У.бр.78/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 28 алинеја 1 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и “Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019), на седницата одржана на 13 ноември 2019 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на:
– член 3 точка 4-а) од Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување („Службен весник на Република Македонија“ број 29/2002, 85/2003, 40/2004, 113/2005, 29/2007, 88/2008, 48/2009, 50/2010, 171/2010, 36/2011, 98/2012, 13/2013, 164/2013, 44/2014, 192/2015, 30/2016, 21/2018 и 245/2018) и
– член 1 став 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување („Службен весник на Република Македонија” број 245/2018).

2. Игорчо Точев од Кочани до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на членовите од законите означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата од содржината на оспорената одредба од членот 3 од наведениот закон неспорно произлегувало дека, во правниот промет евидирале две точки од членот 3 од наведениот закон кои, носеле обележје „4-а“ но истите биле со различна содржина и во таа смисла, можело да се доведе до заблуда во операциона­лизацијата на наведената одредба во правниот промет а кое нешто не било во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, односно со начелото на владеење на правото кое нешто во себе подразбира дека, во правниот промет потребно е да постојат јасни, прецизни и недвосмислени норми.

Одредбата од точка 5-а од членот 3 од Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување („Службен весник на Република Македонија“ број 29/2002, 85/2003, 40/2004, 113/2005, 29/2007, 88/2008, 48/2009, 50/2010, 171/2010, 36/2011, 98/2012, 13/2013, 164/2013, 44/2014, 192/2015, 30/2016, 21/2018) заклучно со 01.01.2019 година гласел:

„5-а) „Пензиониран член“ е физичко лице кое остварило право на пензија од задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување преку програмирани повлекувања и има индивидуална сметка во задолжителен пензиски фонд и од која при повлекувања на средствата;“

Од ваквата содржина на одредбата неспорно произлегувало дека во истата не бил содржан бројот „5“ со што, со оспорената одредба од членот 1 став 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување („Службен весник на Република Македонија“ број 245/2018), не може да дојде до измена во таква форма на оспорената одредба од една страна, а од друга страна фактот дека, точката 4 од членот 3 од Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување („Службен весник на Република Македонија“ број 29/2002, 85/2003, 40/2004, 113/2005, 29/2007, 88/2008, 48/2009, 50/2010, 171/2010, 36/2011, 98.2012, 13/2013, 164/2013, 44/2014, 192/ 2015, 30/2016, 21/2018 и 245/2018) сметано од 01.01.2019 година гласи: „Член на пензиски фонд“ е физичко лице кое склучило договор за членство во пензиски фонд или во чие име е отворена сметка во пензиски фонд во случаите утврдени во овој закон и неговото членство трае се до остварувањето право на пензија;“ повеќе од јасно е дека, истата во себе не содржи број „5“ кој би се заменил со број „4“ кое нешто, исто така не е во согласност со начелото на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија од причини што, кога со пропис односно одредба се менува друг пропис односно одредба, меѓу одредбата која ја менува поранешната одредба и одредбата која се менува со нова одредба или делот од неа, за потребно е да постои согласност односно кохезија како новата одредба која треба да отпочне да се применува би претставувала правна логична функционална целина кое нешто не е случај со оспорената одредба од член 1 став 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување („Службен весник на Република Македонија” број 245/2018).

Членот 3 точка 4-а) од Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување („Службен весник на Република Македонија“ број 29/2002, 85/2003, 40/2004, 113/2005, 29/2007, 88/2008, 48/2009, 50/2010, 171/2010, 36/2011, 98.2012, 13/2013, 164/2013, 44/2014, 192/2015, 30/2016, 21/2018 и 245/2018), кој гласел:

„4-а)„Контрола“ во смисла на точката 4 од овој член е кога едно лице:
A) директно или индиректно поседува мнозински влог во друго правно лице, или
Б) Директно или индиректно поседува мнозинство од правата на глас во друго правно лице, или
B) има право да назначува и разрешува мнозинство членови на органите на управување на друго правно лице, директно или индиректно, вклучувајќи и склучен договор со еден или повеќе акционери на другото правно лице за отстапување или здружување на нивните права на глас заради остварување заеднички интереси или
Г) има право да остварува, директно или индиректно, значително влијание врз управувањето и донесувањето на политиките и финансиските и деловните одлуки на друго правно лице.“

Во себе содржи упатување на точката 4 од членот 3 од напред наведениот закон.

Во смисла на тоа, а во врска со член 1 став 1 и 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за задолжително капитално финанси­рано пензиско осигурување („Службен весник на Република Македонија“ број 245/2018) со кој, точките 4 и 5 стануваат точки 3 и 4 и во смисла на тоа, точката 4 од членот 3 од Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување („Службен весник на Република Македонија” број 29/2002, 85/2003, 40/2004, 113/2005, 29/2007, 88/2008, 48/2009, 50/2010, 171/2010, 36/2011, 98.2012, 13/2013, 164/2013, 44/2014, 192/2015, 30/2016, 21/2018 и 245/2018) сметано од 01.01.2019 година гласи: „4)„Член на пензиски фонд“ е физичко лице кое склучило договор за членство во пензиски фонд или во чие име е отворена сметка во пензиски фонд во случаите утврдени во овој закон и неговото членство трае се до остварувањето право на пензија;” видно е дека во себе не содржи какво било опишување или пак содржи термини на состојба на посредна или непосредна „контрола” и кое нешто, исто така не е во согласност со начелото на владеење на правото од членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија кое во себе подразбира дека во правниот промет треба да постојат јасни и прецизни норми и во случај да, една одредба упатува на друга одредба односно една одредба дава појаснување на одредени термини во друга одредба, другата одредба неминовно мора да ги содржи со цел, двете норми мегусебно да се надополнуваат една со друга и така надополнувајќи се, формираат правна логична функционална целина.

Поради горе наведените причини, се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби по што, истите да се укинат или поништат како спротивни на Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека член 3 точка 4-а) од Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување предвидува:

Член 3 точка 4-а)

„Контрола“ во смисла на точката 4 од овој член е кога едно лице:

A) директно или индиректно поседува мнозински влог во друго правно лице, или Б) Директно или индиректно поседува мнозинство од правата на глас во друго правно лице, или
B) има право да назначува и разрешува мнозинство членови на органите на управување на друго правно лице, директно или индиректно, вклучувајќи и склучен договор со еден или повеќе акционери на другото правно лице за отстапување или здружување на нивните права на глас заради остварување заеднички интереси или
Г) има право да остварува, директно или индиректно, значително влијание врз управувањето и донесувањето на политиките и финансиските и деловните одлуки на друго правно лице.“

Член 1 став 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигуру­вање („Службен весник на Република Македонија” број 245/2018), предвидува дека:

Во Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување („Службен весник на Република Македонија“ брoj 29/2002, 85/2003, 40/2004, 113/2005, 29/2007, 88/2008, 48/2009, 50/10, 171/10, 36/11, 98/12, 13/13, 164/13, 44/14, 192/15, 30/16 и 21/18), во член 3 став (1) точката 3 се брише.

Точките 4 и 5 стануваат точки 3 и 4.
Во точката 5-а која станува точка 4-а бројот „5“ се заменува со бројот „4“.
Точките 6, 7, 8, 9, 10, 11, 12, 13 и 14 стануваат точки 5, 6, 7, 8, 9, 10, 11, 12 и 13.

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок.

Член 51 став 1 од Уставот предвидува дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата и во однос на кои ги оспорува наведените членови од оспорениот закон, Судот оцени дека истите се неосновани.

Ова, од причини што во суштина подносителот на иницијативата бара Уставниот суд да се впушти во уставно – судска оцена и да констатира дека законодавецот направил грешка и на тој начин да се впушти во креирање на законска норма. Имено, со член 1 и член 26 од Законот за изменување и дополнување на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.245/2018) грешката на која се укажува во иницијативата исклучиво се однесува на нумерацијата на точките во членот 3 од Законот.

Според Судот, во конкретниот случај, станува збор за очигледна техничка грешка, како што наведува и Владата на Република Северна Македонија, која грешка не е од влијание во однос на правната сигурност на граѓаните, односно не може да предизвика забуна во однос на правилната примена на одредбите од актуелниот закон, односно со истите не се нарушува темелната вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија- владеењето на правото предвидена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Имено, во конкретниот случај, според Судот, не станува збор за суштинска, туку исклучиво за техничка неусогласеност на одредбите од Законот.

Оттука, имајќи ги предвид утврдените надлежности на Уставниот суд од членот 110 на Уставот, Судот оцени дека во конкретниот случај исполнети се условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата, со оглед дека наводите се сведуваат на барање за постапување кое е во надлежност на законодавецот, а не на Уставниот суд.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе, во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.

У.бр.78/2019
13 ноември 2019 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати