У.бр.89/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 18 септември 2019 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Васко Робовалиев од Скопје, поднесено преку полномошник адвокатско друштво “БОНА ФИДЕ” од Скопје, за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија кои се однесуваат на правото на јавното изразување на мислата и политичкото здружување и дејствување.

2. Васко Робовалиев од Скопје, преку полномошник адвокатско друштво “БОНА ФИДЕ” од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе барање за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија кои што се однесуваат на правото на јавното изразување на мислата и политичкото здружување и дејствување кои му биле повредени со Известување бр.1331-699/2-1 од 31.01.2019 година, донесено од Министерството за внатрешни работи- помошник на министерот за внатрешни работи на ОДДЕЛ ЗА ГРАЃАНСКИ РАБОТИ.

Според наводите во барањето со наведеното известување се вршела повреда на слободата на изразување како политички функционер, како и повреда на политичкото здружување и дејствување преку условување на барателот со отказ доколку политички дејствува како советник во Општина Центар за ВМРО ДПМНЕ како опозициска политичка партија.

Имено, со наведеното известување Министерството за внатрешни работи арбитрарно постапило и на барателот му оневозможило слобода на изразување и слобода на политичко здружување и политичко дејствување од причина што истиот бил член и функционер на најголемата опозициска партија.

Поради наведеното на барателот му било оневозможено да извршува јавна функција согласно членот 23 од Уставот поради определена политичка припадност и слобода на изразување при политичко дејствување поради што предлага барањето да се уважи Судот да донесе Решение со кое ќе се утврди повреда на членовите 16 и 23 од Уставот.

Во барањето за заштита на слободите и правата се наведува дека со Известување бр. 1331-699/2-1 од 31.01.2019 година доставено од страна на полномошникот на министерот за внатрешни работи Оддел за граѓанските работи се вршела повреда на правото на слободата на изразување како политички функционер, како и повреда на слободата на политичко здружување и дејствување преку условување на барателот со отказ доколку политички дејствува како советник на Општина Центар за ВМРО ДПМНЕ како опозициска политичка партија.

Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија со Известување бр. 1331-699/2-1 од 31.01.2019 година арбитрарно постапило и на барателот му ја оневозможило слободата на изразување и слободата на политичко здружување и политичко дејствување само поради фактот што барателот бил член и функционер на најголемата опозициска партија во Република Северна Македонија.

Имено, во рамките на својот мандат, советничката група на ВМРО ДПМНЕ во Општина Центар дејствувала опозициски, па оттука барателот бил активен во насока на критика на политиките на мнозинската советничка група на СДСМ со коалиционите партнери како на седниците на Советот на Општина Центар така и пред медиумите по одржувањето на седниците на Советот на Општина Центар.

По појавувањето на барателот на јавните медиуми на кои ги критикувал политиките на мнозинската советничка група на СДСМ со коалиционите партнери, во Министерството за внатрешни работи каде барателот работел како референт за управни работи во Одделението за управни работи Скопје, Сектор за управно надзорни работи во Одделот за граѓански работи, Министерот за внатрешни работи покренал дисциплинска постапка. На 23.01.2019 година, Министерот за внатрешни работи донел Решение бр. 13.3.1-6002 со кое барателот Васко Робовалиев бил казнет со парична казна во износ од 15% од последната исплатена месечна нето плата на барателот во траење од 6 месеци, поради тоа што основал, раководел, застапувал, претставувал политичка партија, членувал во органите на партијата утврдени со нејзиниот статут, изразувал и застапувал партиски ставови и убедувања во вршењето на работите и задачите, носи или истакнува партиски симболи во просториите или службените возила на Министерството.

Понатаму, во барањето се наведува дека на 31.01.2019 година до барателот било доставено Известување бр. 1331-699/2-1, кое е предмет на оспорување со поднесеното барање, доставено од страна на помошникот на министерот за внатрешни работи Оддел за граѓанските работи. Со ова известување, барателот бил известен дека согласно членот 9 од Изборниот законик потребно е барателот писмено да се произнесе во рок од 3 дена од приемот на известување дали се повлекува од функцијата член на Совет на Општина Центар со што ќе продолжи неговиот работен однос во МВР или пак ќе биде поднесено барање за мирување на работниот однос се до престанок на функцијата на барателот како член на Советот на Општината Центар. На крајот на известувањето било наведено дека доколку барателот не се произнесе во предвидениот рок истиот бил известен дека ќе му биде донесено решение за мирување на работниот однос во Министерството за внатрешни работи.

Барателот по доставувањето на Известувањето бр. 1331-699/2-1 од 31.01.2019 година, на 08.02.2019 година доставил Барање бр.08 805/1 со кое барал престанок на функцијата член на Советот на Општина Центар – Скопје за мандатен период 2017-2021 година.Советот на Општина Центар на 25тата седница одржана на 21.02.2019 година донел Решение за престанок на мандатот на член на Советот на Општина Центар – Скопје, со кое се констатира престанок на мандатот на членот на Советот на на Општина Центар – Скопје поради поднесување на оставка. Откако бил поднесен овој предлог, поднесен бил и нов Предлогот за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност поднесен од страна на Ибраим Беќири Помошник Министер за внатрешни работи кој резултирал со Решение бр. 13.3.1-6002 од 23.01.2019 година донесено од страна на Министерот за внатрешни работи, по што веднаш е доставено и Известувањето за мирување на работно место или оставка на функцијата член на Советот на Општина Центар – Скопје.

Членот 23 од Уставот јасно предвидувал дека секое лице може да врши јавна функција без ограничување на определена група на лица. Изборниот законик во членот 9 предвидува дека: (1) На припадниците на вооружените сили на Република Македонија, припадниците на униформираниот дел на полицијата, овластените службени лица во Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана и во Агенцијата за разузнавање од денот кога ќе бидат утврдени како кандидати, работниот однос им мирува. (2) Со денот на верификацијата на мандатот на лицата од ставот (1) на овој член, работниот однос им мирува.

Имајќи предвид дека барателот бил овластено службено лице во Министерството за внатрешни работи, според наводите во барањето, истиот немал никакви посебни овластувања од причина што работи на издавање на лични документи. Дополнително на тоа, МВР во периодот 2015-2017 година ги има овластено сите лица со посебни овластувања што значи до овој масовен чин, работното место на барателот не било со посебни овластувања.

Подносителот на барањето смета дека Министерството за внатрешни работи, на барателот му било оневозможил слобода на изразување и право да врши јавна функција само поради фактот дека барателот бил од најголемата опозициска партија во Република Северна Македонија.

Поради наведеното, односно дека на барателот му било оневозможено да извршува јавна функција согласно членот 23 од Уставот на Република Северна Македонија поради определена политичка припадност како и слобода на изразување, согласно членот 110 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија предлага да се уважи барањето и Судот да донесе решение со кое ќе утврди повреда на правата на барателот по основ на членовите 16 и 23 од Уставот и во иднина да не врши повреда по основ на политичка припадност на барателот Васко Робовалиев.

3. Судот на седницата од приложената писмена документација ја утврди следната фактичка состојба:

Во 2017 година во време на одржување на локалните избори во државата, работникот Васко Робовалиев по завршувањето на изборите бил избран за член на Советот на Општина Центар, со што се стекнал со статус на актуелен советник во општината, согласно извештајот од Верификационата комисија на Општина Центар. Уште при самата кандидатура за советник, законска обврска на Васко Робовалиев како овластено службено лице е со лично пополнето барање до Министерството за внатрешни работи да побара работниот однос да му биде ставен во мирување, а именуваниот не го сторил тоа, односно не ги испочитувал одредбите од Законот за внатрешни работи, Колективниот договор на Министерството и Изборниот законик

Согласно наведеното работникот Васко Робовалиев сторил потешко кршење на работниот ред и дисциплина по член 208 точка 21 од Колективниот договор на МВР каде било утврдено дека:

Работникот врши потешко кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски, утврдени со закон, колективен договор, правила и прописи на Министерството и договор за вработување, доколку основа, раководи, застапува, претставува политичка партија, членува во органите на партијата утврдени со нејзиниот статут, изразува и застапува партиски ставови и убедувања во вршењето на работите и задачите, носи или истакнува партиски симболи во просториите или во службените возила на Министерството, партиски се организира или дејствува во Министерството“.

Именуваниот, сторил повреда на член 168 точка 1 од Законот за внатрешни работи („Службен весник на РМ“ бр.42/2014, 116/2014, 33/2015, 5/2016, 120/2016, 127/2016, 142/2016, 190/2016 и 21/2018, во кој е утврдено дека:

Работник во Министерството не смее да основа, да раководи, да ја застапува и претставува политичката партија и да биде член на органите на партијата утврдени со нејзиниот статут”.

Подносителот на барањето, постапил спротивно на членот 9 од Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија” бр.40/2006, 136/2008, 148/2008, 155/2008, 163/2008, 44/2011, 51/2011, 142/2012, 31/2013, 34/2013, 14/2014, 30/2014, 196/2015, 35/2016, 97/2016, 99/2016, 136/2016, 142/2016, 67/2017, 125/2017, 35/2018, 99/2018, 140/2018, 208/2018, 27/2019 и 98/2019 каде е утврдено дека:

На припадниците ва вооружените сили на Република Македонија, припадниците на униформираниот дел на полицијата, овластените службени лица во Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана и во Агенцијата за разузнавање од денот кога ке бидат утврдени како кандидати, работниот однос им мирува.

Согласно наведеното, Васко Робовалиев како лице со статус на овластено службено лице бил должен од денот на утврдување како кандидат на советничка листа, согласно одредбите од Изборниот законик да го извести Министерството дека е утврден за кандидат на советничка листа, а подоцна и дека е избран за член на Советот во Општина Центар, со цел носење на решение за мирување на работниот однос во Министерството.

Васко Робовалиев и покрај тоа што му бил верификуван мандатот како советник во Совет на Општина Центар не го известил Министерството за настанатата ситуација и продолжил паралелно да извршува работи и задачи во Министерството за внатрешни работи, спротивно на членот 9 од Изборниот законик.

4. Според член 8 став 1 алинеја 1 од Уставот основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 16 став 1 од Уставот се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.

Според членот 23 од Уставот секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.

Според член 28 алинеја 1 Од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Според член 50 став 1 од Уставот секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот, пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија, во постапка заснована на начелата на приоритет и итност.

Според членот 54 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот и тоа само во време на воена или вонредна состојба, според одредбите на Уставот, при што ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имот или општествена положба. Ограничувањето на слободите и правата, според ставот 4 на овој член, не може да се однесува на правото на живот, забраната на мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста.

Со член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 112 став 3 од Уставот, одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни.

Согласно членот 51 од Деловникот, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеца од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Во членот 52 од Деловникот е предвидено дека во барањето од членот 51, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита на слободите и правата, актите или дејствијата со кои тие се повредени, фактите и доказите врз кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучување на Уставниот суд.

Според Судот, а тргнувајќи од наводите изнесени во поднесеното барање, во овој случај не може да стане збор за повреда на одредбите од Уставот предвидени во член 110 алинеја 3 од Уставот, што се однесува на повреда на слободата на изразување и политичко здружување и дејствување од причина што писменото известување, кое според барателот е акт со кој му се повредуваат правата и слободите од член 110 алинеја 3 од Уставот, не може да има карактер на пропис, односно акт во смисла на членот 51 од Деловникот на Уставниот суд.

Ова, од причина што известувањето како писмен допис не уредува одредени права и обврски, односно не претставува пропис кој уредува конкретни права и обврски, туку истото само претставува информирање, односно известување за произнесување по одредена состојба од страна на Министерството за внатрешни работи, а со цел правилна примена на позитивната законска регулатива во Републиката по што е проследена друга постапка. Имено, ова дотолку повеќе што известувањето само по себе и по својата содржина, како и фактот дека не содржи правна поука, упатува на заклучок дека истото нема карактер на конечен или правосилен поединечен акт, ниту пак од него произлегува утврдување на преземање на одредено дејство, како што предвидува членот 51 од Деловникот.

Според оценка на Судот, ваквиот писмен допис претставува само барање за произнесување на барателот на околноста дали се повлекува од функцијата член на Советот на Општина Центар, или пак ќе поднесе барање за мирување на работниот однос се до престанокот на функцијата член на Советот, што е во смисла на членот 9 од Изборниот законик. По доставувањето на наведеното известување, со кое всушност барателот треба да се произнесе дали ќе го стави во мирување неговото работно место и ќе ја врши функцијата член на Советот на Општина Центар, на барателот по негово барање му е донесено Решение бр.08-952/2 oд 21.02.2019 година со кое се констатира престанок на мандатот на член на Советот на Општина Центар – Скопје.

Имено, Министерството за внатрешни работи постапувало во смисла на членот 9 од Изборниот законик, според кој овластеното службено лице во Министерството, какво својство има барателот, од денот кога ќе биде утврден како кандидат, работниот однос му мирува, поточно со денот на верификацијата на мандатот на лицата од ставот 1 на овој член, работниот однос му мирува. Меѓутоа, барателот одлучил да остане на своето работно место и како последица на тоа по негово барање е донесено Решението со кое е констатиран престанок на функцијата член на Советот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.89/2019
18 септември 2019 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Никола Ивановски