Уставниот суд на Република Северна Македонија во соработка со Германската фондација за меѓународна правна соработка (ИРЗ), на 5 декември 2019 година, одржа работилница на тема: „Законот за Уставниот суд на Сојузна Република Германија: одредби и практика“ со акцент на потребата за воведување на уставна жалба во нашиот правен систем, со што се одбележа почетокот на соработката помеѓу ИРЗ и Уставниот суд.
Ова беше можност да се направи споредба помеѓу германското и македонското законодавство и пракса во делот на уставно-судската заштита на слободите и правата.
На оваа работилница учествуваа еминентните германски експерти од оваа област: д-р Штефан Пирнер, адвокат и регионален проектен раководител при ИРЗ и г-дин Винфрид Шуберт, поранешен претседател на Покраинскиот уставен суд на Саксонија Анхалт. Во дискусијата, покрај претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите на Уставниот суд, активно учество имаа и надворешни лица – правни експерти: проф.д-р Наташа Габер-Дамјановска – директор на Академијата за обука на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, г-ѓа Маргарита Цаца – Николовска – потпретседател на Уставниот суд на Босна и Херцеговина, проф. д-р Јетон Шасивари од Универзитетот на Југоисточна Европа, проф.д-р Јусуф Зејнели од Универзитетот во Тетово, д-р Денис Прешова од Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје и претставници од Министерството за правда.
Целиот настан беше под покровителство на Амбасадата на Сојузна Република Германија во Република Северна Македонија и амбасадорот Н.Е. г-дин Томас Герберих.