Издвоено мислење по предметот У.бр.57/2019

Врз основа на одредбите на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 70/1992), а во врска со Одлукатата на Уставниот суд У.бр.57/2019 од 29 мај 2019 година со која се утврдува повреда на правото на слобода на мислата и јавното изразување на мислата а по барање на Павлина Зефиќ и Панче Тошковски, двајцата од Скопје, а во смисла на член 110 алинеја 3 и член 16 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија со која Одлука се поништуваат Решенијата на Основниот суд Скопје 1 Скопје заведени под 09 КОК 40/18 од 16.10.2018 год. како и Решението на Апелациониот суд во Скопке КОКЖ 47/18 од 17.12.2018 година, судиите д-р Осман Кадриу и Вангелина Маркудова, гласајќи против цитираната Одлука, го издвојуваат и писмено го образлагаат своето:

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

До Уставниот суд, Павлина Зефиќ и Панче Тошковски двајцата од Скопје, поднесоа барање за заштита на слободите и правата утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот, кои се однесуваат на заштитата на слободата и мислата и јавното изразување на мислата загарантирана и со членот 16 од Уставот, а кои биле повредени со Решение на Основниот суд Скопје 1 Скопје, 09КОК-40/18 од 16.10.2018 година и со Решение на Апелациониот суд Скопје КОКЖ 47/2018 од 17.12.2018 година.

Во барањето наведуваат дека во својство на бранители од страна на Основниот суд Скопје 1 во Скопје со цитираните решенија заведени под број 09 КОК 40/18 од 16.10.2018 година им е изречена парична казна од по 1000 евра, во денарска противвредност, поради нарушување на редот во судницата, а ова согласно член 361 став 1 в.в. со членот 88 од Законот за кривична постапка, кои решенија се преиначени со Решението на Апелациониот суд во Скопје КОКЖ бр.47/18 од 17.12.2018 год. само во делот на висината на паричната казна и истите се казнуваат на казна од по 500 евра во денарска противвредност.

Подносителите на барањето сметаат дека со донесените судски одлуки, погоре цитирани, им е повредено правото на слободата на мислата и јавното изразување на мислата и бараат од Уставниот суд уставно судска заштита согласно член 110 алинеја 3, а во врска со членот 16 од Уставот на Република Северна Македонија.

Уставниот суд на одржаната седница ја утврди фактичката состојба и со мнозинство гласови донесе одлука со која утврдува дека постои повреда на правото по основ на слободата на мислата и јавното изразување на мислата и ги поништува одлуките на Основниот суд Скопје 1 Скопје и Апелациониот суд Скопје.

За донесената одлука, ние судиите на Уставниот суд д-р Осман Кадриу и Ванѓелина Маркудова, гласавме против и притоа најавивме свое издвоено мислење, а од следните причини:

Според член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припаднот.

Според член 16 став 1 од Уставот, се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.

Согласно член 361 од ЗКП, кој гласи:

(1) Ако јавниот обвинител, обвинетиот, бранителот, оштетениот, законскиот застапник, полномошникот, сведокот, вештакот, преведувачот, односно толкувачот или друго лице кое присуствува на главната расправа го нарушува редот или не се придржува на наредбите од претседателот на советот за одржување на редот, претседателот на советот ќе го опомене. Ако опомената биде безуспешна, советот може да нареди обвинетиот да се отстрани од судницата, а другите лица може не само да ги отстрани, туку и да ги казни со паричната казна предвидена во членот 88 став (1) од овој закон.
(2) По одлука на советот обвинетиот може да биде отстранет од судницата за определено време, а доколку повторно го нарушува редот на главната расправа, тогаш и за сето време додека трае доказната постапка. Пред да се заврши доказната постапка претседателот на советот ќе го повика обвинетиот и ќе го извести за текот на главната расправа. Ако обвинетиот продолжи да го нарушува редот и да го навредува достоинството на судот, советот може повторно да го отстрани од заседанието. Во тој случај, главната расправа ќе се доврши без присуство на обвинетиот, а пресудата ќе му ја соопшти претседателот или судија – член на советот во присуство на записничарот.
(3) На бранителот или полномошникот, кој по казната ќе продолжи да го нарушува редот, советот може да му ја ускрати натамошната одбрана, односно застапување на главната расправа и во тој случај странката ќе се повика да земе друг бранител, односно полномошник. Ако е невозможно обвинетиот или оштетениот тоа да го сторат веднаш без штета за своите интереси или ако во случај на задолжителна одбрана не може веднаш да се постави нов бранител или полномошник, главната расправа ќе се прекине или одложи, а на бранителот односно полномошникот ќе му се нареди да ги плати трошоците што настанале од прекинот или одложувањето.
(4) Ако судот го отстрани од судницата приватниот тужител или неговиот законски застапник, главната расправа ќе продолжи и во нивна отсутност, но судот ќе ги предупреди дека можат да земат полномошник.
(5) Ако јавниот обвинител го нарушува редот, претседателот на советот ќе го извести за тоа основниот јавен обвинител, а може и да ја прекине главната расправа и од основниот јавен обвинител да побара да определи друго лице да го застапува обвинителниот акт.
(6) Кога судот ќе казни адвокат кој го нарушува редот ќе ја извести за тоа Адвокатската комора на Република Македонија.
(7) Против решението за казната е дозволена жалба до повисокиот суд. (8) Против други одлуки што се однесуваат на одржувањето на редот и управувањето со главната расправа не е дозволена посебна жалба.

Согласно член 88 од ЗКП:

(1) Судот ќе го казни со парична казна од 200 до 1.200 евра во денарска противвредност учесникот во постапката кој во поднесокот или усно, односно на друг начин го навреди судот или лицето кое учествува во постапката. Решението за казнување го донесува судот пред кој е дадена изјавата, а ако тоа е сторено во поднесокот, судот што треба да одлучи за поднесокот.
(2) Против ова решение е дозволена жалба по која одлучува советот од членот 25 став (5) на овој закон.
(3) За казнувањето на јавниот обвинител, судот ќе го извести надлежниот јавен обвинител на јавното обвинителство.
(4) За казнувањето на адвокат, судот ќе ја извести Адвокатската комора на Република Македонија. (5) Кога јавниот обвинител ја води претходната постапка и притоа оцени дека учесник во постапката во изјавата или во поднесокот го навреди судот, јавниот обвинител или друго лице кое учествува во постапката, ќе му достави копија од поднесокот или изјавата на надлежниот суд кој може да донесе решение за казнување од ставот (1) на овој член.
(6) Казнувањето според ставот (1) на овој член не влијае врз гонењето и изрекувањето на казната за кривичното дело извршено со навредата.
(7) Ако според ставот (1) на овој член навредата на судот и покрај изречената парична казна се повторува, судот може да изрече парична казна и до десеткратен износ од казната од ставот (1) на овој член.

Во конкретниот случај, според нашето мислење, не станува збор за повреда на, со Устав загарантираното право, слободата на мислата и јавното изразување на мислата. Напротив, од поднесеното барање од страна на адвокатите Павлина Зефиќ и Панче Тошковски, од прилозите и другите материјални докази како и од утврдената фактичка состојба, состојбата е сосема друга. Во конкретниот случај, на ден 16.10.2018 год. Основниот суд Скопје 1 во Скопје закажува главна расправа на која расправа треба да се изведе доказ – сослушување на заштитен сведок. Подносителите на барањето ја нарушиле работата на судот, поточно, редот во судницата повикувајќи се наводно дека немале услови за работа, на ист начин и со исто однесување постапувале и другите бранители во судницата на Судот. За таквото однесување и нарушување на редот споменатите адвокати и другите бранители прво биле предупредени од претседателот на кривичниот судечки совет – судијата Добрила Кацарска.

Имено и покрај предупредувањето адвокатите продолжија со нарушување на редот во Судот, поточно, во судницата. Работата на Судот била оневозможена. Председателот на кривичниот совет одлучи да им изрече парична казна во износ од по 1000 евра во денарска противвредност. Со изречената парична казна редот не бил воспоставен во судницата на Судот. Нарушувањето на редот и дисциплината прераснува до степен на неможност Судот да работи и да ја оддржи расправата. Поради оневозможувањето на работата на Судот претседателот на судечкиот совет, сосема правилно, носи одлука за одлагање на расправата за наредниот ден, поточно за 17.10.2018 год.

Одложената расправа се одржала под истите услови за кои бранителите протестирале претходниот ден. Одлуката за изречената парична казна се заснова на член 361 став 1 во врска со членот 88 од Законот за кривична постапка за која одлука првостепениот суд донесува и формално решение. Против првостепеното решение биле вложени жалби и по истите Апелациониот суд Скопје ги преиначува решенијата само по однос на висината на паричната казна и тоа на 500 евра за секој поединечно, во денарска противвредност.

Од утврдената фактичка состојба изложена погоре, утврдена со правосилни судски одлуки неспорно е утврдено дека подносителите на барањето како бранители во конкретната кривична постапка, го нарушиле редот и дисциплината на Судот. Со нарушениот ред во судницата, Судот бил доведен во состојба и оневозможен да ја извршува судската функција поради што рсправата се одложила.

Во сите процесни постапки (кривични, граѓански, управни) претседателот на судечкиот совет раководи со расправата на Судот. Тој има право, но, и должност да обезбеди ред, дисциплина и нормално работење на Судот во секоја фаза на одлучување. Во таа смисла претседателот на судечкиот совет донесува и потребни односно соодветни решенија во случај на противправно однесување на секој учесник во постапката, а со кое однесување се повредува односно се нарушува редот и работењето на Судот.

Почитувањето на редот и работењето на Судот е услов и претпоставка за обезбедување фер судење и законита постапка, а во конкретниот случај кривична постапка,

Дека Редот бил нарушен од подносителите на барањето и оваа правно релевантна околност е утврдена со правосилна судска одлука.

Со изречените парични казни поради нарушувањето на редот во Судот, според нашето мислење, апсолутно не е доведена во прашање повредата на правото на мислата и слободата на изразување на мислата. Стои фактот дека овие права се остваруваат и во постапка и во расправа и на судењето пред конкретниот суд. Меѓутоа, расправата односно судењето не било одржано исклучиво по вина на апликантите бидејќи со нивното противправно дејствување го нарушиле редот на Судот. Во оваа смисла и за овој случај важи и треба да се применува познатото правило кое гласи дека никој нема право да се повикува на заштита на одредено право, со Устав или закон гарантирано, а барањето за остварување на тоа право го заснова на своите пропусти или противправни дејствија, противправно однесување или постапување.

Согласно член 13 од Законот за судовите:

(1) Судските одлуки се изрекуваат во името на граѓаните на Република Македонија.
(2) Правосилната судска одлука има неприкосновено правно дејство.
(3) Судската одлука може да ја менува или укинува само надлежен суд во постапка пропишана со закон.
(4) Судските одлуки се задолжителни за сите правни и физички лица и имаат поголема сила во однос на одлуките на кој и да е друг орган.
(5) Секој е должен да ја почитува правосилната и извршната судска одлука под закана на законски санкции.

Издвоеното мислење се однесува и по прашањето на формата во која се изразува одлуката на Уставниот суд. Имено, со Одлуката на Уставниот суд се поништуваат Решенијата на Основниот суд Скопје 1 Скопје и на Апелациониот суд Скопје. Со поништувањето на цитираните одлуки Уставниот суд постапува како инстанционен суд, а таква надлежност нема. Со други зборови, Уставниот суд ги поништува одлуките на редовните судови. За едно вакво мислење се раководиме и од одредбите на членот 13 од Законот за судовите од 2006 год. и сите негови измени и дополненија кои се извршени во 2019 год.

Поради изложените причини сметавме за потребно, со гласањето против цитираната одлука на Уставниот суд, да го издвоиме и мислењето по однос на истата одлука.

Судии на Уставниот суд на Република Северна Македонија,

д-р Осман Кадриу
Вангелина Маркудова

Одлука У.бр.57/2019