Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019), на седницата одржана на 27 ноември 2019 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Задолженито бр.13-1978/1, донесено од директорот на Агенцијата за катастар на недвижности на 03.02.2011 година.
2. Јован Костовски адвокат од Охрид, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на Задолжението означено во точката 1 од ова решение.
Според наводите на подносителот на иницијативата оспореното задолжение не било во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 6 и член 51 од Уставот на Република Северна Македонија, со членовите од 8 до 15, и од 31 до 58 од Законот за сопственост и други стварни права како и со Законот за катастарот на недвижности („Службен весник на Република Македонија“ бр.40/2008 ) кој бил во примена во време на издавање на оспореното задолжение.
Со оспореното задолжение издадено од директорот на Агенцијата за катастар на недвижности наложено е на одделенијата за катастар на недвижности да извршат промени во запишувањата на правата за катастарските општини Тетово, Прилеп, Битола, Ресен, Охрид и Струга. Наложено им е издавање на еден заеднички имотен лист за сите носители на правото на сопственост на земјиштето кое е опфатено во една катастарска парцела и поништување на запишувањата коишто биле извршени пред издавање на задолжението во различни имотни или поседовни листови. Објаснување за издавање на оспореното задолжение било фиктивните делби, коишто биле направени со издавање на посебни имотни или поседовни листови за различни површини од иста катастарски парцела, што според подносителот е во спротивност со уставното начело за правна заштита на сопственоста и за владеење на правото од кои причини истото требало да се поништи.Техничките тешкотии на Агенцијата на може да се решаваат со противуставни општи акти на кој начин сопствениците се изложуваат на дополнителни трошоци за уредување на имотните односи со други сосопственици, односно за вршење на физичка делба на претходно поделен имот. Исто така, според наводите во иницијативата оспореното задолжение ги изложува засегнатите субјекти на опасност од неможност да се изврши физичка делба на земјиште класирано како земјоделско доколку е со површина помала од минимумот кој е предвиден во Законот за земјоделско земјиште.
Со оглед на наведеното, подносителот на иницијативата бара оспореното задолжение да биде поништено, со цел да бидат поништени сите поединечни акти кои се донесени врз основа на истото, бидејќи со укинување не би се дала адекватна заштита на субјектите чии права се повредени.
3.Судот на седницата утврди дека во оспореното задолжение е предвидено дека: „При посетите на некои одделенија при извршени увиди во работата или во рамки на акцијата „Денови на катастарот“ беше констатирано или од страна на вработените укажано дека за поголем број катастарски општини се појавуваат „фиктивни делби“ односно како дел од парцела со ист парцелен број се јавува во два или повеќе имотни листови, додека на катастарскиот план е една цела парцела.
Во најголем дел до оваа аномалија е дојдено при извршување на „ревизијата на земјиштето“ во 1948 година или подоцна на друг начин, кога е извршена делба на одредени парцели но само во катастарските операти, а не и во катастарските планови. За да се надминат постојните недостатоци и во катастарот на недвижности секоја недвижност-парцела да биде еднозначно определена во катастарскиот план и катастарскиот операт, неопходно е да се изврши усогласување на истите со отстранување на постојните недостатоци.
За таа цел за сите катастарски парцели од кои како „фиктивен“ реален дел се појавува во повеќе имотни листови неопходно е да се изврши спојување на овие делови во еден Имотен лист врз основа на фиктивните реални делови да се пресмета соодветен идеален дел на носителот на правото. Пр.к.п.бр.1/51 се појавува во два имотни листови бој 92 и број 206 со површина од 4203, односно 4202 м2 сега целата како к.п.бр.1/51 со површина од 8405 м2, да се запише на по 1/2 идален дел во нов имотен лист на носителите на правата од имотен лист со број 92 и 206, или к.п.бр.250 се појавува во 3 имотни листови,бр 27,28 и 219 со површина од 1328, 1328 и 2657м2. Потребно е оваа парцела да се запише во посебен имотен лист со вкупна површина од 5313 м2, во идеален дел од 1/4, 1/4 и 1/2 на носителите на правото од поседовен лист бр 27,28 и 219 итн.(примерите се земени од КО Костурино). Ова се појави како неминовно и најцелисходно решение бидејќи во изминатиов период при востановување на КН по пат на конверзија за овие КО каде има фиктивни делови не се преземени активности за надминување на оваа состојба.
Се задолжуваат раководителите на одделенијата за катастар на недвижности во Тетово, Прилеп, Битола,Ресен, Охрид и Струга да изготват план со рокови (месечно по неколку КО) за извршување на оваа работна активност и истиот да го достават до Агенцијата за катастар на недвижности, како и да ги преземат сите мерки за негова реализација во предвидените рокови.
Се задолжувате напред наведеното да го завршите во што пократок можен рок и тоа по КО со донесување на Потврда за одстранување на техничка грешка по службена должност заради усогласување на податоците од катастарскиот операт со податоците од катастарските планови„.
4. Според членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.
Судот на сеницата утврди дека оспореното задолжение, донесено од директорот на Агенцијата за катастар на недвижности е донесено во време на важење на Законот за катастар на недвижности („Службен весник на Република Македонија“ бр.40/2008, 158/2010, 51/2011 и 74/2012) и истото се однесува на службените лица вработени во одделенијата за катастарот на недвижности во Тетово, Прилеп, Битола, Ресен, Охрид и Струга, односно се даваат работни насоки на кој начин да ги спроведуваат податоците во катастарот на недвижностите ,а со цел воедначена примена на Законот којшто важел во моментот на неговото донесување.
Во Законот за катастар на недвижности („Службен весник на Република Македонија“ бр.55/2013, 41/2014, 115/2014, 116/2015, 153/2015, 192/2015, 61/2016, 172/2016 и 124/2019), со кој престанал да важи Законот за катастар на недвижност, а врз основа на кој е донесено оспореното задолжение од директорот на Агенцијата, се содржани повеќе одредби на кои се повикува и Агенцијата на катастарот на недвижности, а кои се однесуваат на прецизниот и објективен начин на запишување на правата коишто прозлегуваат од сопственоста.(член 84 став 4, член 154, член 195-а член 208-а и други).
Оттука, Судот тргнувајќи од содржината на Задолжението и субјектите на кои тоа се однесува оцени дека тоа претставува интерен акт на Агенцијата за катастар на недвижности за службените лица во точно посочени одделенијата за катастарот на недвижности, и тоа задолжение по својата природа всушност значи административни олеснувања, коишто се однесуваат на начинот на примената на Законот,
Примената на насоките содржани во оспореното задолжение од страна на вработените во наведените одделенија, неспорно наоѓа одраз во запишувањето на правата на физичките и правните лица во катастарот на недвижностите на кои се однесува задолжението, меѓутоа прашањето за правилната примена на Законот од страна на надлежните одделенија, е во интерес на странките кои можат своите имотни права и интереси да ги штитат пред надлежните органи во управна постапка и во управен спор.
Поаѓајќи од правните елементи што го прават прописот, а според кој треба да содржи општи норми на однесување и да уредува односи на субјектите во правото на општ начин, произлегува дека оспореното задолжение нема карактер на пропис поради што не е подобно за уставносудска оцена.
Со оглед на тоа што оспорениот акт не претставува пропис во смисла на членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, туку оперативен, интерен акт на директорот на агенцијата, Судот оцени дека не е надлежен да одлучува за согласноста на оспорениот акт со Уставот и Законот за катастар на недвижности, поради што се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија за отфрлање на иницијативата.
5. Врз основа на изнесеното,Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.
У.бр.101/2019
27.11.2019 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати