У.бр.125/2018

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 22 мај 2019 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на членот 17 во делот: „а ќе започне да се применува од 1 јуни 2014 година” од Законот за изменување и дополнување на Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија” број 148/2013), Законот за изменување на Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија” број 42/2014), Законот за изменување на Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија” број 177/2014), член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија” број 72/2015), Законот за изменување на Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија” број 6/2016) и Законот за изменување на Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија” број 106/2016).

2. Никола Источки, адвокат од Ресен, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на: членот 17 во делот: „а ќе започне да се применува од 1 јуни 2014 година” од Законот за изменување и дополнување на Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија” број 148/2013), Законот за изменување на Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија” број 42/2014), Законот за изменување на Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија” број 177/2014), член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија” број 72/2015), Законот за изменување на Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија” број 6/2016) и Законот за изменување на Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија” број 106/2016).

Според наводите во иницијативата, влегувањето во сила на закон е временски одреден момент од кој законот започнувал правно да делува и да обврзува со своите одредби, со можност за примена на санкции во случај на нивно непочитување.

Притоа, во поглед на влегувањето во сила на законот, почетокот се определувал така што, по правило, се оставало определено време од донесувањето и објавувањето на законот во „Службен весник на Република Македонија“ до неговото влегување во сила, односно до неговото важење (временски период во правната литература познат како vacation legis или „закон на почек“).

Во иницијативата се наведува дека од особено оправдани причини, законодавецот може да одреди друг период на чекање на законот, така што законот може да влезе во сила и на точно одреден ден во иднината, во зависност од потребите за усогласување (хармонизација) на правниот поредок.

Со оглед на тоа што со оспорените законски одредби и оспорените закони со кои се вршеле повеќе измени на рокот за примена на законските измени на Законот за спортот, доаѓало до континуирана појава на институтот одложена примена на закон кој веќе стапил во сила, a со тоа се доведувало во прашање начелото на владеење на правото, како и начелото на правната сигурност, што е во спротивност со Уставот на Република Северна Македонија, па оттука се предлага укинување на оспорените законски одредби и оспорените закони.

3. Судот на седницата утврди дека:

– Со членот 17 од Законот за изменување и дополнување на Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија” број 148/2013) се уредува дека овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на неговото објавување во „Службен весник на Република Македонија“, а ќе започне да се применува од 1 јуни 2014 година.

– Со Законот за изменување на Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија” бр.42/2014) се предвидува:

Член 1

Во Законот за изменување и дополнување на Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија“ бр.148/13), во членот 17 зборот „јуни“ се заменува со зборот „декември“.

Член 2

Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

– Со Законот за изменување на Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија” бр.177/2014) се предвидува:

Член 1

Во Законот за изменување на Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија“ број 42/14), членот 1 се менува и гласи: „Во Законот за изменување и дополнување на Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија“ број 148/13), во членот 17 зборовите: „1 јуни 2014 година “ се заменуваат со зборовите : „1 мај 2015 година“.

Член 2

Овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

– Со членот 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија” бр.72/2015) се предвидува:

Член 4

Во Законот за изменување на Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија“ број 177/14), во членот 1 зборовите: „1 мај 2015 година“ се заменуваат со зборовите: „1 јануари 2016 година“.

– Со Законот за изменување на Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија” бр.6/2016) се предвидува:

Член 1

Во Законот за изменување на Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија“ број 72/15), во членот 4 датата „1 јануари 2016 година“ се заменува со датата „1 мај 2016 година“.

Член 2

Овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

– Со Законот за изменување на Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија” бр.106/2016) се предвидува:

Член 1

Во Законот за изменување на Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија“ број 6/16), во членот 1 датата „1 мај 2016 година“ се заменува со датата „1 мај 2017 година“.

Член 2

Овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлу­чува за согласноста на законите со Уставот.

Деловникот на Уставниот суд, со членот 28 предвидел дека Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата: – ако не е надлежен да одлучува (алинеја 1), – ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување (алинеја 2) и – ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата (алинеја 3).

Во овој случај, со оспорените законски одредби и закони се врши менување на законски одредби со кои се уредувало време на започнување со примена на измени и дополнувања на Законот за спортот (измени и дополнувања објавени во „Службен весник на Република Македонија“ бр.148/2013).

Ваквото континуирано одложување на рокот за примена на Законот, според подносителот на иницијативата го доведувало во прашање начелото на владеење на правото, како и начелото на правната сигурност, што било во спротивност со Уставот.

Меѓутоа, од оспорените законски одредби и закони произлегува дека со секое наредно менување на законските одредби кои што се однесуваат на рокот за започнување на примена на измените и дополнувањата на Законот за спортот, правното дејство на претходно уреденото, престанува да важи, од што произлегува дека со иницијативата се оспоруваат одредби од закони и закони кои што не се во правна сила, што претставува процесна пречка за одлучување по иницијативата.

Последно оспорениот Закон за изменување на Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија” број 106/2016), исто така е исцрпен во своето дејство, бидејќи со истиот законодавецот извршил последно менување на денот за започнување со примена на законските измени и дополнувања на Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија” број 148/2013), односно од 1 мај 2016 година на 1 мај 2017 година, после што законските измени веќе се во примена.

Имено, со иницијативата се оспоруваат законски одредби и закони коишто се исцрпени во своето дејство. Оттука, барањето со иницијативата за оцена на уставноста на оспорените законски одредби и оспорените закони е беспредметно. Дополнително на ова, законските измени и дополнувања уредени со Законот за изменување и дополнување на Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија” број 148/2013) се веќе во примена.

Според Судот, законодавецот е тој што ја цени оправданоста за одложување на примената на законот, бидејќи во надлежност на законодавецот е да ги донесува, менува (и) или дополнува законите, да го одредува времето на нивното важење или да утврдува престанување на нивното важење, но и да го одредува времето на започнување на примената на законите коишто ги донел, што не претставува основа за впуштање на Уставниот суд во оцена на намерата на законодавецот за одложување на примената на законот.

Врз основа на претходно наведеното, а имајќи во предвид дека по однос на оспорените законски одредби, по повод иницијативата од друг подносител Судот веќе се произнел со Решение У.број 14/2019, како што е погоре наведено, цениме дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот за отфрлање на иницијативата поради процесни пречки за одлучување по истата.

6. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.125/2018
22.05.2019 гoд.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Никола Ивановски