У.бр.59/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеи 1 и 3 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и “Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019), на седницата одржана на 15 октомври 2019 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 99 став 7 во делот: „ и (5)” од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија” број 58/2006, 35/2008, 150/2010, 83/2018 и 198/2018).

2. Игорчо Точев од Кочани, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на дел од одредбата на членот од Законот, означен во точката 1 од Решението.

Со иницијативата се цитира содржината на членот 99 од основниот текст на Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија” број 58/2006), потоа се цитира содржината којашто овој член ја добил со членот 36 од Законот за изменување и дополнување на Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија” број 150/2010), потоа содржината којашто членот од Законот ја добил со членот 24 од Законот за изменување и дополнување на Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија” број 83/2018), при што подносителот наведува дека членот 99 став 7 во делот: „и (5)” бил уставно проблематичен од аспект на принципот на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, бидејќи можел да доведе до забуна во операционализацијата на тој дел од одредбата во правниот промет. Наведеното од едноставна причина што ставот 5 на членот 99 од Законот, на кој се упатувало со ставот 7 на членот 99 од Законот, по претрпените измени и дополнувања на членот 99 од Законот, бил со содржина која не соодејствувала со содржината на ставот 7 од членот 99 од Законот.

Од наведените причини се предлага поведување на постапка за оценување на уставноста на член 99 став 7 во делот: „и (5)” од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија” број 58/2006, 35/2008, 150/2010, 83/2018 и 198/2018) и негово укинување.

3. Судот на седницата утврди дека член 99 став 7 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија” број 58/2006, 35/2008, 150/2010, 83/2018 и 198/2018), уредувал дека: „Министерот за правда со подзаконски акт го определува начинот на функционирање на информатичкиот систем во судовите од ставовите (1) и (5) на овој член.”.

Судот, исто така утврди дека со Законот за изменување и дополнување на Законот за судовите („Службен весник на Република Северна Македонија” број 96/2019), одредбата во која е содржан оспорениот дел „и (5)” на членот 99 став 7 од Законот, е со изменета содржина.

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Член 99 став 7 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија” број 58/2006, 35/2008, 150/2010, 83/2018 и 198/2018), уредувал дека: „Министерот за правда со подзаконски акт го определува начинот на функционирање на информатичкиот систем во судовите од ставовите (1) и (5) на овој член.”.

Со иницијативата, се оспорува член 99 став 7 во делот: „и (5)” од Законот со наведените службени весници, бидејќи по извршени измени и дополнувања на членот 99 од Законот (поместување на ставови поради воведување на нови ставови), во ставот 7 на членот 99 од Законот, се уште постоело упатување на ставот со нумерација „(5)”, иако ставот „(5)”, со измените и дополнувањата на Законот, добил друга нумерација, што било спротивно на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, од кои причини се бара Уставниот суд да поведе постапка за оценување на неговата уставност и истиот да го укине, бидејќи упатувал на погрешна норма.

Од наводите од иницијативата, всушност произлегува дека со иницијативата се бара Уставниот суд да изврши корекција на оспорениот дел од одредбата на членот од Законот, бидејќи тоа не било направено кога се менувал и дополнувал членот од Законот.

Во конкретниот случај, Судот утврди две процесни пречки коишто се основа за отфрлање на иницијативата.

Прво, имајќи ги предвид утврдените надлежности на Уставниот суд од членот 110 на Уставот, наспрема наводите од иницијативата, Судот оцени дека во конкретниот случај се исполнети процесните претпоставки за отфрлање на иницијативата согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, со оглед дека наводите се сведуваат на барање коешто е во надлежност на законодавецот кој ги креира прописите, ги менува и дополнува, а воедно и врши технички исправки и корекции на прописите коишто ги донесува.

Второ, Собранието на Република Северна Македонија на седницата одржана на 25 февруари 2019 година, донесе Закон за изменување и дополнување на Законот за судовите. Законот е објавен по поднесувањето на иницијативата (04.03.2019 година), односно на 17.05.2019 година во „Службен весник на Република Северна Македонија” број 96/2019.

Со членот 34 од погоре наведениот закон се интервенира и во членот 99 од Законот. Конкретно ставот „7” на членот од Законот, станува став „8”, а неговата содржина се менува и гласи: „Претседателот на Врховниот суд на Република Македонија со подзаконски акт го определува начинот на функционирање на информатичкиот систем во сите судови, по претходна согласност од општата седница на Врховниот суд на Република Македонија“.

Имајќи предвид дека одредбата во која е содржан оспорениот дел на членот од Законот, поради претрпената измена во содржината, не е повеќе во правниот поредок, Судот констатира уште една процесна пречка за постапување по иницијативата, односно уште една причина за отфрлање на истата, согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека во конкретниот случај се исполнети условите од член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата.

6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.59/2019
15 октомври 2019 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Никола Ивановски