У.бр.4/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, членот 28 алинеја 3 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и 202/2019), на седницатa одржана на 12 декември 2019 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работни односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.113/2014).

2. Коле Илијев од Виница, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата се наведува дека требало да се поведе постапка за оценување на уставноста на членот 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работни односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.113/2014). Според членот 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работни односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.113 од 29.07.2014 година), член 104 став 2 од Законот за работни односи се менува и гласи: “(2) Работникот со писмена изјава до работодавачот може да побара да му се продолжи договорот за вработување најмногу до 67 години возраст (маж), односно до 65 години возраст (жена), доколку со закон поинаку не е утврдено.”

По ставот (2) се додаваат два нови става 3 и 4 коишто гласат:„(3) Писмената изјава од ставот (2) на овој член, работникот ја дава најдоцна до 31 август во годината којашто и претходи на годината во која ги исполнува условите од ставот (1) на овој член. За секое натамошно продолжување на договорот за вработување од ставот (2) на овој член, изјавата ја дава еднаш годишно, а најдоцна до 31 август во годината којашто и претходи на годината за која се бара продолжување на договорот за вработување.” Ставот 3 претрпе измени во Законот за изменување и дополнување на Законот за работни односи („Службен весник на Република Македонија“ од бр.120 од 29.06.2018 година). (4) Работодавачот е должен по дадената изјава од ставот 2 на овој член да го продолжи договорот за вработување најмногу до 67 години возраст (маж), односно најмногу до 65 години возраст (жена).“

Според наводите во иницијативата оспорената законска одредба била противуставна и спротивна на Конвенцијата за заштита на правата и основни слободи и на Протоколот број 12 од истата конвенција, бидејќи со истата се вршела дискриминација на правата од работен однос на одредени граѓани односно на граѓаните чии права биле пропишани со специјален закон како што се судските службеници, судиите и другите. Понатаму во иницијативата се цитираат член 8 алинеја 2, членот 9 и членот 51 од Уставот.

Во иницијативата се наведува дека правото на стекнување на старосна пензија било регулирано со членот 18 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.98/2012 од 01.08.2012 година) каде осигуреникот се стекнал со право на старосна пензија кога ќе наполнел 64 години живот маж, односно 62 години жена и најмалку 15 години пензиски стаж. Тоа значело дека со оваа законска одредба биле пропишани условите за стекнување на правото на старосна пензија. Ваквата законска одредба во поглед на годините на старост била пренесена и во член 110 став 1 алинеја 6 од Законот за судска служба („Службен весник на Република Македонија“ бр.43/2014 од 04.03.2014 година). Токму ваквата законска одредба којашто била пропишана во специјален закон во кој биле пропишани правата од работен однос ги спречувала судските службеници да имаат право да ја користат пропишаната и сега оспорената одредба односно да продолжат да работат до 67 (маж) односно 65 години (жена) старост.

Според наводите во иницијативата и судиите биле ограничени да ја користат оспорената одредба од работен однос бидејќи во Законот за судовите како специјален закон, односно во членот 26 од Законот за изменување и дополнување на Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр.150/2010 од 18.11.200 година), во член 73 став 1 по алинејата 2 била додадена нова алинеја 3 која гласела „со навршување на 64 години старост”.

Исто така, во иницијативата е наведено дека според член 110 став 1 алинеја 6 од Законот за судска служба („Службен весник на Република Македонија“ бр.43/2014 од 04.03.2014 година), на судскиот службеник му престанувал работниот однос по сила на закон, ако навршел 64 години старост. Во случајот оспорената законска одредба била дискриминаторска во однос на одреден број на граѓани вработени во судската служба, судиите и други граѓани на кои правата од работен однос биле пропишани, а со тоа ограничени со специјален закон. Оттука во иницијативата е наведено дека одредена категорија на граѓани во стопанството и во јавниот сектор благодарејќи на оваа законска одредба со која работниот однос го продолжуваат работниот век до 65, некои до 66 а некои и до 67 години, а со тоа користеле двоен бенифит, како во поглед на платите така и во поглед на повисоката пензија која би ја оствариле. Додека вработените во судовите во овие бенифити биле оневозможени.

Понатаму во иницијативата е наведено дека оспорената одредба била во дирекна спротивност со членот 9 од Уставот според која граѓаните пред Уставот и законите биле еднакви и оттука една категорија на граѓани особено онаа што работи во судовите била дискриминирана и поради тоа била противуставна. Истата одредба била во спротивност и со Конвенцијата за заштита на човековите права токму поради дискриминацијата на одредена група на работници во однос на друга. На крајот од иницијативата се предлага Уставниот суд да постапи согласно член 112 став 2 од Уставот и да го укине или поништи членот 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работни односи.

3. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Во иницијативата се оспорува членот 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.113/2014) со кој се менува член 104 став 2 од основниот Закон за работните односи. Во однос на прашањето за престанок на работен однос на работничка жена под услови различни од работникот маж, Судот се произнел со Одлуката У.бр.114/2014 од 29 јуни 2016 година, со која го укина член 104 став 2, во делот: „(маж), односно до 65 години возраст (жена)“ и став 4, во делот: „(маж), односно најмногу до 65 години возраст (жена)“ од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/2010, 52/2010, 124/2010, 47/2011, 11/2012, 39/2012, 13/2013, 25/2013, 170/2013, 187/2013, 113/2014, 20/2015, 33/2015 и 72/2015).

Судот, во оваа одлука утврдил дека определбата на законодавецот работникот маж да може да побара од работодавачот продолжување на договорот за вработување до 67 години возраст, а работничката жена до 65 години возраст, при што работодавачот е должен да го продолжи договорот за вработување до периодот што го бара работникот маж или работничката жена, без можност да излезе надвор од утврдената законска рамка, наметнува престанок на работниот однос на работничката жена под поинакви услови од работникот маж, односно на неа и престанува работниот однос и правото на работа со навршени 65 години живот, а на мажот со навршени 67 години живот. Во овој контекст, Судот оценил дека оспорените законски одредби не се во согласност со уставно утврденото начело на еднаквост на граѓаните по основ на полот определено во членот 9 од Уставот.

Според образложението на Одлуката: „…правото на осигуреникот жена да стекнува старосна пензија порано од осигуреникот маж, доколку тоа го избере самата, со оглед дека тоа право има оправдување во принципот на афирмативна акција, односно принципот на позитивна дискриминација на жената. Но, тоа право на жената во сферата на пензиското и инвалидското осигурување не може по автоматизам да се применува и во други сфери, особено не ако тоа води кон ограничување на правата по основ на пол. Во конкретниот случај, Судот оцени дека продолжувањето на договорот за вработување всушност значи продолжување на работниот однос односно остварување на правото на работа кое се разликува од остварувањето на правото на старосна пензија.“

Согласно Одлуката на Судот, последователно со сите измени и дополнувања на Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/ 2009, 50/2010, 52/2010, 124/2010, 47/2011, 11/2012, 39/2012, 13/2013, 25/2013, 170/2013, 187/2013, 113/2014, 20/2015, 33/2015, 72/2015, 129/ 2015, 27/2016 и 120/2018) оспорениот член 104 од Законот, ја има следнава содржина:

„(1) Работодавачот го прекинува договорот за вработување на работникот кога работникот ќе наполни 64 години возраст и 15 години пензиски стаж.
(2) Работникот со писмена изјава до работодавачот може да побара да му се продолжи договорот за вработување најмногу до 67 години возраст, доколку со закон поинаку не е утврдено.
(3) Писмената изјава од ставот (2) на овој член, работникот ја дава најдоцна до 31 август во годината којашто и претходи на годината во која ги исполнува условите од ставот (1) на овој член. За секое натамошно продолжување на договорот за вработување од ставот (2) на овој член, изјавата ја дава еднаш годишно, а најдоцна до 31 август во годината којашто и претходи на годината за која се бара продолжување на договорот за вработување.
(4) Работодавачот е должен по дадената изјава од ставот (2) на овој член да го продолжи договорот за вработување најмногу до 67 години возраст.“

Со оглед на тоа што Судот ја укинал во дел оспорената одредба од членот 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи и таа веќе не постои во правниот поредок со содржина како што е оспорената, Судот оцени дека иницијативата треба да се отфрли поради постоење на процесни пречки согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот од Уставниот суд.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство на гласови, во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.

У.бр.4/2019
12.12.2019 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати