У.бр.124/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 202/2019), на седницатa одржана на 12 декември 2019 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување на Законот за користење и располагање со стварите на државните органи („Службен весник на Република Македонија“ број 52/2015).

2. Игорчо Точев од Кочани, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според иницијативата, оспорениот закон како пропис останал во правниот промет и сe уште произведувал правно дејство иако бил донесен нов Закон за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост.

И покрај фактот дека со донесувањето на новиот Закон за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост се предвидувало претходниот Закон за користење и располагање со стварите на државните органи да престане да важи, при наведувањето на броевите на „Службен весник на Република Македонија“ во кои биле објавени основниот текст на претходниот закон и неговите подоцнежни изменувања и дополнувања, не бил содржан и бројот на „Службен весник на Република Македонија“ во кој бил објавен и оспорениот закон.

Ова значело дека оспорениот закон сe уште бил во примена што доведувало до правна заблуда, што не било во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, односно начелото на владеење на правото како една од темелните вредности на уставниот поредок.

Поради наведените причини, со иницијативата се бара Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување на Законот за користење и располагање со стварите на државните органи („Службен весник на Република Македонија“ број 52/2015) и притоа истиот да го укине.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 1 од оспорениот закон, во Законот за изменување и дополнување на Законот за користење и располагање со стварите на државните органи („Службен весник на Република Македонија“ број 180/14), во членот 13 зборовите: „1 април 2015 година“ се заменуваат со зборовите: „1 мај 2015 година“.

Со членот 2 е предвидено овој закон да влезе во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлу­чува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Претходниот Закон за користење и располагање со стварите на државните органи („Службен весник на Република Македонија“ број 8/2005) повеќепати бил изменуван и дополнуван со закони кои што се објавени во „Службен весник на Република Македонија“ број 150/2007, 35/2011, 166/2012, 137/2013, 188/2013, 27/2014, 180/2014 и 52/2015.

Новиот Закон за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственот е донесен од страна на Собранието на Република Македонија на седницата одржана на 12 мај 2015 година и е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ број 78/2015 од 13 мај 2015 година.

Според член 74 од овој закон, со денот на влегување во сила на овој закон престанува да важи Законот за користење и располагање со стварите на државните органи, при што се наведени следните броеви на „Службен весник на Република Македонија“: 8/2005, 150/2007, 35/2011, 166/2012, 137/2013, 188/2013, 27/2014 и 180/2014.

Според Судот, неспорно е дека во членот 74 од новиот закон, при цитирањето на објавите на законите за изменувања и дополнувања на Законот кој престанува да важи, не е содржан и бројот на „Службениот весник на Република Македонија“ во кој е објавен Законот кој што е оспорен со предметната иницијатива.

Меѓутоа и покрај овој факт, неосновани се наводите во иницијативата дека со пропуштеното цитирање, оспорениот закон останува во правниот промет и сѐ уште произведува правно дејство.

Имено, законите се применуваат во целина (со сите нивни изменувања и дополнувања), односно во конкретниот случај оспорениот Закон за изменување на Законот за користење и располагање со стварите на државните органи („Службен весник на Република Македонија“ број 52/2015) не може самостојно да продолжи да важи и да произведува правно дејство бидејќи истиот ја следи правната судбина на основниот текст на Законот.

Судот смета дека пропуштањето да се наведе бројот на „Службениот весник на Република Македонија“, како што е во конкретниот случај во членот 74 од Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост, не значи дека оспорениот закон, објавен во „Службен весник на Република Македонија“ број 52/2015 останува во правниот поредок.

Имајќи го во предвид вака изнесеното, според Судот, оспорениот закон не може да доведе до заблуда во примената на правото, бидејќи истиот престанал да важи, односно во конкретниот случај станува збор за грешка од номотехнички карактер што е во надлежност на законодавецот, а не на Уставниот суд.

Тргнувајќи од наведеното, произлегува дека постојат процесни пречки за постапување по иницијативата, односно исполнети се условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.

У.бр.124/2019
12.12.2019 гoд.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати