од Одлуката. Во членот 5 е уредено дека составен дел на оваа одлука се и стручната ревизија од надлежна институција, стручното мислење и согласноста бр.14-2146/2 од 31.01.2014 година на Министерството за транспорт и врски за планот, а во членот 6 е утврдено дека текстуалниот и графичкиот дел од планот не се објавува, а се наоѓа во Одделението за урбанизам, градежништво, архитектура и заштита на животната средина и планот се доставува до надлежните државни органи и институции утврдени со закон. Во членовите 7 и 8 е определено дека планот се заверува со печат и потпис на носителот на планот и дека оваа одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Гевгелија“.

Оваа одлука бр.07-385/1 од 13.02.2014 година е објавена на 14.02.2014 година во „Службен гласник на Општина Гевгелија“ бр.3./2014 и влегла во сила на 22.02.2014 година.

5. Советот на Општина Гевгелија на седницата одржана на 13.02.2014 година ја донел оспорената одлука со која била извршена измена и дополнување на Урбанистичкиот план вон населено место за мултинаменски стопански комплекс на потег Гевгелија-Граничен премин Богородица, дел од Блок 1, 3 и 7, Општина Гевгелија, за плански период 2012-2022.

Постапката за донесување на Планот била во време на важење на Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005, 137/2007, 91/2009, 124/2010, 18/2011, 53/2011, 144/2012, 55/2013 и 163/2013).

Од активностите коишто биле преземени во текот на постапката за донесување на предметниот план, произлегува фактичка состојба според документацијата која е доставена од Советот на Општина Гевгелија, како доносител на оспорената одлука.

Имено, Министерството за транспорт и врски дало Согласност бр.14-2146/2 од 31.01.2014 година за измени и дополнувања на предлог урбанистичкиот план вон населено место за мултинаменски стопански комплекс на потег Гевгелија-Граничен премин Богородица, дел од Блок 1, 3 и 7, Општина Гевгелија, плански период 2012-2022, со плански опфат (13,2 ха), изработен од ДООЕЛ „Нимаер“ – Струга д.е. Скопје, со тех.бр.176/12 од јануари 2014 година.

По добиената Согласност од Министерството за транспорт и врски, бил донесен предметниот план со оспорената одлука која била објавена на 14.02.2014 година во „Службен гласник на Општина Гевгелија“ бр.3/2014.

Меѓутоа, на оваа одлука за донесување на Планот, хронолошки гледано и претходеле две други одлуки донесени од Советот на Општина Гевгелија:

– Одлука бр.07-124/1 од 16.01.2014 година со која престанува важењето на Одлуката за донесување на измени и дополнувања на Урбанистичкиот план вон населено место за мултинаменски стопански комплекс на потегот Гевгелија- Граничен премин Богородица, дел од Блок 1, 3 и 7, Општина Гевгелија, за плански период 2012 – 2022, која била објавена во „Службен гласник на Општина Гевгелија“ бр.27/2013, поради тоа што била објавена на денот на донесувањето, и со тоа останувала фазата на предлог – план, и
– Одлука бр.07-125/1 од 16.01.2014 година со која се утврдувало дека не се донесува предлог – измената и дополнување на претходно наведениот план.

Причините за претходното недонесување на предлог – планот со овие два документи, биле неусогласеност на границите на ГП 1.2 со границите на останатите катастарски парцели и непостапување по извештајот на Комисијата по приговорите од јавната анкета.

Градоначалникот на Општина Гевгелија, со писма бр.08-129/2 и бр.08-129/2-1 од 17.01.2014 година, го известил Министерството за транспорт и врски за погоре наведените две одлуки кои се однесувале за престанок на важење на Одлуката за донесување на Планот, која била објавена во „Службен гласник на Општина Гевгелија“ бр.27/2013 и следователно на тоа за недонесување на Предлог-планот, при што побарал Министерството да си ја поништи претходно дадената Согласност бр.14-11079/2 од 4.12.2013 година и воедно ги образложил причините за донесување на наведените две одлуки. Имено, во писмата се истакнува дека планерот односно изготвувачот на планот не ја вградил во Предлог-планот прифатената забелешка на ШТ Богданци, врз основа на записникот и извештајот од Комисијата за постапување по приговори од повторената јавна презентација и јавна анкета, поради што се бара Министерството да си ја поништи Согласноста, а од Известувањето бр.14-1146/2 од јануари 2014 година се гледа дека Министерството си ја поништило наведената Согласност од 04.12.2013 година.

Оттука, од списите по предметот се гледа дека постои Согласност бр.14-11079/2 од 04.12.2013 година за Предлог план изработен од ДООЕЛ „Нимаер“ – Струга д.е. Скопје со тех.бр.176/12 од ноември 2013 година која е поништена и Согласност број 14-2146/2 од 31.01.2014 година за Предлог-план изработен од ДООЕЛ „Нимаер“-Струга д.е. Скопје,со тех.број 176/12 од јануари 2014 година, при што неспорно е дека планерот заради усогласување на прифатен приговор од јавна презентација и јавна анкета, во Предлог-планот извршил корекции и Предлог-планот со тех.бр.176/12 датира од јануари 2014 година на кој и се однесува последната Согласност од Министерството за транспорт и врски.

6. Од списите по предметот произлегува дека предметниот план бил донесен врз основа на повторена постапка. Имено, стручна комисија во поранешен период формирана од градоначалникот на Општина Гевгелија со Решение бр.08-1741/4 од 07.09.2012 година, донела Заклучок бр.09-336/14 од 18.10.2013 година дека по предложениот Предлог-план за измена и дополнување на Урбанистичкиот план вон населено место за мултинаменски стопански комплекс на потегот Гевгелија – Граничен премин Богородица, дел од блок 1, 3 и 7, Општина Гевгелија, во рамки на првоспроведената постапка и врз основа на документацијата која се однесувала на усогласувањето на Предлог-планот со забелешките од Министерството за транспорт и врски и од Јавното претпријатие за државни патишта, Планот претрпел значајни промени во однос на регулационата линија. Според законската регулатива Комисијата оценила дека е потребно градоначалникот на Општина Гевгелија да организира повторна јавна презентација и јавна анкета за планското решение, кое претрпело измени со вградените забелешки од државните институции.

Со Решение бр.08-1900/1 од 22.10.2013 година, градоначалникот на Општина Гевгелија утврдил дека ќе се организира повторна јавна презентација и јавна анкета по Нацрт-измената и дополнувањето на Урбанистичкиот план вон населено место за мултинаменски стопански комплекс на потег Гевгелија – Граничен премин Богородица, дел од Блок 1, 3 и 7, Општина Гевгелија, за плански период 2012 – 2022 и за таа цел со Решение бр.08-1900/4 од 22.10.2013 година формирал Комисија за изготвување извештај од спроведената повторна јавна анкета и презентација.

Од Соопштението бр.08-1900/2 од 22.10.2013 година на Градоначалникот на Општина Гевгелија, се гледа дека биле известени граѓаните и правните лица дека се организира повторна јавна презентација и јавна анкета за Нацрт-измените и дополнувањата на предметниот план и во Соопштението се утврдува дека јавната презентација ќе се организира во определеното училишно место на 30.10.2013 година во 11.30 часот, а јавната анкета ќе трае 10 работни дена сметано од денот на објавувањето на соопштението во јавните гласила, со што заинтересираните граѓани и правни лица своите забелешки, предлози и мислења на Нацрт-планот можат да ги достават писмено на анкетни листови во определеното одделение во Општината. Соопштението било објавено во дневниот весник „Вест“ на 25 октомври 2013 година и на тој датум било објавено во радио „Тајм ФМ“ Гевгелија и ТВ „Нова“.

Стручната комисија изготвила Записник бр.08-1900/7 од 11.11.2013 година и Извештај бр.08-1900/8 од истиот датум, за спроведената повторна јавна презентација и јавна анкета за Нацрт-измените и дополнувањата на предметниот план, од кои произлегува дека пред присутните на јавната презентација изработувачот на планот го изложил предложениот комплекс од аспект на урбанистичките елементи при што се развила дискусија, а од јавната анкета произлегле четири приговори, од кои за три приговори не биле прифатени забелешките, а за приговорот на ШТ „Богданци“, како сопственик на градежна парцела 1.2. кој барал линијата на разграничување помеѓу градежните парцели 1.1. и 1.2. да биде според катастарските парцели и со тоа да се зголеми површината на градежната парцела 1.2. за сметка на КП.3184 која си е во нивна сопственост, овој приговор бил прифатен во целост.

Градоначалникот на Општина Гевгелија дал Известување бр.08-1900/9 од 15.11.2013 година, за постапување по Извештајот од спроведената повторна јавна презентација и јавна анкета по Нацрт-измените и дополнувањата на предметниот план, при што утврдил дека Стручната комисија постапувала согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање и Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање и дека можела да продолжи постапката за донесување на Предлог-измените и дополнувањата на Планот.

Со оглед на тоа, а врз основа на документацијата од постапката за донесување на Планот е дадена конечната Согласност од Министерството за транспорт и врски бр.14-2146/2 од 31.01.2014 година на измените и дополнувањата на Предлог-планот, изработен од ДООЕЛ „Нимаер“ – Струга со тех.бр.176/12 од јануари 2014 година, на која и претходела хронологијата на настаните во постапката кои се погоре наведени во врска со поништувањето на Согласноста од 04.12.2013 година за Предлог-планот со тех.бр.176/12 од ноември 2013 година.

Советот на Општина Гевгелија на седницата одржана на 13.02.2014 година ја донел Одлуката бр.07-385/1 за донесување на измена и дополнување на Урбанистичкиот план во населено место за мултинаменски стопански комплекс на потег Гевгелија – Граничен премин Богородица, дел од Блок 1, 3 и 7, Општина Гевгелија, за плански период 2012 – 2022, која е оспорена со иницијативата.

Од списите по предметот се гледа дека Министерството за животна средина и просторно планирање, со свое писмо бр.15-9875/2 од 13.11.2012 година ја известило Општина Гевгелија дека согласно Законот за животната средина („Службен весник на Република Македонија“ бр.53/2005, 81/2005, 24/2007, 159/2008, 83/2009, 48/2010, 124/2010 и 51/2011), Одлуката на Општината, за неспроведување на стратегиска оцена за влијание на животната средина и формуларот со утврдениот обем на Стратегиска оцена, ја прифаќа, а таквата одлука заедно со формуларите задолжително да се објават на веб страницата на органот кој го подготвува и носи планскиот документ и се доставува до Министерството за животна средина и просторно планирање.

Општина Гевгелија – Одделение за урбанизам, архитектура, градежништво и заштита на животната средина, со писмо бр.09-29/156 од 17.09.2019 година, достави мислење по иницијативата пред овој суд и документација по предметот, во кое наведе: „Во врска со објавата на Одлуката за стратегиска оцена за влијание врз животната средина на веб страната на Општина Гевгелија, ве известуваме дека информации за наведената година не постојат. Поради обемниот проток на информации на веб страната, нашиот сервер, согласно спецификациите, не е во можност да чува податоци неограничено време. Веб страната, односно нејзиниот систем за ажурирање на податоците е подесен да ги чува податоците не постари од 5 години. Резервните копии од целиот систем се прават на дневна основа, но поради нивната големина се чуваат најмногу до 3 месеци и не содржат слики и документи. Годишна копија, поради динамичноста на промените на веб страната, не се прави“.

Од ова писмено известување факт е дека органот не поседува доказ за објавување на документот на веб страната на Општината.

7. Од списите по предметот се гледа дека постапката на донесување на предметниот план била во време на важење на Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005, 137/2007, 91/2009, 124/2010, 18/2011, 144/2012, 55/2013 и 163/2013).

Видовите и содржината на плановите, како и постапката за нивно изработување и донесување се уредени во глава II од Законот за просторно и урбанистичко планирање насловено како “Планирање на просторот”, во која се содржани членовите од 7-48 од Законот.

Co членот 7 од овој закон се утврдени видовите планови кои се донесуваат во зависност од просторот кој е предмет на планирање и тоа Просторен план на Република Македонија и урбанистички планови (генерален урбанистички план, детален урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план вон населено место).

Според член 21 став 1 од Законот, на нацртот на плановите од членот 7 на овој закон се врши стручна ревизија со која се утврдува дека плановите се изработени во согласност со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.

Според ставот 5 од членот 21 од Законот, забелешките од стручната ревизија се вградуваат во нацртот на планот, а изработувачот на планот задолжително дава извештај за постапувањето по забелешките на стручната ревизија, до органот надлежен за донесување на планот. Стручната ревизија и извештајот за постапувањето по забелешките од стручната ревизија се составен дел на планот.

Во член 22 став 1 на овој закон се утврдува дека плановите од членот 7 на овој закон се изработуваат во две фази, односно како нацрт на план и предлог на план.

Со членот 24 на овој закон е определено:

(1) По нацртот на деталниот урбанистички план, урбанистичкиот план за село и урбанистичкиот план вон населено место, општината спроведува јавна презентација и јавна анкета.
(2) Организирањето на јавната презентација и јавната анкета по плановите од ставот 1 на овој член, го врши градоначалникот на општината, по утврдување на нацртот на планот од страна на советот за кој претходно е добиено мислење од комисијата од член 17 став 4 на овој закон.
(3) За спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај.
(4) За организирањето на јавна презентација и јавна анкета општината е должна писмено да ги извести субјектите од членот 29 на овој закон. Јавната анкета трае најмалку десет работни дена, во кој рок субјектите од членот 29 на овој закон како и сите заинтересирани физички и правни лица можат да достават забелешки и предлози по нацртот на планот, на анкетни листови. Доколку во овој рок субјектите од членот 29 на овој закон не достават забелешки и предлози, ќе се смета дека немаат забелешки и предлози на планското решение.
(5) Јавната презентација и јавната анкета од ставот 1 на овој член се спроведува со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во кругот на месната самоуправа.
(6) Јавната презентација е стручно презентирање на планот и се организира во простории и време што ќе го определи градоначалникот на општината.
(7) Извештај од јавната анкета со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за плановите од ставот 1 на овој член, изработува стручна комисија формирана од градоначалникот на општината, која е составена од три члена, и тоа: носителот на изработка на планот, одговорно лице од општинската администрација надлежно за урбанистичко планирање и истакнат научен и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање.
(8) Извештајот од ставот 6 на овој член е составен дел на одлуката за донесување на предлогот на планот.
(9) Врз основа на извештајот, комисијата од ставот 6 на овој член е должна писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози.
(10) Доколку комисијата од ставот 7 на овој член оцени дека нацртот на планот со прифатените забелешки од јавната анкета претрпел значајни промени (промена на границата на урбанистичкиот опфат, промени на регулационите линии, промена на намената на земјиштето и промени во поголем обем на други параметри утврдени во планот), градоначалникот на општината за нацртот на планот со вградени забелешки во планот повторно спроведува јавна презентација и јавна анкета.
(11) Времето и местото каде што ќе биде изложен планот и спроведувањето на јавната презентација и јавната анкета, задолжително се објавува со соопштение во најмалку две јавни гласила. Соопштението задолжително ги содржи податоците, местоположбата и површината на опфатот на планот.

Според член 25 став 2 од Законот, на плановите од член 7 точка 2 на овој закон изработени во форма на предлог-план согласност дава органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот, со која се потврдува дека постапката за изработување на предлог планот е спроведена согласно со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.

Според ставот 3 од членот 25 од Законот, согласноста од ставот 2 на овој член се дава во рок од 15 работни дена од денот на поднесувањето на барањето од страна на донесувачот на планот. Доколку надлежниот орган за издавање на согласноста не одговори во наведениот рок, ќе се смета дека согласноста е издадена.

Во ставот 4 на членот 25 од овој закон, се предвидува дека по добивањето на согласноста од ставот 2 на овој член, планот се доставува до надлежниот орган за донесување.

Според ставот 5 од наведениот член од Законот, градоначалникот на општината, општината во Градот Скопје и Градот Скопје е должен најдоцна 15 дена по добивањето на согласноста од ставот 2 на овој член да го достави предлогот на планот до советот на општината,општината во Градот Скопје и Градот Скопје, а претседателот на советот е должен во рок од 15 дена од приемот на предлогот на планот да го стави на седница на советот, и советот е должен да одлучи по истиот на истата седница.

Според ставот 7 од овој член од Законот, Советот на општината,општината на Градот Скопје и Градот Скопје може да го донесе, односно да не го донесе предлогот на планот доколку смета дека истиот не е изработен согласно со законските прописи во кој случај е должен да донесе одлука со образложение за констатираната неправилност поради која предлогот не е донесен.

8. Согласно член 8 став 1 алинеи 3 и 10 од Уставот, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се владеењето на правото, кое во својата суштина ја содржи правната сигурност на граѓаните во правниот поредок, како и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата.

Од наведените одредби од Законот за просторно и урбанистичко планирање, произлегува дека законодавецот во функција на обезбедување на уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, утврдил прецизна регулатива во врска со планирањето на просторот, точно определувајќи ги плановите за просторно и урбанистичко планирање, нивната содржина и постапката за нивно донесување.

Во конкретниот случај, од презентираната фактичка состојба, утврдена врз основа на писмената документација, произлегува дека доносителот на оспорениот акт ги спровел фазите во постапката за донесувањето на предметниот детален урбанистички план, согласно одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Од списите по предметот, исто така се гледа дека во месеците октомври и ноември 2013 година веќе биле организирани и спроведени повторените јавна презентација и јавна анкета по Нацрт-измените и дополнувањата на предметниот план, во време на важење во тоа време на одредбите од Законот за изменување и дополнување на Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.55/2013), кој влегол во сила на 24.04.2013 година. Според членот 29-а од Законот: „Изработувачот на урбанистичките планови од член 7 точка 2 од овој закон, државната урбанистичка планска документација, локалната урбанистичка планска документација, урбанистичко планската документација за туристичко развојна зона, урбанистичко планска документација за автокамп и проектот за инфраструктура, е должен пред издавање на согласност, односно одобрување на истите да обезбеди согласност од Агенцијата за катастар на недвижности дека при изработката на наведената планска документација е користена ажурирана геодетска подлога која како основа за ажурирањето ги користела катастарските планови кои се во примена“.

Значи, оваа законска обврска била законски определена помеѓу изработувачот на план и Агенција за катастар на недвижности, па оттука, во однос на ова прашање дали изработувачот на планот – планерот, обезбедил согласност од Агенцијата, е стручно-техничко прашање на оценка на Министерството за транспорт и врски пред издавање на согласност на Предлог-планот, на што упатува наведениот член 29-а од Законот, кој бил донесен во април 2013 година и важел во време на повторената јавна презентација и јавна анкета на предметниот план.

Меѓутоа, потребно е да се наведе во оваа анализа дека по донесувањето во април 2013 година на наведените измени и дополнувања на Законот, потоа бил донесен Законот за изменување и дополнување на Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.163/2013), кој влегол во сила на 04.12.2013 година, со кој бил изменет членот 29-а од Законот, според кој не изработувачот на планот, туку донесувачот на планот (значи Советот на општината) е должен пред организирање на јавна анкета и јавна презентација од членот 24 од овој закон, да обезбеди согласност за усогласеност на урбанистичките планови или урбанистичко планска документација, со катастарските подлоги од Агенцијата за катастар на недвижности, која одредба важела за во иднина во постапките а не и за предметната постапка во конкретниов случај.

Со оглед на тоа што ваквата одредба не била во правниот поредок во време на фазата на спроведената повторена јавна презентација и јавна анкета по Нацрт-измените и дополнувањата на предметниот план во текот на октомври и ноември 2013 година, истата во случајов не била обврска на донесувачот на предметниот план по овој основ. Имено, Министерството за транспорт и врски пред издавање на согласност имал обврска да ја следи примената на членот 29-а од Законот за изменување и дополнување на Законот за транспорт и врски („Службен весник на Република Македонија“ бр.55/2013), во време на важењето на оваа одредба во фазата на постапките на плановите во тој период, од аспект на обезбедување согласност на релација изработувач на план и Агенција за катастар на недвижности, со оглед на тоа што од уставно-правен аспект се следат и ценат фазите на постапката и обврските на доносителот на планот согласно законите.

9. Со членот 7 од Законот за изменување и дополнување на Законот за животната средина („Службен весник на Република Македонија“ број 51/2011), членот 65 на овој закон се менува и гласи:

(1) На предлог на органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина, Владата на Република Македонија ги прoпишува стратегиите, плановите и програмите, вклучувајќи ги и промените на тие стратегии, планови и програми (во натамошниот текст: плански документи), за кои задолжително се спроведува постапка за оцена на нивното влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето (во натамошниот текст: стратегиска оцена).
(2) Стратегиска оцена се спроведува на плански документи кои се подготвуваат во областа на земјоделството, шумарството, рибарството, енергетиката, индустријата, рударството, транспортот, регионалниот развој, телекомуникациите, управувањето со отпадот, управувањето со водите, туризмот, просторното и урбанистичкото планирање и користењето на земјиштето и со кои се создава основа за изведување на проекти за кои се врши оцена на влијанието врз животната средина или на сите плански документи со кои се уредува управувањето со заштитените подрачја прогласени согласно со закон или пак можат да влијаат врз тие подрачја.
(3) По исклучок за плански документи од ставот 2 на овој член, со кои се одредува користење на мали области од локално значење и со кои се предвидуваат мали измени на планските документи од ставот 2 на овој член, стратегиска оцена ќе се врши само кога органот кој го подготвува планскиот документ ќе утврди дека има значајни влијанија врз животната средина и врз здравјето на луѓето согласно со прописот од став 4 на овој член.
(4) Владата на Република Македонија на предлог на министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина ги пропишува критериумите врз основа на кои се определува дали еден плански документ би можел да има значително влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето.
(5) За планските документи кои не се определени со прописот од ставот 1 на овој член, а со кои се создава основа за изведување на проекти за кои се врши оцена на влијанието врз животната средина, стратегиска оцена се врши само тогаш кога е веројатно дека тие би можеле да имаат значително влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето согласно со прописот од ставот 4 на овој член.
(6) Органот кој го подготвува планскиот документ е должен да донесе одлука за спроведување или одлука за неспроведување на стратегиска оцена во која се образложени причините за спроведу-вањето, односно неспроведувањето согласно со критериумите утврдени во прописот од ставот 4 на овој член.
(7) Во случаите од ставот 6 на овој член кога е потребно спроведување на стратешка оцена на влијанието врз животната средина, со одлуката од ставот 6 на овој член се определува и обемот на стратегиската оцена.
(8) Одлуката од ставот 6 на овој член ја донесува лицето кое раководи со органот што го подготвува планскиот документ, односно градоначалникот на општината, општината во градот Скопје или градоначалникот на градот Скопје, тогаш кога планскиот документ го подготвува општината, општината во градот Скопје или градот Скопје.
(9) Органот кој го подготвува планскиот документ е должен да ги определи органите засегнати од имплементацијата на планскиот документ на начин пропишан со актот донесен согласно со членот 61 став 8 од овој закон, како и да ги консултира истите при донесувањето на одлуката за спроведување, односно неспроведување на стратегиската оцена, како и во текот на спроведувањето на стратегиската оцена.
(10) Органот што го подготвува планскиот документ во рок од пет дена од денот на донесувањето на одлуката од ставот 6 на овој член, заедно со формуларите од ставот 20 на овој член е должен да ги објави на својата веб-страница на начин пропишан со актот донесен согласно со членот 61 став 8 од овој закон.
(11) Против одлуката од ставот 6 на овој член, јавноста има право на жалба во рок од 15 дена од денот на нејзиното објавување на веб-страницата на органот кој го подготвува планскиот документ, до министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина кога одлуката ја носи градоначалникот на општината, општината во градот Скопје или градоначалникот на градот Скопје, односно до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен кога одлуката ја носи орган на државната управа.
(12) Органот што го подготвува планскиот документ во рок од пет дена од денот на донесувањето на одлуката од ставот 6 на овој член, заедно со формуларите од ставот 20 на овој член, како и другите придружни документи е должен да ги достави до органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина.
(13) Органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина во рок од 15 дена од денот на приемот на одлуката, формуларите и другите придружни документи од ставот 12 на овој член, со која е одлучено да не се спроведува стратегиска оцена, доколку оцени дека се исполнети условите за спроведување на стратегиската оцена на планскиот документ или истиот има значителни влијанија врз животната средина и здравјето на луѓето ќе донесе решение со кое го задолжува органот што го подготвува планскиот документ да спроведе стратегиска оцена на истиот.
(14) Со решението од ставот 13 на овој член ќе се определи и обемот на стратегиската оцена.
(15) Органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина е должен во рок од 15 дена од денот на приемот на одлуката, формуларите и другите придружни документи од ставот 12 на овој член, со која е одлучено да се спроведува стратегиска оцена ќе издаде решение со кое го определува обемот на стратегиската оцена доколку утврди дека истиот не е целосно определен од страна на органот што го подготвува планскиот документ.
(16) Решението од ставовите 13 и 15 на овој член органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина е должен да ги објави на својата веб-страница.
(17) Против решението од ставовите 13 и 15 на овој член засегнатата јавност, како и органот што го подготвува документот имаат право на жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.
(18) Во случај кога органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина ќе утврди дека одлуката, формуларите, како и другата доставена документација од ставот 12 на овој член, не ги содржат потребните информации за оцена на потребата, односно непостоење потреба од спроведување на стратегиска оцена е должен во рок од 15 дена од денот на приемот на истите да побара од органот што го подготвува планскиот документ да ги достави бараните информации.
(19) Доколку органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина не донесе решение од ставовите 13 и 15 на овој член во рок од 15 дена од денот на приемот на одлуката од ставот 6 на овој член, ќе се смета дека нема забелешки по истата.
(20) Министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина ги пропишува формата, содржината и образецот на одлуката од ставот 6 на овој член и на формуларите за потребата од спроведување, односно неспроведување на стратешка оцена од ставот 12 на овој член.

Имено, според Законот за животна средина (член 65 став 6), органот којшто го подготвува планскиот документ е должен да донесе одлука за спроведување или одлука за неспроведување на стратегиска оцена во која се образложени причините за спроведувањето, односно неспроведувањето согласно со критериумите утврдени во прописот од ставот 4 на овој член. Според ставот 10 на истиот член, органот што го подготвува планскиот документ во рок од пет дена од денот на донесувањето на одлуката од ставот 6 на овој член, заедно со формуларите од ставот 20 на овој член е должен да ги објави на својата веб-страница на начин пропишан со актот донесен согласно со член 61 став 8 од овој закон Согласно став 11 на истиот член, против одлуката од ставот 6 на овој член, јавноста има право на жалба во рок од 15 дена од денот на нејзиното објавување на веб-страницата на органот којшто го подготвува планскиот документ до министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина кога одлуката ја носи градоначалникот на општината, општината во Градот Скопје или градоначалникот на Градот Скопје, односно до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен кога одлуката ја носи орган на државната управа. Според ставот 12 на овој член, органот што го подготвува планскиот документ во рок од пет дена од денот на донесувањето на одлуката од ставот 6 на овој член, заедно со формуларите од ставот 20 на овој член, како и другите придружни документи е должен да ги достави до органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина.

Имајќи го предвид наведеното, произлегува дека постои законска обврска општината, во постапката за донесување на планот, да донесе одлука за спроведување или одлука за неспроведување на стратегиска оцена за влијание на животната средина во која се образложени причините за спроведувањето, односно неспроведувањето на стратегиската оцена. Притоа, органот што го подготвува планскиот документ е должен, согласно членот 65 од Законот за животната средина, на својата веб-страница да ја објави наведената одлука, заедно со соодветните формулари, од кој датум тече рокот за запознавање на јавноста со одлуката и можноста за поднесување на жалба на истата.

Во конкретниот случај, Советот на Општина Гевгелија, како што е веќе погоре наведено во фактичката состојба на предметот пред овој суд, не достави доказ дека Одлуката којашто ја донел за неспроведување на Стратегиска оцена за влијание на животната средина и формуларот со утврдениот обем на Стратегиската оцена, а која одлука била прифатена со Известување бр.15-9875/2 од 13.11.2012 година од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање, согласно наведените одредби од Законот за животната средина, била објавена на веб-страната на Општината.

Тргнувајќи од фактот дека објавувањето на одлуката за спроведување или за неспроведување на стратегиска процена на веб- страната на општината е законски пропишана обврска при донесување на урбанистички план и дека против ваквата одлука јавноста има право на жалба во рок од 15 дена од денот на нејзиното објавување на веб- страницата на органот којшто го подготвува планскиот документ, произлегува дека објавувањето на одлуката за спроведување, односно неспроведување на стратегиска процена на веб-страната на општината е дел од законски пропишаната постапка за донесување на урбанистички план, од кој зависи информирањето на јавноста и остварувањето на правото на правна заштита во областа на заштитата и унапредувањето на животната средина.

Оттука, необјавувањето на одлуката на начин и постапка пропишани со Законот за животна средина, значи дека не е во целост запазена постапката за донесување на предметниот урбанистички план предвидена со Законот за просторно и урбанистичко планирање, што води кон повреда на начелото на владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија, поради што Судот утврди дека оспорената одлука не е во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 10 од Уставот на Република Северна Македонија и со членот 65 од Законот за животната средина.

10. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

11. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.

У.бр.111/2019
15.01.2020 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати