У.бр.100/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 202/2019) на седницата одржана на 4 декември 2019 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 1 и член 2 од Законот за амнестија („Службен весник на Република Македонија“ бр.233/2018).

2. Митко Чавков од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на членот 1 и членот 2 од Законот за амнестија („Службен весник на Република Македонија“ бр.233/2018).

Според наводите во иницијативата, со оспорените одредби од членовите 1 и 2 од Законот за амнестија, се повредувале одредбите од Уставот, и тоа: членот 8 според кој како темелни вредности на уставниот поредок се определени основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, како и владеењето на правото, потоа, членот 9 според кој граѓаните во Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба и граѓаните пред Уставот и законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Во иницијативата се наведува дека спротивно на наведените уставни норми биле одредбите од членот 1 од Законот за амнестија со кои било ограничено важењето на Законот само за одредени кривични дела и определени лица, како што тоа било уредено во ставот 3 од овој член од Законот според кој амнестијата не се однесувала за лицата и кривичните дела кои биле посебно наведени во овој став од членот 1 од Законот.

Во иницијативата, исто така се наведува дека одредбите од членот 2 од Законот за амнестија не биле во согласност со погоре наведените одредби од Уставот, поради тоа што било предвидено судот кој одлучувал во текот на траењето на судската постапка, а по претходно прибавено мислење од јавниот обвинител, тој суд да одлучува на кого ќе му го уважел барањето за амнестија, и со тоа амнестијата добивала статус на „судска амнестија“, наместо на законска амнестија како чин на простување и милост на државата против сторителите на кривични дела да не покренува кривично гонење или на веќе осудените лица казната да им биде простена или ублажена.

Во иницијативата се укажува дека врз основа на конкретната амнестија со овој закон, во текот на судската постапка за настаните од 27 април 2017 година од повеќе обвинети лица, амнестија добиле само 20 обвинети лица и тоа по самостојна оцена на судот, а по претходно прибавено мислење од јавен обвинител што било целосно неуставно и дискриминирачки.

Од овие причини со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценка на уставноста на членовите 1 и 2 од Законот за амнестија и истите да ги поништи.

3. Судот на седницата утврди дека Законот за амнестија предвидел:

Член 1

(1) Со овој закон се ослободуваат од кривично гонење, се запираат поведените кривични постапки и целосно се ослободуваат од издржување на казната затвор (во натамошниот текст: „амнестија”) лицата за кои постои основано сомневање дека сториле кривично дело поврзано со настаните во Собранието на Република Македонија од 27 април 2017 година.

(2) Со амнестија од ставот (1) на овој член се:

– ослободуваат од кривично гонење според Кривичниот законик и друг закон на Република Македонија лицата за кои постои основано сомневање дека сториле кривично дело поврзано со собраниските настани од 27 април 2017 година,
– запираат кривичните постапки за кривични дела според Кривичниот законик и друг закон на Република Македонија против лица осомничени и обвинети, а во врска со настаните во Собранието на Република Македонија од 27 април 2017 година за кои постои основано сомневање дека сториле кривично дело до денот на влегувањето во сила на овој закон,
– ослободуваат од извршување на казна условна осуда и се ослободуваат од издржување на казната затвор лицата кои сториле кривични дела според Кривичниот законик и друг закон на Република Македонија, а во врска со настаните од Собранието на Република Македонија од 27 април 2017 година, а кои на денот на влегувањето во сила на овој закон започнале со извршување на казната условна осуда или издржување на казната затвор во казнено-поправните установи во Република Македонија.

(3) Одредбите од ставот (2) алинеи 1, 2 и 3 на овој член не се однесуваат за лица осомничени, обвинети, правосилно осудени како и лица кои издржуваат казна затвор за настаните поврзани и во врска со настаните во Собранието на Република Македонија од 27 април 2017 година за кои постои основано сомнение дека учествувале во подготвување или организирање на настаните во Собранието на Република Македонија или се правосилно осудени, а кои до денот на влегувањето во сила на овој закон сториле кривично дело „Здружување заради непријателска дејност” од членот 324 став 1 од Кривичниот законик, лица со прикриен идентитет кои употребиле физичка сила, лица кои сториле насилство, лица кои неовластено носеле оружје или распрскувачки материјали и лица кои постапиле спротивно на службените овластувања при вршење на кривичното дело „Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста” од членот 313 од Кривичниот законик, кривичното дело „Убиство” од членот 123 од Кривичниот законик, кривичното дело „Насилство” од членот 386 од Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија” број 37/1996, 80/1999, 4/2002, 43/2003, 19/2004, 81/2005, 60/2006, 73/2006, 7/2008, 139/2008, 114/2009, 51/11, 135/11, 185/11, 142/12, 166/12, 55/13, 82/13, 14/14, 27/14, 28/14, 41/14, 115/14, 132/14, 160/14, 199/14, 196/15, 226/15 и 97/17).

(4) Овој исклучок не се однесува на сторители на кривичното дело „Насилство” од членот 386 од Кривичниот законик, како и сторители на кривичното дело „Здружување заради непријателска дејност” од членот 324 од Кривичниот законик во врска со членовите 18, 19, 23 и 24 од Кривичниот законик.

(5) Се определува бришење на осудата и се укинува правната последица на осудата заклучно со денот на влегувањето во сила на овој закон.

Член 2

(1) Постапката за примена на овој закон за лицата против кои е во тек кривична постапка, се поведува по барање на осомниченото, обвинетото и осуденото лице.
(2) Барањето од ставот (1) на овој член се поднесува во рок од 5 (пет) дена од денот на влегувањето во сила на овој закон, до првостепениот суд пред кој се води постапката, кој го носи решението во рок од 5 (пет) дена по приемот на барањето доколку се исполнети условите од овој закон, а по претходно прибавено мислење од надлежен јавен обвинител.
(3) Постапката за примена на овој закон за лицата кои се правосилно осудени, а кои не отпочнале со издржување на казната затвор, по службена должност ја поведува надлежниот првостепен суд што ја донел пресудата, по барање на надлежниот јавен обвинител, по барање на осуденото лице или лице кое во корист на обвинетиот може да изјави жалба.
(4) Постапката за примена на овој закон за лицата кои се правосилно осудени и се на издржување на казната затвор, по службена должност ја поведува казнено- поправната установа во која осуденото лице ја издржува казната затвор.
(5) Решението за амнестија според одредбите од овој закон го донесува судот што ја донел првостепената одлука, во рок од пет (5) дена од денот на приемот на барањето.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото, е темелна вредност на уставниот поредок на Републиката.

Со членот 9 од Уставот е уредено дека граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според членот 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со член 68 став 1 алинеја 18 од Уставот, се утврдува дека Собранието на Република Северна Македонија дава амнестија.

Амнестијата е право на простување (милост) на државата кон сторителите на казнени дела којашто во правните системи е позната како овластување на државата под услови пропишани со закон, против сторители на кривични дела да не се покренува казнено гонење или на веќе осудените лица казната да им биде простена или ублажена. Институтот амнестија наоѓа смисла во неприкосновеното право на казнување на државата, од каде произлегува и правото на простување на сторителот на казненото дело.

Според Уставот на Република Северна Македонија, орган за давање на амнестија во нашата држава е Собранието на Републиката.

Во однос на амнестијата, Уставот само утврдува овластување за законодавецот да дава амнестија, но не го определува видот на амнестијата, ниту за кои кривични дела и сторители таа ќе се однесува, со што овие прашања се препуштени поблиску да ги уреди законодавецот како овластен давател на амнестијата со актот на амнестија.

Со членот 113 (амнестија) од Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија” број 37/1996, 80/1999, 4/2002, 43/2003, 19/2004, 81/2005, 60/2006, 73/2006, 7/2008, 139/2008, 114/2009, 51/2011, 135/2011, 185/2011, 142/2012, 166/2012, 55/2013, 82/2013, 14/2014, 27/2014, 28/2014, 115/2014, 132/2014, 160/2014, 199/2014, 196/2015, 226/2015 и 97/2017), законодавецот ги определил видовите на амнестија, односно дека на лицата кои се опфатени со акт за амнестија им се дава ослободување од гонење или потполно или делумно ослободување од извршување на казната, им се заменува изречената казна со поблага казна, им се определува бришење на осудата или им се укинува определена правна последица од осудата.

Од донесувањето на Уставот на Републиката до денес, правото за давање на амнестија законодавецот го има искористено неколкупати, при што самиот го утврдил видот на амнестијата, за кои кривични дела и за кои лица истата ќе се однесува, имајќи во вид дека не постои уставно ограничување за тоа.

Имајќи предвид дека во Уставот нема ограничување за законодавецот за начинот на кој ќе ја одреди амнестијата, ниту во поглед на категоријата на лица на казнени дела, ниту во поглед на категоријата на сторители или осудени лица кои ќе бидат опфатени со амнестијата, ниту во поглед на определени казни, ниту ограничување во однос на степенот и обемот од ослободување од извршување на изречена казна затвор, неспорно произлегува дека законодавецот има право со конкретен закон за амнестија да ги определи лицата на кои ќе се однесува амнестијата, а на кои таа нема да се однесува.

Потребата од донесување на конкретен акт за амнестија може да биде различна, па во зависност од таа потреба и целта која сакал законодавецот да ја постигне со амнестијата, таа може да се однесува за определени казнени дела, определена категорија на сторители или осудени лица, или пак определени казни, што законодавецот го утврдува во секој конкретен акт за амнестија.

Во конкретниот случај, Собранието на Републиката користејќи го уставното право и овластување за давање на амнестија, повторно го употребил своето право на простување на сторителите на казнени дела, донесувајќи го предметниот Закон за амнестија во декември 2018 година.

Собранието на Републиката, како овластен давател на амнестијата, го донел Законот за амнестија („Службен весник на Република Македонија“ бр.233/2018), со кој во член 1 став 1 утврдил дека се ослободуваат од кривично гонење, се запираат поведените кривични постапки и целосно се ослободуваат од издржување на казната затвор, лицата за кои постои основано сомневање дека сториле кривично дело поврзано со настаните во Собранието на Република Македонија од 27 април 2017 година.

Поаѓајќи од целината на одредбите од членот 1 од Законот за амнестија, кој е цитиран во содржината на оспорениот акт, се гледа дека во ставот (2) од овој член, пропишани се условите кои се однесуваат на лицата поврзани со настаните од 27 април 2017 година, за ослободување од кривично гонење, за запирање на поведените кривични постапки и ослободување од издржување на казната затвор. Во ставовите (3) и (4) од членот 1 од овој закон, законодавецот применил негативна клаузула при нормирањето и утврдил:

„Одредбите од ставот (2) алинеи 1, 2 и 3 на овој член не се однесуваат на лица осомничени, обвинети, правосилно осудени како и лица кои издржуваат казна затвор за настаните поврзани и во врска со настаните во Собранието на Република Македонија од 27 април 2017 година за кои постои основано сомнение дека учествувале во подготвување или организирање на настаните во Собранието на Република Македонија или се правосилно осудени, а кои од денот на влегувањето во сила на овој закон сториле кривично дело „Здружување заради непријателска дејност“ од член 324 став 1 од Кривичниот законик, лица со прикриен идентитет кои употребиле физичка сила, лица кои сториле насилство, лица кои неовластено носеле оружје или распрскувачки материјали и лица кои постапиле спротивно на службените овластувања при вршење на кривичното дело „Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“ од членот 313 од Кривичниот законик, кривичното дело „Убиство“ од членот 123 од Кривичниот законик, кривичното дело „Насилство“ од членот 386 од Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр.37/1996, 80/1999, 4/2002, 43/2003, 19/2004, 81/2005, 60/2006, 73/2006, 7/2008, 139/2008, 114/2009, 51/2011, 135/2011, 185/2011, 142/2012, 166/2012, 55/2013, 82/2013, 14/2014, 27/2014, 28/2014, 41/2014, 115/2014, 132/2014, 160/2014, 199/2014, 196/2015, 226/2015 и 97/2017) – (став 3).

Овој исклучок не се однесува на сторители на кривично дело „Насилство“ од членот 386 од Кривичниот законик, како и сторители на кривичното дело „Здружување заради непријателска дејност“ од членот 324 од Кривичниот законик во врска со членовите 18, 19, 23 и 24 од Кривичниот законик (став 4)“.
(подготвување-член 18, обид-член 19, поттикнување-член 23, помагање – член 24)

Во ставот 5 од членот 1 на овој закон е утврдено дека се определува бришење на осудата заклучно со денот на влегување во сила на овој закон (20 декември 2018 година).

Од одредбите на членот 1 од Законот за амнестија, се гледа дека како прво, во ставот 1 е определен предметот на неговото уредување, а тоа е давање амнестија и субјектите на кои амнестијата се однесува, потоа во ставот 2 со алинеите 1, 2 и 3 законодавецот прецизно ги уредил условите за остварување на амнестијата.

Меѓутоа, овој член од Законот, во ставот 3 утврдил исклучок во кои случаи амнестијата не се однесува, односно уредил кога таа не ги опфаќа прецизно наведените кривични дела и лица осомничени, обвинети, правосилно осудени и лица кои издржуваат казна затвор за настаните поврзани и во врска со настаните во Собранието на Република Македонија од 27 април 2017 година.

Со одредбите од членот 2 од Законот за амнестија, е уредено дека постапката за примена на овој закон за лицата против кои е во тек кривична постапка, се поведува по барање на осомниченото, обвинетото и осуденото лице (став 1).

Барањето од став (1) на овој член се поднесува во рок од 5 (пет) дена од денот на влегувањето во сила на овој закон, до првостепениот суд пред кој се води постапката, кој го носи решението во рок од 5 (пет) дена од приемот на барањето доколку се исполнети условите од овој закон, а по претходно прибавено мислење од надлежен јавен обвинител (став 2).

Постапката за примена на овој закон за лицата кои се правосилно осудени, а кои не отпочнале со издржување на казната затвор, по службена должност ја поведува надлежниот првостепен суд што ја донел пресудата, по барање на надлежниот јавен обвинител, по барање на осуденото лице или лице кое во корист на обвинетиот може да изјави жалба (став 3).

Постапката за примена на овој закон за лицата кои се правосилно осудени и се на издржување на казната затвор, по службена должност ја поведува казнено-поправната установа во кој осуденото лице ја издржува казната затвор (став 4).

Решението за амнестија според одредбите од овој закон го донесува судот што ја донел првостепената одлука, во рок од пет (5) дена од денот на приемот на барањето (став 5).

Со иницијативата се оспоруваат одредбите од членот 1 и членот 2 од Законот за амнестија од аспект дека законодавецот амнестијата неосновано ја поделил со пропишување на различен пристап и селективен однос кон лицата поврзани со настаните од 27 април 2017 година, на едни за кои амнестијата се однесува и за други лица кои се исклучени од амнестијата, со што амнестијата го изгубила степенот на општост спрема опфатот на лицата врз кои таа ќе биде применета и постапката за примена на овој закон, спротивно на уставните норми за почитување на основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите.

Од анализата на оспорените одредби од Законот за амнестија произлегува дека законодавецот јасно и прецизно определил што е предмет на амнестијата, дека се ослободуваат од кривично гонење, се запираат поведените кривични постапки и целосно се ослободуваат од издржување на казната затвор лицата за кои постои основано сомневање дека сториле кривично дело поврзано со настаните во Собранието на Република Македонија од 27 април 2017 година, како што е тоа детално пропишано во ставот 2 од членот 1 од Законот за амнестија и со овој закон во ставот 3 е пропишан исклучокот за лицата и кривичните дела подробно опишани, кои законодавецот не ги опфатил со амнестијата и се исклучени од ова право, што претставува негово уставно овластување и слобода да ги утврди елементите и границите на амнестијата. Ова со оглед на тоа што не постои уставна определба дека амнестијата мора да биде општа во смисла да се однесува на сите кривични дела, како што всушност се бара со иницијативата, туку законодавецот има уставно овластување да определи за кои кривични дела ќе даде амнестија, бидејќи законодавецот ја димензионира рамката на амнестијата.

Притоа, треба да се има предвид дека со определувањето на амнестијата во зависност од видот на кривичните дела, сторителите на тие определени кривични дела се ставаат во еднаква правна положба, без оглед на полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, со што е запазено начелото на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите.

Во Законот за амнестија, законодавецот го детерминирал видот на амнестијата, а прашањето од гледиштето на Уставот не е дали Уставниот суд или некој друг, смета дека треба или не треба, токму лицата опфатени со Законот да бидат амнестирани, да не бидат амнестирани или и други да бидат амнестирани, (Уставниот суд не може да се стави на местото на Собранието и да ја врши неговата улога), туку дали имало уставно овластување Собранието за тоа што го направило или немало. Оттука, прашањето со кое се проблематизира зошто некои сторители на кривични дела немаат право на амнестија, а други имаат, според Судот е неосновано, затоа што не постои право на амнестија на граѓаните за да се стават во контекст на еднаквост, туку постои прерогатив за давање амнестија.

Имајќи го предвид погоре наведеното, уставното овластување Собранието да дава амнестија, коешто истовремено подразбира и негово право да го определи степенот односно за кои се однесува и за кои не се однесува амнестијата во контекст на пропишаното во Законот и да ја одреди категоријата на лицата кои ќе бидат опфатени со амнестијата, односно лицата на кои амнестијата нема да се однесува, пред Судот не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од Законот за амнестија, со одредбите на Уставот на кои се повикува подносителот со иницијативата.

Од аспект на постапката за примена на овој закон, со членот 2 е пропишано како се поведува постапката, при што самата постапка за лицата против кои е во тек кривичната постапка се поведува по барање на тие лица, кое се поднесува во рок од 5 дена од влегување во сила на овој закон, до првостепениот суд пред кој се води постапката кој донесува решение за амнестија доколку се исполнети условите од овој закон, а по претходно прибавено мислење од надлежен јавен обвинител. Лицата кои се правосилно осудени, а кои не отпочнале со издржување на казна затвор, по постапката по службена должност ја поведува надлежниот првостепен суд што ја донел пресудата, по барање на надлежен јавен обвинител, по барање на осудено лице или лице кое во корист на обвинетиот може да изјави жалба, а постапката за лицата кои се правосилно осудени и се на издржување на казна затвор, се поведува по службена должност од страна на казнено-поправната установа во која осуденото лице ја издржува казната затвор.

Одредбите од Законот коишто се однесуваат на начинот на поведување постапка за давање амнестија зависно од положбата на лицата во кривичната постапка, со третирање на надлежен суд, јавен обвинител и казнено-поправната установа во која осуденото лице ја издржува казната затвор, а во конекст со целината на Законот, не пропишува помали права на едни наспрема други на тие лица кои ги исполнуваат условите за амнестија, а од друга страна овие одредби неспорно имаат за цел брзо и ефикасно спроведување на постапката.

На овој начин, со одредбите од Законот за амнестија се обезбедува ефикасност и економичност во остварување на амнестијата кон лицата за кои Законот е донесен, а случаите на евентуално нееднаков третман на некое или некои од лицата кои припаѓаат на категоријата опфатена со Законот за амнестија е фактичко прашање, односно прашање од сферата на примена на Законот во кој истовремено се уредени правни средства за заштита на правните интереси за добивање амнестија.

Со оглед на наведеното, и за одредбите од членот 2 од Законот за амнестија коишто се однесуваат на постапката за примена на овој закон, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за несогласност со Уставот, од аспект на наводите во иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева,Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.

У.бр.100/2019
04.12.2019 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати