У.бр.60/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 22 мај 2019 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 29 став 11 и став 12 во делот: „од ставот 13 на“ од Законот за судска служба („Службен весник на Република Македонија“ бр. 43/2014, 33/2015, 98/2015, 6/2016 и 198/2018).

2. Игорчо Точев од Кочани, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста одредбите означени во точката 1 на ова решение.

Оспорените законски одредби подносителот на иницијативата ги оспорува од аспект на владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Републиката, утврдена со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Најнапред, во иницијативата се дава содржината на членот 29 од Законот за судска служба, пред и по измената на овој член извршена со членот 9 од Законот за изменување и дополнување на Законот за судска служба („Службен весник на Република Македонија“ бр.198/2018).

Пред изменувањето, членот 29 имал 14 става, а со наведениот закон за изменување и дополнување на Законот за судска служба, ставовите 9 и 10 се бришат, ставот 11 станува став 9, а ставовите 12, 13 и 14 стануваат ставови 10, 11 и 12.

По извршената измена, ставовите 11 и 12 гласат:

„ (11) Најмногу десет пати повеќе кандидати од бројот на работните места за кои се спроведува постапката, а кои биле најдобро рангирани на листата од ставот (11) на овој член, преминуваат во следната фаза на селекција.
(12) Испитот за судски службеник го полагаат и кандидатите кои имаат ист број на бодови со последно рангираните кандидати од ставот (13) на овој член.“

Според подносителот на иницијативата, од содржината на оспорениот став 11 од Законот, неспорно произлегувало дека одредбата упатувала на примена на самата себеси. По измената на Законот и извршеното пренумерирање на ставовите во членот 29, ставот 11 повеќе не го пропишувал она што се вреднува и бодува на лицето кое се јавило на јавен оглас за вработување на судски службеник. По измената на Законот, она што се вреднува и бодува кај лицето кое се јавило на јавен оглас за вработување на судски службеник, се пропишувало со одредбата од став 8 на членот 29 од Законот.

Наведеното можело да ги доведе во заблуда оние на кои се однесува одредбата и оние кои треба да ја применат одредбата, но не само опорениот став 11, туку и одредбата од членот 29 како целина, и тоа првенствено Комисијата за административна селекција.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека владеењето на правото како начело прифатено со Уставот, подразбирало постоење на јасни, прецизни и концизни норми. Кога нормите упатуваат на примена на друга норма, а заради формирање на правно функционална логична целина на норми кои треба да се надополнуваат една со друга, неминовно било нормата кон чија примена се упатува, да содржи во себе прецизен и јасен опис што сака да се постигне со истата а со цел надополнување на нормата која упатува кон неа.

Во конкретниот случај, со оспорениот член 29 став 11 од Законот за судска служба, тоа не било така. Дотолку повеќе што, членот 29 од Законот носел наслов:„Административна селекција за вработување“ која е поместена во глава VI од Законот која носи назив:„ВРАБОТУВАЊЕ НА СУДСКИ СЛУЖБЕНИЦИ“ и претставувала прв чекор во постапката за селекција за вработување на судски службеници, кое нешто само по себе укажувало на важноста на самата постапка.

Оспорениот дел од ставот 12 од Законот, исто така не бил во согласност со начелото на владеењето на правото имајќи ја предвид одредбата од член 9 став 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за судска служба („Службен весник на Република Македонија“ бр.198/2018) од едноставна причина што упатувала на непостоечки став во одредбата од членот 29 од наведениот закон.

Поради наведеното, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на член 29 став 11 и став 12 во делот:„ од ставот 13 на“ од Законот за судска служба , по што истите да ги укине како спротивни на Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 29 став 11 од Законот за судска служба, најмногу десет пати повеќе кандидати од бројот на работните места за кои се спроведува постапката, а кои биле најдобро рангирани на листата од ставот (11) на овој член, преминуваат во следната фаза на селекција.

Според ставот 12 на истиот член, испитот за судски службеник го полагаат и кандидатите кои имаат ист број на бодови со последно рангираните кандидати од ставот (13) на овој член.

4. Според член 8 став 1 алинеjа 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Според членот 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно со член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Со Законот за судска служба („Службен весник на Република Македонија“ бр. 43/2014, 33/2015, 98/2015, 6/2016 и 198/2018), се уредуваат правата, должностите, одговорностите на судските службеници, системот на плати и надоместоци на плати на судските службеници (член 1).

Главата VI од Законот носи наслов:„ВРАБОТУВАЊЕ НА СУДСКИ СЛУЖБЕНИЦИ“. Во рамките на оваа глава е систематизиран и членот 29 од Законот, кој носи наслов: „Административна селекција за вработување“.

Пред неговото изменување со членот 9 од Законот за изменување и дополнување на Законот за судска служба („Службен весник на Република Македонија“ бр.198/2018), членот 29 содржел 14 става.

Со членот 9 од наведениот закон за изменување и дополнување на Законот за судска служба, во членот 29 став (3) по зборот „струката“ запирката се заменува со точка, а зборовите до крајот на реченицата се бришат. Ставовите (9) и (10) се бришат. Во ставот (11) кој станува став (9) во петтиот и шестиот ред зборовите: „идентификационите кодови“ се заменуваат со зборот „шифрите“. Ставовите (12), (13) и (14) стануваат ставови (10), (11) и (12).

По наведената законска измена, членот 29 гласи:

„ (1) Административната селекција се состои од проверка на внесените податоци во пријавата за вработување со условите утврдени во јавниот оглас, приложените докази во пријавата и нивно бодирање.
(2) За кандидатите кои при административната селекција ќе се утврди дека не ги исполнуваат условите утврдени во јавниот оглас, постапката на селекција завршува.
(3) Вкупниот број на бодови за секој пријавен кандидат се утврдува врз основа на бодовите од стручните квалификации, работното искуство во струката.
(4) Стручните квалификации се вреднуваат во однос на формалното и неформалното образование.
(5) Формалното образование на кандидатите за судски службеници од категориите Б и В се вреднува согласно со постигнатиот успех на сите циклуси на студии кои ги завршил кандидатот и од рангирањето на универзитетот според ранг-листата на домашни универзитети согласно со Законот за високото образование и ранг-листите на странските универзитети и тоа следниве: Shanghai Ranking-ARWU (Academic Ranking of World Univirsities); Times Higher Education World University Ranking и QS World University Ranking.
(6) Формалното образование на кандидатите за судски службеници од категоријата Г се вреднува согласно со постигнатиот успех во средното, односно вишото образование.
(7) Неформалното образование на кандидатите за судски службеници се вреднува во зависност од бројот и релевантноста на меѓународно признатите стручни сертификати или уверенија за работното место.
(8) Работното искуство во струката, доколку кандидатот бил вработен, се вреднува во зависност од времетраењето и од видот на одговорноста на работното место (раководно/нераководно). Дополнителните бодови носат позитивни препораки на кандидатот од претходните работни места и волонтерскиот стаж на кандидатот во институциите на јавниот сектор.
(9) Административната селекција завршува најдоцна во рок од 15 дена по истекот на рокот за пријавување на кандидатите на јавните огласи, за што Комисијата за селекција за вработување подготвува листа со шифрите на кандидатите за кои постапката на селекција завршила и ранг-листата со шифрите на кандидатите кои ја поминале административната селекција и ги објавува на веб страницата на судот.
(10) Датумот и времето на одржување на испит за судски службеник се објавуваат заедно со ранг-листата од ставот (11) на овој член и истиот не може да биде пократок од десет дена, а подолг од 30 дена од денот на објавувањето на ранг-листата.
(11) Најмногу десет пати повеќе кандидати од бројот на работните места за кои се спроведува постапката, а кои биле најдобро рангирани на листата од ставот (11) на овој член, преминуваат во следната фаза на селекција.
(12) Испитот за судски службеник го полагаат и кандидатите кои имаат ист број на бодови со последно рангираните кандидати од ставот (13) на овој член.“

Од наведеното произлегува дека актуелниот член 29 од Законот за судска служба има 12 става, при што законодавецот, поради бришење на ставовите 9 и 10, извршил пренумерација на ставовите 11, 12, 13 и 14, на начин што истите се нумерирани како ставови 9, 10, 11 и 12, но притоа пропуштил наведената пренумерација да ја усогласи и во текстот на новите ставови 11 и 12, во кои останало повикување на непроменета нумерацијата на претходните ставови 11 и 13, наместо 9 и 11, како што всушност произлегува од содржината на одредбите. Имено, неспорно е дека ранг-листата на кандидати се изготвува согласно новиот став 9 (стариот 11), а испитот за судски службеник го полагаат и кандидатите кои имаат ист број на бодови со последно рангираните кандидат од новиот став 11 (стариот 13).

При вака утврдена фактичка и правна состојба, со иницијативата се поставува прашањето дали со наведениот пропуст од страна на законодавецот, оспорените ставови 11 и 12 на членот 29 од Законот за судска служба, стануваат недоволно јасни и прецизни одредби кои можат да ги доведат во заблуда оние на кои се однесуваат и оние коишто треба да ги применуваат и тоа првенствено Комисијата за административна селекција и дали на тој начин се повредува начелото на владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Републиката.

Имајќи ја во вид целината на членот 29 од Законот, и покрај наведените недоследности во ставовите 11 и 12 во членот, според Судот, станува збор за јасна и прецизна законска одредба во која се пропишува начинот и постапката за административна селекција за вработување која ја спроведува Комисијата за селекција за вработување, како надлежно стручно тело формирано за спроведување на постапката за вработувањето во судот, поради што нема дилеми и нејаснотии за спроведување на постапката и дека со оспорените одредби од Законот не се повредува начелото на владеењето на правото, како што се наведува во иницијативата.

Во случајов, Судот оцени дека се работи за потреба од номотехничко усогласување на ставовите 11 и 12 од важечкиот член 29 од Законот за судска служба, со настанатата правна последица како резултат на извршените измени на членот 29 од Законот, што е неспорно прашање од надлежност на законодавецот, кој ги донесува, изменува и дополнува законите, а не на Уставниот суд.

Поради наведеното, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Мкедонија, за отфрлање на иницијативата.

5. Имајќи го предвид наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.60/2019
22 мај 2019 гoд.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Никола Ивановски