У.бр.54/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 25 септември 2019 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на актите на Државната изборна комисија, и тоа:

1) Упатство за гласање на слепи лица, бр. 08-2160/1 од 29 септември 2017 година,
2) Упатство за неопределување на избирачки места за населени места во кое живеат помалку од десет избирачи, бр. 08-2161/1 од 29 септември 2017 година;
3) Упатство за начинот и постапката за поднесување, прием и потврдување на кандидатските листи за локални избори, бр. 08-1428/1 од 25 јули 2017 година;
4) Упатство за важечки и неважечки гласачки ливчиња (член 115 од Изборниот законик), бр. 08-1427/1 од 25 јули 2017 година;
5) Упатство за утврдување на личниот идентитет на гласачот, бр. 08-1426/1 од 25 јули 2017 година;
6) Упатство за примена на член 113 став 3 од Изборниот законик за лица кои се наоѓаат на издржување мерка куќен притвор, бр.07-493/3 од 21 февруари 2014 година;
7) Упатство за примена на член 113-б од Изборниот законик за гласање на избирачите кои се членови на избирачките одбори кои го спроведуваат гласањето во дипломатско-конзуларните канцеларии, бр. 07-972/1 од 14 март 2014 година;
8) Упатство за примена на член 111 ставови 4, 5, 6 и 7 од Изборниот законик – за болни и немоќни лица, бр. 02-3317/1 од 23 ноември 2016 година;
9) Упатство за примена на член 165 став 3 од Изборниот законик, бр. 08-3189/1 од 16 ноември 2016 година;
10) Упатство за постапување по член 78-а од Изборниот законик – за болни и немоќни лица, бр. 08-2943/1 од 4 ноември 2016 година;
11) Упатство за примена на член 21 ставови 2 и 3 од Изборниот законик за именување на претседател, членови и нивни заменици во општинските изборни комисии и избирачките одбори, бр. 08-1280/1 од 27 април 2016 година;
12) Кодекс за набљудување на изборите и изборната постапка, бр. 08-1282/1 од 27 април 2016 година;
13) Упатство за постапката за вршење на јавен увид во посебниот извод од избирачкиот список за гласање во ДКП, бр. 08-1240/1 од 25 април 2016 година;
14) Појаснување за постапување на избирачките одбори кои го спроведуваат гласањето во дипломатско-конзуларните претставништва и конзуларните канцеларии на Република Македонија, бр. 07-1927/1 од 26 април 2014 година;
15) Упатство за примена на член 50-а став 6 од Изборниот законик, бр. 07-781/1 од 7 март 2014 година;
16) Упатство за примена на член 165 став 6 од Изборниот законик, бр.07-744/1 од 5 март 2014 година;
17) Упатство за примена на член 111 од Изборниот законик – за болни и немоќни лица – пречистен текст, бр. 07-493/5 од 27 февруари 2014 година;
18) Упатство за примена на член 112-а од Изборниот законик – за лица со посебни потреби, бр.07-493/2 од 21 февруари 2104 година;
19) Деловник на Државната изборна комисија, бр. 01-1322/1 од 6 јули 2017 година;
20) Правилник за начинот и постапката за решавање на приговори, бр. 08-1321/1 од 6 јули 2017 година;
21) Правилник за утврдување на критериуми за начинот и постапката за избор на претседател, членови и нивни заменици во општинските изборни комисии, изборната комисија на градот Скопје, избирачките одбори во Република Македонија, избирачките одбори во дипломатско-конзуларните претставништва и избирачки одбори за гласање во ДИК, бр. 08-1279/1 од 27 април 2016 година;
22) Правилник за методологија за целосен пристап, вршење промени и бришење на податоци во Избирачкиот список, како и постапка за спроведување теренска проверка заради ажурирање на истиот, бр. 01-302/1 од 2 февруари 2016 година;
23) Правилник за методологија за водење и ажурирање на Избирачкиот список заснована на проверки на различни бази на податоци и евиденции, бр. 01-149/1 од 21 јануари 2016 година;
24) Процедура за користење и обработка на лични податоци при вршење на вкрстени проверки за различни бази на податоци и евиденции, бр. 01-149/1 од 21 јануари 2016 година;
25) Правилник за утврдување на начинот и постапката за избор на генерален секретар на Државната изборна комисија, донесен на 22 декември 2015 година, и
26) Правилник за начинот на постапување на полицијата за време на спроведувањето на изборите, бр.07-210/4 од 19 февруари 2016 година.

2. Светскиот македонски конгрес до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на актите на Државната изборна комисија означени во точката 1 на ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорените акти не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 52 ставови 1 и 2 од Уставот на Република Македонија.

Ова од причина што оспорените акти на Државната изборна комисија не биле објавени во „Службен весник на Република Македонија“ во согласност со член 52 ставови 1 и 2 од Уставот, поради што не можеле да предизвикаат правно дејство, ниту да влезат во сила, односно истите не биле во сила.

Поради наведеното, се предлага Уставниот суд, до донесување на конечна одлука по иницијативата, да донесе решение за времена мерка со запирање од извршување на поединечните акти или дејствија, поради ризик од штетни последици по правата и слободите.

Со иницијативата се бара Уставниот суд да ги поништи оспорените акти.

3. Судот на седницата утврди дека сите оспорени акти се донесени од Државната изборна комисија, во функција на операционализација на одредби од Изборниот законик.

4. Според член 52 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила. Согласно ставот 2 на истиот член, законите и другите прописи се објавуваат во “Службен весник на Република Северна Македонија” најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување.

Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Во согласност со членот 28 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата:
– ако не е надлежен да одлучува за барањето;
– ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и
– ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Државната изборна комисија е еден од законски утврдените органи за спроведување на изборите (член 17 од Изборниот законик „Службен весник на Република Македонија“, бр. 40/2006, 136/2008, 148/2008, 155/2008, 163/2008, 44/2011, 51/2011, 54/2011, 142/2012, 31/2013, 34/2013, 14/2014, 30/2014, 196/2015, 35/2016, 97/2016, 99/2016, 136/2016, 142/2016, 67/2017, 125/2017, 35/2018, 99/2018, 140/2018, 208/2018 и 27/2019).

Составот на Државната изборна комисија, стручната служба на Државната изборна комисија и надлежностите на Државната изборна комисија се утврдени со Изборниот законик (Глава 8. ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА, членови 26-32).

Во Изборниот законик е пропишано во кои случаи актите на Државната изборна комисија се објавуваат со „Службен весник на Република Македонија“, и тоа:

– одлуките за именување на членовите на општинските изборни комисии односно Изборната комисија на градот Скопје (член 21 став 5)
– обрасците за спроведување на изборите и обрасците за собирање на потписи од избирачи и пратеници за предлагање на кандидати (член 31 став 2 точка 10)
– одлуките со кои се формираат општинските изборни комисии односно Изборната комисија на градот Скопје (член 35 став 1)
– утврдените листи за кандидати за претседател (член 142).
– посебни обрасци за поднесување на приговорите за заштита на избирачкото право (член 147 став 5)
– одлуката за делумно односно целосно губење на надоместокот на трошоците за изборна кампања како и одлуката за запирање на исплатата (член 177-а став 8).

Според член 68 став 1 од Деловникот на Државната изборна комисија, Државната изборна комисија задолжително ги објавува во „Службен весник на Република Македонија“ следните акти:

– одлуките за именување на членови на општинските изборни комисии односно Изборната комисија на градот Скопје и одлуките за изменување и дополнување на одлуките за именување на членови на општинските изборни комисии односно Изборната комисија на градот Скопје;
– обрасците за спроведување на изборите и обрасците за собирање на потписи од избирачи и пратеници за предлагање на кандидати;
– утврдената единствена листа на кандидати за избор на претседател на Република Македонија;
– одлуката за делумно односно целосно губење на надоместокот на трошоците за изборна кампања и одлуката за забрана за исплатата на надоместокот на трошоците за изборна кампања;
– Правилникот за начинот и постапката за решавање на приговори и
– Деловникот за работа на Комисијата.

Според ставот 2 на истиот член, освен актите од ставот еден, во „Службен весник на Република Македонија“ комисијата може да објавува и други акти, донесени во рамките на своите надлежности.

Од анализата на наведената регулатива произлегува дека законодавецот прецизно пропишал кои се актите на Државната изборна комисија кои се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија“. Истата регулатива е пренесена и во одредбите на Деловникот на Државната изборна комисија, каде дополнително е пропишано дека во „Службен весник на Република Македонија“ задолжително се објавува и Деловникот на Државната изборна комисија и Правилникот за начинот и постапката за решавање на приговори, при што е оставена можност, освен наведените, во „Службен весник на Република Македонија“ Комисијата да може да објавува и други акти, донесени во рамките на своите надлежности.

Со доставената иницијатива се оспоруваат акти на Државната изборна комисија од причина што не биле објавени во „Службен весник на Република Македонија“ во согласност со член 52 ставови 1 и 2 од Уставот, поради што не можеле да предизвикаат правно дејство, ниту да влезат во сила, односно истите не биле во сила, па се бара од Уставниот суд да ги поништи.

Во одговор на ваквото барање со иницијативата, Судот го имаше во предвид следното:

Деловникот на Државната изборна комисија, бр. 01-1322/1 од 06.07.2017 година и Правилникот за начинот и постапката за решавање на приговори, бр. 08-1321/1 од 06.07.2017 година, се објавени во „Службен весник на Република Македонија“, бр.86/2017. Оттука, произлегува дека наводите во иницијативата дека овие акти на Државната изборна комисија не биле објавени во „Службен весник на Република Македонија“ се неосновани.

Правилникот за методологија за целосен пристап, вршење промени и бришење на податоци во Избирачкиот список, како и постапка за спроведување теренска проверка заради ажурирање на истиот, бр. 01-302/1 од 2 февруари 2016 година и Правилникот за методологија за водење и ажурирање на Избирачкиот список заснована на проверки на различни бази на податоци и евиденции, бр. 01-149/1 од 21 јануари 2016 година се донесени согласно член 80 од Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр. 196/2015), во посебна процедура, заради организирање на предвремените избори за пратеници коишто се одржаа на 24 април 2016 година.

Во однос на наводите во иницијативата кои се однесуваат на другите оспорени акти (упатства, правилници), Судот го имаше во предвид следното: видно од правниот основ за нивното донесување и од содржината на актите, произлегува дека станува збор за акти кои имаат интерен карактер, односно со нив поблиску се разработува начинот на постапување на изборните органи при примената на одделни одредби од Изборниот законик, а не се уредуваат односи на општ начин и за неопределен круг на субјекти, поради што немаат карактер на пропис во смисла на член 110 алинеја 2 од Уставот и како такви не се подобни за уставно-судска оцена.

Притоа, Судот имаше во предвид дека сите наведени акти се објавени на веб-страната на Државната изборна комисија, со што е запазена јавноста во работата на Комисијата, односно обезбедена е достапност на истите до јавноста, при што не се повредени одредбите на Изборниот законик со кои се пропишува кои акти на Државната изборна комисија се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија“.

Имајќи го предвид наведеното, Судот ги оцени како неосновани наводите во иницијативата дека со необјавувањето на наведените акти на Државната изборна комисија согласно член 52 ставови 1 и 2 од Уставот, се повредувало начелото на владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Републиката.

Поради тоа Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.54/2019
25 септември 2019 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Никола Ивановски