У.бр.129/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 28 алинеи 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 202/2019), на седницата одржана на 12 декември 2019 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Решението за одобрување на локална урбанистичка планска документација за ГП на кп.бр. 16684 и други, во У3 8, УБ 8.1, КО Охрид донесено врз основа на член 17 став 4 и член 50 а став 8 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ број 51/05, 137/07 и 91/09) од страна на градоначалникот на Општина Охрид, Александар Петрески, со број. 10-323/2 од 31.05.2010 година.

2. Никола Чекреџи и други од Охрид, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Решението означено во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспореното решение не било во согласност со членот 50 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ број 91/2009).

Имено, Решението било донесено од страна на градоначалник на Општина Охрид, без претходно добиена согласност од Комисијата за разгледување на локална урбанистичка планска документација, односно писмено изготвеното решение на оваа комисија број 10-323/1 од 25.10.2010 година не било потпишано од членовите на Комисијата, поради што било незаконско.

Поради наведеното, се бара испитување на уставноста и законитоста на техничката документација на оспореното решение.

3. Судот на седницата утврди дека во оспореното решение е предвидено дека: „СЕ ОДОБРУВА локалната урбанистичка планска документација за, ГП на кп.бр. 16684 и други, во У3 8, УБ 8.1, КО Охрид, со технички број 33/10 изработена од “ДБ Стил Ко-Охрид” од Охрид, на предлог од комисијата формирана со решение број 08-1325/1 од 27.05.2010 година“.

4. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Во членот 11 од Законот за изменување и дополнување на Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ број 51/2005, 137/2007 и 91/2009) е определено дека во членот 17 по ставот 3 се додава нов став 4, кој гласи:

“4) Градоначалникот на општината, односно градоначалниците на општините во Градот Скопје формираат Комисија составена најмалку од три члена од кои еден архитект со овластување за изработка на урбанистичките планови и две стручни лица од областа на урбанистичкото планирање, која дава мислење на нацрт плановите од член 7 точка 2 на овој закон и дава предлог до градоначалникот за одобрување на локална урбанистичка планска документација. Градоначалникот на Градот Скопје формира Комисија составена најмалку од пет члена од кои двајца архитекти со овластување за изработка на урбанистичките планови и три стручни лица од областа на урбанистичкото планирање, која дава мислење на нацртот на Генералниот урбанистички план на Градот Скопје. Во комисијата формирана од градоначалникот на општината, односно градоначалниците на општините во Градот Скопје е потребно најмалку еден член да не е лице вработено во општинската администрација, а во Комисијата формирана од градоначалникот на Градот Скопје најмалку два члена да не се лица вработени во администрацијата на градот Скопје.”

Според членот 25 од Законот за изменување и дополнување на Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ број 91/2009), членот 50 се менува и гласи:

“1) Со државна урбанистичка планска документација може да се врши уредување и користење на просторот со определување на градежна парцела во и вон планскиот опфат, како и уредување и користење на просторот во рамките на формирана градежна парцела, за градби утврдени со закон како градби од прва и втора категорија, а заради реализација на инвестициски проекти од значење за Републиката.
2) Во плански опфат може да се уредува користење на просторот со државна урбанистичка планска документација во следниве случаи:
– доколку не е оформена градежна парцела ако постои изградена сообраќајна секундарна инфраструктура;
– во рамките на формирана градежна парцела, заради усогласување на површината за градење и максималната висина на градбата со стандардите и нормативите за урбанистичко планирање и
– доколку не е оформена градежна парцела за изградба на инфраструктурни
градби и водови.
3) Државна урбанистичка планска документација со која се уредува користење на просторот во границите на планските опфати се изработува врз основа на извод од урбанистички план, а државна урбанистичка планска документација со која се уредува користење на просторот вон границите на планските опфати, се изработува врз основа на извод од просторен план.
4) По исклучок од ставот 1 на овој член за технолошките индустриски развојни зони, со државна урбанистичка планска документација може да се уредува користење на просторот, со определување на градежни парцели во рамките на зоната.
5) Државната урбанистичка планска документација ја изработува овластеното правно лице од членот 18 на овој закон.
6) Содржината на државна урбанистичка планска документација треба да биде во согласност со член 11 ставови 2, 3, 4, 5, 6 и 7 на овој закон. Графичкиот дел се изработува во размер 1:1.000, а по исклучок кога се работи за плански опфат на градежна парцела за линиски инфраструктурни објекти, графичкиот дел се изработува во размер 1:2.500, 1:5.000, 1:10.000 и 1:25.000.
7) По извршената стручна ревизија, министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот со решение ја одобрува државната урбанистичка планска документација на предлог на комисјата од член 31 став 2 на овој закон.
8) Државна урбанистичка планска документација се изработува во шест примероци од кои еден примерок се чува во органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот, еден примерок задржува барателот, еден примерок се доставува до Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, еден примерок во Агенцијата за катастар на недвижности и еден примерок се чува во општината на чие подрачје е планскиот опфат на државната урбанистичка планска документација. Доколку планскиот опфат зафаќа подрачје на повеќе општини се изработуваат повеќе примероци и се доставува по еден во секоја општина.
9) Државната урбанистичка планска документација се применува по нејзиното одобрување и по извршено картирање на хамер и претставува основа за изработување на идеен проект на градба (ситуација, основи, пресек и изгледи на градбата) кој е потребен во постапката за добивање на решение за локациски услови“.

Согласно членот 26 од Законот за изменување и дополнување на Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ број 91/2009), по членот 50 се додава нов член 50-а, кој гласи:
1) Со локална урбанистичка планска документација може да се врши уредување и користење на просторот со определување на градежна парцела во и вон планскиот опфат, како и уредување и користење на просторот во рамките на формирана градежна парцела, за градби утврдени со закон како градби од трета, четврта и петта категорија, а заради реализација на инвестициски проекти од значење за општината.
2) Во плански опфат може да се уредува користење на просторот со локална урбанистичка планска документација во следниве случаи:
– доколку не е оформена градежна парцела ако до истата постои изградена сообраќајна секундарна инфраструктура;
– во рамките на формирана градежна парцела, заради усогласување на површината за градење и максималната висина на градбата со стандардите и нормативите за урбанистичко планирање и
– доколку не е оформена градежна парцела за изградба на инфраструктурни градби и водови.
3) Со локална урбанистичка планска документација не може да се уредува просторот вон плански опфат за градби со намена домување.
4) Локална урбанистичка планска документација со која се уредува користење на просторот во границите на планските опфати се изработува врз основа на извод од урбанистички план, а локална урбанистичка планска документација со која се уредува користење на просторот вон границите на планските опфати, се изработува врз основа на извод од просторен план.
5) По исклучок од ставот 1 на овој член со локална урбанистичка планска документација може да се врши уредување и користење на просторот со определување на градежна парцела која опфаќа подрачје на повеќе општини. Потребата од изработување на локална урбанистичка планска документација ја утврдуваат советите на општините, а ја одобруваат градоначалниците на општините.
6) Локалната урбанистичка планска документација ја изработува овластеното правно лице од членот 18 на овој закон.
7) Содржината на локалната урбанистичка планска документација треба да биде во согласност со член 11 ставови 2, 3, 4, 5, 6 и 7 на овој закон. Графичкиот дел од локалната урбанистичка документација се изработува во размер 1:1.000, а по исклучок кога се работи за плански опфат на градежна парцела за линиски инфраструктурни градби, графичкиот дел се изработува во размер 1:2.500, 1:5.000, 1:10.000 и 1:25.000.
8) По извршената стручна ревизија градоначалникот со решение ја одобрува локалната урбанистичка планска документација, на предлог на комисијата од член 17 став 4 на овој закон.
9) Локалната урбанистичка планска документација се изработува во пет примероци од кои еден примерок се чува во органот што го одобрил, еден примерок задржува барателот, еден примерок се доставува до Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам и еден примерок во Агенцијата за катастар за недвижности. Доколку планскиот опфат зафаќа подрачје на повеќе општини се изработуваат повеќе примероци на локалната урбанистичка планска документација, по еден за секоја општина.
10) Локалната урбанистичка планска документација се применува по нејзиното одобрување и по извршеното картирање на хамер и претставува основа за изработување на идеен проект на градба (ситуација, основи, пресек и изгледи на градбата) кој е потребен во постапката за добивање на решение за локациски услови.“

Во членот 2 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ број 05/2002), одделни изрази употребени во овој закон го имаат следново значење (1):

2. “Прописи” се општи акти со кои советот го уредува вршењето на надлежностите на општината.

Во членот 7 од истиот закон е наведено дека oпштината го уредува вршењето на своите надлежности со статутот и други прописи (1).
(2) Со статутот на општината се уредуваат: организацијата и работењето на органите на општината, организацијата и работењето на комисиите на советот; вршењето на работите од членот 20 на овој закон; начинот на информирање на граѓаните; случаите на исклучување на јавноста од седниците на советот; начинот и постапката за доставување претставки и предлози за работата на органите на општината и постапување по нив; начинот на организирање јавни трибини, спроведување анкети и прибирање предлози од граѓаните; начинот на извршување на обврските од областа на одбраната во воена состојба, како и други прашања од значење за локалната самоуправа.
(3) Прописите на општината се објавуваат пред да влезат во сила.
(4) Начинот на објавувањето на прописите се уредува со статутот.

Согласно членот 36 од Законот, Советот (1):
1. Го донесува статутот на општината и други прописи;
2. Донесува буџет на општината и годишна сметка на општината;
3. Ја утврдува висината на сопствените извори на приходи за финан- сирање на општината, во рамките утврдени со закон;
4. Основа јавни служби во рамките на надлежноста на општината и врши надзор над нивната работа;
5. Именува членови во управните одбори на јавните служби, кои ги основа;
6. Усвојува програми за работа и финансиски планови за финан- сирање на јавните служби, кои ги основала општината;
7. Ги усвојува извештаите за извршување на буџетот и годишната сметка на општината;
8. Одлучува за давање дозвола за вршење дејност од јавен интерес од локално значење, во согласност со закон;
9. Ги усвојува извештаите за работата и годишните сметки на јавните служби, кои ги основала општината;
10. Одлучува за начинот на располагање со сопственоста на општи- ната;
11. Одлучува за начинот на вршење на финансиска контрола на буџе- тот на општината, во согласност со закон;
12. Го избира лицето кое раководи со подрачната единица на Мини- стерството за внатрешни работи во општината, во согласност со закон;
13. Го разгледува и усвојува годишниот извештај за јавната безбед-ност на подрачјето на општината, кој го доставува до министерот за внатрешни работи и народниот правобранител;
14. Може да дава препораки на раководното лице на подрачната единица на Министерството за внатрешни работи од областа на јавната безбедност и безбедноста во сообраќајот и
15. Врши и други работи утврдени со закон.

(2) Доколку советот не ги усвои извештаите од ставот (1) точките (7) и (9) на овој член, може да покрене постапка за вршење на контрола над материјалното и финансиското работење пред надлежниот орган за надзор.

(3) Раководното лице од ставот (1) точка 12 на овој член е избрано ако за него гласале мнозинство од сите совети на општините, кои ги опфаќа подрачната единица на Министерството за внатрешни работи.

Според членот 50 од Законот за локалната самоуправа е определено дека:
(1) Градоначалникот:
1. Ја претставува и застапува општината;
2. Ја контролира законитоста на прописите на советот;
3. Ги објавува прописите на советот во службеното гласило на општи- ната;
4. Го обезбедува извршувањето на одлуките на советот,
5. Го обезбедува извршувањето на работите коишто со закон и се делегирани на општината;
6. Иницира и предлага донесување на прописи од надлежност на советот;
7. Го предлага годишниот буџет и годишната сметка на буџетот на општината;
8. Го извршува буџетот на општината;
9. Избира директори на јавните служби кои ги основала општината, врз основа на јавен конкурс;
10. Редовно го известува советот за извршувањето на своите на- длежности во согласност со статутот;
11. Решава во управни работи за права, обврски и интереси на пра- вни и физички лица, во согласност со закон;
12. Донесува правилник за систематизација на работните места на општинската администрација;
13. Раководи со општинската администрација;
14. Одлучува за вработувањето, правата, должностите и одговорно- стите на вработените во општинската администрација, доколку поинаку не е определено со закон.
15. Обезбедува правилно и законито користење, одржување и за- штита на сопственоста на општината, во согласност со закон и статутот и
16. Врши други работи утврдени со закон и со статутот.
(2) Градоначалникот може да овласти раководен службеник на општината да ја води постапката и да решава во управни работи, како и да потпишува акти.

Според членот 62 од Законот, во вршењето на работите од својата надлежност советот донесува прописи, и тоа: статут, програми, планови, одлуки и други прописи утврдени со закон (1).
(2) Прописите се донесуваат со мнозинство гласови од вкупниот број членови на советот, доколку поинаку не е определено со овој или друг закон.
(3) Прописите за чие извршување се потребни финансиски средства мораат да содржат и одредби со кои се утврдуваат изворите и висината на средствата за нивно извршување.
(4) Прописите се објавуваат во службениот гласник на општината најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување.
(5) Прописите од ставот (1) на овој член влегуваат во сила осмиот ден од денот на објавувањето, доколку со статутот поинаку не е определено.
(6) Општината води збирка на објавените прописи, која е достапна на општ увид.

Согласно членот 63 од Законот „За решавање на поединечните права, обврски и интереси на физичките и правните лица, градоначалникот донесува решенија“.

Од изнесените законски одредби произлегува дека во единиците на локалната самоуправа советот е органот којшто донесува прописи како општи акти со кои се уредува вршењето на работите од својата надлежност, а градоначалникот ги спроведува одлуките на советот и ги донесува решенијата за решавање на поединечните права, обврски и интереси на физичките и правните лица.

Во иницијативата подносителите бараат оценување на уставноста и законитоста на Решението за одобрување на локална урбанистичка планска документација за ГП на кп.бр. 16684 и други, во У3 8, УБ 8.1, КО Охрид донесено од градоначалникот на Општина Охрид Александар Петрески, со број. 10-323/2 од 31.05.2010 година, од причини што сметаат дека оспореното решение било донесено незаконски односно не било во согласност со членот 50 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ број 91/2009).

Тргнувајќи од правните елементи коишто го определуваат прописот, а според кои тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и да утврдува права и обврски на неопределен круг на субјекти во правото, Судот оцени дека во конкретниот случај оспореното решение нема карактер на пропис во смисла на членот 110 од Уставот, поради што истото не може да биде предмет на уставно-судска оцена.

Имено од називот и содржината на оспореното решение, произлегува дека со истото се одобрува локална урбанистичка планска документација за ГП на кп.бр. 16684 и други, во У3 8, УБ 8.1, КО Охрид, поради што ова решение претставува поединечен акт на градоначалникот на Општина Охрид коешто се однесува на конкретна градежна парцела наведена во решението, кое по форма и по содржина претставува поединечен, односно конкретен акт којшто се исцрпува во една конкретна ситуација и кон определен број субјекти и поради тоа не го задоволува критериумот за пропис подобен за уставно-судска оцена.

Врз основа на наведеното, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, за отфрлање на иницијативата.

Исто така подносителите на иницијативата и покрај тоа што со писмо Р.бр.31/2019 од 02.09.2019 година на Уставниот суд им беше укажано да ги означат одредбите од Уставот и Законот што се повредуваат со оспорениот акт, не наведоа ниту една одредба од Уставот и погрешно се посочува членот 50 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ број 91/2009) бидејќи со него се уредуваат прашања коишто се однесуваат исклучиво за државна урбанистичка планска документација (а не и за локална урбанистичка планска документација). Судот оцени дека наведеното претставува уште една процесна пречка за постапување по иницијативата, а основ за отфрлање на истата согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Косатдиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојановски.

У.бр.129/2019
12 декември 2019 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати