Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019), на седницата одржана на 13 ноември 2019 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА барањето на Цветан Трипуновски од Скопје, изјавено преку адвокат Павлина Зефиќ и адвокат Панче Тошковски, двајцата од Скопје, за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот по член 110 алинеја 3 од Уставот што се однесуваат на слободата на јавно изразување на мислата, повреда на правото на политичко здружување и дискриминација по политичка припадност, сторени со Решение за престанок на работен однос за сторен дисциплински престап, бр.02-794/19 од 30.01.2019 година, донесено од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Мериторната одлука бр.09-93/8 од 14.05.2019 година донесена од Агенцијата за администрација, со која се одбива изјавената жалба и се потврдува Решението за изрекување на дисциплинската мерка.
2. Подносителот на барањето бил вработен во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, на работна позиција – државен советник за земјоделство-сточарство и рибарство, од 23.03.2012 година па се до носењето на оспорените решенија.
Против подносителот на барањето, од страна на административен службеник вработен во Министерството, била поднесена иницијатива за покренување на дисциплинска постапка, заведена под бр. 02-1134/1 од 14.11.2018 година. Врз основа на поднесената иницијатива, од страна на државниот секретар во Министерството бил покренат предлог за покренување на дисцилинска постапка, бр.02-22344/2 од 21.11.2018 година. Во иницијативата и предлогот се наведувало дека подносителот на барањето сторил дисциплински престап кој претставува потешка повреда на службената должност, работната дисциплина, угледот на институцијата и угледот на административниот службеник, односно дека сторил прекршок по член 73 став 1 алинеја 22 од Законот за административни службеници, со тоа што ги прекршил одредбите на Кодексот за административни службеници.
Имено, во иницијативата и предлогот се наведувало дека подносителот на барањето на ден 24.08.2018 година и на ден 19.09.2018 година, во својство на главен наратор одржал прес конференции со конкретна политичка содржина и дал изјави штетни за службата, со што го повредил Кодексот на административни службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр.183/2014) член 10 став 2 и член 15.
По спроведената дисциплинска постапка на која присуствувал и дал свое произнесување подносителот на барањето, државниот секретар донел Решение бр.02-11344/15 од 12.12.2018 година, со кое на истиот му била изречена дисциплинска мерка престанок на работен однос поради сторен дисциплински престап по член 73 став 1 точка 22 од Законот за административни службеници.
Решението било благовремено обжалено од страна на подносителот на барањето, кој во жалбата навел дека секогаш професионално ги извршувал своите работни задачи без оглед на своите политички уверувања, дека изнесените ставови за време на прес конференциите не претставувале негови ставови туку ставови на најголемата опозициска партија, дека истите не придонеле за нанесување на штета по угледот на институцијата во која работи, напротив дека истиот пренел ставови и информации коишто не ги стекнал при својата работа туку ги добил како резултат на отворени средби со земјоделци, односно дека пренесените информации веќе биле јавно познати факти.
На ден 09.01.2019 година, Агенцијата за администрација донела Одлука бр. 09-36/1 со која ја уважила жалбата, го поништила Решението и предметот го вратила на повторно одлучување. Во образложението на одлуката се наведувало дека Министерството, при одлучувањето не се впуштило во изведување на докази за утврдување на поранешното однесување на подносителот на барањето и вршењето на неговите работни задачи, односно не извело олеснителни и отежителни околности од значење за изрекување на дисциплинската мерка, со напомена при повторното одлучување да се земат предвид напатствијата дадени во наведената одлука.
Министерството, при повторно спроведената постапка, на 30.01.2019 година донело Решение бр. 02-794/19 со кое на подносителот на барањето му изрекло дисциплинска мерка престанок на работен однос за сторен дисциплински престап по член 73 став 1 точка 22 од Законот за административни службеници. Во образложението на ова решение се наведувало дека при повторното одлучување биле земени предвид дадените насоки од Агенцијата за администрација, односно дека биле ценети олеснителни и отежителни околности.
На ден 06.02.2019 година, наведеното решение било обжалено до надлежниот орган. Постапувајќи по жалбата, Агенцијата за администрација донела Мериторна одлука бр.09-93/8 од 14.05.2019 година, доставена до подносителот на барањето на ден 21.05.2019 година. Со Одлуката се одбива изјавената жалба и се потврдува Решението за изрекување на дисциплинска мерка, бр.02-794/19 од 30.01.2019 година, донесено од Министерството.
Во образложението на барањето за заштита на слободите и правата, во делот кој се однесува на повреда на слободата на изразување и слободата на здружување, се наведува дека дисциплинската постапка била водена поради повреда на член 10 став 2 од Кодексот на административни службеници, со кој се забранувало изразување на политичко уверување во вршењето на службените задачи и вршење на политички активности коишто може да ја поткопаат довербата на граѓаните во администрацијата. И двете прес-конференции коишто се третираат како дисциплински престап и му се ставаат на товар на подносителот на барањето, биле одржани по завршетокот на работното време на подносителот на барањето, за што во рамки на дисциплинската постапка биле предложени и изведени докази. Но од страна на Министерството, и покрај тоа што овој факт бил неспорен, овие докази не биле ценети.
Од друга страна, бил доставен и доказ дека подносителот на барањето настапувал како портпарол на политичка партија и не истапувал во свое име и за своја сметка, туку тоа го правел во име на најголемата опозициска политичка партија ВМРО-ДПМНЕ. Исто така, подносителот на барањето бил член на извршниот комитет на таа политичка партија, па така и како член на највисокото тело на опозициската политичка партија, му се оневозможувала слобода на изразување на својата мисла и му се вршела дискриминација врз основа на политичко уверување.
Во рамки на постапката било истакнато дека во текот на двете прес-конференции биле изнесувани веќе познати и јавно објавени факти; дека се пренесувале видеа и целта на прес-конференциите била да предизвикаат јавна дебата. За време на прес-конференциите не се критикувало целокупното работење на Министерството како орган на извршната власт, туку на министерот, кој бил јавен функционер и за својата работа одговарал пред граѓаните и бил должен да трпи критика за својата работа, бидејќи тоа бил столбот на демократското општество. Истовремено се споменувала и политиката на политичката партија која била на власт-СДСМ, а не Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, па погрешно било тврдењето во оспорените одлуки дека извршил атак над работењето на администрацијата.
Со оспорените одлуки се тврдело дека бил повреден членот 15 од Кодексот на административни службеници за давање изјави штетни за службата, односно на подносителот на барањето му се ставало на товар дека со предметните прес-конференции дал невистинити податоци кои влијаеле штетно на имиџот на Министерството.
Понатаму, во барањето се образлага одлуката на Европскиот суд за човекови слободи и права во предметот Vogt v Germany (17851/91), во кој Судот одлучувал за случај на давање отказ на државен службеник-наставник во средно училиште, поради нејзино членство во политичка партија, а отказот следувал поради наводно прекршување на обврската за лојалност и забраните кои се однесуваат на државните службеници. Г-ѓа Вогт се жалела дека и се повредени слободата на изразување на мислата и слободата на собирање и здружување, како и дека истата била мета на политичка дискриминација.
Втора пресуда на Европскиот суд за човекови слободи и права која била релевантна за случајов, била пресудата во предметот Castells v Spain (11798/85), политичар и адвокат кој поради своите политички ставови објавени во текст, бил кривично казнет. Апликантот навел дека му била прекршена слободата на изразување од причина што и други лица објавиле слични статии без да се соочат со тешкотии. Понатаму, тој тврдел дека бил жртва на нарушување на неговото право да формулира политичка критика, за што аргументирал дека било важно за него во неговото својство на сенатор. Според него, таа одредба која го гарантира правото да се учествува во јавни работи, му давала право да ги врши своите парламентарни должности внимателно користејќи го секој орган или средство што му било на располагање.
Во образложението на барањето за заштита на слободите и правата, во делот којшто се однесува на политичка дискриминација, се наведува дека преку водење на дисциплинските постапки против подносителот на барањето, се вршела дискриминација над политичките опоненти, кои истакнувале критика над работењето на сегашните функционери и политичката партија во чии раце била власта.
Имајќи ги предвид горенаведените причини, подносителот на барањето смета дека Уставниот суд има повеќе од доволно причини за констатирање на своја надлежност и утврдување на повреда на принципот за забрана на дискриминација врз основа на политичко уверување, повреда на уживањето на слободата на јавно изразување на мислата и слободата на политичко здружување. Со ваква одлука не само што Уставниот суд ќе ги заштител правата на жалителите, туку воедно ќе направел чекор напред во зачувување на својот углед и авторитет, не само во рамките на правосудниот систем, туку и пошироко во уставниот систем на Република Северна Македонија во кој ќе било недопуштено одлуките на Уставниот суд да не бидат почитувани.
Воедно, се бара Уставниот суд да одржи јавна седница за која адвокатите ќе бидат уредно известени.
3. Судот на седницата утврди дека подносителот на барањето, Цветан Трипуновски од Скопје, бил вработен во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, на работна позиција – државен советник за земјоделство-сточарство и рибарство.
Со Решение на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, бр.02-794/19 од 30.01.2019 година, на именуваниот му е изречена дисциплинска мерка престанок на работен однос поради сторен дисциплински престап по член 73 став 1 точка 22 од Законот за административни службеници. Дисциплинската постапка против именуваниот била водена затоа што истиот, на ден 24.08.2018 година и на ден 19.09.2018 година, во својство на главен наратор, одржал прес конференции со конкретна политичка содржина и дал изјави штетни за службата, со што го повредил Кодексот на административни службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр.183/2014), член 10 став 2 и член 15.
На ден 06.02.2019 година, наведеното решение било обжалено до Агенцијата за администрација. Постапувајќи по жалбата, Агенцијата за администрација донела Мериторна одлука бр.09-93/8 од 14.05.2019 година, доставена до подносителот на барањето на ден 21.05.2019 година. Со Одлуката се одбива изјавената жалба и се потврдува Решението за изрекување на дисциплинска мерка, бр.02-794/19 од 30.01.2019 година, донесено од Министерството. Според правната поука на оваа мериторна одлука, против одлуката незадоволниот административен службеник може да поднесе тужба пред надлежен суд во рок од 15 дена од денот на нејзиниот прием.
Врз основа на таквата правна поука, подносителот на барањето на 03.06.2019 година поднел тужба до Основниот граѓански суд Скопје, за поништување на одлуката за престанок на работен однос и враќање работник на работа-работен однос, по која е оформен предметот IV РО-1803/19. Постапката по овој предмет е во тек.
Барањето за заштита на слободи и права е поднесено до Уставниот суд на 16.07.2019 година, во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на Мериторната одлука до подносителот на барањето (21.05.2019 година).
4. Согласно член 8 став 1 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, претставуваат една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Според член 50 став 1 од Уставот, секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд на Република Северна Македонија во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност.
Согласно член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.
Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање. Во барањето, според член 52 од Деловникот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.
Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Имајќи ја предвид утврдената фактичка состојба по поднесеното барање за заштита на слободи и права, произлегува дека против оспорената одлука за престанок на работен однос на подносителот на барањето поради сторен дисциплински престап по член 73 став 1 точка 22 од Законот за административни службеници, во тек е работен спор пред надлежен суд за поништување на одлуката за престанок на работен однос и враќање работник на работа.
Барањето за заштита на слободи и права пред Уставниот суд е доставено на 16.07.2019 година, откако е поведен судскиот спор за поништување на одлуката за престанок на работен однос и враќање работник на работа ( 03.06 2019 година).
Второстепениот акт (Мериторната одлука на Агенцијата за администрација), е доставен до подносителот на барањето на ден 21.05.2019 година и подносителот на барањето датумот на неговата достава го врзува со рокот определен во Деловникот на Уставниот суд, во смисла на запазување на рокот во кој може пред Уставниот суд да се поднесе барање за заштита на слободи и права од член 110 алинеја 3 од Уставот
Меѓутоа, со оглед дека против второстепениот акт (Мериторната одлука на Агенцијата за администрација) благовремено е поведен судски спор кој е во тек, произлегува дека Мериторната одлука нема карактер на конечен или правосилен поединечен акт во смисла на член 51 од Деловникот на Уставниот суд. Ова од причина што инструментот заштита на слободи и права пред Уставниот суд повредени со поединечен акт е од супсидијарен карактер, која супсидијарна заштита подразбира претходно исцрпување на сите редовни правни средства кои му стојат на располагање на барателот за заштита на слободите и правата, што во конкретниот случај не е испочитувано.
Поради наведеното Судот оцени дека постојат процесни пречки за постапување по барањето за заштита на слободи и права и дека се исполнети условите од член 27 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на барањето.
5. Имајќи го предвид наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.
У.бр.109/2019
13 ноември 2019 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати