Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 2 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 11 септември 2019 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за управата за јавни приходи („Службен весник на Република Македонија” број 7/2019).
2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за формата, содржината и начинот на доставување на податоци за приливи на средства на сметки на физички лица, број 13-234/3 од 31 јануари 2019 година, донесен од министерот за финансии („Службен весник на Република Македонија” број 26/2019).
3. Александра Илиева Милчова, адвокат од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на Законот, означен во точката 1 од Решението и за оценување на уставноста и законитоста на актот, означен во точката 2 од Решението.
Според наводите од иницијативата, оспорениот закон не бил во согласност со Амандманот XIX со кој се заменува членот 17 од Уставот на Република Северна Македонија, членот 18, членот 33, членот 51 и член 52 став 4 од Уставот, со следното образложение:
Оспорениот закон кој бил донесен на 14 јануари 2019 година, со почеток на примена од 1 јануари 2019 година, бил спротивен на член 54 став 4 од Уставот, бидејќи предвидувал повратно важење на Законот.
Повратното дејство се согледувало од содржината на членот 4 на Законот според кој носителите на платниот промет до Управата за јавни приходи требало да ги достават податоците за прилив на средства на сметки на физички лица и други лични податоци кои се однесувале за претходната 2018 година, а тоа според наводите од иницијативата не можело да се смета за поповолно решение за граѓаните, што било спротивно на погоре наведената уставна одредба.
Со иницијативата се наведува и дека со изменувањето на членот 17 од Законот за управата за јавни приходи и дополнувањето на Законот со членот 17-а, членот 17-б и членот 17-в, се кршела уставно загарантираната слобода и неповредливост на писмата и на сите други облици на комуникација утврдени со Амандманот XIX став 1 од Уставот, бидејќи како што предвидувал ставот 2 од Амандманот, само врз основа на одлука на суд, под услови и во постапка утврдени со закон, може да се отстапи од правото на неповредливост на писмата и на сите други облици на комуникација, ако тоа е неопходно заради спречување или откривање кривични дела, заради водење кривична постапка или кога тоа го бараат интересите на безбедноста и одбраната на Републиката, а во оспорените одредби од Законот за изменување и дополнување на Законот за јавни приходи не стоел никаков повисок правен интерес за спречување и откривање на кривични дела. Управата за јавни приходи не била истражен орган, а со Законот се воспоставувал повратен систем на добивање на личните податоци на сите правни и физички лица и начините на нивната комуникација која се одвивала преку банките, што со Амандманот XIX било строго забрането.
Според подносителката на иницијативата, учеството во јавните давачки било лично право на граѓанинот на Република Македонија и не постоела законска основа, ниту уставна, граѓанинот да го отстапел тоа право на Управата за јавни приходи без негова согласност, односно Управата да пополнува пријава за граѓанинот, што било спротивно на членот 33 од Уставот, а ваквиот упад во личните податоци било спротивно и на Амандманот XIX и членот 18 од Уставот.
Од одредбите содржани во членот 17 од Законот во кои биле наведени субјектите од кои Управата за јавни приходи собирала лични и други податоци и нивната обврска за доставување на тие податоци до Управата за јавни приходи, се гледало дека освен за банките законодавецот утврдил обврска и за меѓународните организации, давателите на услуги брз трансфер на пари, домашни и странски правни лица, странски даночни органи, јавни институции и државни органи, со што се поставувало прашањето како тие да бидат достапни на Владата и Управата за јавни приходи на Република Македонија и тоа ретроактивно, кога се работело за едноставна обврска за персонален данок која е лична обврска на граѓанинот согласно член 33 од Уставот на Република Македонија со кој се гарантирала доверливост на сите облици на комуникација, а и се забранувал ваков вид на обработка на личните податоци.
За исполнување на даночните цели, членот 17 став 4 од Законот упатувал на операционализација на достапноста на личните податоци со правилник, што било спротивно на членот 33 од Уставот затоа што уредувањето на начинот и постапката за исполнување на даночните обврски, можеле да се уредат само со закон.
Членовите 17-а, 17-б и 17-в со кои Законот бил дополнет, биле во спротивност со членот 33 од Уставот затоа што обврската за данок била лична на граѓаните и правните лица во Република Македонија и не можела да се преотстапи на Управата за јавни приходи.
Не било ниту јасно на кој начин со оспорените законски решенија државата сакала да се наметне и во законодавството на странските правни и физички лица и меѓународните организации, со повратно дејство, а се поставувало и прашањето како тие да имаат доверба при каква било комуникација со субјектите во Република Македонија и правниот систем во Републиката кога со оспорените одредби се воведувала обврска за обработка на личните податоци и упад во комуникациите помеѓу сите субјекти кои дошле во допир со банките во Република Македонија, со повратно дејство, во корист на Управата за јавни приходи на Република Македонија, на начин забранет со Амандаманот XIX и членот 18 од Уставот.
Што се однесува до Правилникот кој исто така се оспорува во целина, во иницијативата се наведува дека при подготвувањето на ова подзаконско решение на Министерството за финансии не било постапено согласно со членот 51 од Уставот согласно кој сите подзаконски акти треба да бидат во согласност со закон, а сите закони со Уставот, што тука не било случај.
Според наводите од иницијативата, оспорениот правилник не бил во согласност со Законот за управата за јавни приходи и со Законот за банките, поточно со членот 112 од тој закон според кој банките ги добивале личните податоци од физичките и правните лица во доверба и банките можеле да ги користат на начин и исклучиво за целите за кои биле добиени и не смееле да ги откријат на трети лица. Отстапувања биле можни на писмено образложено барање на институциите, со согласност на физичките лица и кога со закон било предвидено објавување јавно на податоците.
Правилникот ја поставувал основата на процесот на добивање на личните податоци за приливите од сите физички лица, како и сите лични податоци од име, презиме, матичен број и трансакциска сметка, но со таквото управување ниту одливите на физичките и правните лица нема да се сметале за тајна затоа што сите одливи биле поврзани со приливите, имено ако немало одливи, нема да имало приливи, а во прашање биле доведени слободата на пазарот и претпиемништвото.
Со членот 18 од Уставот се гарантирале сигурноста и тајноста на личните податоци, а на граѓаните им се гарантира заштита од повреда на личниот интегритет што произлегува од регистрирањето на информации за нив преку обработка на податоците, а со оспорениот правилник се навлегувало во обработка на сите податоци за сите правни и физички лица во Република Македонија, нешто што било категорично забрането со членот 18 од Уставот.
Според наводите од иницијативата, образложението дека се работело за даночна цел (персонален данок на доход) не можело да биде релевантно затоа што согласно член 33 од Уставот, обврската за подмирување на даночната обврска била лична должност на секој граѓанин, а начинот на исполнување на таа должност можела да се уреди само со закон, од кои причини со иницијативата се смета дека немало основ во правниот промет Правилникот да регулира една толку битна правна материја и на мала врата да се внесува голема несигурност на постоењето и живеењето и работењето на правните и физичките лица во Република Македонија затоа што тоа било спротивно на членовите 18, 33 и 51 од Уставот.
Од наведените причини со иницијативата се предлага Уставниот суд да ги поништи оспорениот закон и оспорениот правилник, да го задолжи органот да ги избрише добиените податоци за правните и физичките лица, а се предлага и донесување на времена мерка за забрана на личните податоци до донесување одлука по иницијативата.
4. Судот на седницата утврди дека Законот за изменување и дополнување на Законот за управата за јавни приходи („Службен весник на Република Македонија” број 7/2019) кој се оспорува со иницијативата, содржи вкупно 5 члена и тоа: членот 1 со кој се менува членот 17 од Законот за управата за јавни приходи, членот 2 со кој Законот се дополнува со нови членови 17-а, 17-б и 17-в, членот 3 кој се однесува на рокот за донесување на подзаконскиот акт утврден со измените и дополнувањето на Законот, членот 4 со кој се уредуваат роковите за доставување на податоците од член 17 став 3 до Управата за јавни приходи и членот 5 кој се однесува на влегувањето во сила на измените и дополнувањата на Законот и почетокот на неговата примена.
Судот, утврди и дека врз основа на член 17 став 4 од Законот за Управата за јавни приходи („Службен весник на Република Македонија“ број 43/2014, 61/2015, 27/2016, 35/2018, 83/2018 и 7/2019), министерот за финансии донел Правилник за формата, содржината и начинот на доставување на податоци за приливи на средства на сметки на физички лица број 13-234/3 од 31 јануари 2019 година („Службен весник на Република Македонија” број 26/2019).
Во членот 1 од Правилникот се наведува дека со овој правилник се пропишува формата, содржината и начинот на доставување на податоците за приливи на средства на сметки на физички лица.
Во членот 2 став 1 од Правилникот се наведува дека носителите на платен промет ги доставуваат податоците за приливи на средства на сметки на физички лица резиденти добиени од правни и физички лица и од сметки на нерезиденти-правни и физички лица во Република Македонија на Образец за податоци за приливи на средства на сметки на физички лица кој е даден во Прилог и е составен дел на овој правилник, а во ставот 2 на членот од Правилникот се наведени кои податоци ги содржи Образецот за податоци за приливи на средства на сметки на физички лица.
Со членот 3 од Правилникот се дава опис на содржаните податоци во Образецот.
Со член 4 став 1 од Правилникот се определува начинот на доставување на податоците од член 2 став 2 на овој правилник, а според ставот 2 на членот од Правилникот дека носителот на платен промет избира еден од начините за доставување на податоците наведени во став 1 на овој член.
Со членот 5 од Правилникот е наведен периодот за кој се доставуваат податоците од член 2 став 2 од овој правилник кои се однесуваaт на приливите на девизни средства, а на начин утврден во членот 4 од овој правилник.
Според членот 6 од Правилникот, овој правилник влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.
5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Со членот 18 од Уставот се гарантираат сигурноста и тајноста на личните податоци, односно на граѓаните им се гарантира заштита од повреда на личниот интегритет што произлегува од регистрирањето на информации за нив преку обработка на податоците.
Од погоре цитираниот член од Уставот произлегува дека Уставот не го забранува собирањето и обработката на личните податоци на граѓаните, туку ја гарантира нивната сигурност и тајност кога тие се предмет на собирање и обработка согласно закон. Токму од фактот што личните податоци се собираат, систематизираат и обработуваат, за цели и на начин утврден со закон, е уредена уставната гаранција за заштита на личните податоци.
Притоа, субјектите кои се овластени да ги обработуваат податоците со предзнак „заштитени”, се должни истите да ги чуваат и обработуваат на начин утврден со закон и за цели согласно со закон.
Во функција на операционализација на уставната гаранција за заштита на личните податоци, законодавецот го пропишал Законот за заштита на лични податоци („Службен весник на Република Македонија” број 7/2005, 103/2008, 124/2008, 124/2010, 135/2011, 43/2014, 153/2015, 99/2016 и 64/2018) со кој се уредува заштитата на личните податоци како основни слободи и права на физичките лица, а особено правата на приватност во врска со обработка на лични податоци.
Според член 33 од Уставот секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.
Со наведената уставна одредба е утврдена обврска на секој да учествува во намирување на јавните расходи со плаќање на данок и други јавни давачки, на начин кој Уставот препуштил тоа да се уреди со закон.
Од изнесеното и од содржината на членот 33 од Уставот произлегува дека законодавецот има уставно право со закон да го утврдува начинот на кој ќе се реализира уставната обврска на секој да учествува во намирување на јавните расходи со плаќање на данок и други јавни давачки.
Кон крајот на 2017 година, поточно на 25.12.2017 година е донесен Законот за изменување и дополнување на Законот за персоналниот данок на доход („Службен весник на Република Македонија” број 190/2017) кој започна да се применува на 1 јануари 2018 година.
Со овие измени и дополнувања на Законот за персоналниот данок на доход, за Управата за јавни приходи се пропишува обврска да изготви пополнета годишна даночна пријава за секој даночен обврзник и да ја достави истата до обврзникот најдоцна до 30 април наредната година, а за даночниот обврзник пропишува обврска да ја потврди или коригира пополнетата годишна даночна пријава најдоцна до 31 мај.
Поточно, со членот 17 од погоре наведениот закон, законодавецот го измени членот 68 од Законот за персоналниот данок на доход, уредувајќи дека органот за јавни приходи изготвува пополнета годишна даночна пријава за даночниот обврзник, за доходот што го остварил во годината за којашто се утврдува данокот. Според членот од Законот, даночниот обврзник е должен да ја потврди точноста на податоците од пополнетата годишна даночна пријава, којашто претходно органот му ја доставил на увид, односно истата да ја коригира во определените рокови за таа цел.
Целта на законските измени и дополнувања е да се олесни начинот на пресметување и плаќање на персоналниот данок на доход и да се скрати времето за утврдување на годишниот данок на доход, така што исплатувачите на приходи ќе поднесуваат пресметка до Управата за јавни приходи по пат на пренос на податоци во електронска форма за исплатените приходи и данок, а Управата ќе генерира и ќе доставува пополнета годишна даночна пријава до даночните обврзници.
Оттука, Управата за јавни приходи изготвува пополнета годишна даночна пријава за секој даночен обврзник, меѓутоа даночниот обврзник ја потврдува содржината на пополнетата годишна даночна пријава, со право истата да ја коригира.
Поточно, овие измени во Законот за персоналниот данок на доход, законодавецот ги донел во насока на олеснување на практичното спроведување на законските одредби, односно намалување на административниот товар на даночните обврзници и на Управата за јавни приходи, како и унапредување и олеснување на начинот на плаќање на персоналниот данок на доход согласно Проектот на Управата за јавни приходи “Поедноставување на процедурите за известување и плаќање на персонален данок на доход за физички лица”.
Следствено на измените и дополнувањата коишто се направени во Законот за персоналниот данок на доход, кои измени и дополнувања се во примена сметано од 1 јануари 2018 година и според кои Управата за јавни приходи за 2019 година ќе треба да започне со изготвување на даночна пријава за секој даночен обврзник, односно за да може Управата за јавни приходи да го извршува ова, потребно е да има пристап до одредени банкарски податоци, за што законодавецот пристапил кон измени и дополнувања на Законот за банките („Службен весник на Република Македонија” број 7/2019) со дополнување на член 112 став 3 од Законот за банките со нова точка „2-а) ако податоците за приливи на средства на сметки на физички лица се соопштуваат на Управата за јавни приходи, во согласност со закон”.
Воедно, за да се регулира оваа постапка, односно, за да се заштитат личните податоци на граѓаните, законодавецот пристапил и кон изменување и дополнувања и на Законот за Управата за јавните приходи („Службен весник на Република Македонија” број 7/2019), кој со предметната иницијатива се оспорува во целост.
Оспорениот закон за изменување и дополнување на Законот за управата за јавни приходи („Службен весник на Република Македонија” број 7/2019), содржи вкупно 5 члена и тоа: членот 1 со кој се менува членот 17 од Законот за управата за јавни приходи, членот 2 со кој Законот се дополнува со нови членови 17-а, 17-б и 17-в, членот 3 кој се однесува на рокот за донесување на подзаконскиот акт утврден со измените и дополнувањето на Законот, членот 4 со кој се уредуваат роковите за доставување на податоците од член 17 став 3 до Управата за јавни приходи и членот 5 кој се однесува на влегувањето во сила на измените и дополнувањата на Законот и почетокот на неговата примена.
Со иницијативата се оспорува уставноста на наведениот закон, со наводи изложени погоре.
Според член 110 алинеja 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Во конкретниот случај, се утврди дека Уставниот суд веќе одлучувал за уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за управата за јавни приходи („Службен весник на Република Македонија” број 7/2019) по предметот У.бр.61/2019.
Законот се оспорувал како несогласен со одредбите од член 8 став 1 алинеи 1 и 3, членот 9, членот 18, членот 33, членот 51 и член 52 став 4 од Уставот на Република Северна Македонија, меѓутоа Уставниот суд постапувајќи по предметната иницијатива и наводите содржани во истата, по спроведената уставно-судска анализа на оспорениот закон од аспект на неговата согласност со одредбите на Уставот, не нашол повреда на истите, при што со Решение У.бр.61/2019 од 3 јули 2019 година, не повел постапка за оценување на неговата согласност со одредбите од Уставот.
Од образложението на Решението:
„Од анализата на наведените уставни одредби, целината на Законот за даночната постапка, Законот за Управата за јавни приходи, како и оспорените одредби од Законот за изменување и дополнување на Законот за Управата за јавни приходи(“Службен весник на Република Македонија” бр.7/2019), генерално произлегува дека даночно-правниот однос е помеѓу Управата за јавни приходи и даночниот обврзник и дека поради тоа сите обврски во даночната постапка поврзани со пријавувањето на фактите битни за оданочувањето и учеството во утврдувањето на фактичката состојба и поднесувањето на докази, Законот ги предвидел првенствено како обврски на даночниот обврзник. Истовремено, Законот на Управата за јавни приходи притоа и дал овластување да ги користи сите доказни средства потребни за утврдување на фактите битни за оданочувањето.
Оттука, според Судот, не може да се доведе под сомнение согласноста на оспорениот Закон за изменување и дополнување на Законот за Управата за јавни приходи, со кој се менува членот 17 и се додаваат уште три нови члена 17-а, 17-б и 17-в, со членот 18 од Уставот на Република, бидејќи не се нарушува сигурноста и тајноста на личните податоци. Имено, Управата за јавни приходи, како орган на државната управа во состав на Министерството за финансии, со цел вршење на делокругот на своите со закон утврдени надлежности, има овластување да ги користи сите доказни средства потребни за утврдување на сите потребни податоци со цел да даночниот обврзник ги исполни со Устав утврдените задолженија ( член 33 ), односно да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи.
Според Судот, со оспорените одредби од Законот, на Управата за јавни приходи и се овозможува да ги реализира нејзините со закон предвидени надлежности, односно собирање, евидентирање, обработка и заштита на податоците коишто ги има прибрано во врска со работите на Управата. Од овие причини, не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека со оспорените членови од Законот се повредува сигурноста и тајноста на личните податоци бидејќи овие податоци се доставуваат до орган на државна управа којшто има законска обврска за заштита на личните податоци и не постои можност за нивна злоупотреба, а од друга страна прибирањето на податоците предвидени во оспорените членови од Законот се со цел за исполнување на утврдената законска надлежност на Управата за јавни приходи и остварување на нејзината со закон утврдена обврска-обезбедување на податоци за даночниот обврзник за исполнување на даночните цели.
Со иницијативата се оспорува одредбата на членот 5 од оспорениот закон каде се предвидува дека овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”, а ќе започне да се применува од 1 јануари 2019 година, односно дека истиот бил во спротивност со член 52 став 4 од Уставот којшто забранувал ретроактивно дејство на законите и другите прописи, освен по исклучок, во случаи кога тоа било поповолно за граѓаните.
По наоѓање на Судот, од анализата на оспорената одредба од Законот, произлегува, од една страна, дека со оваа оспорена одредба е пропишано повратно дејство, односно истиот влегува во сила на 14 јануари 2019 година, а ќе се применува од 1 јануари 2019 година, што значи пред неговото влегување во сила, но во конкретниов случај, според Судот, може да се примени исклучокот од член 52 став 4 од Уставот, со кој се допушта повратното дејство на законите, доколку тоа е поповолно за граѓаните. Имено, со ваквото законско решение не се загрозуваат правата на даночните обврзници, и истото не е на нивна штета, односно ваквото законско решение е поповолно за граѓаните, од причина што со овој закон обврските за доставување на податоците преминуваат на товар на Управата за јавни приходи со што се ослободуваат граѓаните од ваквите обврски кои досега ги имаа. Од друга страна, пак според Судот, оспорениот член 5 од Законот го уредува начинот и постапката на реализација на оспорениот закон и истовремено се прифаќа дека се работи за односи во тек, поради што Судот оцени дека не може да се постави прашањето за неговата согласност со член 52 став 4 од Уставот.
По однос на наводите во иницијативата дека оспорениот закон не бил во согласност со членот 111 од Законот за банките и со членот 178 став 1 точка 3 од Законот за даночната постапка, според Судот претставува барање за оцена на меѓусебна согласност на одредби од два закони што е прашање за кое согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд не е надлежен да одлучува.”
Со иницијативата по актуелниот предмет исто така се оспорува целината на Законот за изменување и дополнување на Законот за управата за јавни приходи („Службен весник на Република Македонија” број 7/2019) со наводи и повикување на уставни одредби како и по предметот У.бр.61/2019.
Имајќи предвид дека Судот веќе се произнел за уставноста на оспорениот закон, а во конкретниот случај не наоѓа основи за поинакво одлучување, Судот утврди дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Судот, за отфрлање на иницијативата во тој дел, поради одлучена работа.
Според член 110 алинеja 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Со иницијативата се бара оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за формата, содржината и начинот на доставување на податоци за приливи на средства на сметки на физички лица, број 13-234/3 од 31 јануари 2019 година, донесен од министерот за финансии („Службен весник на Република Македонија” број 26/2019).
Според наводите од иницијативата, оспорениот правилник не бил во согласност со членот 18, членот 33 и членот 51 од Уставот, како и дека бил спротивен на Законот за Управата за јавни приходи и членот 112 од Законот за банки.
Поточно, со иницијативата се смета дека Правилникот немал основа во Законот за управата за јавни приходи и не бил во согласност и со членот 112 од Законот за банките, а образложението дека се работело за даночна цел (персонален данок на доход) не можело да биде релевантно затоа што согласно член 33 од Уставот, обврската за подмирување на даночната обврска била лична должност на секој граѓанин, а начинот на исполнување на таа должност можела да се уреди само со закон. Воедно се смета дека оспорениот правилник не бил во согласност со членот 18 од Уставот бидејќи се навлегувало во обработка на сите податоци за сите правни и физички лица во Република Македонија, нешто што било категорично забрането со членот 18 од Уставот.
Имајќи предвид дека со иницијативата во целина се оспорува Правилникот, без посебна и конретна елаборација за причините за неуставноста и незаконитоста на секоја посебна одредба од Правилникот, туку општо, анализата по прашањето за уставноста и законитоста на оспорениот правилник е изнесена согласно содржаните наводи од иницијативата.
Имено, Судот во конкретниот случај, ги имаше во предвид наводите од иницијативата за причините поради кои се смета дека оспорениот правилник не бил во согласност со Уставот и законите, но според Судот, истите не се основани, поради следното:
Оспорениот правилник за формата, содржината и начинот на доставување на податоци за приливи на средства на сметки на физички лица, е донесен согласно член 17 став 4 од Законот за управата за јавни приходи („Службен весник на Република Македонија” број 43/2014, 61/2015, 27/2016, 35/2018, 83/2018 и 7/2019) од министерот за финансии, од која законска одредба, произлегува овластувањето на министерот за финансии да ја пропише формата, содржината и начинот на доставување на податоците од ставот 3 на членот 17 од наведениот закон.
Судот, исто така утврди дека од содржината на оспорениот правилник не произлегува изворно уредување на прашање коешто го нема во Законот за управата за јавни приходи. Ова од причини што со оспорениот правилник се разработуваат, односно доуредуваат прашањата сврзани со доставувањето на податоците за приливите на средствата на сметките на физичките лица, кои се доставуваат од страна на носителите на платниот промет, што е обврска на носителите на платниот промет која произлегува од закон (утврдена во член 17 став 3 од Законот за управата за јавни приходи), што значи не станува збор за обврска за носителите на платниот промет, изворно востановена со оспорениот правилник, какви што се наводите од иницијативата.
Оттука, неосновани се наводите од иницијативата за отсуство на законска основа за донесување на оспорениот правилник со кој се врши операционализација, односно поблиска разработка на член 17 став 3 од Законот за управата за јавни приходи („Службен весник на Република Македонија” број 43/2014, 61/2015, 27/2016, 35/2018, 83/2018 и 7/2019), поради што пред Судот не се постави прашањето за неговата согласност со одредбите од Законот за управата за јавни приходи.
Според Судот, неосновани се исто така наводите од иницијативата дека оспорениот правилник не бил во согласност и со членот 112 од Законот за банките.
Наведеното од причини што во член 112 ставот 3 точка 2-а) и точка 3) од Законот за банките, изречно е утврдено дека за лицата со посебни права и одговорности и вработените во банката обврската за чување на банкарската тајна од ставот (1) на овој член не се однесува и во случај кога податоците за приливи на средства на сметки на физички лица се соопштуваат на Управата за јавни приходи, во согласност со закон (во случајов тоа е согласно член 17 од Законот за управата за јавни приходи) и кога податоците утврдени како банкарска тајна се соопштуваат по писмено барање на Управата за јавни приходи за водење на постапки кои се во рамките на нејзините надлежности, во согласност со закон.
Имајќи го предвид погоре изнесеното, пред Судот не се постави прашањето за согласноста на оспорениот правилник со погоре наведените закони.
Од аспект на наводите од иницијативата за спротивноста на оспорениот правилник со членот 18 од Уставот, односно дека со оспорениот правилник се навлегувало во обработка на сите податоци за сите правни и физички лица во Република Македонија, нешто што било категорично забрането со членот од Уставот, исто така, според Судот, тие наводи не се основани, поради следното:
Со членот 18 од Уставот се гарантираат сигурноста и тајноста на личните податоци, односно на граѓаните им се гарантира заштита од повреда на личниот интегритет што произлегува од регистрирањето на информации за нив преку обработка на податоците.
Уставот не го забранува собирањето и обработката на личните податоци на граѓаните, туку ја гарантира нивната сигурност и тајност.
Во функција на операционализација на уставната гаранција за заштита на личните податоци, законодавецот го пропишал Законот за заштита на лични податоци („Службен весник на Република Македонија” број 7/2005, 103/2008, 124/2008, 124/2010, 135/2011, 43/2014, 153/2015, 99/2016 и 64/2018) со кој се уредува заштитата на личните податоци како основни слободи и права на физичките лица, а особено правата на приватност во врска со обработка на лични податоци.
Со Законот за заштита на лични податоци се уредени и правата на субјектите на лични податоци, меѓу кои и правото на заштита од незаконско и неовластено обработување на нивните лични податоци.
Фактот што податоците со предзнак „заштитени”, можат да бидат предмет на обработка и систематизација од страна на овластени субјекти, не значи дека заштитените податоци ја губат заштитата гарантирана со Уставот. Напротив тие и понатаму остануваат заштитени податоци и овластените субјекти се должни истите да ги чуваат и обработуваат на начин утврден со закон и за цели согласно со закон, а секое нивно регистрирање и обработување без законски основ и цел, и спротивно на законски определениот начин за нивна обработка, подлежи на санкција.
Во конкретниот случај, околноста што со оспорениот правилник се пропишани податоците коишто треба да ги содржи Образецот за податоци за приливи на средства на сметки на физички лица, само по себе не имплицира повреда на тајноста на податоците, бидејќи за повреда на тајноста на личните податоци може да се зборува само во случај на нивна фактичка повреда, односно само во случај на нивно незаконско и неовластено обработување, односно на начин којшто овозможува повреда на личниот интегритет што произлегува од регистрирањето на информации за нив преку обработка на податоците, што е фактичко прашање и за кое сопственикот на заштитени податоци има право на заштита пред надлежните органи.
Со иницијативата, Правилникот се оспорува и како несогласен со членот 33 од Уставот, според кој секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирување на јавните расходи на начин утврден со закон, со наводи дека овој уставен член упатувал, начинот на исполнување на даночната обврска, да биде уреден со закон, а не со правилник, од кои наводи произлегува дека со иницијативата се смета дека Правилникот изворно уредува законска материја, но имајќи ја предвид претходната елаборација за согласноста на оспорениот правилник со законите, според Судот, овие наводи не се основани, со следното дополнување:
Следствено на измените и дополнувањата во Законот за персоналниот данок на доход („Службен весник на Република Македонија” број 190/2017) кој започна да се применува на 1 јануари 2018 година, е пристапено кон изменување и дополнување на Законот за управата за јавни приходи („Службен весник на Република Македонија” број 7/2019) во кој се уредува обврска за доставувањето на податоците за приливите на средствата на сметките на физичките лица, кои се доставуваат од страна на носителите на платниот промет, што е обврска на носителите на платниот промет, утврдена во член 17 став 3 од Законот за управата за јавни приходи, што значи оспорениот правилник, изворно не востановува правила за реализација на даночната обврска, туку ги доуредува прашањата уредени со Законот за управата за јавни приходи, поточно уредени со неговите измени и дополнувања.
Оттука, во оспорениот правилник нема изворно регулирање на прашања коишто се законска материја, туку со истиот се врши операционализација на одредби пропишани со закон.
6. Тргнувајќи од погоре наведеното, во однос на иницијативата за оцена на уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за управата за јавни приходи („Службен весник на Република Македонија” број 7/2019), Судот утврди исполнетост на условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот за отфрлање на иницијативата во тој дел бидејќи за истата работа веќе одлучувал, а во конкретниот случај, не најде основи за поинакво одлучување, а во однос на оспорувањето на уставноста и законитоста на Правилникот, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за неговата согласност со Уставот и законите на кои се повикува подносителката со иницијативата.
7. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.
У.бр.50/2019
11 септември 2019 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Никола Ивановски