У.бр.53/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019), на седницата одржана на 4 декември 2019 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Заклучокот на Собранието на Република Македонија за граѓанската иницијатива за собирање потписи од најмалку 150.000 избирачи за распишување на дополнителен референдум за одлучување на граѓаните на целата територија на Република Македонија, бр.08-450/18 од 30 јануари 2019 година.

2. Тодор Петров – претседател на Светскиот Македонски конгрес, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на Заклучокот на Собранието на Република Македонија означен во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата му предлага на Уставниот суд да донесе решение за поништување на оспорениот заклучок бидејќи не бил во согласност со член 2 став 2, член 8 став 1 алинеи 1 и 3, членот 51 и член 73 став 3 од Уставот, како и со членот 2, член 3 ставови 1 и 2, членот 19, членот 24, членот 25 и член 26 став 2 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните („Службен весник на Република Македонија“ бр.81/2005).

Во наводите на иницијативата, подносителот ги цитира членовите 2, 8, 51, 73 од Уставот на Република Северна Македонија, како и членот 2, членот 3, членот 19, членот 24, членот 25 и членот 26 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните („Службен весник на Република Македонија“ бр.81/2005).

Во наводите на иницијативата се наведува дека Тодор Петров како овластен предлагач на 9 јануари 2019 година до претседателот на Собранието на Република Македонија, доставил Предлог за покренување на граѓанска иницијатива за собирање на потписи од најмалку 150.000 избирачи за распишување на дополнителен референдум за одлучување на граѓаните на целата територија на Република Македонија, за прашањето: „Дали сте за промена на името на државата Македонија во држава Северна Македонија?“.

Понатаму, според наводите во иницијативата Законодавно-правната комисија и Комисијата за политички систем и за односи меѓу заедниците, на 14 јануари 2019 година, врз основа на членот 191 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, одржале седници со единствена точка на дневен ред „Граѓанска иницијатива за собирање на потписи од најмалку 150.000 избирачи за распишување на дополнителен референдум за одлучување на граѓаните на целата територија на Република Македонија, доставена преку овластениот предлагач Тодор Петров“. Според мислењето на Законодавно-правната комисија и Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците по однос на Граѓанската иницијатива за собирање на потписи од најмалку 150.000 избирачи за распишување на дополнителен референдум за одлучување на граѓаните на целата територија на Република Македонија, доставена преку овластениот предлагач Тодор Петров, иницијативата била уредна.

На седницата одржана на 30 јануари 2019 година, Собранието на Република Македонија го донелo оспорениот Закпучок за граѓанската иницијатива за собирање потписи од најмалку 150.000 избирачи за распишување на дополнителен референдум за одлучување на граѓаните на целата територија на Република Македонија, број 08-450/18 од 30 јануари 2019 година, а во кој заклучок се наведува дека иницијативата не била уредна бидејќи не била во согласност со членот 24, членот 25 и член 26 став 2 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните.

Подносителот на иницијативата наведува дека пред Уставниот суд биле поднесени неколку иницијативи за поништување на член 28 став 3 од Законот за референдум, но Уставниот суд не повел постапка за оценување на уставноста на овој член, и тоа, во следниве решенија: У.бр.197/2005 од 13.09.2006 година, У.бр.260/2009 од 26.05. 2010 година, У.бр.51/2013 од 08.04.2015 година. У.бр.16/2015 од 23.09. 2015 година и У.бр.28/2017 од 17.05.2017 година. Во овие решенија, Уставниот суд не потврдил забрана или ограничување за распишување на референдум по кое било прашање, како и за тие за кои Собранието одлучувало со бадентерово двојно мнозинство.

Според подносителот на иницијативата, со оспорениот Заклучок, бр.08-450/18 од 30.01.2019 година, со погрешна примена на материјалното и уставното право, Собранието го суспендирало правото на предлог за покренување на граѓанска иницијатива за собирање на потписи од најмалку 150.000 избирачи за распишување на дополнителен референдум за одлучување на граѓаните на целата територија на Република Македонија, утврдено во член 73 став 3 од Уставот, со што бил прекршен и членот 51 од Уставот според кој: „секој е должен да ги почитува Уставот и законите“.

Според подносителот на иницијативата, не било точно дека „Прашањето содржано во граѓанската иницијатива за кое се предлага распишување на дополнителен референдум за одлучување на граѓаните на целата територија на Република Македонија е поставено пред донесување на актот кој го уредува тоа прашање, а референдумското прашање не е во согласност со името на државата“, затоа што референдумското прашање за кое се предлага распишување на дополнителен референдум за одлучување на граѓаните на целата територија на Република Македонија не се однесувало на Одлуката за прогласување на амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот на Република Македонија број 08-184/1 од 11 јануари 2019 година („Службен весник на Република Македонија“ број 6/2019), и на Одлуката за прогласување на Уставниот закон за спроведување на амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот на Република Македонија број 08-185/1 од 11 јануари 2019 година („Службен весник на Република Македонија“ број 6/2019).

Во наводите на иницијативата се наведува дека Собранието со Заклучокот (број 08-450/18 од 30 јануари 2019 година), утврдило дека предлогот за покренување на граѓанска иницијатива за собирање на потписи од најмалку 150.000 избирачи за распишување на дополнителен референдум за одлучување на граѓаните на целата територија на Република Македонија, НЕ БИЛ УРЕДЕН, затоа што „Согласно член 19 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните, а имајќи го предвид веќе одржаниот референдум, граѓаните за исто прашање на референдум не може повторно да се изјаснуваат пред истекот на рокот од две години од денот на одржаниот референдум.“

Според подносителот, предлогот за покренување на граѓанска иницијатива за собирање на потписи од најмалку 150.000 избирачи за распишување на дополнителен референдум за одлучување на граѓаните на целата територија на Република Македонија, напротив, бил во согласност со членот 19 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните („Службен весник на Република Македонија“ бр. 81/2005, 3/2006 и 50/2006).

Подносителот во наводите на иницијативата наведува дека референдумското прашање на одржаниот референдум на 30 септември 2018 година („Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“) со референдумското прашање коешто се предлага со предлогот за покренување на граѓанска иницијатива за собирање на потписи од најмалку 150.000 избирачи за распишување на дополнителен референдум за одлучување на граѓаните на целата територија на Република Македонија („Дали сте за промена на името на државата Македонија во држава Северна Македонија?”) не биле исти.

Подносителот на иницијативата, исто така го посочува и Решението на Уставниот суд У.бр.88/2018, У.бр.90/2018 и У.бр.91.2018 од 19 септември 2018 година со кое Судот не поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за распишување на референдум број 08-4666/1, донесена од Собранието на Република Македонија на 30 јули 2018 година („Службен весник на Република Македонија“ број 140/2018).

Според наводите во иницијативата, согласно член 19 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните, а имајќи го предвид веќе одржаниот референдум, граѓаните за исто прашање на референдум не можеле повторно да се изјаснуваат пред истекот на рокот од две години од денот на одржаниот референдум, а Собранието имало обврска да не решава по членството во ЕУ и НАТО и Договорот помегу Република Македонија и Република Грција, односно т.н. Преспански договор пред 30 септември 2020 година.

Исто така, Собранието немало право да утврди за неуреден предлог за покренување на граѓанска иницијатива за собирање на потписи од најмалку 150.000 избирачи за распишување на дополнителен референдум за одлучување на граѓаните на целата територија на Република Македонија по референдумското прашање „Дали сте за промена на името на државата Македонија во држава Северна Македонија?” коешто не било исто со референдумското прашање на одржаниот референдум на 30 септември 2018 година што гласело „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“.

Посочувајќи ги решенијата на Уставниот суд: У.бр.197/2005 од 13 септември 2006 година, У.бр.260/2009 од 26 мај 2010 година, У.бр.51/2013 од 8 април 2015 година, У.бр.16/2015 од 23 септември 2015 година и У.бр.28/2017 од 17 мај 2017 година, подносителот на иницијативата го наведува ставот на Уставниот суд дека Уставот не остава можност Собранието да одлучува или проценува дали треба или не да се распише референдум по предлог на овластениот предлагач, туку едноставно е обврзано да го распише референдумот за предлогот-прашањето за кое се собрани 150.000 потписи.

Според подносителот, Собранието со оспорениот Заклучок, број 08-450/18 од 30 јануари 2019 година, се впуштило во оценка на референдумското прашање како недопуштено, што било спротивно на Уставот и Законот.

Од сите горенаведени причини, подносителот на иницијативата бара од Уставниот суд да го поништи Закпучокот на Собранието на Република Македонија за граѓанската иницијатива за собирање потписи од најмалку 150.000 избирачи за распишување на дополнителен референдум за одлучување на граѓаните на целата територија на Република Македонија (број 08-450/18 од 30 јануари 2019 година), бидејќи не бил во согласност со член 2 став 2, член 8 став 1 алинеи 1 и 3, членот 51 и член 73 став 3 од Уставот, како и со членот 2, член 3 ставови 1 и 2, членот 19, членот 24, членот 25 и член 26 став 2 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните („Службен весник на Република Македонија“ бр. 81/2005, 3/2006 и 50/2006), а до донесувањето на конечната одлука, на Уставниот суд му предлага да донесе Решение за времена мерка, со запирање од извршување на поединечните акти или дејствија донесени врз основа на Заклучокот, поради ризик од штетни последици по правата и слободите и правниот поредок на државата.

Исто така, подносителот на иницијативата бара од Уставниот суд на Република Северна Македонија да одржи подготвителна и јавна седница по оваа иницијатива и тоа во најитен можен рок.

3. Судот на седницата утврди дека Собранието на Република Македонија на осумдесет и првата седница, одржана на 30 јануари 2019 година ја разгледало Граѓанската иницијатива за собирање потписи од најмалку 150.000 избирачи за распишување на дополнителен референдум за одлучување на граѓаните на целата територија на Република Македонија и врз основа на претресот го усвоил оспорениот заклучок кој го доставил до овластениот предлагач, Тодор Петров.

Оспорениот заклучок е со следнава содржина:

„1. Собранието на Република Македонија утврди дека Граѓанската иницијатива за собирање потписи од најмалку 150.000 избирачи за распишување на дополнителен референдум за одлучување на граѓаните на целата територија на Република Македонија, на Сто седумдесет и девет граѓани, доставена преку овластениот предлагач Тодор Петров не е уредна, бидејќи не е во согласност со член 24 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните на кој се повикува подносителот на граѓанската иницијатива, како и со членовите 25 и 26 став 2 од овој Закон со кои се уредува кога и во кои случаи, односно за кои прашања може да се распише дополнителен референдум. Прашањето содржано во граѓанската иницијатива за кое се предлага распишување на дополнителен референдум за одлучување на граѓаните на целата територија на Република Македонија е поставено пред донесување на актот кој го уредува тоа прашање, а референдумското прашање не е во согласност со името на државата.
Согласно член 19 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните, а имајќи го предвид веќе одржаниот референдум, граѓаните за исто прашање на референдум не може повторно да се изјаснуваат пред истекот на рокот од две години од денот на одржаниот референдум.
2. Овој заклучок да се достави до овластениот претставник на предлагачот на граѓанската иницијатива.“.

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 68 став 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Собранието за вршење на работите од својата надлежност донесува и одлуки, декларации, резолуции, препораки и заклучоци.

Согласно член 39 од Законот за Собранието на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.104/2009) законите, другите прописи и општи акти пред да влезат во сила се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија“.

Со Деловникот на Собранието на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.91/2008, 119/2010 и 23/ 2013) се уредуваат организацијата и функционирањето на Собранието на Република Македонија и на работните тела на Собранието.

Согласно членот 82 од Деловникот, Собранието претресот по секоја точка од дневниот ред може да го заврши со: донесување на акт, донесување на заклучок или прост премин.

Според член 174 став 2 од Деловникот, заклучоците на Собранието се објавуваат во гласилото на Собранието, а ако Собранието одлучи и во „Службен весник на Република Македонија“, а во ставот 3 е уредено дека заклучоците на работните тела, ако тие одлучат, се објавуваат во гласилото на Собранието.

Постапката по граѓанска иницијатива на државно ниво е уредена во членовите 191 и 192 од Деловникот на Собранието на Република Македонија.

Според член 191 став 1 од Деловникот, претседателот на Собранието, по добивањето на предлогот за покренување на граѓанска иницијатива за донесување закон, за распишување референдум на државно ниво и за поднесување предлог за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија, веднаш ја доставува до претседателот на Законодавно-правната комисија и до претседателот на матичното работно тело. Според ставот 2 Законодавно-правната комисија и матичното работно тело во рок од два работни дена до претседателот на Собранието доставуваат мислење за уредноста на иницијативата.

Согласно член 192 став 1 од Деловникот ако претседателот на Собранието утврди дека иницијативата е уредна, за тоа го известува овластениот предлагач, во рок од три дена од добивањето на мислењето од работните тела. Според ставот 2 од истиот член ако претседателот на Собранието утврди дека иницијативата е неуредна, прашањето во врска со иницијативата го става на дневен ред на првата наредна седница на Собранието, а согласно ставот 3 Собранието со заклучок утврдува дали иницијативата е уредна. Во ставот 4 е уредено дека претседателот на Собранието го известува овластениот предлагач за заклучокот на Собранието во рок од три дена.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата доколку не е надлежен да одлучува по барањето.

Од сето горе изнесено, произлегува дека заклучокот е еден од актите коишто Собранието ги донесува за вршење на работите од својата надлежност. Според наведените одредби на Деловникот на Собранието произлегува дека во постапката по граѓанска иницијатива на државно ниво Собранието донесува заклучок со кој утврдува дали иницијативата е уредна или не е, откако претходно по добивање на предлогот за покренување на граѓанска иницијатива на државно ниво, претседателот на Собрението ќе оцени дека иницијативата е неуредна.

Доколку се има предвид природата на прашањата за кои Собранието согласно Деловникот може да донесе заклучок, како и тоа дека заклучоците не подлежат на уставна и законска обврска за објавување во „Службен весник на Република Македонија“ произлегува дека заклучокот ниту по содржина, ниту по форма не претставува пропис во смисла на член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија.

Заклучокот претставува акт на Собранието или на неговите работни тела, што се донесува по повод разгледување и одлучување за одредени прашања во процесот на работата на Собранието и се однесува на извршување на конкретни задачи и работи, особено во однос на подготовка на закон и разгледување на други прашања во Собранието. Според тоа, заклучоците се третираат како акти на работење на Собранието, а не прописи или општи акти со кои нормативно се уредуваат односите.

Од содржината на оспорениот заклучок, според Судот, произлегува дека оспорениот акт не уредува односи на општ начин коишто би се однесувале на неопределен број субјекти, туку со него се решава за конкретно барање на поименично утврдени подносители коешто барање Собранието не го прифатило од причина што оценило дека иницијативата не е уредна бидејќи не била во согласност со одредбите од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните и дека нема законски основ за донесување на одлука за распишување на дополнителен референдум.

Според тоа, оспорениот заклучок е акт на работење на Собранието и е акт од процедурален карактер, со кој се одлучува за конкретно прашање односно конкретен предлог на група граѓани и тој не претставува општ акт односно пропис во смисла на член 110 алинеја 2 поради што, Судот оцени дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата поради ненадлежност.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.

У.бр.53/2019
04.12.2019 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати