Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019), на седницатa одржана на 19 декември 2019 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 123-а од Законот за семејство („Службен весник на Република Македонија“ бр.80/1992, 9/1996, 38/2004, 33/2006, 84/2008, 67/2010, 156/2010, 39/2012, 44/2012, 38/2014, 115/2014, 104/2015 и 150/2015).
2. Маргарета Куртиќ од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на член 123-а од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, со оспорената одредба од Законот се ограничувало правото на посвоените деца да добијат какви било информации за своето потекло, бидејќи податоците за посвојување се тајна. Со ваквото законско ограничување на правата на посвоените деца да добијат информации за своето потекло, се повредувале повеќе одредби од Уставот, и тоа: член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 4, членот 9, членот 25, член 54 ставови 1 и 3. Исто така, се повредувале и одредби од Конвенцијата за правата на детето, и тоа: членот 3 ( во сите активности кои се однесуваат на децата, од примарно значење се интересите на детето без оглед на тоа дали ги спроведуваат јавните или приватните институции за социјална заштита, судовите, административните органи или законодавните тела); членот 7 (детето се пријавува веднаш по раѓање и од раѓањето има право на име, право на грижа, државјанство и ако е тоа можно, право да знае кои му се родители и право тие да се грижат за него).
Со членот 8 од Европската конвенција за заштита на човековите права, се предвидува дека секој човек има право на почитување на неговиот приватен и семеен живот, домот и преписките. Според овластувањата дадени во овој член, за заштита на човековите права на детето, тоа има право да воспостави правен однос со неговиот природен татко/мајка, бидејќи во спротивно тоа би значело мешање во неговото право на почитување на неговиот приватен и семеен живот.
Според членот 14 од оваа конвенција, уживањето на правата и слободите признати со оваа конвенција треба да се обезбедат без никаква дискриминација заснована на пол, раса, боја на кожата, јазик, вера, политичко или кое и да е друго мислење, национално или социјално потекло, припадност на национално малцинство, материјална положба, потекло по раѓање или кој и да е друг статус.
Според наведените членови од Конвенцијата постои задолжителна потреба да се штитат сите права на детето, со преземање на законски мерки за негова заштита што е во интерес на стабилноста на семејството како и на статусната состојба на семејството.
Ограничувањето на правото да се добијат податоците за посвојувањето и за биолошкото потекло на посвоените деца нема никаква легитимна цел и оправданост. Со членот 123-а од Законот за семејство на посвоените деца не им се дава никакво право во ниту еден период од животот да добијат податоци за своето биолошко потекло, со закон се одвојуваат од другите граѓани и тие без разлика на животните случувања не се во можност да добијат каква било информација за биолошкото потекло. Во иницијативата се укажува дека јавната власт не смее да се меша во остварувањето на ова право, односно на правото да се знае сопственото потекло. Имено, вмешувањето на Законот во правото на приватност со ограничувањето на правото да се знаат податоците за посвојувањето го ограничува и правото на заинтересираните странки да добијат податоци во кој било период од својот живот и да покренат постапка за добивање на информации за своето потекло.
Во Законот за семејство, во делот од законските одредби за посвојување, се продуцира конфликт од една страна на правата на посвоителите, наспроти од друга страна на правата на посвоените деца. Имено, во решението за сместување на детето во семејството на посвоителите при потполното посвојување, се заштитува семејниот интегритет и сигурност на посвоителите со семејни односи преку тајната за посвојување на детето, ограничувајќи го правото на детето да го знае своето биолошко потекло. Во тоа решение за сместување на детето кај посвоители (член 104 став 2 од Законот за семејство) е определено дека се внесува датумот на раѓање на детето и податоци од кои не може да се открие идентитетот на родителите на детето.
Ова е со закон еклатантно кршење на правата на детето кои се нормирани во член 7 став 1 од Конвенцијата за правата на детето, според кој, меѓу другото, детето има право да знае кои му се родители.
Овој меѓународен стандард не е имплементиран во нашето законодавство и оттука оспорениот член 123-а од Законот за семејство е уставно проблематичен.
Со оспорениот член 123-а од Законот, директно се кршат правата на децата кои се посвоени, на сметка на заштита на биолошките родители и заштита на семејниот интегритет на посвоителите.
Со прогласувањето на податоците за посвојување за службена тајна, се затвораат вратите за информации од страна на државните органи и службите коишто се вклучени во процесот на посвојување и посвоените деца никогаш во текот на животот не можат да ги имаат податоците без разлика дали е некогаш потребно од здравствен/медицински аспект, заштита од инцест или пак дел од нивниот живот.
Податоците за биолошките родители коишто му се оневозможени на посвоеното дете да ги добие, можат да доведат и до психички трауми, особено во психофизичкиот развој на детето и сериозни проблеми кај посвоеникот од психолошки, морално-етички и здравствени аспекти.
Посвојувањето, како правен институт со кој што по правен пат се создава родителски однос според одредбите за посвојување во Законот за семејство, се овозможува посвоеното дете да биде повторно запишано во матичната книга на родените врз основа на решението за потполно посвојување во коешто како родители на детето се запишуваат посвоителите, а личното име на посвоеникот и местото на раѓање се запишуваат согласно спогодбата на посвоителите. По извршениот нов упис во матичната книга на родените, матичарот е должен да ја извести матичната служба заради бришење на стариот упис (член 112 став 2). Иако повторниот упис на детето во книгите на матичната евиденција е легално извршен врз основа на решението донесено од надлежен орган, сепак го нарушува првичниот идентитет на детето којшто го добило со раѓањето и се врши целосно одземање на дел од неговиот идентитет поради бришење на стариот упис со што одредбата од членот 123-а од Законот, која податоците од посвојувањето ги квалификува како службена тајна е во спротивност со Уставот и меѓународните стандарди.
Во останатиот дел од иницијативата се наведени примери од праксата на Европскиот суд за човекови права (член 8 од Европската конвенција за заштита на човековите права кој соодветствува на членот 25 од Уставот на Република Северна Македонија).
Европскиот суд за заштита на човековите права во повеќе наврати сметал дека постапките за биолошкото потекло спаѓаат во рамките на членот 8 од Конвенцијата бидејќи правото на признавање на своите биолошки родители спаѓа во опсегот на концептот на „приватниот живот“, кој ги опфаќа важните аспекти на личниот идентитет и утврдување на биолошката врска.
Повредата на членот 8 од Конвенцијата била утврдувана пред Судот во разни случаи кога повредата ја гледал во немање мерка на балансирање на спротивставените интереси, особено при заштитата на биолошките родители на сметка на посвоените деца, со што се задирало во самата суштина на правото на почитување на приватниот живот во смисла на членот 8 од Конвенцијата.
Поради погоре изнесеното, со иницијативата се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценка на уставноста на членот 123-а од Законот за семејство и по спроведената постапка овој член да го поништи или укине.
3. Судот на седницата утврди дека со членот 123-а од Законот за семејство е утврдено дека податоците за заснованите посвојувања се службена тајна.
4. Според член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот на Република Северна Македонија, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото.
Согласно членот 9 од Уставот, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според членот 25 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.
Во членот 8 од Европската конвенција за заштита на човековите права се предвидува дека секој човек има право на почитување на неговиот приватен и семеен живот, домот и преписките.
Јавната власт не смее да се меша во остварувањето на ова право, освен ако тоа мешање е предвидено со закон и ако претставува мерка којашто е во интерес на државата и јавната безбедност, економската благосостојба на земјата, заштитата на поредокот и спречувањето на кривични дела, заштитата на здравјето и моралот или заштитата на правата и слободите на другите во едно демократско општество.
Во членот 14 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи, се утврдува дека уживањето на правата и слободите признати со оваа конвенција, треба да се обезбеди без никаква дискриминација заснована врз пол, раса, боја на кожата, јазик, вера, политичко или кое и да е друго мислење, национално или социјално потекло, припадност на национално малцинство, материјална положба, потекло по раѓање или кој и да е друг статус.
Во членот 3 од Конвенцијата за правата на детето, е утврдено дека во сите активности кои се однесуваат на децата, од примарно значење се интересите на детето без оглед дали ги спроведуваат јавните или приватните институции за социјална заштита, административните органи или законодавните тела.
Државните членки се обврзуваат на детето да му обезбедат таква заштита и грижа којашто е неопходна за негово добро, имајќи ги предвид правата и обврските на неговите родители, законските старатели или другите поединци кои се правно одговорни за детето и за таа цел ги преземаат сите потребни законодавни и административни мерки.
Според членот 7 од оваа конвенција, детето се регистрира веднаш по раѓањето и со раѓањето има право на име, право на грижа, државјанство и, доколку е тоа можно, право да знае кои му се родителите и право на нивна грижа. Државите членки го обезбедуваат остварувањето на овие права во согласност со националните закони и своите обврски во согласност со соодветните меѓународни инструменти од оваа област, посебно во случаите каде што детето би било апатрид (без државјанство).
Според членот 8 од оваа конвенција, државите членки се обврзуваат да го почитуваат правото на детето за зачувување на својот идентитет, вклучувајќи го државјанството, името и семејните врски како што е признато со закон, без незаконски мешања. Во случај кога детето е незаконски лишено од некои или од сите елементи на својот идентитет, државите членки му даваат соодветна помош и заштита, за да му биде што побрзо вратен идентитетот.
Законот за семејство („Службен весник на Република Македонија“ бр.80/1992, 9/1996, 38/2004, 33/2006, 84/2008, 67/2010, 156/2010, 39/2012, 44/2012, 38/2014, 115/2014, 104/2015 и 150/2015) во членот 1 определил дека предмет на негово уредување се: бракот и семејството, односите во бракот и семејството, одредени облици на посебна заштита на семејството, семејното насилство, посвојувањето, старателството, издржувањето, како и постапката пред судот во брачните и семејните спорови и постапката за изрекување на привремена мерка за заштита од семејно насилство.
Според членот 2 од овој закон, семејството е животна заедница на родители и деца и други роднини, ако живеат во заедничко домаќинство.
Семејството настанува со раѓање на деца и со посвојување.
Со членот 7 од овој закон е утврдено дека родителството настанува со раѓање и посвојување. Оспорувањето и утврдувањето на родителството е дозволено под услови и на начин утврден со овој закон.
Законот за семејството содржи: прв дел – „Општи одредби“ (членови 1-14-а); втор дел – „Брак“ (членови 15 – 43); трет дел – „Односи на родители и деца“ (членови 44 – 94-ј), четврти дел – „Посвојување“ (членови 95 – 123-а); петти дел – „Старателство“ (членови 124 – 177-м); шести дел -„Издржување“ (членови 178 – 202); седми дел – „Имотни односи“ (членови 219 – 221); осми дел – „Судски постапки“ (членови 222 – 227).
Со одредбите од овој закон е уредена комплексната материја на семејното право, во која се регулираат односите кои настануваат од семејството, при што децата, правата на децата и нивната заштита се сегмент кој има посебно место во регулативата на овој закон.
Четвртиот дел од овој закон, посветен на посвојувањето, во основните одредби, утврдил дека со посвојувањето се создаваат односи какви што настануваат со раѓањето (потполно посвојување) или само односи што постојат меѓу родители и деца (непотполно посвојување) и каков однос ќе се создаде со посвојувањето зависи од волјата на посвоителот, на родителите на детето кое се посвојува, односно на неговиот старател и на самото дете ако е постаро од дванаесет години (член 95).
Во овој дел од Законот е определено дека само малолетно лице може да биде посвоено ако е тоа во согласност со најдобриот интерес на малолетникот, а посвојувањето се заснова во постапка пред посебно пропишана Комисија во која административно-техничките работи на Комисијата ги врши лице од Министерството за труд и социјална политика.
Во членот 100-а од Законот се определени условите и критериумите за посвојување, според кои посвоител може да биде лице кое е деловно способно, има лични својства за успешно вршење на родителски права, при што изборот на посвоител ќе зависи од следниве критериуми: здравствена состојба, психосоцијален статус, материјални услови, станбени услови, време на чекање, степен на образование, брачен статус и државјанство.
Со одредбите за засновање на посвојување се уредени прашањата за начинот и постапката за поднесување на барање за посвојување, потребните документи кои барателот ги поднесува, работата и одлучувањето на Комисијата во релација со Центарот за социјална работа и согласно Програмата за процена на посвоителите изработена од Заводот за социјални дејности. Имено, Центарот за социјална работа по извршувањето на работите од членот 104-б на овој закон (процена за подобноста на посвоителите), во рок од 10 дена сите списи заедно со наодот и мислењето на стручниот тим и поединечните наоди и мислења на стручните работници со предлог за упис во регистарот на можни посвоители ги доставува до Комисијата, која потоа врши архивирање на податоците за посвоител во Програмата за избор на најсоодветен посвоител.
Согласно членот 111 од овој закон, по засновувањето на потполното посвојување, во матичната книга на родените, како родители на детето се запишуваат посвоителите, а како место на раѓање на детето се запишува местото што спогодбено ќе го определат посвоителите.
По засновувањето на непотполното посвојување во матичната книга на родените се запишува презимето на детето што спогодбено ќе го определат посвоителите и се забележува дека детето е непотполно посвоено.
Матичарот е должен да изврши упис во книгата на родените и за тоа да им издаде на посвоителите извод од матичната книга на родените.
Со членовите 113-115 од овој закон се утврдени правата и должностите на посвоителот и на посвоеникот. Со овие одредби е уредено дека меѓу нив со потполното посвојување се создаваат права и должности коишто постојат меѓу крвни роднини и престануваат заемните права и должности меѓу посвоеното дете и неговото поранешно семејство, со што наследните права на посвоеникот и неговото потомство спрема посвоителот и неговото семејство се изедначени со наследните права меѓу крвни роднини. Со непотполното посвојување меѓу посвоителите и посвоеникот настануваат само односи меѓу родители и деца и нивните наследни права може да се ограничат или исклучат ако во моментот на посвојувањето посвоителот има свои родени деца.
Со членот 116 од овој закон е утврдено дека потполното посвојување не може да се раскине, а согласно членот 122, со престанок на непотполното посвојување одново настануваат заемни права и должности меѓу посвоеникот и неговото поранешно семејство.
Неспорно е дека материјата на посвојувањето има комплексни односи со меѓусебно поврзани семејни, родителски, биолошки и правни елементи и имотно-правни импликации од овие односи, што како целина секако задира во правата и интересите на субјектите кои се поврзани со односите од посвојувањето, непосредно но и пошироко од социолошко-правен аспект, при што не може на кој било од овие елементи поединечно и изолирано да се гледа, туку само во нивна целосна опсервација.
Со оглед на тоа што односите коишто настануваат во посвојувањето и од посвојувањето се повеќеслојни како за учесниците така и за детето, но и пошироко гледано во едно општество, и кои односи се предмет на комплексно законско регулирање, при што не случајно посвојувањето е посебна глава во Законот наспроти главата на односи меѓу родители и деца, произлегува дека не може на законската квалификација за податоците на посвојување дека се службена тајна и со тоа се институционално ограничени за нивна општа достапност и употреба за разни цели, да се гледа како на ограничување на правото на приватност на детето, кое со тоа било ограничено да ги знае податоците од евиденцијата за посвојување. Овие податоци имаат повеќе насоки поврзани со биолошкото потекло на детето кое е посвоено, кое од една страна ги содржи податоците на посвоителите а од друга страна се податоците, кои не секогаш се познати и за биолошките родители на детето, како и други матични податоци од евиденцијата. Квалификацијата за утврдување во Законот дека податоците од посвојувањето се службена тајна, ја изразува интенцијата на законодавецот да не дозволи институциите коишто ги поседуваат истите, да ги издаваат слободно, надвор од конкретни судски одлуки за отстранување на квалификацијата за службена тајна, заради заштита на права на детето кое е посвоено, за конкретни случаи и околности како целисходни и потребни.
Оттука квалификацијата на податоците како службена тајна има свој правен легитимитет и треба да се опсервира како ограничување на општата достапност на податоците и законска дисциплина во институционалното, стручно и професионално работење со податоците од посвојувањето, што е во интерес на заштита на односите коишто се остваруваат со посвојувањето и најдобриот интерес на детето кое е посвоено.
Со оглед на тоа и определбата со оспорениот член 123-а од овој закон, дека податоците за заснованите посвојувања се службена тајна, не може уставно-правно да се проблематизира со наводите во иницијативата, ниту од аспект на наведените одредби од членовите 8, 9, 25 и 54 од Уставот, ниту од аспект на одредбите од меѓународните Конвенции.
Во анализата на оспорената одредба од Законот за семејство, се поставува прашањето и во спротивна насока од онаа која се наметнува во иницијативата, а таа е какви би биле последиците од слободната достапност на податоците за заснованите посвојувања, а со тоа и нивна општа употреба во едно општество и дали тоа навистина е заштита на правата на детето кое е посвоено, односно дали со тоа автоматски се овозможува и заштита на неговите интереси.
Вистината за биолошкото потекло на посвоеното дете дека не е од посвоителите, е прашање кое од посвоителите е можно да му се соопшти на посвоеникот, но кое е неговото биолошко потекло не е во секој случај и познато што може да има негативни психолошки аспекти за посвоеникот, па оттука законодавецот со оспорената одредба од Законот не дозволил слободна, нелимитирана достапност на податоците за заснованите посвојувања и ги определил како службена тајна.
Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека наводите во иницијативата се неосновани, поради што не може да се постави прашањето за несогласност на оспорениот член 123-а од Законот за семејството со одредбите од Уставот и одредбите од меѓународните акти на кои се повикува подносителот на иницијативата.
5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.
У.бр.93/2019
19.12.2019 гoд.
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати