Издвоено мислење по предметот У.бр.46/2019

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд („Службен весник на Република Македонија‟ бр. 70/1992) по моето гласање против Решението на Уставниот суд У.бр.46/2019 донесено на 27 ноември 2019 година за неповедување на постапка за оценување на уставноста на член 19 ставови 2 и 10 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, го издвојувам и писмено го образложувам своето:

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

Со означеното решение Уставниот суд со мнозинство гласови донесе Решение У.бр.46/2019 за неповедување на постапка за оценување на уставноста на член 19 ставови 2 и 10 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги („Службен весник на Република Македонија‟ бр. 184/13, 13/14, 44/14, 101/14, 132/14, 142/16, 132/17, 168/18 и 248/18).

Моето мислење е спротивно на оценката образложена во Решението на Уставниот суд поради следните правни причини:

Во член 19 ставови 2 и 10 од Законот е утврдено дека:

‟(2) Кандидатот за Директор на Агенцијата за ААВМУ да не бил член во органи и тела на политичка партија и да не бил избрано или именувано лице, функционер кој раководи со орган на државна управа, министерство и раководен орган на јавно претпријатие и акционерско друштво, основани од државата во период од 10 години, засметано наназад од годината во којашто ја поднесува кандидатурата”.

‟(10) Одредбите од ставовите (1), (2), (3), (4), (5) и (6) на овој член важат и за заменикот на директорот на Агенцијата”.

Согласно член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот една од темелните вредности на Уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото.

Во членот 9 од Уставот е утврдено дека „Граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба‟.

„Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви‟.

Според членот 20 од Уставот:
‟На граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања (1)”.

‟Граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат (2)”.

Согласно членот 23 од Уставот „Секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции‟.

Во член 32 ставови 1 и 2 од Уставот е пропишано дека „Секој има право на работа, слободен избор на вработување, за заштита при работењето и материјална обезбеденост за привремена невработеност како и дека секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место‟.

Според членот 51 од Уставот „Во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите‟.

Во член 52 став 4 од Уставот е пропишано дека „Законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните‟.

Согласно член 54 став 1 од Уставот „Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот (став 2).

Ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба (став 3)‟.

Според членот 118 од Уставот „Меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон‟.

Врз основа на цитираните уставни и законски одредби сметам дека со самото тоа што не поведе постапка за оценување на уставноста и ги остави во правниот поредок оспорените одредби од Законот, се овозможи кандидатите за директор и заменик директор на Агенцијата за ААВМУ да имаат понеповолен третман во однос на кандидатите кои го немаат истиот дискриминаторски основ односно директна дискриминација на основните слободи и права на човекот и граѓанинот како на пример дека секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции (член 23 од Уставот) односно дека секој има право на работа, слободен избор на вработување (член 32 од Уставот).

Повеќе од јасно е дека оспорените одредби од Законот се во директна спротивност и со: принципот на владеење на правото (член 8 став 1 алинеја 3, членот 9 според кој граѓаните се еднакви во слободите и правата и членот 51 според кој во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот.

Во конкретниот случај очигледно е дека оспорените одредби од Законот имаат и повратно дејство и се понеповолни спрема граѓаните кои биле член во органи и тела на политичка партија и биле: избрани или именувани лица, функционер кој раководи со орган на државна управа, министерството и раководен орган на јавно претпријатие и акционерско друштво основани од државата во период од 10 години засметано наназад од годината во којашто ја поднесува кандидатурата бидејќи нивното дејство има влијание на односи коишто настанале пред влегувањето во сила на Законот што е во директна спротивност со член 52 ставови 1, 2, 3 и 4 од Уставот според кој законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија‟ пред да влезат во сила и дека не можат да имаат повратно дејство.

Исто така уверен сум дека одредбите на член 19 ставови (2) и (10) од Законот за ААВМУ не се во согласност со ставовите 1 и 3 на членот 54 од Уставот. Ова поради тоа што според означените уставни одредби, Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот. Тоа значи дека со закон не можат да се ограничат слободите и правата на човекот и граѓанинот, а во конкретниот случај не може да се ограничи правото на работа, слобода на избор на вработување како и дека секому под еднакви услови му е достапно секое работно место како и правото на учество во вршење на јавни функции.

На крајот сметам дека мнозинството судии на Уставниот суд при одлучувањето да не се поведе постапка за оценување на уставноста на член 19 ставови 2 и 10 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги требаше и мораше со должна почит да го земе во вид и членот 118 од Уставот според кој „Меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон‟.

Во нормативниот правен поредок на македонскиот правен систем, Уставот е највисок правен акт во хиерархијата на правните акти а меѓународните договори се меѓу Уставот и законите. Ова значи дека законите мора да бидат во согласност со Уставот, но и со ратификуваните меѓународни договори. Во такви услови најефективен начин на примена на меѓународните договори во националниот правен поредок е вградување на меѓунродното право во националното законодавство и во практиката.

Во таа смисла сметам дека мнозинството судии на Уставниот суд требаше да ги имаат предвид и наводите на подносителот на иницијативата Павлина Зефиќ, адвокат од Скопје, која смета дека оспорените одредби од означениот закон се спротивни и на ратификуваните меѓународни договори од страна на нашата држава со кои се забранува дискриминацијата, се гарантира еднаквоста на граѓаните, се гарантира слободата на пристап до јавни функции и право на работа под еднакви услови и за секој, како што се: Универзалната декларација за правата на човекот на Генералното собрание на ООН од 1948 година, Меѓународен пакт за граѓански и политички права и членот 14 од Европската Конвенција за човековите слободи и права на Советот на Европа од 1950 година.

Врз основа на изнесеното сметам дека Уставниот суд требаше да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби од Законот, а потоа да ги укине или поништи.

Судија на Уставниот суд,
Јован Јосифовски

Решение У.бр.46/2019