Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеи 1 и 3 член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992,) на седницата одржана на 11 септември 2019 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА барањето на Реџеп Хасани од Кичево за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на заштита од дискриминација по основ на национална припадност, повредени со Решение на Основниот суд Скопје 2 Скопје, бр. XXXVI-П4-810/17 од 06.12.2017 година и Решение на Апелационен суд Скопје, бр.ГЖ-1172/18 од 14.11.2018 година
2. Подносителот на барањето кон кое приложува 14 прилози, наведува дека Република Македонија, застапувана од Јавниот правобранител на Република Македонија, на 25.11.2003 година поднела прејудициелна тужба за утврдување ништовност на 14 договори за купопродажба на станови на функционери, сопственост на Република Македонија, каде подносителот на барањето бил еден од купувачите на таков стан. Договорите во име на Република Македонија и за нејзина сметка ги склучувало Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија (ЈПССДП) – ПЕ Скопје. Пред да се одржи првото рочиште, подносителот на барањето до Јавното претпријатие поднел предлог за вонсудско порамнување, а копие од истиот бил доставен и до Владата на Република Македонија на 25.08.2004 година (прилог бр. 1 и 2). Времето до донесување на правосилната пресуда од Апелациониот суд Скопје на 25.09.2008 година, било доволно за Јавниот правобранител да се произнесе по предлогот за вонсудско порамнување, но за тоа време тој не ја повлекол тужбата против подносителот на барањето, како што постапил со три други тужби, по налог на Комисијата за станбени прашања при Владата на Република Македонија, од групата на 14 тужби, ниту пак поднел предлог за заклучување нов договор, како што било предложено во точката 5 од заклучоците на Информацијата на Државното правобранителство на 27.12.2010 година (прилог број 3), дотолку повеќе што и Државниот правобранител и Јавното претпријатие биле свесни дека обемот на споредното побарување од реституција по ништовност на договорот ќе биде поголем, затоа што единствено станот на подносителот на барањето бил исплатен во целост, за разлика од другите, кои биле со одложено плаќање. Таквиот селективен пристап на државните органи не можело а да не се сведе на повреда на правото на недискриминација по етничка припадност, ако се имала предвид припадноста на лицата од СМС пораката (прилог бр. 4) на кои им била прекината судската постапка и лицето од точката 5 од претходно наведената информација. Во допис на Јавното претпријатие до Државниот правобранител од 07.05.2010 година предлогот за вонсудско порамнување, согласно заклучокот 3 на тој допис (прилог бр. 5), од непознати причини за подносителот на барањето, никогаш не му бил предочен. Од изнесеното било јасно дека спротивната страна го повредила правото на еднаков третман на подносителот на барањето во споредба со споменатите лица, припадници на мнозинската заедница.
Несовесното и апсурдно однесување на спротивната страна продолжило и после ништовноста на договорот, и покрај тоа што таа била свесна дека вината за ништовност била на нејзина страна, затоа што причината за ништовност била правен недостаток на наведениот имот – стан, купувачот како доверител, согласно член 275 став 1, имал право да ја задржи стварта (право на ретенција), како средство на принуда на стекнувачот да го врати долгот. За таквото однесување на спротивната страна, таа била писмено опомената од страна на овластените претставници на подносителот на барањето, меѓутоа, сето тоа било безуспешно. На 23.09.2013 година била поднесена тужба за чинење против тужениот Република Македонија, која согласно член 177 став 2 од ЗПП била супсидијарно поврзана со прејудициелната тужба (тужба за утврдување), затоа што се работело за ист правен однос (со исти странки во спорот и со иста месна надлежност). Спротивната страна, наместо да води сметка и за интересите на содоговарачот, согласно начелото на совесност и чесност од член 5 од ЗОО, во одговор на тужбата, покрај другото, истакнал приговор на застареност, наведувајќи притоа денот од стекнување без основа, со намера да го вовлече судот во заблуда. Кога се знаело дека судот одлучува за застареност ако тоа го истакнува страната во спорот, произлегувало дека спротивната страна имала претензии, покрај враќањето во владение на предметниот стан, да го задржи и стекнатото без основ, и на тој начин да му предизвика на подносителот на барањето двојно поголема штета.
Понатаму, во барањето се посочува дека од коментарот на член 203 од ЗОО на проф. Чавдар на страните 367 и 368 во врска со обемот на враќањето, прашањето на обемот на судската пракса било отворено само во случај кога стекнувачот во почетокот бил совесен, а станал несовесен подоцна. Од пресудите по прејудициелната тужба на Државниот правобранител, ништовноста на договорот била токму последица на несовесноста на спротивната страна, така да конкретниот спор не се совпаѓал со споменатото отворено прашање. Исто така, од прилозите бр. 3 и бр.5 било јасно дека за тоа биле свесни и го признавале и Државниот правобранител и Јавното претпријатие, така што оваа судска голгота се сведувала на вештачки створена дилема од страна на судовите за тоа дали се работи за совесен односно несовесен стекнувач. Меѓутоа, доволни биле само овие два докази (прилог бр.3 и бр.5) за да се види не само арбитрерноста на судовите, туку и мотивацијата за етничка дискриминација. Арбитрарноста била во тоа што за да утврди совесност на спротивната страна како должник, која како што недвосмислено јасно произлегувало од овие два докази, не само што била совесна и го признавала долгот, туку не ја оспорувала и совесноста на подносителот на барањето, на невиден и еклатантен начин, судовите вината ја префрлиле на подносителот на барањето како доверител. Оттука, таквиот спор станал апсурден со оглед на тоа што стекнувачот и судовите со нивното несовесно однесување односно постапување цело време само го зголемувале долгот, со оглед на тоа што при реституција, односно враќање во поранешна состојба, камата на споменатиот член 203 од ЗОО, во случај на несовесност, се пресметувала од денот на стекнување. Од одредбата на овој член (која се цитира) јасно било дека кога не бил спорен основот (стекнување без основ), одредбата со која се пропишува обемот на враќање, како што било случај во овој спор, и кога во претходната односно прејудициелна пресуда било пресудено несовесност на спротивната страна, во својство на продавач, тогаш целото понатамошно оспорување било излишно. Непотребна, исто така, била и постапката за ништовност, ако би се водела сметка не само за правниот, туку и за економскиот интерес, кога се знаело дека становите биле продадени по пазарна цена (прилог бр. 6). Подносителот истакнува дека е свесен за тоа дека секоја неправда не морало да биде дискриминаторски мотивирана, меѓутоа во конкретниот спор, за да се растерети спротивната страна од долгот, судовите, со неправда кон подносителот на барањето, отишле толку далеку, така што навлегле и во вакво чувствително прашање како што била дискриминацијата.
Ако во тоа не успеал, спротивната страна сепак успеала да го оштети кога се имало во предвид дека одлуките во сите три инстанци на редовните судови биле донесени со крајна арбитрарност и неконзистентност, под директно влијание на спротивната страна. Неконзистентна односно контрадикторна била одлуката на советот на Апелациониот суд Скопје, чиј претседател била судијата Лидија Мартинова, која како претседател на советот во Основниот суд Скопје 2 Скопје, одлучувала и по прејудициелната тужба. Советот на Апелациониот суд Скопје, за да ја потврди арбитрарната одлука на првостепениот суд, на нејавната седница од 25.11.2015 година, биле премолчени, односно воопшто не биле ценети доказите поднесени пред доснесувањето на одлуката. Со тие докази било посочено дека бил вратен главниот долг на 29.01.2015 година, а за тоа бил извесен Апелациониот суд на 09.02.2015 година (прилог бр. 5), така што споредното побарување се трансформирало во главно побарување.
Оттука, јасно било дека таква одлука можело да се донесе само со премолчување на доказите и одржување на нејавни седници, и покрај сосема изменетата состојба по првостепената пресуда, којашто наметнувала одржување на јавна расправа. Со тоа, судовите како самостојни и независни државни органи, го повредиле правото на подносителот на барањето, на еднакви можности во споредба со спротивната страна. За се да заврши во корист на спротивната страна, премолчувањето го користел и судијата известител Надица Андреева (прилог бр. 6), така што, служејќи се со истото образложение дадено во одговорот на Ревизија, согласно член 383 став 1 од ЗПП, на ден 06.04.2017 година, ја отфрлила ревизијата како недозволена, со образложение дека во постапка по ревизија не било дозволено да се одлучува за споредно побарување (прилог бр. 7). Од горенаведеното било недвосмислено јасно дека подносителот на барањето бил жртва на селективниот односно дискриминаторски третман од страна на управните и судските органи, како и на пристрастното одлучување во сите три инстанци на редовните судови.
Соочен со таков пример на еклатантна арбитрарност, односно произвилно донесување на одлуки со премолчување на доказите и извитоперување на фактите и убеден дека „за правдата треба да се изборите, таа не ви следува“, подносителот на барањето одлучил да поднесе барање за повторување на постапката. Во постапката по неговото барање за повторување на постапката, сите пет донесени одлуки, заедно со задолжувањата за судски такси, биле на негова штета. Тоа значело дека судовите, меѓу другото, користеле и економско ограничување на пристап до судот, со задолжување на двојно повисоки такси, спротивно на одредбите од Законот за судски такси. Имало и две барања за изземање на судии кои учествувале во постапката по неговата тужба за враќање на стекнатото по основ стекнување без основ. Со распоредување да одлучуваат исти судии за одлуки во чие донесување сами учествувале, се повредувале соодветните законски одредби и одредбите на Судскиот кодекс, како и одредбата од член 6.1 од Европската конвенција за човекови права и слободи.
Заедничка карактеристика на постапките по ревизија и по барањето за повторување на постапката и за изземање на судии била таа што во донесување на одлуките на сите три инстанци учествувале судии односно совети составени од мнозинската заедница. Ако се имало во предвид тоа што по неговата ревизија како што претходно било посочено, наместо репрезентативниот совет, при што била запазена и одредбата од ставот 2 на членот 43 од Законот за судови (прилог бр. 8), одлучувал судијата известител Надица Андреева, а по неговото барање за изземање на судијата во Основниот суд Скопје 2 Скопје, наместо претседателот, судијата Илир Сулејмани, одлучувал заменик претседателот, судијата Наталија Донева, чија функција не била законска категорија, произлегувало дека етничката припадност на подносителот на барањето била пречка да одлучуваат по нивната судиска заклетва, судии од иста припадност со неговата, што со право не било случај каде што биле претставници на мнозинската заедница, со што се повредувало заштитеното право на еднаквост на сите пред Уставот, согласно член 9, и пред законите.
Имено, со таквиот третман, подносителот на барањето смета дека тој, како припадник на албанската заедница, бил доведен во понеповолна положба во споредба со другите лица од мнозинската заедница. Како и во оваа фаза по неговиот предлог за повторување на постапката, имало арбитрарност при одлучувањето, што било јасно од сите четири одлуки, две по предлогот за повторување (прилог бр. 8 и 9) и две по барањата за изземање (прилог бр. 10 и 11). Карактеристично било да се спомне одлуката за изземање на претседателот на Апелациониот суд каде била уочлива неконзистентност на изреката со образложението. Оттаму, произлегувало дека образложенијата, како најзначајни делови на одлуките, произлегувале од изреките на тие одлуки, при арбитрарно одлучување на судовите.
Од изнесеното недвосмислено произлегувало дека има повреда на одредбата од членот 9 од Уставот, како и на членовите на Европската конвенција за заштита на човековите права и слободи, и тоа: член 14 во врска со член 6.1, член 6.1 во врска со член 1 од Протокол бр.1, како и членови 16 и 6.1 (заедно) во врска со член 1 од истиот протокол (попречување на користење на имотни права под еднакви услови како за мнозинската заедница – со оглед дека „имот“ по судот било и легитимно очекување).
Поради изнесеното, се предлага Уставниот суд, согласно член 56, да го поништи Решението на Апелациониот суд Скопје од 14.11.2018 година, со што би се створиле услови за враќање во поранешната состојба, односно одржување расправа за главната работа, согласно член 397 од ЗПП.
На крајот од барањето има посебен предлог, според кој, со оглед дека од извршувањето на правосиланата одлука (Решението на Апелационен суд Скопје од 14.11.2018 година) ќе настанеле непотребни трошоци, согласно член 57 од Деловникот, во текот на постапката Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на Решението до донесување на конечна одлука.
Има и посебно барање, Уставниот суд да одлучува по барањето согласно член 55 став 1 од Деловникот, врз основа на одржана јавна расправа, на која да се овозможи учество на Народниот правобранител. Исто така, согласно член 38 став 1 од Законот за спречување и заштита од дискриминација, таквата прилика спротивната страна можела да ја искористи за контрааргументирање, следствено на тоа што товарот на докажување паѓал на таа страна.
Барањето при објавување на одлуката со иницијали наместо името и презимето на подносителот на барањето по претходното посебно барање било излишно.
Дополнително, подносителот на барањето на 28 март 2019 година до Уставниот суд достави поднесок со предлог на сведоци, во кој повторно ја објаснува целата состојба околу поднесеното барање за заштита на слободите и правата, предлага сведоци кои би биле сослушани на јавната расправа, како и го известува Судот дека за заштита на правото на судење во разумен рок, подносителот има поднесено барање пред 11 месеци во Врховниот суд, а пред извесно време и ургенција во врска со таквото барање.
Исто така, на 28 март 2019 година, подносителот достави до Уставниот суд барање за увид на одговорите на Основниот суд Скопје 2 Скопје и Апелациониот суд Скопје, односно да му се дадат или испратат одговорите преку меил, за да се спреми за јавната седница во врска со неговото барање У.бр.45/19.
3. Врз основа на доставената документација кон барањето, оспорените судски решенија, како и добиениот одговор од Основниот суд Скопје 2 Скопје, се утврди следната фактичка состојба:
1) Подносителот на барањето, како функционер, со договор за купопродажба склучен на ден 24.10.2002 година, купил стан од Република Македонија преку Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија, а врз основа на Програмата за дополнување на Програма за изградба, продажба и одржување на станови сопственост на Република Македонија во 2002 година, бр.23-4890/2 од 17 септември 2002 година. Купопродажната цена на станот во износ од 4.309.783,00 денари била целосно исплатена од страна на купувачот
Со правосилна пресуда на Основниот суд Скопје 2 Скопје XXXVP П.бр.5585/07 од 28.09.2007 година, се утврдува ништовност на предметниот договор за купопродажба на станот (причина за ништовноста на договорот била дека пред да се изврши солемнизација на договорот за купопродажба кај нотар, не било побарано мислење од страна на Јавното правобранителство на Република Македонија, во смисла на член 44-а став 3 од Законот за вршење на нотарски работи („Службен весник на Република Македонија“ бр.25/1998).
2) По завршување на постапката за утврдување на ништовност на договорот за купопродажба, подносителот на барањето и Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката – Скопје не ги регулирале меѓусебните односи за предавање на предметниот стан во владение на Акционерското дрштво и за поврат на уплатените парични средства на подносителот на барањето на име купопродажна цена на станот.
Следувала тужба од подносителот на барањето, по која е донесена пресуда на Основниот суд Скопје 2 Скопје, П4-1380/13 од 09.07.2014 година, со која тужбеното барање на тужителот Реџеп Хасани од Скопје, делумно се усвојува. Задолжени се тужените Република Македонија и Акционерското дрштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката – Скопје, солидарно да му платат на тужителот на име стекнување без основ главен долг во износ од 4.309.793,00 денари со законска казнена камата во висина на референтната стапка на НБРМ, која важела на последниот ден од полугодието што му претходело на тековното полугодие зголемена за 8 процентни поени, сметано од денот на поднесување на тужбата 23.09.2013 година до конечната исплата, во рок од 15 дена од приемот на пресудата. Тужбеното барање на тужителот Реџеп Хасани против тужените во делот за течење на каматата и тоа на износот 4.309.783,00 денари да тече законска затезна камата согласно ЗВСЗК од 21.10.2002 година како ден од кога се стекнале без основ со наведениот износ од 4.309.783,00 денари до 31.01.2010 година, а од 01.02.2010 година законска затезна камата до 22.09.2013 година, се одбива како неосновано. Задолжени се тужените да му ги надоместат трошоците по постапка на тужителот во вкупен износ од 77.276,00 денари, во рок од 15 дена по приемот на пресудата.
На 09.02 2015 година тужителот Реџеп Хасани го известил Апелациониот суд Скопје дека Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката – Скопје на 29.01.2015 година, му го вратил на Реџеп Хасани главниот долг, така што на 05.02.2015 година, Реџеп Хасани го предал записнички станот во владение на Акционерското друштво.
Со пресуда на Апелациониот суд Скопје ГЖ бр. 267/15 од 25.11.2015 година, потврдена е пресудата на Основниот суд Скопје 2 Скопје, П4-1380/13 од 09.07.2014 година.
Против второстепената пресуда, ревизија изјавил тужителот Реџеп Хасани поради погрешна примена на материјалното право, со предлог ревизијата да се усвои, првостепената пресуда да се преиначи во делот на каматниот почеток, како и да се задолжат тужените со трошоци за ревизија. Ревизија поднел и првотужениот, со барање тужбеното барање на тужителот да се одбие како неосновано во целост и да се задолжи тужителот да ги надомести на првотужениот трошоците сторени во текот на постапката.
Од страна на Врховниот суд на Република Македонија донесена е Пресуда и Решение РЕВ 2 бр. 117/2016 од 06.04.2017 година, со кои ревизијата на првотужениот се одбива како неоснована, а Ревизијата на тужителот се отфрла како недозволена. Според образложението за отфрлање на ревизијата на тужителот, ревизијата на тужителот била изјавена само против одлуката за течењето на каматата на главниот долг, како споредно побарување, а не и за главното барање, поради што произлегувало дека не се исполнети законските услови за дозволеност на ревизијата.
3) На 20.09.2017 година, подносителот на барањето Реџеп Хасани поднел до Основниот суд Скопје 2 Скопје предлог за повторување на постапката по предметот П4-1380/13 од 09.07.2014 година, за што е оформен предметот П4-810/17, распореден за постапување кај судијата Цветанка Сиљаноска Костадиновска.
Тужителот Реџеп Хасани поднел барање за изземање на судијата Цветанка Сиљаноска Костадиновска од натамошно постапување по предметот, но таквото барање било одбиено како неосновано со Решение од заменик-претседателот на Основниот суд Скопје 2 Скопје, 03 ИЗЗ бр.137/2017 од 06.12.2017 година.
Постапувајќи по предметот за повторување на постапката, Судот одржал рочиште на кое биле присутни тужителот – подносител на барањето како предлагач и тужените како противници, а судењето го следел и претставник на Народниот правобранител и воедно на тужителот Реџеп Хасани му бил обезбеден преведувач од албански на македонски јазик.
Од страна на Основниот суд Скопје 2 Скопје донесено е Решение П4-810/17 од 06.12.2017 година со кое предлогот за повторување на постапката од причините од член 392 став 1 т.9 од ЗПП се одбива како неоснован, а предлогот за повторување на постапката од причините од член 392 став 1 т.1 од ЗПП се одбива како ненавремен. Во образложението на Решението се наведува дека Судот ги имал предвид и наводите на предлагачот коишто се однесуваат на евентуална дискриминација во оваа постапка но Судот таквите приговори не може да ги утврдува, туку истото се утврдува во друга постапка на начин утврден со закон, но од досегашниот тек на постапката такви околности и факти во оваа постапка не произлегуваат.
Против наведеното решение, тужителот Реџеп Хасани доставил жалба до Апелациониот суд Скопје по која е оформен предметот ГЖ бр.1172/18, којшто според редовниот распоред на предметите е доделен во работа на судијата-известител Радица Васиљевска. До в.д. претседателот на Апелациониот суд Скопје, од страна на тужителот на 04.04.2018 година е доставено барање за изземање на судијата Радица Васиљевска да постапува и одлучува по овој предмет. Со Решение на в.д. претседателот на Апелациониот суд Скопје, СУ-ИЗЗ-234/18 од 20.04.2018 година, барањето за изземање на судијата е одбиено.
Решението на Основниот суд Скопје 2 Скопје, П4-810/17 од 06.12.2017 година е потврдено со Решение на Апелациониот суд Скопје, ГЖ бр.1172/18 од 14.11.2018 година.
4) Барањето за заштита на слободите и правата што се однесуваат на забрана на дискриминација на граѓаните по основ на национална припадност повредени со Решение на Основниот суд Скопје 2 Скопје, бр.XXXVI-П4-810/17 од 06.12.2017 година и со Решение на Апелационен суд Скопје, бр.ГЖ-1172/18 од 14.11.2018 година, до Уставниот суд е поднесено на 28.01.2019 година.
Со оглед дека датумот на приемот на последниот поединечен акт е 06.12.2018 година, произлегува дека барањето за заштита на слободите и правата пред Уставниот суд е поднесено благовремено, во согласност со членот 51 од Деловникот на Уставниот суд.
4. Согласно член 8 став 1 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, претставуваат една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Според член 50 став 1 од Уставот, секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд на Република Северна Македонија во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност.
Согласно член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.
Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање. Во барањето, според член 52 од Деловникот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.
Според член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето или ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Според наводите содржани во доставеното барање за заштита на слободите и правата, произлегува дека подносителот на барањето е незадоволен од исходот на неколку судски постапки, и тоа:
– судската постапка во која е поништен договорот за купопродажба на стан кој тој го имал купено од Република Македонија преку Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија (прв судски спор),
– судската постапка која по негова тужба завршила со обврска на државата Република Македонија и Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката – Скопје, солидарно да му платат на тужителот на име стекнување без основ главен долг во износ од 4.309.793,00 денари (платената купопродажна цена на станот според поништениот договор за купопродажба) со законска казнена камата во висина на референтната стапка на НБРМ, која важела на последниот ден од полугодието што му претходело на тековното полугодие зголемена за 8 процентни поени, сметано од денот на поднесување на тужбата 23.09.2013 година до конечната исплата, во рок од 15 дена од приемот на пресудата (втор судски спор), и
– постапката по неговиот предлог за повторување на постапката од вториот судски спор, затоа што бил незадоволен од датумот и висината на определената камата, а кој предлог бил одбиен од судот како неоснован, односно отфрлен како ненавремен (трет спор).
Барањето за заштита на слободите и правата по основ на дискриминација конкретно е насочено кон решенијата донесени (во третиот спор) по предлогот за повторување на постапката во која е одлучено за враќање на главниот долг и каматата, така што како оспорени се наведуваат Решението на Основниот суд Скопје 2 Скопје, бр. XXXVI-П4-810/17 од 06.12.2017 година со кое предлогот за повторување на постапката од причините од член 392 став 1 т.9 од ЗПП се одбива како неоснован, а предлогот за повторување на постапката од причините од член 392 став 1 т.1 од ЗПП се отфрла како ненавремен, како и Решението на Апелациониот суд Скопје, бр.ГЖ-1172/18 од 14.11.2018 година со кое Решението на Основниот суд Скопје 2 Скопје, бр. XXXVI-П4-810/17 од 06.12.2017 година, се потврдува. Со барањето за заштита на слободите и правата, подносителот предлага Уставниот суд да го поништи Решението на Апелациониот суд Скопје од 14.11.2018 година, со што би се створиле услови за враќање во поранешната состојба и одржување расправа за каматата како главна работа, согласно член 397 од ЗПП.
Како причина за незадоволството од означените судски решенија, како и сите пресуди и решенија донесени во сите други наведени судски спорови коишто претходат на донесувањето на оспорените решенија, се наведува дека одлуките во сите три инстанци на редовните судови биле донесени со крајна арбитрарност и неконзистентност, под директно влијание на спротивната страна, со што, судовите како самостојни и независни државни органи, го повредиле правото на подносителот на барањето, на еднакви можности во споредба со спротивната страна.
Имајќи го предвид наведеното, произлегува дека со поднесеното барање за заштита на слободите и правата, во суштина се бара од Уставниот суд да постапува како инстанционо повисок суд и да утврди дали оспорените решенија на судовите биле неправилни и незаконити, а со тоа Уставниот суд да се впушти во оцена на нивната законитост дали правилно е применето материјалното право, што во смисла на уставната норма, не е надлежност на Уставниот суд. Имено, според уставно утврдените надлежности на Уставниот суд, овој суд нема надлежност да постапува како инстанционо повисок суд кој ќе ја цени законитоста на одлуките на другите правосудни органи, поради што Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на барањето од наведените причини.
Во однос на наводите за дискриминација на барателот по основ на етничка припадност, сторени на начин што и во постапките по ревизија и по барањето за повторување на постапката и за изземање на судии, во донесувањето на одлуките на сите три инстанци учествувале судии односно совети составени од мнозинската заедница, од каде произлегувало дека подносителот на барањето, како припадник на албанската заедница, бил доведен во понеповолна положба во споредба со другите лица од мнозинската заедница, и дека неговата етничка припадност била пречка судиите да одлучуваат по нивната судиска заклетва, со што се повредувало заштитеното право за еднаквост на сите пред Уставот, согласно член 9 и пред законите, Судот го имаше предвид следното:
Законот за парничната постапка (“Службен весник на Република Македонија“ број 79/2005, 110/2008, 83/2009, 116/2010 124/2015) не содржи одредби за утврдување на составот на судот по етничка припадност на судиите во однос на етничката припадност на странките во предметот. Такви одредби не предвидува ниту Законот за управување со движењето на предметите во судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр.171/2010). Оттука, неспорно произлегува дека етничката припадност на судиите не смее да има какво било влијание врз стручната, одговорна и компетентна работа на судиите, независно од етничката припадност на странките. Тврдењето за постоење на таква дискриминација, согласно член 38 став 1 од Законот за спречување и заштита од дискриминација („Службен весник на Република Македонија“ број 50/2010, 44/2014, 150/2015, 31/2016 и 21/2018), странката треба соодветно да ја докаже, со изнесување на сите факти и докази кои го оправдуваат нејзиното тврдење. Докажувањето дека немало дискриминација паѓа на товар на спротивната странка.
Во конкретниот случај, повикувањето на заштита на слободите и правата користејќи го основот „забрана на дискриминација по етничка припадност“, само поради различна етничка припадност на судиите и странката, без изнесување на никакви аргументи во поткрепа на таквото тврдење, односно без изнесување на факти и докази дека на барателот, поради неговата етничка припадност, му биле намалени или ограничени можностите за остварување на неговите слободи и права во споредба со остварувањето на исти слободи и права на граѓани од мнозинската заедница на која припаѓаат судиите, всушност претставува само декларативно повикување на дискриминација сторена од страна на судовите, како повод и правно оправдување на барањето Уставниот суд да издејствува повторување на судската постапка што би водело кон можност за поинаков исход на судскиот спор, кoe барање ги надминува неговите уставни надлежности.
Според тоа, Судот оцени дека постојат процесни пречки за постапување на барањето во овој дел, поради што се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на истото.
5. Имајќи го предвид наведеното, удот оцени дека не се исполнети условите од членот 27 на Деловникот на Уставниот суд, за донесување на решение за запирање на извршувањето на оспорените решенија до донесување на конечна одлука на Судот.
6. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, д-р Осман Кадриу, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.
У.бр.45/2019
11 септември 2019 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Никола Ивановски