Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 17 април 2019 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на измена и дополнување на детален урбанистички план за дел од Велес, локалитет-дел од урбана единица 7 Алексо Демниевски-дел од урбан блок 38 – Општина Велес донесена од Советот на Општина Велес под број 25-581/2 од 31.01.2018 година и објавена во „Службен гласник на Општина Велес“ број 2 од 02.02.2018 година.
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на меѓусебната согласност на Одлуката од точката 1 од ова решение со оспорените членови од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање.
3. Трговско друштво за вработување на инвалидни лица за производство на апарати за домаќинство „ДИНАМО-ХИТ“ извоз-увоз ДОО Велес; Друштво за производство, трговија и услуги „ПАПИЈОНС ДООЕЛ“ експорт-импорт Велес; Друштво за трговија и услуги „ЧОЧКОВ КОМПАНИ ДООЕЛ“ увоз-извоз Велес; Друштво за вработување на инвалидни лица за производство, трговија и услуги „ХАМЕР“ извоз-увоз ДООЕЛ Велес; Друштво за производство трговија и услуги „НЕВРО-КОМЕРЦ“ извоз-увоз ДООЕЛ Велес; Друштва за градежништво „ИЗГРЕВ ИНЖЕЊЕРИНГ“ ДООЕЛ Велес; Друштво за производство на автогалантерија, трговија и услуги „АВТОМОДА-ЏАЈКА“ извоз-увоз Велес; Претпријатие за продажба на делови за моторни возила и нивно одржување и поправка „АЛЕКСКАР-МИКАР“ Ангелче Тодор Камењаров Велес; Тодор Камењаров од Велес; Стојан Лазаревски од Велес; Никола Ѓорѓиевски од Велес и Славчо Илиев од Велес, занаетчија – тапетар до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесоа иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата оспорената одлука е спротивна на одредбите од член 8 став 1 алинеи 3 и 10, член 43 и член 51 од Уставот, член 4, член 11 и член 68 од Законот за просторно и урбанистичко планирање и член 6 и член 7 од Законот за животната средина.
Во иницијативата се наведува дека: „Со наведената одлука се врши донесување на Измена и дополнување на Детален урбанистички план за дел од Велес, локалитет – дел од урбана единица 7, Алексо Демниевски – дел од урбан блок 38 – Општина Велес. Во одлуката се наведува дека планскиот опфат за кој се изработува Измена и дополнување на Детален урбанистички план за дел од Велес, локалитет – дел од урбана единица 7 Алексо Демниевски – дел од урбан блок 38 – Општина Велес, со основна класа на намена на површини А2 домување во станбени згради- со површина од 1.44 ха. Граници на опфатот се: На запад – по осовина на постојна ул ”Бр.4“ ја сече КП 16887/1 и КП 18364/1; на исток – осовина на железничка пруга; на југ – по осовина на постојна ул.”бр.1” н на север – по граница на КП 16879 и ја сече КП 18364/1.
Имајки го во предвид горенаведеното како и фактот дека планирањето на просторот претставува работа од јавен интерес за која е пропишана прецизна регулатива значи дека органите надлежни за планирање на просторот и донесување на урбанистичките планови се должни да се придржуваат кон прецизно определената процедура пропишана со позитивните законски прописи.
Со спорната одлука се врши промена на намената на земјиштето во рамките на урбаниот блок 38 од урбаната единица 7 во Општина Велес во намена на земјиште „30“ односно заеднички објекти односно се врши промена во намена на земјиштето А2-домување во станбени згради. Со ваквата промена на намената на земјиштето спротивно од намената на земјиштето определена со генералниот урбанистички план за Општина Велес се создава детален урбанистички план што и покрај тоа што е план од пониско ниво не е усогласен и е спротивен со генералниот урбанистички план.
Во иницијативата исто така е наведено дека „пред донесување на спорната одлука деталниот урбанистички план за урбана единица 7, урбан блок 38 во Општина Велес бил во целост усогласен со генералниот урбанистички план на Општина Велес. Па така од Извод од план од ДУП: дел од Велес-дел од Урбана единица 7-дел од Урбан блок 38 издаден од Општина Велес-Одделение за урбанизам и заштита на животната средина јасно може да се утврди дека намената на земјиштето е Г2, ГЗ, Г4 односно индустрија, а не заеднички објекти-домување. Од доставениот извод од план, јасно може да се утврди дека целиот опфат на деталниот урбанистички план што сега се менува бил со намена Г-индустрија, а не со намена ЗО-или домување како што е наведено од страна на Општина Велес во одговорот на приговорот доставен на спорната одлука од страна на подносител на оваа иницијатива. Токму поради ова и зачудува доставениот одговор по анкетен лист бр.1 даден од страна на Комисијата при Општина Велес, која што подносителот го известува дека изменувањето е донесено врз основа на ГУП каде намената на предметниот опфат е 30- заедничко домување односно А2-домување во станбени згради. Ваквиот одговор зачудува во најмала рака затоа што истиот е спротивен на писмените докази односно на доставениот генерален урбанистички план како и извод од план на ДУП од каде јасно може да се утврди дека намената на предметниот план е Г-индустрија, а не А „домување во станбени згради“.
Понатаму во иницијативата се цитира одредба на член 68 ставови 1 и 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање и се констатира дека било јасно дека урбанистичките планови морале да бидат изработени согласно стандардите и нормативите за урбанистичкото планирање. Неизработувањето и неусогласеноста на урбанистичките планови со стандардите и нормативите на урбаниситчкото планирање преставувало постапување спротивно на Законот за просторно и урбанистичко планирање. Поради ова, во иницијативата се предлага дека Уставниот суд, требало да ја цени и усогласеноста на спорната одлука на Советот на Општина Велес и со подзаконскиот акт со кој се уредуваат стандардите и нормативите на урбанистичкото планирање, а на чија задолжителна употреба упатувала одредбата од членот 68 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.
Според наводите во иницијативата, со промена на намената на земјиштето од земјиште со намена СТО или стопанство во земјиште со намена А2-домување во станбени згради се создавал планерски дисконтинуитет во просторот со што се намалувала вредноста на просторот како и условите за работа на луѓето. Делот од урбанистичката единица 7, урбанистички блок 38 што бил предмет на измени бил со намена на земјиштето „СТО“ или стопанство односно овој дел бил изграден како индустриска зона каде што имало изградено производствени капацитети кои што биле сопственост на подносителите на оваа иницијатива и каде што истите вршеле стопанска дејност. Со измената и со дозволувањето на изградба на станбени згради секако дека ќе се намалеле условите за работа од причина што сега истите ќе им пречеле во домувањето во станбените згради поради што постојано ќе биле пријавувани во инспекциските органи.
Понатаму, во иницијативата се цитираат член 24 став 1, член 25 став 2, член 26 ставови 1 и 3 член 28 став 1 и член 32 од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање од кои се подразбирал начинот на уредувањето, изградбата и употребата на градежното земјиште и на градбите согласно дејностите и активностите што се вршеле и одвивале во нив и дека согласно наведеното било јасно дека на ист простор било недозволено мешање на намени на земјиштето од групите класи на намени А и Г. Определувањето на намена на земјиштето А2-домување во станбени згради на простор што со генералниот урбанистички план е определен со намена СТО-стопанство или согласно системот на класи на намени Г-производство, дистрибуција и сервиси било постапување спротивно на наведените одредби од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање.
Исто така во иницијативата се цитираат член 1 став 1, член 2 став 2, член 5, член 6 и член 7 од Законот за животната средина, со кои законски одредби можело да се заклучи дека Општина Велес како единица на локалната самоуправа имала должност во остварувањето на правото на граѓаните на здрава животна средина. Остварувањето на правото на здрава животна средина помеѓу другото значело и спречување на штетна бучава и вибрации. Во подрачјето опфатено со Одлуката за измена на деталниот урбанистички план веќе имало изградено производствени капацитети врз основа на претходно донесениот детален урбанистички план со намена стопанство, врз основа на коешто од страна на лицата што извршувале индустриска дејност била извршена и приватизација на земјиштето. Ваквите производствени капацитети биле изградени од причина што во индустриска зона било дозволено поголемо ниво на бучава и вибрации отколку во станбена зона. Спорната Одлука на Советот на Општина Велес била спротивна на закон поради тоа што со мешањето на намената на земјиштето и дозволување на изградба на станови за домување во индустриска зона ќе настанал проблем помеѓу станарите во зградите на домување и правните лица што извршувале индустриска дејност во веќе изградените производствени капацитети. Од овие законски одредби можело да се заклучи дека веќе изградените производствени капацитети ќе требале да престанат со работа од причина што истите немало да бидат во можност да при вршењето на своите активност обезбедат висок степен на заштита на животната средина од причини што се претходно наведени.
Поради ова, во иницијативата се наведува дека со спорната одлука за измени на деталниот урбанистички план и со мешањето на две некомпатибилни групи на намена на земјиштето односно со овозможување на градење на згради за станбено домување во зона со намена индустрија-стопанство односно со овозможување на градење на згради за живеење каде што е индустриска зона и има изградено производствени капацитети и каде што нормално да се создава бучава и вибрации, Општината Велес постапила спротивно на должностите што ги има со Законот за заштита на животната средина, а со тоа и спорната одлука е спротивна на одредбите од наведениот закон. Во иницијативата се бара да се поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука.
4. Судот на седница утврди дека Одлука за донесување на измена и дополнување на детален урбанистички план за дел од Велес, локалитет-дел од урбана единица 7, Алексо Демниевски – дел од урбан блок 38-општина Велес, донесена од Советот на Општина Велес под број 25-581/2 од 31.01.2018 година и објавена во („Службен гласник на Општина Велес“) број 2 од 02.02.2018 година.
Врз основа на документацијата и одговорот што го достави Општина Велес, во претходна постапка Уставниот суд ја утврди следнава фактичка состојба:
– Заклучок за донесување на Програма за изменување и дополнување на Програмата за изработка на урбанистички планови во Општина Велес за 2017 година, број 25-1010/14 од 28.02.2017 година,
– Програма за изменување и дополнување на Програмата за изработка на урбанистички планови во Општина Велес за 2017 година, број 25-1010/14 од 28.02.2017 година,
– Заклучок за донесување на Програма за изменување и дополнување на Програмата за изработка на урбанистички планови во Општина Велес за 2017 година, број 25-2022/4 од 3.05.2017 година,
– Програма за изменување и дополнувањена Програмата за изработка на урбанистички планови во Општина Велес за 2017 година, број 25-2022/4 од 3.05.2017 година,
– Планска програма изработена од комисијата за урбанизам, од мај 2017 година,
– Предлог за одобрување на Планска програма, број 1310-19 од 11.05.2017 година,
– Потврда за заверка на Планска програма, број 1310-19 од 12.05.2017 година,
– Предлог – Детален урбанистички план за дел од Велес, локалитет – дел од урбана единица 7 Алексо Демниевски – дел од Урбан Блок 38, Општина Велес, за плански период (2017-2022), со плански опфат (1,4 ха), изработен од „Урбанпроектинг“ дооел – Велес, со технички број 02/17 од мај 2017 година,
– Решение за формирање на Комисија за урбанизам, број 08-3166/1 од 8.05.2016 година,
– Стручно мислење по Предлог- планот од Комисија, број 1310-19 од 15.05.2017 година,
– Решение за формирање на Стручна комисија за изработка на Извештај од Јавна анкета, број 1310-19 од 15.-05/2017 година,
– Решение за организирање на Јавна презентација и Јавна анкета, број 1310-19 од 15.05.2017 година,
– Соопштение за организирање на Јавна презентација и Јавна анкета по планот број 1310-19 од 15.05.2017 година,
– Потврда за објава на одржување на Јавна презентација и Јавна анкета во две јавни гласила,
– Докази за прием на покани за Јавна презентација од субјектите од член 32 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.199/14, 44/15, 193/15, 31/16 и 163/16),
– Записник од спроведена Јавна презентација, број 1310-19 од 31.05.2017 година,
– Извештај од спроведена Јавна презентација и јавна анкета по планот, број 131-19 од 6.06.2017 година, регистриран во е-урбанизам на 7.06.2017 година,
– Предлог- Детален урбанистички план за дел од Велес, локалитет – дел од Урбана единица 7 Алексо Демниевски – дел од Урбан Блок 38, Општина Велес, за плански период (2017-2022), со плански опфат (1,4 ха), изработен од „Урбанпроектинг“ дооел – Велес, со технички број 02/17 од јуни 2017 година,
– Предлог – Детален урбанистички план за дел од Велес, локалитет – дел од Урбана единица 7 Алексо Демниевски – дел од Урбан Блок 38, Општина Велес, за плански период (2017-2022), со плански опфат (1,4 ха), изработен од „Урбанпроектинг“ дооел – Велес, со технички број 02/17 од јули 2017 година,
– Предлог – Детален урбанистички план за дел од Велес, локалитет – дел од Урбана единица 7 Алексо Демниевски – дел од Урбан Блок 38, Општина Велес, за плански период (2017-2022), со плански опфат (1,4 ха), изработен од „Урбанпроектинг“ дооел – Велес, со технички број 02/17 од септември 2017 година,
– Конечен Предлог – Измена и дополнување на Детален урбанистички план за дел од Велес, Урбана единица 7 Алексо Демниевски – дел од Урбан Блок 38, Општина Велес, за плански период (2017-2022), со плански опфат (1,44 ха), изработен од „Урбанпроектинг“ дооел – Велес, со технички број 02/17 од октомври 2017 година,
– Извештај од извршена Стручна ревизија изготвена од дооел „Нимаер“ д.е. Скопје, со технички број 03-252/17 од август 2017 година,
– Одлука за неспроведување на Стратегиска оцена за влијание на животна средина донесена од Градоначалникот на општината, број УП бр.1310-19 од 7.06.2017 година, објавена на веб-страницата на Општина Велес на ден 7.06.2017 година во 08:37 часот
– Известување од Министерство за транспорт и врски, број УП 1-15852/2017 од 5.07.2017 година,
– Мислење од Министерство за култура – Управа за заштита на културно наследство, број 1702728/2 од 7.07.2017 година,
– Мислење од Агенција за катастар на недвижности, број 0928-17002/4 од 13.07.2017 година.
– Мислење од Дирекција за заштита и спасување број 10-160/2 од 14.11.2016 година.
– Мислење од Македонски железници, број 2001-4326/1 од 07.09.2017 година.
– Податоци од Македонски телеком, број 416585/1 од 09.11.2016 година.
– Податоци од ЕВН КЕЦ Аеродром, број 24-3686/2 од 14.11.2016 година.
– Податоци од МЕПСО, број 02-7150/1 од 25.11.2016 година.
– Податоци од АЕК, број 1404-3664/1 од 15.11.2016 година.
– Податоци од Јавно претпријатие за државни патишта, број 10-11738/2 од 16.11.2016 година.
– Податоци од ЈКП „Дервен“ број 09-69/2 од 11.04.2017 година.
– Согласност од Министерство за транспорт и врски, број УП 24-10539/2 од 22.11.2017 година
5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Со Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.199/2014, 44/2015, 44/2015, 193/2015, 31/2016 и 163/2016), се уредуваат условите и системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите на планска документација и постапката за изработување и донесување на истата како и други прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање (член 1).
Во членот 3 од Законот е предвидено дека изработувањето, донесувањето и спроведувањето на Просторниот план на Република Македонија, урбанистичките планови, регулацискиот план на генерален урбанистички план, урбанистичко планската документација и урбанистичко – проектната документација се работи од јавен интерес.
Според член 7 од Законот, во зависност од просторот кој е предмет на планирањето се донесуваат следниве планови: 1) Просторен план на Република Македонија и 2) урбанистички планови: генерален урбанистички план; детален урбанистички план; урбанистички план за село и урбанистички план за вон населено место.
Според член 11 став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, детален урбанистички план е урбанистички план кој се донесува за плански опфат за кој е донесен генерален урбанистички план, а според став 6 деталниот урбанистички план како план од пониско ниво, мора да биде усогласен со генералниот урбанистички план, односно, со регулацискиот план на генерален урбанистички план доколку истиот е донесен.
Во главата VI од Законот (членови 24-43) е пропишана постапката за изработување и донесување на урбанистички планови и урбанистичко-плански документации.
Според член 38 став 1 од Законот, на плановите од член 7 став (1) точка 2 на овој закон изработени во форма на предлог-план и за кои е изготвен позитивен извештај за стручна ревизија согласно член 37 на овој закон, согласност дава органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот, со која се потврдува дека истите се изработени во согласност со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.
Согласно член 43 став 1 алинеја 3 од Законот, планирањето на просторот се врши за период од најмалку пет години за детален урбанистички план., а според ставот 3 на истиот член, урбанистичкиот план важи до донесување на нов урбанистички план.
Новина во важечкиот Закон за просторно и урбанистичко планирање (донесен во 2014 година), е тоа што постапката за изработување и донесување на урбанистички планови се спроведува електронски, преку информациски систем наречен е-урбанизам (член 24 од Законот). Согласно ставот 2 на овој член, корисници на информацискиот систем е-урбанизам се изработувачот на урбанистичкиот план, донесувачот на урбанистичкиот план, органите на државна управа кои се вкучени во постапката за донесување на урбанистички план, субјектите од член 32 став (1) на овој закон, членовите на комисијата за урбанизам од член 23 на овој закон, членовите на комисиите од член 34 став (8) на овој закон и член 35 став (10) на овој закон, Државен инспекторат за градежништво и урбанизам, Државен управен инспекторат, учесниците во стручна расправа и јавна анкета и членовите на Советите на општините, општините во Градот Скопје и Градот Скопје.
Во ставот 3 на овој член е определено дека размената на податоци помеѓу корисниците на информацискиот систем е-урбанизам од ставот 2 на овој член се потврдува од страна на корисникот со валиден дигитален сертификат издаден од овластен издавач, преку информацискиот систем е-урбанизам.
Според членот 26 од Законот, урбанистичките планови се изработуваат врз основа на планска програма со која се утврдува границата и содржината на планскиот опфат и истата се состои од текстуален и графички дел.
Според членот 28 од Законот, стратегиска оцена за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето при донесување на детален урбанистички план се спроведува само доколку не била спроведена стратегиска оцена за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето при донесувањето на генералниот урбанистички план врз основа на кој е изработен предметниот детален урбанистички план. Донесувачот на урбанистичките планови и урбанистичко-планската документација од ставот 1 на овој член е должен по донесување на годишната програма од член 20 став 1 на овој закон, да донесе одлука за спроведување или одлука за неспроведување на стратегиска оцена за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето, во која се образложени причините за спроведувањето, односно неспроведува-њето на оценката, на начин и постапка пропишани со Законот за животната средина.
Согласно член 29 став 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, деталниот урбанистички план се изработува во една фаза, како предлог на план.
Во членот 31 од Законот е определено дека предлогот на деталниот урбанистички план го изработува изработувачот на урбанистичкиот план, во согласност со одобрената планска програма од членот 26 на овој закон.
Во членот 33 од Законот е предвидено дека по изготвување на предлогот на деталниот урбанистички план, надлежната комисија за урбанизам од член 23 на овој закон, должна е во електронска форма преку информацискиот систем е-урбанизам, да даде стручно мислење за согледување на степенот на усогласеноста планот со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на истиот. Надлежната комисија од членот 23 на овој закон е должна мислењето од став 1 на овој член да го даде во рок од осум работни дена од денот на доставување на предлогот на детален урбанистички план од страна на изработувачот на урбанистичкиот план, а во спротивно ќе се смета дека е издадено позитивно мислење. Изработувачот на урбанистичкиот план, должен е да постапи по стручното мислење од ставот 1 на овој член и да го достави предлогот на планот до донесувачот на урбанистичкиот план.
Согласно членот 35 од Законот, јавна презентација и јавна анкета се спроведува на предлог на детален урбанистички план, по добивање на стручно мислење на предлогот на план согласно член 33 на овој закон. Општината односно општината во Градот Скопје започнува постапка за спроведување на јавна презентација и јавна анкета за предлогот на деталниот урбанистички план, најдоцна во рок од пет работни дена по приемот на предлогот на урбанистичкиот план за кој е дадено стручно мислење согласно член 33 на овој закон. За одржувањето на јавна презентација и јавна анкета се известуваат субјектите од член 32 став 1 на овој закон, во електронска форма преку информациски систем е-урбанизам, а се објавува и соопштение во информациски систем е-урбанизам, како и во две јавни гласила, најмалку три работни дена пред започнувањето на јавната анкета. Јавната анкета од ставот 1 на овој член истовремено се спроведува и во електронска и во писмена форма. Јавната анкета во електронска форма се спроведува преку информацискиот систем е-урбанизам, а јавната анкета во писмена форма се спроведува со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во општината или во просториите на општината. Јавната презентација е стручно презентирање на планот коешто се организира во рамките на јавната анкета и трае еден работен ден. Јавната анкета за предлог на детален урбанистички план трае најмалку десет работни дена, во кој рок субјектите од членот 32 став 1 на овој закон како и сите заинтересирани физички и правни лица можат на анкетни листови да достават забелешки и предлози по предлогот на планот, во електронска форма преку информацискиот систем е-урбанизам или во писмена форма. Доколку во роковите утврдени во ставот 8 на овој член субјектите од член 32 став 1 на овој закон и другите учесници, не достават забелешки и предлози, ќе се смета дека немаат забелешки и предлози на планското решение. За спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за урбанистичкиот план, од страна на стручна комисија формирана од градоначалникот на општината односно општината на Градот Скопје, која е составена од три члена и тоа претставник на изработувачот на планот, вработено лице во општинската администрација надлежно за урбанистичко планирање и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање. Извештајот од ставот 10 на овој член се изработува најдоцна во рок од пет работни дена од денот на завршување на јавната анкета и истиот е составен дел на предлогот на планот, а се прикачува и во електронска форма во информацискиот систем е-урбанизам. Врз основа на извештајот, комисијата од ставот 10 на овој член е должна, во рок од пет работни дена од изготвувањето на извештајот да го извести секој субјект од член 32 став 1 на овој закон и секое физичко и правно лице кои поднеле анкетен лист, со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози, при што лицата кои поднеле анкетен лист во електронска форма се известуваат електронски преку информациски систем е-урбанизам, а лицата кои поднеле анкетен лист во хартиена форма се известуваат писмено. Доколку комисијата од ставот 10 на овој член оцени дека предлогот на планот со прифатените забелешки од јавната анкета претрпел значајни промени (промена на границата на урбанистичкиот опфат, промена на регулациона линија и промена на намената на земјиштето), повторно се спроведува јавна презентација и јавна анкета. Повторената јавна анкета и јавна презентација трае најмалку пет работни дена. Изработувачот на планот изработува конечен предлог на урбанистичкиот план, најдоцна во рок од 10 работни дена од изготвувањето на извештајот од ставот 10 на овој член и истиот го доставува до донесувачот на урбанистичкиот план.
Според членот 36 од Законот, донесувачот на урбанистичкиот план е должен веднаш по приемот на конечен предлог на детален урбанистички план, преку информацискиот систем е-урбанизам во електронска форма, да достави барање за мислење до органот надлежен за заштита на културното наследство, органот надлежен за заштита на животната средина, органот надлежен за здравствената заштита, органот надлежен за социјалната заштита, органот надлежен за образованието, Агенцијата за катастар за недвижности, а општините во Градот Скопје и до Градот Скопје.
Агенцијата за катастар на недвижности е должна да даде мислење за утврдената состојба по извршеното споредување на податоците од урбанистичкиот план со податоците од катастарскиот план, а Градот Скопје да даде одговор дали предлогот на детален урбанистички план на општините во Градот Скопје е во согласност со Генералниот урбанистички план и дали се почитувани одредбите за примарната сообраќајна мрежа на Генералниот урбанистички план на Градот Скопје. Субјектите од став 3 на овој член се должни во рок од пет работни дена од приемот на барањето од ставот 1 на овој член, во електронска форма преку информацискиот систем е-урбанизам да дадат мислење, а во спротивно ќе се смета дека немаат забелешки и дека е дадено позитивно мислење, при што евентуалните идни штети настанати поради непостапувањето, ќе бидат на товар на органот кој не постапил по барањето.
Во членот 37 од Законот е регулирана постапката за стручна ревизија на планот и е предвидено дека на конечниот предлог на урбанистичкиот план се врши стручна ревизија со која се утврдува дали е изработен во согласност со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон. Стручна ревизија врши правно лице кое поседува лиценца за ревизија на урбанистички планови. За извршената стручна ревизија, се изготвува извештај за стручна ревизија на урбанистичкиот план, во кој се констатира дали е изработен во согласност со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на истиот или има недостатоци кои што треба да се отстранат.
Во членот 38 од Законот е уредена постапката за давање согласност на урбанистичкиот план од страна на органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот, со која се потврдува дека е изработен во согласност со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон. Надлежниот орган е должен во рок од 20 работни дена од денот на поднесувањето на барањето за добивање на согласност од страна на донесувачот на планот, да издаде согласност или да достави известување за констатирани недостатоци на урбанистичкиот план до донесувачот на урбанистичкиот план, во електронска форма преку информацискиот систем е-урбанизам. Органот на државна управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот, при повторно разгледување на урбанистички план за кој претходно било издадено известување за недостатоци согласно ставот 2 на овој член, не може да наведе нови недостатоци кои претходно не биле наведени во известувањето за недостатоци, освен доколку повторно е спроведена јавна анкета, или кога постојат нови податоци коишто не биле приложени со барањето за добивање согласност на урбанистичкиот план за кој претходно било издадено известување за недостатоци. По добивањето на согласноста, урбанистичкиот план се доставува до донесувачот на урбанистичкиот план, во електронска форма преку информацискиот систем е-урбанизам.
Во членот 20 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија” бр.5/2002), е предвидено дека општините, во рамките на законот, во согласност со начелото на супсидијарност, имаат право на своето подрачје да ги вршат работите од јавен интерес од локално значење, што не се исклучени од нивна надлежност или не се во надлежност на органите на државната власт.
Според членот 21 од наведениот закон се пропишува дека: Општините самостојно, во рамките на законот, ги уредуваат и вршат работите од јавен интерес од локално значење, утврдени со овој или друг закон и се одговорни за нивното вршење (став 1). Со законот со кој се утврдуваат други надлежности на општината се определуваат и изворите на финансирање за вршење на тие надлежности (став 2). Надлежностите од ставот 1 на овој член по правило се целосни и исклучиви и не смеат да бидат одземени или ограничени, освен во случаите утврдени со закон (став 3).
Во членот 22 од Законот таксативно е утврдена листа на надлежности на општините, при што, покрај другото, општините се надлежни за вршење на урбанистичкото (урбано и рурално) планирање, издавањето на одобрение за градење на објекти од локално значење утврдени со закон, уредувањето на просторот и уредувањето на градежното земјиште.
Од изнесената анализа, како и правната и фактичка состојба според Судот произлегува дека уставноста и законитоста на Одлуката со која е донесен предметниот план не може да се оспори од наводите изнесени во иницијативата, со оглед на тоа што во постапката се спроведени фазите на донесување на планот согласно одредбите од Законот за просторното и урбанистичко планирање и во согласност со тоа и надлежното Министерство за животна средина и просторно планирање дало согласност на предлог-планот.
Од фактичката состојба, утврдена во текот на претходната постапка врз основа на доставеното мислење и документација, Судот утврди дека наводите во иницијативата се неосновани.
Во конкретниот случај, од доставената документација Судот цени дека Општина Велес ги спровела фазите во постапката за донесувањето на предметниот детален урбанистички план, согласно одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање.
Имено, видно од документацијата подносителите на иницијативата поднеле забелешки преку анкетни листови и со тоа земале активно учество во постапката за донесување на оспорениот детален урбанистички план. Видно од – Извештајот од спроведена јавна презентација и јавна анкета по планот, број 131-19 од 06.06.2017 година, регистриран во е-урбанизам на 07.06.2017 година, нивните забелешки за пренамена на веќе постоечките објекти со класа на намени, биле разгледувани и согласно со дадениот извештај биле прифатени делумно или целосно, односно не биле прифатени.
Имајќи го во предвид член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија според кој Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и на другите прописи и колективните договори со Уставот и со законите, Судот не е надлежен да ја оценува меѓусебната согласност на деталните урбанистички планови со генералниот урбанистички план, како акти од ист ранг, со оглед на тоа дека се подзаконски акти.
Сo иницијативата ce оспорува предметната одлука од аспект на несогласноста на содржаните урбанистички решенија во донесениот план со Генералниот урбанистички план на Општина Велес и Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање меѓутоа. Уставниот суд ја оценува законитоста на постапката за донесување на плановите од аспект на фазите за донесување на планот уредена со закон, но, не е во надлежност на Судот да одлучува за согласноста на планските решенија содржани во планот со актите на кои се повикуваат подносителите на иницијативата, бидејќи согласно утврдените надлежности од член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите, но, не и за меѓусебната согласност на прописите кои во хиерархијата на правни акти се од ист ранг.
Во врска со наводите во иницијативата дека одлуката не е во согласност со членовите од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, имајќи ја предвид надлежноста на Уставниот суд определена во член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот да одлучува за согласноста на законите со Уставот и на другите прописи и колективните договори со Уставот и со законите, а не и за согласноста на општинските акти со подзаконските прописи, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 на Деловникот на Судот за отфрлање на иницијативата.
Според Судот, ирелевантни се наводите во иницијативата по однос на намената на објектите предвидена во оспорениот план, од причини што овие забелешки се однесуваат на содржината на деталниот урбанистички план, кое што е прашање од технички карактер и не се однесува на правните аспекти на постапката за донесување на планот. Оценката на стручно-техничките прашања и аспекти на планот излегува од границите на надлежноста на Уставниот суд кој што ја цени само постапката за донесување на урбанистичкиот план, а не и неговата содржина. Параметрите за стандардите и нормативите за урбанистичко планирање се утврдени со Правилник, при што Уставниот суд не е надлежен да се впушта во оцена на деталниот урбанистички план во однос на подзаконски акт од причина што за примената на подзаконските акти се грижи и ги спроведува изработувачот на планот како и органот надлежен за давање на согласност на планот.
Од изнесената правна и фактичка состојба според Судот произлегува дека оспорената одлука е донесена во целост во постапка како што е предвидена со одредбите на Законот за просторно и урбанистичко планирање, односно истата не може да се доведе под сомнение по однос на нејзината согласност со Уставот и со одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање.
6. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство на гласови, во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.
У.бр.28/2018
17.04.2019 г.
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски