У.бр.103/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019), на седницата одржана на 27 ноември 2019 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на:

а) Насловот пред член 218, во делот: „единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија“ и на
б) член 218 став 1, во делот: „единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија“, од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016, 142/2016 и 233/2018).

2. Здружението на граѓани „Човекот над профитот“ од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата најнапред ги цитира член 51 став 1, член 8 став 1 алинеи 3 и 6 и член 30 став 1 од Уставот. Потоа, наведува дека: „со нападнатите одредби се пропишува неповедување на постапка за извршување на парично побарување врз предмети и права на единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија.“ Од тоа произлегувало дека тие субјекти можеле да се задолжуваат, но дека против нив не било дозволено извршување, односно дека во фазата на извршувањето на обврските тие биле привилегирани, иако нивните обврски биле од комерцијален карактер и не морале да се задолжуваат во тоа време и во тој обем, како и обврските што ги презеле не биле неопходни, ниту биле поврзани со нивните дејности и задачи како што тие обврски биле третирани во член 218 став 2 од Законот за извршување. На тој начин, добавувачите на единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија биле ставени во нерамноправна положба во однос на добавувачите на другите правни субјекти, а покрај тоа им се повредувало правото на сопственост.

3. Судот на седницата го утврди следното:
а) Законот за извршување има три дела:
* Дел први „Основни одредби“ (членови 1-11),
* Дел втори „Извршување“ (членови 12-244) и
* Дел трети „Испит, прекршочни, преодни и завршни одредби“ (членови 245-269).

Делот втори „Извршување“ (членови 12-244) има четири раздели: раздел први „Заеднички одредби“ (членови 12-82), раздел втори „Спроведување на извршувањето“ (членови 83-93), раздел трети „Извршување заради наплата на парично побарување“ (членови 94-219) и раздел четврти „Извршување заради остварување на непарично побарување“ (членови 220-244).

Разделот трети „Извршување заради наплата на парично побарување“ (членови 94-219) опфаќа 8 глави, при што седмата глава од овој раздел гласи: „Посебни одредби за извршување врз имотот на правни лица заради наплата на парично побарување“ (членови 206-218).

б) Оспорениот наслов и оспорената одредба од член 218 став 1 на Законот се систематизирани во делот втори „Извршување“, раздел трети „Извршување заради наплата на парично побарување“ и во седмата глава од овој раздел „Посебни одредби за извршување врз имотот на правни лица заради наплата на парично побарување“.

Насловот пред член 218 од Законот гласи: „Извршување врз подвижни предмети и права спрема Република Македонија и нејзините органи, единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија“.

Во член 218 став 1 од Законот се определува дека: „Врз предмети и права на Република Македонија и нејзините органи, единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија не може да се спроведе извршување за наплата на парични побарувања, доколку тие се неопходни за вршење на нивната дејност, односно задачи.“

Во ставот 2 од истиот член, кој има поврзаност со став 1 и со неговиот оспорен дел, се пропишува дека: „Кои предмети и права се неопходни за вршење на дејноста и задачите на должникот ќе определи претседателот на судот на чие подрачје се спроведува извршното дејство, ако во текот на спроведувањето на извршувањето, странките за тоа прашање не се согласат или инаку се укаже тоа како потреба.“

в) Судот, исто така, утврди дека со Решение У.бр.46/2017 од 21 февруари 2018 година, донесено на иницијатива на Организацијата на работодавачите на Македонија од Скопје, не поведе постапка за оценување на уставноста, покрај другото, на членот 218 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016 и 142/2016).

Во образложението на Решението, меѓу другото, се наведува (цитат): „Од анализата на овој член од Законот (член 218), произлегува дека со него во начело се предвидува и одобрува извршувањето врз предмети и права на Република Македонија и на нејзините органи, единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија, но се пропишува дека не може да се спроведе извршување за наплата на парични побарувања, доколку тие се неопходни за вршење на нивната дејност, односно задачи. Кои предмети и права се неопходни за вршење на дејноста и задачите на должникот определува претседателот на судот на чие подрачје се спроведува извршното дејство ако во текот на спроведувањето на извршувањето, странките за тоа прашање не се согласат или инаку се укаже тоа како потреба.

Тоа значи дека судот не секогаш, туку по потреба, има еден вид дискреционо право да цени дали постои опасност, со извршувањето на паричните побарувања на Република Македонија и на нејзините органи, единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија, да се загрози вршењето на дејноста на овие правни лица која е од јавен интерес.

Според член 214 од Законот, ако во времето кога носителот на платен промет го примил налогот за извршување нема средства на сметката на должникот, извршителот нема да го запре извршувањето, а носителот на платен промет ќе го држи налогот во евиденција и според него ќе изврши пренос кога ќе пристигнат средства на сметката.

Оттука, произлегува дека и во случаите опфатени со оспорениот член 218 од Законот, не се врши отпишување на долгот на Републиката и на нејзините органи, единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија, туку извршувањето врз паричните средства се одлага за одреден период, додека пристигнат средства на сметката. На тој начин се пропишува еден вид заштитна клаузула во смисла што извршувањето на парични средства на сметка на Републиката и на нејзините органи, единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија не може да се дозволи доколку тие средства се неопходни за вршење на нивната дејност, односно задачи, со што на одреден начин, се штити постоењето и функционирањето на државата, нејзините органи, единиците на локалната самоуправа и јавните претријатија.

Тргнувајќи од наведеното, Судот ги оцени како неосновани наводите во иницијативата дека со членот 218 од Законот се изземале од извршувањето државните органи, единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија, дека се ограничувале слободата на пазарот и претприемништвото и еднаквоста на учесниците во истиот, дека се доведувал во прашање принципот на правна сигурност, поради што не го постави прашањето за согласноста на оваа одредба од Законот со одредбите на Уставот на кои се повикува иницијативата“ (завршен цитат).

4. Имајќи ја предвид изнесената фактичка состојба, дека за член 218 став 1 од Законот за извршување Уставниот суд веќе одлучувал на тој начин што со Решение У.бр.46/2017 од 21 февруари 2018 година не повел постапка за оценување на неговата уставност, а нема основи за поинакво одлучување со оглед дека образложението на наведеното решение дава одговори на сите наводи и од оваа иницијатива, Судот утврди дека се исполнети условите за отфрлање на оваа иницијатива определени во член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.

У.бр.103/2019
27 ноември 2019 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати