Претседателот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Сали Мурати и генералниот секретар на Судот, Александар Лазов, денес (22 ноември 2019 година), остварија средба со министерката за правда, д-р Рената Дескоска.
На средбата, претседателот на Судот, Сали Мурати, ја запозна министерката со прашањата коишто се од значење за остварувањето на уставната позиција на Уставниот суд и беа разгледани начините за решавање на проблемите со кои се соочува Уставниот суд, како што се недоволните буџетски средства, статусот на судиите на Уставниот суд, статусот на Стручната служба и на вработените во Судот, како и унапредување на постапките за заштита на слободите и правата на граѓаните.
Министерката ги прифати предлозите дадени од претседателот на Судот и искажа подготвеност од нејзина страна за целосна поддршка за нивно решавање во рамките на надлежностите на извршната власт.
Исто така, на средбата беше договорено комуникацијата да биде постојана помеѓу двата органи, сè во интерес на остварување на основните задачи на Уставниот суд, како што е владеењето на правото и заштитата на човековите слободи и права.