У.бр.127/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеи 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019), на седницата одржана на 4 декември 2019 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 229 став 1, во делот „на лиценца“, член 229 став 8, во делот „ставот (1) на“ и на член 231 став 16, во делот „за користење и располагање со стварите на државните органи“од Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр. 43/2012, 145/2012, 87/2013, 164/2013, 39/2014, 43/2014, 132/2014, 188/2014, 10/2015, 61/2015, 154/2015, 192/2015, 37/2016, 20/2019, 101/ 2019, 153/2019 и 180/2019).

2. Игорчо Точев од Кочани, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од ова решение.

Во наводите на иницијативата се цитира член 15 точка 18 од Законот за здравствената заштита според кој „Лиценца за работа“ е јавна исправа којашто ја докажува стручната обученост на здравствениот работник за вршење на здравствени услуги, како и член 229 став 1 од Законот, според кој постапката за доделување на лиценца ја води Министерството за здравство.

Подносителот на иницијативата, во однос на оспорениот дел од член 229 став 1, наведува дека оспорената законска одредба била со наслов „Концедент“ и била поместена во глава IX со наслов „КОНЦЕСИИ ЗА ВРШЕЊЕ НА ЗДРАВСТВЕНА ДЕЈНОСТ ВО МРЕЖАТА НА ЗДРАВСТВЕНИ УСТАНОВИ“, поради што не било јасно за каков вид на лиценца станувало збор, особено ако се имало предвид содржината на останатите ставови од членот 229 од наведениот закон коишто ја пропишувале постапката за доделување на концесија.

Оспорената законска одредба, според подносителот на иницијативата не била во согласност со начелото на владеење на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија со образложение дека одредбите во правниот промет мора да бидат јасни и прецизни за да не дојде да забуна во практикувањето на правото.

Понатаму, подносителот на иницијативата наведува дека ставот 8 од членот 229 од Законот за здравствена заштита според кој Комисијата од ставот (1) на овој член се состои од претседател, заменик- претседател и најмалку три члена и нивни заменици упатувал на примена на одредба која содржински не се дополнувала со одредбата на ставот 1 од членот 229 на кој се упатува во оспорениот став 8 бидејќи во ставот 1 е наведено дека Министерството за здравство води постапка за доделување на лиценца, а не Комисија, што доведувало до забуна во примената на самата одредба и не било во согласност со начелото на владеење на правото пропишано со Уставот.

Во наводите на иницијативата се цитира ставот 16 од членот 231 од Законот за здравствена заштита според кој на постапката за давањето на просторот или опремата под закуп од ставот (11) на овој член се применуваат соодветно одредбите од Законот за користење и располагање со стварите на државните органи коишто се однесуваат на издавање под закуп на недвижни и подвижни ствари со јавно наддавање доколку поинаку не е утврдено со овој закон.

Имено, според подносителот на иницијативата, согласно членот 74 од Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост („Службен весник на Република Македонија“ бр.78/2015) со денот на влегување во сила на овој закон престанал да важи Законот за користење и располагање со стварите на државните органи. Во овој контекст, подносителот наведува дека кога една одредба се повикувала на примена на друга одредба односно се повикувала на примена на одредби од закон, потребно било законот кој ги содржи одредбите на чија примена се упатувало, да бил дел од правниот поредок.

Според подносителот, повикувањето на примена на одредби или закон кој не бил повеќе во правниот поредок доведувало до заблуда при операционализација на одредбата или законот кој упатувал на примена на одредбата односно одредбите од законот кој повеќе не бил во правниот промет, не било во согласност со начелото на владеење на правото предвидено во Уставот на Република Северна Македонија.

Поради сето наведено подносителот на иницијативата предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените делови „на лиценца“ од членот 229 став 1, делот „ставот (1) на“ од членот 229 став 8 и делот „за користење и располагање со стварите на државните органи“ од член 231 став 16 од Законот за здравствена заштита и истите да ги укине.

3. Судот на седницата утврди дека согласно член 229 став 1 од Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр. 43/2012, 145/2012, 87/2013, 164/2013, 39/2014, 43/2014, 132/2014, 188/2014, 10/2015, 61/2015, 154/2015, 192/2015, 37/2016, 20/ 2019, 101/2019, 153/2019 и 180/2019) постапката за доделување на лиценца ја води Министерството за здравство, а според ставот 8 од овој член, комисијата од ставот (1) на овој член се состои од претседател, заменик-претседател и најмалку три члена и нивни заменици.

Согласно член 231 став 16 од Законот, на постапката за давањето на просторот или опремата под закуп од ставот (11) на овој член се применуваат соодветно одредбите од Законот за користење и располагање со стварите на државните органи што се однесуваат на издавање под закуп на недвижни и подвижни ствари со јавно наддавање, доколку поинаку не е утврдено со овој закон.

4. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата доколку не е надлежен да одлучува за барањето или доколку постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Од наводите во иницијативата произлегува дека подносителот на иницијативата ја оспорува уставноста на делот „на лиценца“ од член 229 став 1 од Законот, упатувајќи на член 15 точка 18 во кој е дефинирано дека „лиценца за работа“ е јавна исправа која ја докажува стручната обученост на здравствениот работник за вршење на здравствени услуги. Во наводите на иницијативата се наведува дека член 229 став 1 од Законот е со наслов „Концедент“ и е поместен во глава IX со наслов „Концесии за вршење на здравствена дејност во мрежата на здравствени установи“ и согласно наведеното, на подносителот не му е јасно за каков вид на лиценца станува збор имајќи во предвид дека во останатите ставови од членот 229 од Законот се пропишува постапка за доделување на концесија.

Меѓутоа, оспорена законска одредба којашто подносителот ја цитира во наводите на иницијативата е содржана во основниот Закон за здравствена заштита објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.43/2012, којашто со понатамошните измени и дополнувања на Законот објавени во „Службен весник на Република Македонија“ бр.145/ 2012 со членот 4 ја менува својата содржина и насловот пред членот 229 „Концедент“ се менува и гласи „Доделување на лиценца“. Со членот 5 од цитираните измени на Законот, ставот 1 на членот 229 што претходно гласел: „Концедент е Република Македонија, а постапката за доделување на концесија ја води Министерството за здравство“, се менува и гласи: „Постапката за доделување на лиценца ја води Министерството за здравство“. Исто така, треба да се земе во предвид дека во членот 11 од Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствена заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр.145/2012) е утврдено дека низ целиот текст на Законот зборот „концесии“ се заменува со зборот „лиценци“ и следствено на ова, насловот на главата IX „Концесии за вршење на здравствена дејност во мрежата на здравствени установи“ којашто ја наведува подносителот на иницијативата, со овие измени гласи: „Лиценци за вршење на здравствена дејност во мрежата на здравствени установи“.

Согласно наведеното, подносителот на иницијативата, не земајќи ги предвид подоцнежните измени и дополнувања на Законот за здравствена заштита, во конкретниот случај оспорува претходна содржина на одредба од Законот, којашто одредба е изменета со Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр.145/2012).

Имајќи ги предвид утврдените надлежности на Уставниот суд од членот 110 на Уставот, Судот оцени дека во конкретниот случај се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата поради постоење на процесни пречки за одлучување по истата.

Во врска со наводите на подносителот на иницијативата по однос на оспорениот став 8, во делот „ставот 1 на“ од членот 229 од Законот, според Судот е сторена очигледна техничка грешка, односно дека наместо нумерацијата „(1)” кој е оспорен дел, треба да стои нумерацијата „(7)”. Ова од причини што во ставот 7 на овој член е уредено дека постапката за доделување на лиценца ја подготвува, организира и спроведува Комисија за спроведување на постапката за доделување на лиценца (во натамошниот текст: комисијата) формирана од страна на Министерството за здравство. Имено целиот член 229 се однесува на една постапка односно на постапката за доделување на лиценца и за една комисија, а тоа е комисијата за спроведување на постапката за доделување на лиценца.

Од анализата на наводите во иницијативата и на оспорената законска одредба, произлегува дека во суштина подносителот на иницијативата бара Уставниот суд да се впушти во уставно – судска оцена и да констатира дека законодавецот направил грешка.

Во конкретниот случај, станува збор за очигледна техничка грешка, којашто грешка, според Судот, не е од влијание во однос на правната сигурност на граѓаните, односно не може да предизвика забуна во однос на правилната примена на одредбите од оспорениот закон.

Имајќи ги предвид утврдените надлежности на Уставниот суд од членот 110 на Уставот, Судот оцени дека во конкретниот случај исполнети се условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата во овој дел, со оглед дека наводите се сведуваат на барање за постапување кое е во надлежност на законодавецот, а не на Уставниот суд. Законодавецот е орган чијашто надлежност е да ги креира прописите, да ги менува и дополнува, а воедно и да врши технички исправки и корекции на прописите коишто ги донесува.

Оспорениот став 16 на член 231 од Законот за здравствена заштита предвидува дека на постапката за давањето на просторот или опремата под закуп од ставот (11) на овој член се применуваат соодветно одредбите од Законот за користење и располагање со стварите на државните органи коишто се однесуваат на издавање на закуп на недвижни и подвижни ствари со јавно наддавање, доколку поинаку не е утврдено со овој закон.

Во членот 74 е утврдено дека со денот на влегувањето во сила на овој закон престанува да важи Законот за користење и располагање со стварите на државните органи („Службен весник на Република Македонија“ бр.8/2005, 150/2007, 35/2011, 166/2012, 137/2013, 188/2013, 27/2014 и 180/2014).

Од наведените законски одредби произлегува дека Законот за користење и располагање со стварите на државните органи престанал да се применува со денот на примената на Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост. Оттука, јасно произлегува дека при операционализацијата на одредбата од член 231 став 16 ќе се применува Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата и во однос на кои го оспорува член 231 став 16 од наведениот закон, според Судот, истите се неосновани од причина што оспорената одредба не претставува суштинска повреда на Законот, туку станува збор за грешка од номотехнички карактер.

Имајќи ги предвид утврдените надлежности на Уставниот суд од член 110 алинеја 1 на Уставот, како и наводите за уставно проблематизирање на оспорениот дел „за користење и располагање со стварите на државните органи” од член 231 став 16 од Законот, што во суштина се барање, Уставниот суд преку покренување на уставниот механизам за оценување на уставноста на одредби од закон, да се впушти во постапување со цел да се изврши исправка, односно техничка корекција на оспорената одредба од Законот, што е во надлежност на законодавецот, а не на Уставниот суд.

Со оглед на наведеното, Судот оцени дека и во овој дел на инцијативата се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата, поради ненадлежност.

5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.

У.бр.127/2019
04.12.2019 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати