Издвоено мислење по предметот У.бр.132/2018

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија (“Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), по гласањето против Решението на Уставниот суд на Република Северна Македонија У.бр.132/2018 донесено на ден 18 септември 2019 година за отфрлање на иницијативата за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија кои се однесуваат на забрана на дискриминација на граѓаните по основ на расна и национална припадност судиите: Сали Мурати, д-р Осман Кадриу и Насер Ајдари го издвојуваат и писмено го образлагаат своето:

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

На седницата одржана на 18 септември 2019 година, Судот со мнозинство гласови донесе Решение У.бр.132/2018 со кое СЕ ОТФРЛА барањето на Сериха Елмазова и други од Битола, за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија кои се однесуваат на забрана на дискриминација на граѓаните по основ на расна и национална припадност, во врска со остварување на правото на образование на учениците Роми во ООУ „Ѓорѓи Сугарев“- Битола и ООУ „Тодор Ангелевски“ – Битола, од причини што:

„Оттука, при состојба во која до Судот не се доставени докази од кои со сигурност може да се утврди дека конкретните подносители на барањето биле изложени на различен третман од страна на училиштата и дека им било ускратено правото на образование преку одбивање на упис во училиштето, Судот оцени дека во конкретниот случај не се исполнети процесните претпоставки од член 52 од Деловникот на Уставниот суд за впуштање во мериторно одлучување по барањето за заштита на слободите и правата, односно дека истото треба да се отфрли.“

Во постапката по предметот У.бр.132/2018 во целост е изнесена точната фактичката состојба, но погрешно е применето материјалното право со цел донесување на правилна уставно-судска одлука.

Сметаме дека повредата била сторена со противправно дејствие преземено од директорите на основните училишта ООУ „Ѓорѓи Сугарев“- Битола и ООУ „Тодор Ангелевски“-Битола, коешто се состои во селективна примена на Законот за основното образование и Одлуката за реонизација на Општина Битола, што имало за последица сегрегација и дискриминација на учениците и родителите Роми.

Со дејствијата од страна на директорите се вршело продолжена дискриминација во пристапот до правото на образование како и видлива сегрегација на учениците Роми поради фактот што неколку години по ред биле формирани чисто етнички паралелки, составени единствено од ученици Роми, со моментална концентрираност од 80% на учениците Роми наспроти останатите ученици. Причина за ова, било свесно преземеното, повторено противправно дејство на сегрегација и дискриминација на учениците и родителите Роми, како резултат на селективно отстапување од примената на Законот за основно образование и Одлуката за реонизација на општина Битола.

Од приложените докази, се уочува дека родители Роми ја почитувале Одлуката за реонизација со што редовно и правилно ги запишувале своите деца во ООУ „Ѓорѓи Сугарев“, што не било случај со родителите Македонци од овој реон, кои неколку години по ред своите деца наместо во ООУ „Ѓорѓи Сугарев“ ги запишувале во ООУ „Тодор Ангелевски“, на кој начин спречувале блиска интеракција на нивните деца со деца од ромска етничка припадност. Неспорно е дека во тоа помагале самите училишта со тоа што училишните служби во ООУ „Тодор Ангелевски“ редовно давале согласност за запишување на ученици Македонци во ова училиште, иако истите не припаѓале на тој реон согласно Одлуката за реонизација.

Исто така од наводите и фактите се гледа дека, во случаите кога родителите Роми се обидувале на ист начин како и родителите Македонци да ја изиграат Одлуката за реонизација и побарале согласност нивните деца да следат настава во ООУ „Тодор Ангелевски“ со цел нивните деца да учат во мешана средина, истите биле одбиени под изговор дека тие не припаѓале во реонот на тоа училиште.

Од тука се гледа дека, Одлуката за реонизација и законските одредби се применувале само за учениците и родителите Роми, а не за сите, бидејќи согласноста предвидена во законските одредби која треба да ја дадат реонските основни училиштата не им се давала на сите родители, туку само на македонските родители. Со наведените противправни дејствија, било јасно дека проблемот на сегрегација било последица на ставањето во нееднаква и понеповолна положба на родителите и учениците Роми т.е. нивна директна дискриминација во однос на родителите и учениците Македонци од истиот реон.

Со спорната практика врз учениците Роми, системски се повредувало нивното право на еднаквост и заштитата од дискриминација при остварување на нивното уставно загарантирано право на образование и тоа во етнички мешана училишна средина која кореспондира со карактерот на македонската држава како општество на повеќе етникуми.

Проблемот со сегрегацијата на учениците Роми во Битола бил забележан како од страна на здруженијата на граѓани, Европскиот центар за правата на Ромите од Будимпешта, Институтот за човекови права од Скопје, така и од страна на Народниот правобранител. Според истражувањето различен бил третманот на надлежните органи на училиштето кон родителите на учениците од ромска и неромска етничка припадност.

Од приложените докази се гледа дека, најголем број на ученици од ромско потекло во Општина Битола биле запишани во ООУ „Ѓорѓи Сугарев“ во кое 80% од учениците во ова училиште биле Роми. Во ова основно училиште од 2011 до 2016 година драстично се намалувал бројот на запишани ученици во прво одделение од неромско население, особено во последните две години: во учебната 2015/2016 година биле запишани само 8 ученици кои не биле од ромска националност, а во учебната 2016/2017 година при првиот уписен рок биле запишани 5 ученици кои не биле од ромска националност, кои потоа биле префрлени во друго училиште. Во учебната 2016/2017 година во ООУ „Ѓорѓи Сугарев“ сите запишани првачиња биле Роми, а оваа учебна година 2018/2019 година во училиштето биле запишани единствено 5 првачиња Македонци и сите биле сместени во една паралелка.

Сметаме дека, една од најважните причини за појава на сегрегација во етнички мешани средини е непридржувањето до одредбите за реонизација при запишувањето на учениците.

Уставниот суд, врз основа на наводите во барањето за заштита на слободите и правата, доставените одговори од основните училишта ООУ „Ѓорѓи Сугарев“ и ООУ „Тодор Ангелевски“ од Битола, како и од дополнителните поднесоци од адвокатот-полномошник на подносителите на барањето, во претходна постапка според нас ја утврди точната фактичка состојба:

Точен е фактот дека, подносителите на барањето се 10 ученици од ромска национална припадност кои живеат во населбата Баир во Битола. Во населбата Баир постојат две основни училишта кои се во близина, ООУ „Ѓорѓи Сугарев“ и ООУ „Тодор Ангелевски“ кои се основни училишта кои работат по редовна наставна програма.

ООУ „Ѓорѓи Сугарев“ се наоѓа во населбата Баир во Битола во кое училиштето учат вкупно 584 ученици од кои 488 Роми, 85 Македонци и 11 ученици од друга националност или процентуално пресметано од вкупниот број ученици 83,56% се Роми, 14,55% се Македонци и 1,88% се од друга националност.

Имено, бројот на ученици по паралелки и етничкиот состав во ООУ „Ѓорѓи Сугарев“ Битола за учебната 2018-2019 година бил:

Во прво одделение учеле вкупно 71 деца од кои 5 се Македонци, 65 Роми и 1 Албанец. Македонците се сите во една паралелка, не се распределени во другите паралелки подеднакво.
Во второ одделение учат вкупно 103 деца од кои 9 се Македонци, а 94 се Роми. И тука Македонците се сите само во една паралелка.
Во трето одделение се вкупно 87 деца од кои 3 Македонци, 83 Роми и 1 Турчин. Македонците и тука се сите во една паралелка.
Во четврто одделение се вкупно 65 деца од кои се 4 Македонци, 60 Роми и 1 Турчин. И тука децата од македонска припадност се сместени само во една паралелка.
Во петто одделение има вкупно 63 деца од кои има 11 Македонци, 49 Роми и 2 Албанци. Македонците и тука се сите во една паралелка.
Во шесто одделение учат вкупно 62 деца, од кои 9 се Македонци, сместени само во една паралелка, 51 Роми, еден Албанец и еден ученик од друга национална припадност.(не е наведено која)
Во седмо одделение учат вкупно 50 деца, од кои 12 Македонци, сместени сите само во една паралелка, 37 Роми и 1 Албанец.
Во осмо одделение учат вкупно 45 деца од кои има вкупно 11 Македонци распределени во две паралелки (4 во една, и 7 во друга паралелка), 33 Роми и 1 Албанец.
Во девето одделение учат вкупно 38 деца од кои има вкупно 21 Македонци распределени во сите четири паралелки (IX-1 – 5 деца, IX-2 – 6 деца, IX -3 – 2 деца и IX -4 – 8 деца), 16 Роми и 1 Турчин.

Основното училиште „Тодор Ангелевски“, исто така се наоѓа во населбата „Баир“ во Битола, оддалечено на околу 600 метри од ООУ „Ѓорѓи Сугарев“. Во училиштето учат вкупно 589 ученици од кои 560 Македонци, 15 Роми и 13 ученици од друга националност или процентуално пресметано од вкупниот број ученици 2,54% се Роми, 95,1% се Македонци и 2,2% се од друга националност.

Во ова основно училиште оваа учебна 2018/2019 година, во прво одделение биле запишани 6 ученици Роми кои припаѓале на нивниот реон согласно Одлуката за реонизација и еден ученик Ром кој не припаѓал на тој реон. Од нив, во предвидениот рок биле запишани 3 ученици Роми, а после тој рок биле запишани уште 4 ученици Роми кои биле распределени подеднакво во сите паралелки.

Вкупниот број на ученици кои моментално учат во ова училиште и нивниот етнички состав по одделенија и по паралелки е следен:

Во прво одделение има вкупен број на ученици 79 од кои 74 се Македонци, а 5 се Роми кои се подеднакво распределени во сите три паралелки (I-1 – 2 деца Роми, I-2 – 2 деца Роми, I -3 – еден Ром).
Во второ одделение има вкупно 62 ученици од кои 58 се Македонци, 3 Роми кои се сместени сите во една паралелка и еден Турчин.
Во трето одделение, учат вкупно 77 ученици, од кои 75 се Македонци, еден Ром и еден Турчин.
Во четврто одделение, има вкупно 71 ученици, од кои 64 се Македонци, 2 Роми, 3 Турци, 2 Срби, сите распределени во различни паралелки.
Во петто одделение учат вкупно 62 ученика, од кои 60 се Македонци, 1 Влав и 1 Турчин.
Во шесто одделение има вкупно 52 ученика, од кои 49 се Македонци, 2 Роми во една паралелка, еден Турчин.
Во седмо одделение има вкупно 53 ученика, од кои 51 се Македонци, а 2 Роми кои се во една паралелка.
Во осмо одделение има вкупно 66 ученика, сите Македонци.
Во деветто одделение има вкупно 67 ученика, од кои 63 се Македонци, а 4 Турци.
Сите одделенија се составени од по 3 паралелки, дополнителни 3 паралелки се формирани во истото училиште кое се наоѓа во населбите Стрелиште и Оризари.

Во ООУ „Тодор Ангелевски“ за упис на ученици од друг реон за последните три години биле поднесени следниве барања:
– во учебната 2016/2017 година, биле поднесени 23 барања од други реони од кои 22 биле Македонци и една Ромка.
– во учебната 2017/2018 година, биле поднесени 15 барања од други реони од кои сите биле Македонци.
– во учебната 2018/2019 година, биле поднесени 20 барања од други реони од кои 18 Македонци и 2 Роми.

Според информацијата добиена од директорот на ООУ „Тодор Ангелевски“ сите барања биле прифатени без разлика на нивната етничка припадност и сите ученици од другите реони биле запишани во вториот уписен рок.

Од наведеното, според наше мислење во овие две училишта се вршело селективно запишување и префрлување/отпишување на ученици во текот на учебната година, односно дека често се вршело отпишување на деца кои не се од ромска припадност од ООУ „Ѓорѓи Сугарев“ во ООУ „Тодор Ангелевски.

Според член 8 став 1 алинеја 1 од Уставот основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Според членот 9 од Уставот, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно членот 44 од Уставот, секој има право на образование. Образованието е достапно на секого под еднакви услови. Основното образование е задолжително и бесплатно.

Според член 50 став 1 од Уставот секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот, пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија, во постапка заснована на начелата на приоритет и итност.

Според членот 54 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот и тоа само во време на воена или вонредна состојба, според одредбите на Уставот, при што ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имот или општествена положба.

Исто така од особено значење во конкретниов случај се и меѓународните инструменти врз основа на кои се заснова правото на образование, а посебно Конвенцијата за правата на децата според која во членот 28 предвидува дека државите-членки го признаваат правото на детето на образование, и со цел постепено остварување на тоа право на основа на еднакви можности, посебно го прогласуваат основното образование задолжително и бесплатно за сите.

Според членот 29, образованието на детето треба да биде насочено кон: развој на личноста на детето, развој на надареноста, менталните и физичките способности до крајни граници; развој на почитувањето на правата на човекот и основните слободи; развој на почитувањето на родителите на детето, неговиот културен идентитет, јазик и вредности, национални вредности на земјата во која живеат и земјата од која потекнуваат, како и на цивилизациите кои се различни од неговата; подготовка на детето за одговорен живот во слободно општество, во дух на разбирање, мир, толеранција, еднаквост на половите и пријателство меѓу сите народи, етнички, национални и верски групи и лица со автохтоно потекло и развој на почитувањето на природната средина.

Правото на еднаквост и недискриминација и правото на образование се гарантирани и со Европската конвенција за човекови права и слободи. Имено, во членот 14 (забрана на дискриминација) се наведува: „Уживањето на правата и слободите, признати со оваа Конвенција, треба да се обезбеди без никаква дискриминација заснована врз пол, раса, боја на кожата, јазик, вера, политичко или кое и да е друго мислење, национално или социјално потекло, припадност на национално малцинство, материјална положба, потекло по раѓање или кој и да е друг статус“.

Заштитата на правото на образование е формулирано во членот 2 од Протоколот 1 кон Европската конвенција: „Никому не може да му се одземе правото на образование. Во своето дејствување во областа на образованието и наставата, државата ги почитува правата на родителите да обезбедат образование и настава во согласност со своите верски и филозофски убедувања“.

Друг меѓународен инструмент што го гарантира правото на образование е и Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства која покрива повеќе сегменти во поглед на заштитата на националните малцинства, а акцентот е ставен на промовирањето на еднакви можности при пристапот на образование на сите нивоа за припадниците на националните малцинства. Имено, според член 6 став 1 страните ќе го поттикнуваат духот на толеранција и меѓукултурен дијалог, а ќе преземаат и ефикасни мерки за унапредување на заемното почитување и разбирање и соработката меѓу сите лица кои живеат на нивната територија, без оглед на нивниот етнички, културен, јазичен или верски идентитет, посебно во областа на образованието, културата и медиумите. Во ставот 2 страните се обврзуваат да преземат соодветни мерки за заштита на лицата кои би можеле да бидат жртви на закани или акти на дискриминација, непријателство или насилство поради нивниот етнички, културен, јазичен или верски идентитет.

Од тука, според меѓународното право сегрегацијата е забранета, без оглед дали таа е намерна или последица од ненамерни процеси и се третира како особено остра форма на дискриминација.

Во Меѓународната конвенција за елиминација на сите форми на расна дискриминација во членот 3 е нагласено дека: „Државите членки ја осудуваат посебно расната сегрегација и апартхејдот и се обврзуваат на териториите под нивна јурисдикција да спречуваат, забрануваат и укинуваат секоја практика од оваа природа.“

И во Конвенцијата против дискриминација во образованието на УНЕСКО се забранува основање или одржување на посебни образовни системи или институции за лица или групи на лица. Во истата Конвенција е нагласено дека е „забрането кое било лице или група да се ограничува на инфериорно образование“.

Според член 2 став 1 од Законот за основното образование, се гарантира дека секое дете има право на основно образование. Во ставот 2 на овој член се забранува дискриминација.

Според членот 50 од Законот, родителот има право да го запише детето во основното училиште во реонот во кој живее или каде што постојано престојува.

Во Законот за спречување и заштита од дискриминација („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.101/2019) од 22.05.2019 година, за прв пат во законодавството на Република Северна Македонија се дефинира поимот сегрегација во членот 12 кој гласи: “Сегрегација е физичко одделување на лице или група лица врз дискриминаторска основа без легитимна или објективно оправдана цел.“

Од наведените уставни, законски и меѓународни одредби произлегува дека правото на еднаквост изразено преку гаранцијата дека граѓаните се еднакви независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба и дека граѓаните се еднакви пред законите, е едно од најзначајните права и како такво претставува и темелна вредност на уставниот поредок на Републиката и по својата суштина ги негира дискриминацијата, привелегиите, повластувањата од секаков вид и по сите основи. Рамноправноста и еднаквоста, независно од општествената положба е обврска за државата во нормативното уредување на односите во општеството да не допушти дискриминација, ниту привилегии по основ на образование, имотна положба ниту по основ на функција.

Изразот дискриминација означува изложување на одредено лице на нееднаков, различен или понеповолен третман или положба во споредба со други лица кои се наоѓаат во иста ситуација, односно неоправдано правно или фактичко, непосредно или посредно правење на разлика или нееднакво постапување, односно пропуштање (исклучување, ограничување или давање првенство) во однос на лица или групи на лица, кое се заснова на некоја нивна карактеристика (дискриминаторска основа). Според практиката на Европскиот суд за човекови права: „дискриминацијата претставува различно постапување, без објективно и разумно оправдување, спрема лица кои се во релативно слична ситуација“ (пресуда Willis v. United Kingdom, пресуда Bekos and Koutropoulos v. Greece, пресуда D.H. and others v. Czech Republic).

Дискриминацијата, меѓу другото, врз етничкото потекло на личноста претставува форма на расна дискриминација. Расната дискриминација е особено навредлив вид на дискриминација и со оглед на своите опасни последици бара од властите посебна внимателност и енергична реакција. Од овие причини властите мораат да ги искористат сите достапни средства за борба против расизмот, со што би се зајакнала визијата на демократијата за општество во кое на разновидноста не се гледа како на закана туку како на извор за богатство (пресудa Nachova, пресуда Timishev).

Во конкретниот случај, сметаме дека подносителите се жртви на директна дискриминација врз основа на расна, односно етничка и национална припадност што ја вршат одговорните лица-директорите на двете училишта, односно директорот на ООУ „Ѓорѓи Сугарев“ поради формирање на чисто етнички паралелки составени од ученици Роми и директорот на ООУ „Тодор Ангеловски“, кој вршел директна дискриминација со тоа што не запишувал ученици припадници на ромската етничка заедница, со што овозможувал да се формира етнички чисто македонско училиште.

При завземање на нашиот став ги имавме во предвид посочените извештаи и анализи направени од домашни и меѓународни организации кои се занимаваат со прашањето за положбата и правата на припадниците на ромската етничка заедница, како и статистичките податоци што на барање на Уставниот суд, ги доставија двете училишта, а кои се однесуваат на етничкиот состав на учениците. Од анализата на сите овие информации и податоци како неспорен произлезе фактот дека во ООУ „Ѓорѓи Сугарев“ 83,5% од вкупниот број на ученици се Роми, додека во ООУ „Тодор Ангелевски“ 95,1% од вкупниот број на запишани ученици се Македонци, од што може да се заклучи дека децата во населбата Баир посетуваат настава во две училишта кои се етнички поделени. Поаѓајќи од овие податоци, за нас не е спорно дека статистичките податоци за етничкиот состав на учениците во двете училишта се доволни за да се утврди дискриминација во форма на сегрегација.

Сметаме дека подносителите со иницијативата и во постапката изнесоа доволни факти и докази во поткрепа на своето тврдење, односно докажаа, дека со дејствието што го оспорува тие бил дискриминирани по една или повеќе дискриминаторски основи, односно располагаат со релевантни факти и докази дека биле изложени на нееднаков третман во споредба со друго лице во иста ситуација.

Оттука, сметаме дека постои различен, неповолен третман на група на лица во однос на друга група на лица и дека таквиот неповолен третман е поради заштитената карактеристика на лицето.

Во конкретниов случај, сметаме дека до Судот беа доставени доволно докази од кои со сигурност можеше да се утврди дека конкретните подносители на барањето биле изложени на различен третман од страна на училиштата и дека им било ускратено правото на образование преку одбивање на упис во училиштето, од кои причини Судот во конкретниот случај поради исполнети процесните претпоставки од членот 52 од Деловникот на Уставниот суд требаше да се впушти во мериторно одлучување по барањето за заштита на слободите и правата, односно дека истото требаше да се прифати и утврди повреда на одредбите од Уставот на Република Северна Македонија и тоа: член 8 став 1 алинеја 1 од Уставот во кој е предвидено дека основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија; членот 9 од Уставот според кој граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви; членот 44 од Уставот, во кој е уредено дека секој има право на образование. Образованието е достапно на секого под еднакви услови. Членот 54 од Уставот предвидува дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот и тоа само во време на воена или вонредна состојба, според одредбите на Уставот.

Според наше мислење со наведеното решение повредени се и одредбите од: Конвенцијата за правата на децата која во членот 28 предвидува дека државите-членки го признаваат правото на детето на образование и со цел постепено остварување на тоа право на основа на еднакви можности, посебно го прогласуваат основното образование задолжително и бесплатно за сите, членот 29 – „образованието на детето треба да биде насочено кон: развој на личноста на детето, развој на надареноста..“; одредби од Европската конвенција за човекови права и слободи, поточно членот 14 (забрана на дискриминација) во кој се наведува: „Уживањето на правата и слободите, признати со оваа Конвенција, треба да се обезбеди без никаква дискриминација заснована врз пол, раса, боја на кожата, јазик, вера, политичко или кое и да е друго мислење, национално или социјално потекло, припадност на национално малцинство, материјална положба, потекло по раѓање или кој и да е друг статус“; повреда на членот 2 од Протоколот 1 кон Европската конвенција: „Никому не може да му се одземе правото на образование. Во своето дејствување во областа на образованието и наставата, државата ги почитува правата на родителите да обезбедат образование и настава во согласност со своите верски и филозофски убедувања“; Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства, член 6 став 1 страните ќе го поттикнуваат духот на толеранција и меѓукултурен дијалог, а ќе преземаат и ефикасни мерки за унапредување на заемното почитување и разбирање и соработката меѓу сите лица кои живеат на нивната територија, без оглед на нивниот етнички, културен, јазичен или верски идентитет, посебно во областа на образованието, културата и медиумите. Во ставот 2 страните се обврзуваат да преземат соодветни мерки за заштита на лицата кои би можеле да бидат жртви на закани или акти на дискриминација, непријателство или насилство поради нивниот етнички, културен, јазичен или верски идентитет. Согласно горенаведеното, во меѓународното право сегрегацијата е забранета, без оглед дали таа е намерна или последица од ненамерни процеси и се третира како особено остра форма на дискриминација.

Од друга страна, во Меѓународната конвенција за елиминација на сите форми на расна дискриминација во членот 3 е предвидено дека: „Државите членки ја осудуваат посебно расната сегрегација и апартхејдот и се обврзуваат на териториите под нивна јурисдикција да спречуваат, забрануваат и укинуваат секоја практика од оваа природа.“ Во Конвенцијата против дискриминација во образованието на УНЕСКО е предвидено дека се забранува основање или одржување на посебни образовни системи или институции за лица или групи на лица. Во истата Конвенција е нагласено дека е „забрането кое било лице или група да се ограничува на инфериорно образование“.

Наведеното решение на Судот е во спротивност и со член 2 став 1 од Законот за основното образование, каде се гарантира дека секое дете има право на основно образование, а во ставот 2 на овој член се забранува дискриминација. Според членот 50 од Законот, родителот има право да го запише детето во основното училиште во реонот во кој живее или каде што постојано престојува, што во конкретниот случај е повредено.

Исто така решението е во спротивност и со Законот за спречување и заштита од дискриминација според кој “Сегрегација е физичко одделување на лице или група лица врз дискриминаторска основа без легитимна или објективно оправдана цел.“

Од наведените причини, а врз основа на изнесената анализа на уставните и законски одредби и компаративните согледувања, силните аргументи за сторените повреди со Уставот и околностите за тоа што Судот не утврди повреда на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија кои се однесуваат на забрана на дискриминација на граѓаните по основ на расна и национална припадност, согласно член 25 став 6 од Деловникот на Судот го издвојуваме нашето мислење за донесеното решение за отфрлање на барањето.

Судии на Уставниот суд,
Сали Мурати
д-р Осман Кадриу
Насер Ајдари

Решение У.бр.132/2018