У.бр.43/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеи 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 25 септември 2019 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 2 ставови 1 и 2 од Законот за трансформација во редовен работен однос („Службен весник на Република Македонија“ број 20/2015 и 44/2015 година).

2. Снежана Станковиќ, адвокат од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на член 2 ставови 1 и 2 од Законот означен во точката 1 на ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорените одредби од членот 2 ставови 1 и 2 од Законот за трансформација во редовен работен однос биле спротивни на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија според кој владеењето на правото претставува една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија, понатаму спротивни на член 9 став 2 од Уставот според кој граѓаните пред Уставот и законите се еднакви, како и член 32 став 2 од Уставот според кој секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.

Во иницијативата е наведено дека со овој закон се извршила трансформација на работниот однос само на лицата кои извршувале работи најмалку 3 месеци во периодот од 01.09.2014 до 30.11.2014 година, а со тоа била опфатена само една определена категорија на луѓе кои во тој момент ги исполнувале пропишаните услови, при што се повредувала еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите.

Понатаму, вака предвидените услови според подносителот на иницијативата доведувале до ситуации кога одредени лица претходно ангажирани повеќе години на одредено место, доколку во предвидениот период поради одредени причини не биле работно ангажирани на начин предвиден со членот 1 од Законот, да не можат да бараат трансформирање на работниот однос на неопределено време.

Во овој контекст, подносителот во иницијативата укажува на Пресуда 7 РО 1786/17 од 14.03.2018 година и решение РОЖ 999/18 од 14.11.2018 година на Апелациониот суд Скопје каде што тужителката повеќе од десет години била ангажирана од страна на тужениот Студентски дом „Скопје“, но поради прекин на договорот во летниот период, за само 13 дена не ги исполнила условите за трансформирање на работниот однос, иако претходно повеќе од десет години работела со договор на дело на тоа место.

На овој начин граѓаните се ставале во нееднаква положба бидејќи законот се однесувал на лица кои може „случајно“ биле ангажирани и го опфатиле и периодот во тие три месеци, а во неповолна положба се ставале другите лица кои повеќе години биле ангажирани, а само со неколку дена поради прекин на ангажирањето да не ги исполнуваат условите од Законот за трансформација во редовен работен однос. На овој начин се правела т.н селекција на граѓаните што не било во согласност со одредбите од Уставот.

Од иницијативата произлегува дека правото на трансформација воопшто не се оспорува, се оспорува неговата селективност со лимит на периодот, роковите и субјектите кои можеле да бидат опфатени со Законот и дека тој немал општост, односно трансформацијата законодавецот требало да ја предвиди без пропишаните лимитите кои оневозможувале опфат и на други субјекти кои биле во минатото со работен ангажман согласно членот 1 од Законот. Од иницијативата произлегува дека правото на трансформација требало да постои во законското решение, но со поинаква содржина.

Во иницијативата се наведува и дека на ваков начин со оспорените одредби од Законот за трансформација во редовен работен однос и Автентичното толкување на членот 1 и членот 2 од Законот, дадено од страна на Собранието на Република Македонија на седница одржана на 18 март 2015 година, се дерогирале и одредби од Законот за работните односи.

Поради наведените причини, со иницијативата се предлага Судот за оспорените одредби од Законот да поведе постапка за оценување на уставноста и истите да ги поништи.

3. Судот на седницата утврди дека во Законот за трансформација во редовен работен однос („Службен весник на Република Македонија“ број 20/2015), којшто е влезен во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“ на ден 12.02.2015 година, е содржан членот 2 кој гласи:

Член 2

(1) Трансформирањето во работен однос на неопределено работно време ќе се искористи исклучиво за лицата од членот 1 од овој закон, кои извршуваат работи врз основа на договор во период од најмалку 3 месеци сметано до 30.11.2014 година, а кои исто така имаат важечки договори и во моментот на трансформирањето на работниот однос.
(2) Лицата кои ги исполнуваат условите од ставот (1) на овој член можат да имаат прекин на договорите во периодот по 30.11.2014 година, но не подолго од еден месец.

Подоцна, со Законот за изменување и дополнување на Законот за трансформација во редовен работен однос („Службен весник на Република Македонија“ број 44/2015) кој е влезен во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“ на 19.03.2015 година, оспорениот член 2 е дополнет со 3 нови става, кои гласат:

(3) По исклучок на одредбите од ставот (1) од овој член, трансформирање во работен однос на неопределено работно време ќе се применува и за лицата кои имале прекин на договорот со кој биле ангажирани за извршување на работа поради бременост и/или раѓање, а кои имаат важечки договори во моментот на трансформирање на работниот однос.
(4) На лицата од ставот (3) од овој член ќе им се трансформира работниот однос доколку имале договори за ангажирање во институцијата за три последователни месеци што непосредно претходат на прекинот поради бременост и/или раѓање, а по завршување на прекинот повторно се ангажирани во институцијата со договор и го исполнуваат условот од став (2) на овој член .
(5) По исклучок на одредбите од ставот (1) од овој член, трансформирање во работен однос на неопределено работно време ќе се применува и за лицата кои имаат прекин на договорот со кој биле ангажирани за извршување на работа поради бременост и/или раѓање во моментот на трансформирање на работниот однос, а кои имале договори за ангажирање во институцијата за три последователни месеци што непосредно претходат на прекинот поради бременост и/или раѓање.

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлу­чува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 8 став 1 алинeja 3 од Уставот, владеењето на правотo e темелнa вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Според член 9 став 1 од Уставот, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Според ставот 2 од овој член, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно членот 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата доколку не е надлежен да одлучува по барањето и поради постоење на процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Законот за трансформација во редовен работен однос („Службен весник на Република Македонија“ бр.20/2015 година), влезен во сила на 12.02.2015 година содржи 16 члена, а со измените и дополнувањата извршени со Законот за изменување и дополнување на Законот за трансформација во редовен работен однос („Службен весник на Република Македонија бр.44/2015), влезен во сила на 19.03.2015 година, биле извршени измени и дополнувања на одредени одредби за кои во меѓувреме се наметнала потребата од законодавна интервенција.

Според членот 1 од овој закон, со овој закон се регулира трансформирањето во работен однос на неопределено работно време на лицата ангажирани со договор за волонтирање, договор на дело и/или авторски договор или друг договор со кој лицето е ангажирано за извршување на работа (договор), кои извршуваат работа во органите на државната власт, установите од областа на културата, образованието, здравството, детската и социјалната заштита основани од Република Македонија и единиците на локална самоуправа, како и јавните претпријатија, заводите, фондовите и други правни лица чиј основач е Република Македонија (во понатамошниот текст: институции), како и ограничување на периодот и бројот на лица кои може да се ангажираат со договор.

Со членот 2 од овој закон се предвидуваат условите кои треба да ги исполнуваат ангажираните лица за да може да им се трансформира работниот однос на неопределено време. Оттука, според ставот 1 од овој член трансформирањето во работен однос на неопределено работно време ќе се искористи исклучиво за лицата од членот 1 од овој закон, кои извршуваат работи врз основа на договор во период од најмалку 3 месеци сметано до 30.11.2014 година, а кои исто така имаат важечки договори и во моментот на трансформирањето на работниот однос. Според ставот 2 од истиот член, лицата кои ги исполнуваат условите од ставот 1 на овој член можат да имаат прекин на договорите во периодот по 30.11.2014 година, но не подолго од еден месец.

Со измените и дополувањата на Законот од 19.03.2015 година, овој член се дополнува со три нови става коишто го регулираат прашањето на трансформација во случаите на прекин на договорот поради бременост и/или раѓање.

Понатаму, со членот 3 од овој закон, законодавецот предвидел рок од 30 дена од стапување во сила на Законот кој бил влезен во сила на 12.02.2015 година, во кој рок требало да се склучат договорите за засновање на работен однос на неопределено време, односно да се донесат решенија за вработување за лицата ангажирани со договор. Имено, со измените и дополнувањата од 19.03.2015 година е предвиден рок од 90 дена, односно е зголемен претходно предвидениот законски рок кој изнесувал 30 дена.

Според ставот 2 од истиот член од Законот, динамиката на донесување на договорите за вработување, односно решенијата била определена на следниот начин:

1) договорите, односно решенијата за вработување за најмногу 35% од вкупно ангажираните лица стапуваат на сила со нивното потпишување, односно со донесувањето,
2) договорите, односно решенијата за вработување за најмногу 35% од вкупно ангажираните лица, стапуваат на сила од 01.12.2015 година,
3) договорите, односно решенијата за вработување за преостанатиот број од вкупно ангажираните лица, стапуваат на сила од 01.09.2016 година.

Притоа, во истиот член биле пропишани обврски за институцијата, и тоа:

(3) При засновањето на работниот однос на неопределено време со лицата ангажирани со договор, приоритет во однос на динамиката треба да имаат лицата кои се ангажирани во институцијата најдолг временски период.
(4) Институциите не смеат да го раскинат договорот со лицата определени во член 2 од овој закон во периодот до стапување на сила на решенијата од став 1 од овој член, освен ако лицата ги повредат обврските преземени со договорот согласно закон.

Ако се имаат во предвид претходно наведените законски одредби, може да се заклучи дека станува збор за Закон со кој законодавецот имал за цел да изврши трансформирање во редовен работен однос на настанат работен однос во определен рок кој немал таков статус на редовен работен однос, на лица ангажирани во јавниот сектор, чиј работен ангажман бил регулиран со договор за волонтирање, договор на дело и/или авторски договор или друг договор со кој лицето било ангажирано за извршување на работата.

Притоа, со член 2 став 1 како услов за трансформирање на работниот однос предвидел дека трансформирањето ќе се искористи исклучиво за лицата кои извршувале работи врз основа на договор во период од најмалку 3 месеци сметано до 30.11.2014 година, а тоа секако ги опфаќа и лицата кои веќе подолг временски период имале такво вработување, а кои исто така имале важечки договори и во моментот на трансформирањето на работниот однос. Дополнително, со ставот 2 од истиот член бил предвиден исклучок, лицата кои ги исполнувале овие услови дека можат да имаат прекин на договорите во периодот по 30.11.2014 година, но не подолго од еден месец.

Покрај ова, законодавецот со измени и дополнувања на Законот од 19 март 2015 година предвидел исклучок од условите во наведениот став 1 од членот 2 од Законот, проширувајќи го правото дека трансформирање во работен однос на неопределено време можело да се применува и за лицата кои имале прекин на договорот со кој биле ангажирани за извршување на работа поради бременост и/или раѓање, а кои имале важечки договори во моментот на трансформирање на работниот однос или непосредно пред прекинот имале договори за три последователни месеци, а по завршување на прекинот повторно биле ангажирани во институцијата.

Оттука, со оспорените одредби од Законот се определувале условите кои требало да бидат исполнети за да можело да се трансформира работниот однос на лицата од определено на неопределено време, што сметаме дека претставува право на законодавецот посебно да регулира одредена материја од општествениот живот, а во случајов со специјален закон, да регулира прашања од работен однос, според проценка на законодавецот за потребата од нивно законско регулирање кое не е на штета на работникот. Законодавецот има право да ги димензионира и пропише условите под кои ќе се спроведе трансформацијата во редовен работен однос на лицата ангажирани во институциите, при што се опфаќа определена група на лица кои ги исполнуваат таквите услови, а притоа водејќи грижа за оние ангажирани најдолг временски период.

Меѓутоа, наспроти анализата, која го надминува уставно-судското прашање кое произлегува од правната и фактичката состојба, Судот смета дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата, поради постоење на процесни пречки за постапување по иницијативата, поради темпоралниот карактер на оспорените одредби од Законот.

Имено, Законот е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ број 20/2015, а влегол во сила со денот на објавувањето на 12.02.2015 година. Во Законот е предвиден рок за склучување на договори за засновање на работен однос на неопределено време, односно за донесување на решенија во рок од 30 дена од стапување на сила на законот, а со измените и дополнувањата на Законот од 19.03.2015 година, како што е погоре наведено, овој рок е продолжен на 90 дена и рокот е изминат. Законот регулирал настанати работни односи во одреден минат период од влегување во сила на Законот, и не се однесува за нови односи кои би се случувале по влегување во сила на Законот.

Врз основа на наведеното, со истекот на законски предвидениот рок за склучување на договори, односно носење на решенија за трансформација била исцрпена содржината и дејството на оспорените законски одредби, а со тоа била исцрпена нивната правна сила во правниот поредок поради што тие веќе не можат да регулираат односи надвор од пропишаните кои опфаќале лимитиран период на поранешни односи. Оттука, одредбите од овој закон имале темпорален карактер, што претставува постоење на процесни пречки за постапување по иницијативата за нивно оспорување, од причините на кои се повикува подносителот.

Поради наведеното, оспорените одредби од членот 2 ставови 1 и 2 од Законот за трансформација во редовен работен однос поради својот темпорален карактер ја исцрпеле својата содржина и дејство во правниот поредок и врз основа на ова постојат процесни пречки за постапување по иницијативата, односно се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата. Воедно, Уставниот суд не е надлежен да ја оценува меѓусебната усогласеност на два закони, односно на предметниот закон и Законот за работни односи, на што се повикува подносителот во иницијативата, па согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот, иницијативата ги исполнува условите за отфрлање и по овој основ.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.43/2019
25.09.2019 гoд.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Никола Ивановски