Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 ставови 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 3 јули 2019 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 7 од Правилникот за начинот на финансирање на организација на научни собири и учество на домашни научни истражувачи на меѓународни научни собири и студиски престои во странство („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2013).
2. Александар Ташковски од Битола до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на одредбата од актот означен во точката 1 од ова решение.
Во иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот правилник не биле содржани доволно аргументи, односно не бил прецизно означен актот; одделни негови одредби кои се оспоруваат; причините зошто истите се оспоруваат, не биле конкретизирани одредбите од Уставот, односно одредбите од Законот што се повредени и поради тоа генералниот секретар на Уставниот суд го формира предметот Р.4/2018 од 10 август 2018 година.
Со писмо од 8 октомври 2018 година побарано е да се прецизира иницијативата согласно член 15 став 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија. Во прецизираната иницијатива се наведува дека се бара испитување на уставноста и законитоста на членот 3, членот 4, членот 5, членот 7, членот 8, член 13 став 1 алинеја 2 и член 26 од Законот за високото образование; член 3 став 1 алинеја 9, член 4 став 1 алинеи 1, 3, 7 и 9, членот 5 и член 50 став 3 од Законот за научно истражувачка дејност, Законот за студентскиот стандард и на членот 7 од Правилникот за начинот на финансирање на организација на научни собири и учество на домашни научни истражувачи на меѓународни научни собири и студиски престои во странство („Службен весник на Република Македонија“ бр. 51/2013) бидејќи биле повредени член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 8, членот 9, членот 44, членот 46 и членот 47 од Уставот. Во прецизираната иницијатива е наведено дека подносителот бара од Уставниот суд да се води единствена постапка по сите заведени предмети, односно иницирани постапки од негова страна без да ги наведе конкретно броевите на тие предмети, односно двете барања за заштита на слободите и правата како последица од дискриминација на граѓаните врз основа на социјалната припадност.
Според наводите во иницијативата оспорениот правилник бил противуставен и противзаконит и истиот го дискриминирал подносителот како член на академската заедница и поради правилникот бил дискриминиран и од страна на Министерството за образование и наука со конечен поединечен акт издаден во електронска форма кој бил испратен преку е-мејл, согласно Законот за електронско управување. На истиот не му била посочена правна поука од страна на Државната комисија за одлучување во управна постапка во втор степен каде би можел подносителот да приговара, со оглед на тоа дека самиот констатирал дека се работело за поединечен конечен акт кој не бил архивиран.
Понатаму, во иницијативата е наведено дека подносителот на иницијативата конкурирал на конкурс кој бил спроведен согласно оспорениот правилник, за финансирање на научен собир на кој бил поканет и примен да учествува во Универзитетот Линколн – Небраска и Воената база на САД во Небраска. Министерството за образование и наука го дискриминирал врз основа на социјална припадност со донесување на конечен поединечен акт издаден во електронска форма кој бил испратен преку е-мејл, согласно Законот за електронско управување кој во архивата на Министерството не бил заведен, а имало одговор кој му бил доставен. Со оглед на тоа дека актот бил противуставен и противзаконит не бил со согласност со членот 9 од Уставот и од тие причини подносителот на иницијативата бара да се изрече времена мерка над извршувањето на актите кои произлегуваат од оспорениот правилник до донесување на конечна одлука.
3. Судот на седница утврди дека оспорениот член 7 ја уредува материјата на учеството на домашни научни истражувачи на меѓународни научни собири и гласи: „Субјектите за вршење на научно-истражувачката дејност по објавениот јавен конкурс од член 2 од овој правилник за доделување средства за учество на домашни научни истражувачи на меѓународни научни собири, поднесуваат пријава за доделување на средства. Пријавата од став 1 на овој член содржи податоци за: називот на меѓународниот научен собир, кандидатот за учество на меѓународниот научен собир, неговото научно, наставно-научно или соработничко звање и називот на установата во која е вработен. Кон пријавата од став 1 на овој член се приложува: доказ дека трудот е прифатен за усна или писмена (постер) презентација од организаторот на меѓународниот научен собир, согласност од установата каде што е вработен кандидатот за учество на меѓународниот научен собир, потврда за висина на патните трошоци, потврда за висина на котизацијата и апстракт од научниот труд“.
4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот, а согласно алинеја 2 од истиот член од Уставот, одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Судот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Врз основа на членот 50 од Законот за научно-истражувачката дејност („Службен весник на Република Македонија“ бр. 46/2008, 103/2008, 24/2011, 80/2012, 24/2013, 147/2013, 41/2014, 145/2015, 154/2015, 30/2016 и 53/2016“), член 7 од Правилникот за начинот на финансирање на организација на научни собири и учество на домашни научни истражувачи на меѓународни научни собири и студиски престои во странство („Службен весник на Република Македонија“ бр. 51/2013) Министерството за образование и наука распишало Конкурс за распределба на средства за учество на домашни научни истражувачи на меѓународни научни собири за 2018 година.
Согласно член 7 од Правилникот, субјектите за вршење на научно-истражувачка дејност по објавениот конкурс од член 2 од Правилникот, поднесуваат пријава за доделување на средства. Пријавата од ставот 1 на овој член содржи податоци за: називот на меѓународниот научен собир, кандидатот за учество на меѓународниот научен собир, неговото научно, наставно-научно или соработничко звање и називот на установата во која е вработен. Кон пријавата од ставот 1 на овој член се приложува: доказ дека трудот е прифатен за усна или писмена (постер) презентација од организаторот на меѓународниот научен собир, согласност од установата каде што е вработен кандидатот за учество на меѓународниот научен собир, потврда за висината на патните трошоци, потврда за висина на котизацијата и апстрактот од научниот труд.
Субјектите за вршење на научно – истражувачка дејност се: државни универзитети и приватни универзитети – во нивните единици насочени кон наука (научни институти) и во единици насочени кон образование засновано на наука (факултети), МАНУ, самостојна државна високообразовна установа, самостојна приватна високообразовна установа, јавна научна установа, мешовита научна установа, приватна научна установа и самостоен истражувач кои се дефинирани во членот 2 од Правилникот, во согласност со членот 15 од Законот за научно-истражувачката дејност („Службен весник на Република Македонија“ бр. 46/2008, 103/2008, 24/2011, 80/2012, 24/2013, 147/2013, 41/2014, 145/2015, 154/2015 , 30/2016 и 53/2016).
На кандидатот-подносител на иницијативата, Александар Ташковски не му било издадено решение по електронски пат, затоа што критериумите од Конкурсот за распределба на средства за учество на домашни научни истражувачи на меѓународни научни собири за 2018 година не го дозволувале тоа. Во објавениот конкурс јасно била опишана целата постапка, за начинот на аплицирање на секој кандидат кој има право на доделување на средства за учество на меѓународна научна конференција. По електронски пат му било дадено образложение за начинот на финансирање на Конкурсот за распределба на средства за учество на домашни истражувачи на меѓународни собири за 2018 година согласно кој Правилник се финансира овој конкурс, кои субјекти имаат право на доделување на средства и кои документи требало да се приложат кон пријавата за доделување на средства за учество на меѓународна научна конференција.
Студентите на додипломски, магистерски и докторски студии не се регистрирани како субјекти кои вршат научно-истражувачка дејност согласно Законот за научно-истражувачката дејност („Службен весник на Република Македонија“ бр. 46/2008, 103/2008, 24/2011, 80/2012, 24/2013, 147/2013, 41/2014, 145/2015, 154/2015 , 30/2016 и 53/2016).
Правните елементи што треба да ги содржи еден пропис по кој Уставниот суд е надлежен да одлучува во смисла на цитираната уставна норма се: тој да е донесен од орган на државната власт или од организација или институција во вршењето на јавните овластувања доверени со закон, односно донесен од јавно правен субјект, да содржи општи норми на однесување, односно со него да се уредуваат односи на субјектите во правото на општ начин и за неопределен број на субјекти во правото.
Меѓутоа, во конкретниот случај оспорениот акт се однесува на конкретен правен проблем, односно правна ситуација (подносителот конкурирал во Министерството за образование и наука кое распишало Конкурс за распределба на средства за учество на домашни научни истражувачи на меѓународни научни собири за 2018 година), поради што не ги содржи потребните правни елементи, односно општи норми на однесување, и како таков, сметаме дека не е акт подобен за уставно – судска оцена, поради што во смисла на член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, исполнети се условите за отфрлање на овој дел од иницијативата.
Во отсуство на потребните факти и докази кои се суштествени кај случаите на дискриминација, барањето на подносителот во суштина се сведува на барање преку утврдување на повреда на слободи и права по основ на забрана од дискриминација, да се предизвика поинаков исход кој би бил во интерес на барателот, што излегува надвор од уставно утврдените рамки на надлежности на Уставниот суд во улога на повисок инстанционен суд да одлучува за законитоста на конкретни акти на надлежни органи.
Тргнувајќи од наведените уставни и деловнички одредби, како и од содржината на иницијативата произлегува дека во неа нема доволно аргументи и причини за оспорување на одредбите на актот по однос на уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата, што преставува процесна пречка за одлучување. Имено, иницијативата со нејзиното дополнување за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот е нејасна и нема доволно аргументи, па оттука сметаме дека воопшто не е јасно зошто се оспорува конкретниот акт, поради што во смисла на член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, исполнети се условите за отфрлање на иницијативата.
5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Сали Мурати.
У.бр.111/2018
03.07.2019 г.
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Никола Ивановски