Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019) на седницата одржана на 4 декември 2019 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на: член 68, член 71 ставови 2, 3 и 4, член 74 и член 77 ставови 3, 4, 5 и 6 од Законот за персоналниот данок на доход („Службен весник на Република Македонија“ бр.80/1993, 3/1994-исправка, 70/1994, 71/1996, 28/1997, 8/2001, 50/2001, 52/2001 – исправка, 2/2002, 44/2002, 96/2004, 120/2005, 52/2006, 139/2006, 6/2007-исправка, 160/2007, 159/2008, 20/2009, 139/2009, 171/2010, 135/2011, 166/2012, 187/2013, 13/2014, 116/2015, 129/2015, 199/2015, 23/2016 и 190/2017).
2. Александра Илиева, адвокат од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на повеќе одредби од Законот за персоналниот данок на доход, означени во точката 1 од ова решение.
Во иницијативата се оспоруваат: член 17 ставови 1, 2 и 3; член 20 ставови 3 и 4; член 23 и член 25 ставови 3, 4 и 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за персонален данок на доход („Службен весник на Република Македонија“ бр.190/2017), но поради погрешното нумеричко означување и големиот број на измени и дополнувања на Законот, Судот оцени дека предмет на оцена се одредбите означени во точката 1 од ова решение.
Подносителот на иницијативата ги цитира оспорените одредби и наведува дека истите се во спротивност на членот 18, член 8 став 1 алинеја 4 и членот 33 од Уставот.
Според подносителот на иницијативата Уставот пропишал граници во кои државата треба да се води при одредувањето на даночните обврски на граѓаните, од причина што согласно член 8 став 1 алинеја 4 в.в. со член 33 од Уставот начинот на намирување на јавните давачки и јавните расходи се уредува со закон.
Бидејќи Собранието на Република Македонија е законодавниот орган не било дозволено министерот за финансии да донесува подзаконски акти, со законско задолжување за начинот на исполнување на даночните обврски на граѓаните, како што било предвидено во оспорените одредби. Министерот не можел да биде со закон овластен да востановува начин на исполнување на даночните обврски за граѓаните, туку тие можеле да се востановуваат само со закон. Сето ова било во целост спротивно на начелото на поделба на власта, затоа што оваа обврска согласно Уставот ја имало Собранието, како законодавен дом. Министерот не можел во исто време да биде и законодавен и извршен орган, а Собранието да носи „недоречен“ закон, со што се минимализирала неговата улога како законодавен дом.
Пополнувањето на даночните пријави било обврска на граѓаните, согласно членот 33 од Уставот во која обврска требало да учествува секој граѓанин, но никаде не стоело дека оваа обврска можело да се преотстапи директно на Управата за јавни приходи, како извршен државен орган.
Поради мешањето на надлежностите и носење на подзаконски акти за материја којашто можела да се уреди само со закон; поради тоа што личните податоци на граѓаните биле заштитени од понатамошна обработка и поради исполнување на уставните обврски за заштита од „воспоставување на тоталитаризам и спојување на законодавната со извршната власт“, подносителот на иницијативата предлага Судот да утврди дека одредбите биле во спротивност со член 8 став 1 алинеја 4, член 18 и член 33 од Уставот.
Ова од причина што не можело на министерот за финансии со закон да му се одредуваат надлежности за начинот на пресметка на данокот, затоа што тоа било во надлежност на Собранието согласно Уставот. Не можела обврската за учество на граѓаните во исполнување на јавните давачки да се „преотстапува“ на министерот за финансии, ниту на Управата за јавни приходи која пополнувала пријави во име на граѓаните. Личните податоци на граѓаните не можеле да се „преотстапуваат“ на обработка на Управата за јавни приходи, со цел пополнување на даночна пријава во име на граѓаните, од причина што тоа било спротивно на членот 18 од Уставот, а согласно членот 33 од Уставот тоа било лична обврска на граѓаните која се уредувала со закон.
Поради сето наведено се предлага Судот да ги поништи оспорените одредби и да донесе решение за запирање на извршувањето.
3. Судот на седницата, утврди дека според член 68 став 1 од Законот, органот за јавни приходи изготвува пополнета годишна даночна пријава за даночниот обврзник, за доходот што го остварил во годината за којашто се утврдува данокот.
Пополнетата годишна даночна пријава, од ставот 1 на овој член, органот за јавни приходи ја доставува до даночниот обврзник најдоцна до 30 април наредната година (став 2).
Обврзникот на данокот на доход е должен да ја потврди точноста на податоците од пополнетата годишна даночна пријава од ставот 1 на овој член или да ја коригира пријавата најдоцна до 31 мај (став 3).
Доколку даночниот обврзник не ја потврди или коригира пополнетата годишна даночна пријава во рокот од ставот 3 на овој член, пополнетата годишна даночна пријава се смета за потврдена (став 4).
Формата и содржината на пополнетата годишна даночна пријава за утврдување на персоналниот данок на доход, начинот на доставување на пополнетата годишна даночна пријава од страна на органот за јавни приходи и начинот на потврдување од страна на даночниот обврзник, ги пропишува министерот за финансии (став 5).
Во член 71 став 2 од Законот е предвидено дека, пресметката од ставот 1 на овој член обврзникот ја доставува по пат на пренос на податоци во електронска форма.
Според ставот 3 од истиот член од Законот, пресметката на аконтацијата на данокот на доход од ставот 1 на овој член ја одобрува органот за јавни приходи.
Во ставот 4 од членот 71 од Законот е предвидено дека начинот на пресметка и уплата на аконтациите на персоналниот данок на доход, формата и содржината и начинот на доставување и одобрување на електронската пресметка за приход и данок ги пропишува министерот за финансии.
Според член 74 став 1 од Законот, обврзникот – нерезидент поднесува пресметка за секој од приходите што ги остварува, а за кои не е предвидено плаќање на данок на доход по одбивка.
Во член 74 став 2 од Законот е предвидено дека начинот на пресметка и уплата на аконтациите на персоналниот данок на доход, формата и содржината и начинот на доставување и одобрување на електронската пресметка за приход и данок ги пропишува министерот за финансии.
Според член 77 став 3 од Законот, пресметката од ставовите 1 и 2 на овој член, се доставува по пат на пренос на податоци во електронска форма.
Пресметката од ставот 1 на овој член ја одобрува органот за јавни приходи, пред да се изврши плаќањето на данокот и исплатата на нето приходот кај носителот на платниот промет (став 4).
Пресметката од ставот 2 на овој член ја одобрува органот за јавни приходи, пред да се изврши плаќањето на данокот кај носителот на платниот промет (став 5).
Начинот на пресметка и уплата на аконтациите на персоналниот данок на доход, формата и содржината и начинот на доставување и одобрување на електронската пресметка за приход и данок ги пропишува министерот за финансии (став 6).
Законот за данокот на личен доход („Службен весник на Република Македонија“ бр.241/2018) во членот 119 предвидел дека со започнувањето на неговата примена престанува да важи Законот за персоналниот данок на доход („Службен весник на Република Македонија“ бр.80/1993, 3/1994-исправка, 70/1994, 71/1996, 28/1997, 8/2001, 50/2001, 52/2001-исправка, 2/2002, 44/2002, 96/2004, 120/2005, 52/2006, 139/2006, 6/2007-исправка, 160/2007, 159/2008, 20/2009, 139/2009, 171/2010, 135/2011, 166/2012, 187/2013, 13/2014, 116/2015, 129/2015, 199/2015, 23/2016 и 190/2017).
Во членот 120 од Законот за данокот на личен доход е предвидено овој закон да влезе во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, а да се применува од 1 јануари 2019 година.
4. Согласно член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Оспорените законски одредби се содржани во Законот за персонален данок на доход. По поднесувањето на иницијативата, Собранието на Република Македонија, на седницата одржана на 24 декември 2018 година, донесе Закон за данокот на личен доход, којшто е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.241/2018 од 26.12.2018 година, односно два дена по поднесувањето на иницијативата.
Во членот 119 од Законот за данокот на личен доход е предвидено со започнувањето на неговата примена да престане да важи Законот за персоналниот данок на доход со сите измени и дополнувања. Според член 120 од Законот за данокот на личен доход овој закон е во примена од 1 јануари 2019 година, од кога и престанал да важи Законот за персоналниот данок на доход, чиј составен дел се оспорените одредби.
Судот имајќи предвид дека Законот за персоналниот данок на доход заедно со оспорените одредби сметано од 1 јануари 2019 година престанал да важи и не е дел од правниот поредок, оцени дека согласно наведената деловничка одредба се настапени условите за отфрлање на иницијативите поради постоење на процесни пречки за одлучување.
Според тоа не се исполнети и условите за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на оспорените одредби, од каде нема услови за донесување на решение согласно членот 27 од Деловникот.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.
У.бр.135/2018
04.12.2019 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати