Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019), на седницата одржана на 27 ноември 2019 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 19 ставови 2 и 10 од Законот за аудио и аудио и визуелни медиумски услуги (“Службен весник на Република Македонија“ број 184/2013, 13/2014, 44/2014, 101/2014, 132/2014, 142/2016, 132/2017, 168/2018, 248/2018 и 27/2019).
2. Павлина Зефиќ адвокат од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на член 19 ставови 2 и 10 од Законот означен во точката 1 од ова решение.
3. Според наводите во иницијативата, подносителот наведува дека оспорениот член 19 ставовите 2 и 10 од Законот за аудио и аудио и визуелни медиумски услуги (“Службен весник на Република Македонија“ број 184/2013, 13/2014, 44/2014, 101/2014, 132/2014, 142/2016, 132/2017, 168/2018, 248/2018 и 27/2019), е во спротивност со членовите: 8, 9, 20, 32, 51 и 54 од Уставот на Република Северна Македонија.
Имено подносителот наведува дека во Законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудио и визуелни медиумски услуги со членот 7 се менува и дополнува постоечкиот член 19 од предметниот Закон и се додаваат два нови става помеѓу кои и оспорените, ставот 2 и ставот 10 чија содржина гласи: (2)„ Кандидатот за Директор на Агенцијата за ААВМУ да не бил член во органи и тела на политичкa партија и да не бил избрано или именувано лице, функционер кој раководи со орган на државна управа, министерство и раководен орган на јавно претпријатие и акционерско друштво, основани од државата во период од 10 години, засметано наназад од годината во којашто ја поднесува кандидатурата“ (10) Одредбите од ставовите (1), (2), (3), (4), (5) и (6) на овој член важат и за заменикот на директорот на Агенцијата.
Подносителот во иницијативата ги наведува меѓународните документи како што се Универзалната декларација за правата на човекот, Меѓународниот пакт за граѓански и политички права и Европската конвенција за човековите слободи и права како документи кои што се ратификувани од страна на Република Македонија при што државата презела обврска за почитување, гаранција и заштита на човековите слободи и права кои впрочем се инкорпорирани и во Уставот на Република Северна Македонија. Од тука се наведува дека пропишаните услови кај кандидатите за директор на Агенцијата за ААБМУ и неговиот заменик се недоволно јасни, неосновани и ставаат одредени лица во нееднаква положба, водејќи кон повреда на начелото на владеење на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Подносителот наведува дека оспорените делови од одредбата од Законот за аудио и аудио визуелни медиумски услуги дискриминираат по два услови: политичко уверување и општествена положба, односно ги дискриминираат граѓаните врз основа на нивното формално членство во политичка партија, во одреден дел но воведува и дискриминација по општествен статус, каде влегуваат и јавните функции кои одредено лице ги врши/вршело.
Во конкретниов случај, оспорената одредба ќе доведе до понеповолен третман при конкурирањето на лице за директор на Агенцијата за ААВМУ, поради неговото членство во органи и тела на политичка партија,10 години наназад пред поднесувањето на неговата кандидатура. Разликувањето односно понеповолниот третман кој ќе го трпи жртвата на дискриминација е поради дискриминаторскиот основ, наведен и во членот 9 од Уставот. Компараторот во конкретниот случај се граѓаните на Република Северна Македонија кои не членуваат во политичка партија односно немаат формални врски со органи и тела во состав на политички партии. Општествениот статус односно положба се посочува како втор дискриминаторен основ од што произлегува дека термините избрано и именувано лице; јавен функционер во орган на државна управа, министерство, јавно претпријатие и акционерско друштво основано од државата, може да се подведат под поимот општествен статус, врз основа на кој одредени лица ќе бидат дискриминирани доколку оспорените делови од одредбата постојат во правниот поредок.
Според подносител на иницијативата оспорените делови од одредбата се во колизија со уставно загарантираната слобода на здружување заради остварување и заштита на политичките уверувања, уредени со членот 20 од Уставот. Ваквата слобода законодавецот со воведување на оспорената одредба ја претставил како основ за ограничување на граѓаните.
Понатаму во иницијативата се наведуваат дека со оспорените делови од одредбата на членот 19 од наведениот закон, не се предвидуваат еднакви услови за сите, односно се наведуваат случаи во кои одредени лица можат да бидат избрани за директори односно заменици директори на Агенцијата за ААВМУ. Неусогласеноста на наведените одредби е јасна од причина што во истата се вметнати ограничувања во смисла на забрана на лицата кои сакаат да конкурираат за наведените позиции да не членувале во одредени тела на политички партии, односно да не вршеле јавни и службени функции за период од 10 години наназад пред поднесувањето на кандидатурата.
Врз основа на се погоре наведено се предлага Уставниот суд да ја прифати иницијативата и да донесе Решение за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одредба и истата да ја поништи.
4. Судот на седницата утврди дека, според член 19 став 2 и 10 од Законот за аудио и аудио и визуелни медиумски услуги:
(1) Советот избира директор на Агенцијата по пат на јавен конкурс. Кандидатот мора да има завршено високо образование и работно искуство од најмалку осум години во областа на комуникологијата, новинарството, информатиката, културата, економијата или правото, како и искуство во раководење со организација од најмалку четири години.
(2) Кандидатот за Директор на Агенцијата за ААВМУ да не бил член во органи и тела на политичкa партија и да не бил избрано или именувано лице, функционер кој раководи со орган на државна управа, министерство и раководен орган на јавно претпријатие и акционерско друштво, основани од државата во период од 10 години, засметано наназад од годината во којашто ја поднесува кандидатурата.
(3) Избраниот кандидат за Директор на Агенцијата за ААВМУ не смее да биде член во органи и тела на политичка партија во периодот додека ја извршува функцијата
(4) Советот е должен да го избере директорот на Агенцијата не подоцна од 30 дена пред истекот на мандатот на неговиот претходник.
(5) Директорот, неговиот брачен другар или вонбрачен другар, како и блиски роднини во права линија до второ колено, не можат да имаат дел на акции, директно или индиректно во организации што извршуваат активности што директно спаѓаат под надлежност на Агенцијата.
(6) Директорот е професионално ангажиран во Агенцијата со полно работно време.
(7) Советот избира и заменик на директорот на Агенцијата по пат на јавен конкурс со ист мандат како мандатот на директорот на Агенцијата. (8) Заменикот на директорот на Агенцијата го заменува директорот на Агенцијата во случај кога тој е отсутен или кога поради болест или други причини не е во можност да ја врши својата функција, во сите негови надлежности и одговорности во раководењето.
(9) Заменикот на директорот на Агенцијата во соработка со директорот на Агенцијата врши работи од надлежност на директорот на Агенцијата што тој ќе му ги довери.
(10) Одредбите од ставовите (1), (2), (3), (4), (5) и (6) на овој член важат и за заменикот на директорот на Агенцијата.
5. Во член 8 став 1 од Уставот, утврдени се темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија и тоа:
– основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот;
– слободното изразување на националната припадност;
– владеењето на правото;
– поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска;
– политичкиот плурализам и слободните непосредни и демократски избори;
– правната заштита на сопственоста;
– слободата на пазарот и претприемништвото;
– хуманизмот, социјалната правда и солидарноста;
– локалната самоуправа;
– уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата и
– почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право.
Согласно член 9 од Уставот, во Република Северна Македонија, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување; имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Со членот 20 од Уставот, на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања. Граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат. Програмите и дејствувањето на здруженијата на граѓаните и политичките партии не можат да бидат насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на Републиката и кон поттикнување или повикување на воена агресија или разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост. Забранети се воени или полувоени здруженија што не им припаѓаат на вооружените сили на Република Северна Македонија.
Според член 32 од Уставот секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност. Секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место. Секој вработен има право на соодветна заработувачка. Секој вработен има право на платен дневен, неделен и годишен одмор. Од овие права вработените не можат да се откажат. Остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.
Според член 51 од Уставот во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Согласно член 54 од Уставот слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот. Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот. Ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба. Ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на правото на живот, забраната на мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста.
Согласно член 1 од Законот за аудио и аудио визуелни медиумски услуги („Службен весник на Република Македонија“ бр.184/2013, 13/2014, 44/2014, 101/2014, 132/2014, 142/2016, 132/2017, 168/2018, 248/2018 и 27/2019), се уредуваат правата, обврските и одговорноста на радиодифузерите, давателите на аудиовизуелните медиумски услуги по барање и операторите на јавни електронски комуникациски мрежи кои ги емитуваат или реемитуваат програмските сервиси на радиодифузерите.
Со член 4 став 1 од Законот, се определува дека Агенцијата е самостојно и независно непрофитно регулаторно тело со статус на правно лице со јавни овластувања.
Во членот 5 од истиот Закон е уредено дека Агенцијата во својата работа се грижи за постигнување на целите утврдени во членот 2 од овој закон (член 1). Агенцијата во својата работа е независна од друг државен орган или друго правно лице и треба да биде непристрасна кон нив (член 2). Агенцијата ги извршува работите во согласност со овој закон и прописите донесени врз основа на него, Законот за медиуми, Законот за општата управна постапка, доколку со овој закон поинаку не е одредено, други закони и стратешки документи на Република Северна Македонија, како и меѓународните договори од областа на медиумите и аудиовизуелните медиумски услуги што ги склучила или на кои им пристапила Република Македонија (член 3).
Врз основа на изнесените уставни и законски одредби, произлегува дека оспорените одредби од Законот за аудио и аудио визуелни медиумски услуги, не се во спротивност со наведените уставни одредби.
Имено не станува збор за повреда на уставно загарантирано право на здружување во смисла на членство во политичка партија, туку се работи за ограничување што се однесува на партиските функционери кои се членови во органи и тела на политичка партија, да не смеат да бидат професионално ангажирани во Агенцијата, која што има својство на регулаторно тело.
Одредените ограничувања кои што се содржани во оспорените одредби всушност не водат кон дискриминација на граѓаните по основ на политичко уверување и дејствување во одредена политичка партија воопшто како што е елаборирано во самата иницијатива, туку истото се однесува само на членство во органи и тела на политичка партија
Оттука легитимно право на законодавецот е да пропише посебни услови за вршење на определени јавни функции, во конкретниов случај да ги пропише условите потребни за избор на кандидат за Директор на Агенцијата за ААВМУ и неговиот заменик, имајќи во предвид дека Агенцијата е самостојно и независно непрофитно регулаторно тело со јавни овластувања има основи да пропише услови со кои ќе овозможи директор на оваа Агенција да не бил член во органи и тела на политичкa партија и да не бил избрано или именувано лице, функционер кој раководи со орган на државна управа, министерство и раководен орган на јавно претпријатие и акционерско друштво, основани од државата во период од 10 години, засметано наназад од годината во која што ја поднесува кандидатурата, се со цел да се создадат услови за постигнување на повисок степен на доверба, независно, ефикасно и отчетно функционирање на Агенцијата.
Во овој случај според Судот оспорените одредби се уставно оправдани поради фактот што како една од законските утврдени надлежности на Агенцијата за аудио и аудио визуелни медиумски услуги е следење на изборните кампањи за време на изборните процеси, па поради тоа директорот или заменикот на директорот на Агенцијата би избегнале евентуална состојба на судир на интереси но истовремено би обезбедиле и непристрасно и објективно вршење на доверената функција.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе, со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, Никола Ивановски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.
У.бр.46/2019
27.11.2019 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати