У.бр.36/2018

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 3 април 2019 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 75 став 1 алинеја 1 од Колективниот договор за вработените од земјоделство и прехранбена индустрија, пречистен текст („Службен весник на Република Македонија“ бр.128/2012).

2. Горица Костова од Свети Николе, вработена во Земјоделски комбинат „Пелагонија“ АД Битола до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбата од актот означен во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата се наведува дека член 75 став 1 алинеја 1 од Колективниот договор, бил во спротивност односно не бил во согласност со членот 51 од Уставот и членот 113 од Законот за работните односи.

Според наводите во иницијативата и во дополнувањето односно прецизирањето на истата, од 1 јануари 2009 година во Република Македонија бил воведен систем на пресметка и исплата на бруто-плата на работниците. Истовремено, како составен дел на системот била интегрираната наплата на сите социјални придонеси и персоналниот данок на доход од страна на Управата за јавни приходи. Заради воведувањето на системот односно пресметка и исплата на бруто-плата на работниците, биле извршени законски измени во повеќе закони. Со Законот за изменување на Законот за работни односи („Службен весник на Република Македонија“ 161/2008 од 24.12.2008 година), бил изменет членот 113 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005, 3/2006, 44/2006, 66/2006, 16/2007, 57/2007, 77/2007 и 106/2007) на начин што била избришана точката 1 од став 1 на членот 113 којашто го пропишуваше правото на исхрана за време на работа, доколку се исплатува во паричен износ. Истовремено со овие измени во членот 113 бил додаден нов став 4 со кој се пропишувало дека работодавачот можел (значи не морал) на свој трошок на работниците да им организира исхрана за време на работата, а не пропишувал паричен надомест за исхрана.

Во иницијативата е наведено дека од друга страна во оспорениот став 1 алинеја 1 од членот 75 од Колективниот договор за вработените од земјоделство и прехранбена индустрија, било пропишано дека за да може да се оствари правото на трошоци поврзани со работата меѓу кои и правото на надоместокот за исхрана во паричен износ, неопходно било таквото право претходно да биде утврдено со закон и колективен договор (значи кумулативно да биде утврдено и со закон и со колективен договор).

Понатаму во иницијативата е наведено дека заради погоре наведените измени на членот 113 од Законот за работните односи, во Општиот колективен договор за стопанството на Република Македонија објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 88/2009 година и во сите негови натамошни измени и дополненија како и во неговите пречистени текстови објавени во („Службен весник на Република Македонија“ бр. 84/2010 и 150/2012), правото на надоместок за исхрана во паричен износ не било предвидено односно истото било укинато што можело да се види од одредбите на членот 35 од Општиот колективен договор, кадешто правото на надоместок за исхрана во паричен износ не било утврдено како право при надоместување на трошоците поврзани со работата, туку со став 3 од членот 35 како што е утврдено и со став 4 од членот 113 од Законот за работните односи, била дадена можност на работодавачот на свој трошок да организира исхрана на вработените за време на работа, а не и да исплаќа паричен надомест за исхрана.

Според наводите во иницијативата со примената на оспорената одредба од Колективниот договор се создавала можност за нарушување на концептот на бруто-плата воведен во Република Македонија од 1 јануари 2009 година и при евентуална исплата на ваков паричен надомест, истиот да се исплаќа без при тоа на тој надоместок да се плаќаат придонесите од задолжителното социјално осигурување согласно Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување објавен во „Службен весник на Република Македонија“ 142/2008, којшто исто така бил со примена од 1 јануари 2009 година, а кој бил донесен со цел воведување на концептот на бруто плата кој во Република Македонија од 1 јануари 2009 година, а со тоа за работодавачите кои го обврзуваат наведениот Колективен договор би претрпеле штети од големи размери коишто не можело да се надоместат.

Во иницијативата е наведено дека заради примената на концептот на бруто-плата, Министерството за финансии со пропратно писмо заведено под број бр.13-3000 од 28 јануари 2009 година ги известило сите правни субјекти за изготвеното Упатство за примена на концептот на пресметка и исплата на бруто плата на вработените во институциите – буџетски корисници во врска со надоместокот за исхрана, а кое е доставено во прилог на оваа иницијатива.

Понатаму, во иницијативата се цитираат делови од Решението на Уставниот суд У.бр. 31/2011-0-0 од 31 октомври 2012 година и се упатува на тоа дека оваа уставно-судска практика била во прилог на наводите во иницијативата за поништување на оспорената одредба на член 75 став 1 алинеја 1 од Колективниот договор заради што и не била обврзувачка односно била неприменлива за работодавачите. Како причина во иницијативата се наведува извршеното усогласување на Општиот колективен договор за стопанството на Република Македонија со измените на Законот за работни односи, додека Колективниот договор за вработените од земјоделство и прехранбена индустрија во делот на надоместувањето на трошоците поврзани со работи, поконкретно во однос на регулирањето на начинот на организирање исхрана на вработените, воопшто не бил усогласен ниту со измените на Законот за работните односи ниту пак со Општиот колективен договор за стопанството на Република Македонија.

Во иницијативата се наведува дека од тие причини согласно членот 26 од Општиот колективен договор за стопанството на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 88/2009 година) останала и понатаму да биде содржана во сите натамошни измени и дополненија на оспорениот Колективен договор како и во неговите понатамошни пречистени текстови кои биле објавени во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 84/2010 и 150/2012 година, во којашто било пропишано дека работодавачот можел, доколку не организирал исхрана за време на работа, на работниците да им ја зголеми платата во висина што ќе ја определи со договор со синдикатот. Воедно, во иницијативата се наведува дека во член 35 точка 4 од главата VI. „Плата и надоместоци на плата“ од наведениот Општ колективен договор за стопанството во Република Македонија, не било утврдено како право на работникот надоместоците на трошоците поврзани со работа, правото на паричен надоместок за исхрана доколку исхраната не е организирана.

Имајки го предвид погоре наведеното дека ниту со Законот за работните односи, а и ниту во Општиот колективен договор за стопанството на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 88/2009) не било утврдено право на надомест на трошоци за исхрана, подносителот на иницијативата смета дека оспорената одредба на член 75 став 1 алинеја 1 од Колективниот договор за вработените од земјоделство и прехранбена индустрија – Пречистен текст – („Службен весник на Република Македонија“ бр.128 од 17.10.2012 година) станува ништовна.

Според наводите во иницијативата пред судовите (првостепени и второстепени) се воделе голем број спорови чии тужбени барања се однесувале на исплата на паричен надоместок за исхрана по член 75 став 1 алинеја 1 од Колективниот договор за вработените од земјоделство и прехранбена индустрија (пречистен текст) објавен во „Службен весник на Република Македонија“ број 128 од 17 октомври 2012 година. Тужбените барања биле истакнати во тужбите по наведените постапки за исплата на паричен надоместок за исхрана и истите се однесувале на период од 01 јануари 2013 година па наваму, имајки ја предвид одредбата од член 115 од Законот за работни односи со која било пропишано дека паричните побарувања од работен однос застарувале во рок од три години од денот на настанувањето на обврската. Оттука, во иницијативата се предлага Уставниот суд да донесе решение за времено запирање на започнатите судски постапки се до донесување на конечна одлука, а со цел да се избегне можноста од настанување на тешко отстранливи последици по работодавачите кои ги обврзува Колективниот договор за вработените од земјоделство и прехранбена индустрија (пречистен текст) објавен во „Службен весник на Република Македонија“ број 128 од 17.10.2012 година.

3. Судот на седница утврди дека согласно членот 75 со наслов „Надоместување на трошоците поврзани со работата“ се уредува дека работникот има право на надомест на трошоците поврзани со работа, утвредни со закон и колективен договор и тоа: – надомест за исхрана, доколку исхраната не е организирана, во висина од најмалку 25% од основицата;

Синдикатот на работниците од агроиндустрискиот комплекс на Република Македонија и Здружението за земјоделство и прехранбена индустрија на Организацијата на работодавачите на Република Македонија, на 7 јули 2011 година утврдија пречистен текст на Колективниот договор за вработените од земјоделство и прехранбената индустрија.

Пречистениот текст на Колективниот договор за вработените од земјоделство и прехранбената индустрија („Службен весник на Република Македонија“ бр.128/2012) ги опфаќа:

– Општиот Колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.88/2009), Усогласувањето на Општиот Колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.60/10) и Спогодбата и усогласувањето на истиот („Службен весник на Република Македонија“ бр.81/2012) и Спогодбата за усогласување и продолжување на колективниот договор за вработените од земјоделство и прехранбената индустрија бр. 0101- 136/1 и 0101-5 од 23 ноември 2010 година и Колективниот договор за изменување и дополнување на Колективниот договор за вработените од земјоделство и прехранбената индустрија бр. 0101-07 од 7 јули 2011 година и Спогодбата за утврдување на најниска основна плата бр. 0101-13 од 10 јули 2012 година бр. 0101-139/4 28 септември 2012 година.

Во делот „Општи и посебни одредби“ со членот 1 од овој Колективен договор се уредуваат и доуредуваат, во согласност со закон и Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството на Рeпублика Македонија, правата, обврските и одговорностите помеѓу работниците и работодавачите во следниве дејности…

Колективниот договор за вработените од земјоделство и прехранбената индустрија објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 128/2012 година – пречистен текст, е изменет со нов Колективен договор за вработените од земјоделство и прехранбената индустрија објавен во („Службен весник на Република Македонија“ бр. 175/2015), кој е изменет и дополнет со Спогодба за утврдување на најниската основна плата (пресметковна вредност за единица коефициент) за најнизок степен на сложеност во дејностите земјоделство и прехранбена индустрија објавена во („Службен весник на Република Македонија“ бр. 3/2016) и Колективниот договор за вработените од земјоделство и прехранбената индустрија објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 3/2016 — пречистен текст.

Спорната одредба од член 75 став 1 алинеја 1 од Колективниот договор за вработените од земјоделство и прехранбената индустрија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 128/2012 – пречистен текст), сега е содржана и дополнета, односно извршена е пренумерација во член 72 став 1 алинеи 1, 2, 3 и 4 од Колективниот договор за вработените од земјоделство и прехранбената индустрија објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.3/2016 – пречистен текст, каде е предвидено дека работодавачот на свој трошок на работниците им организира превоз до и од работното место, како и исхрана за време на работа; работодавачот, доколку не организирал исхрана за време на работа или нема организиран превоз до и од работното место, на работниците да им ја зголеми платата за износот на трошоците по основ на исхрана за време на работа и превоз до и од работа, пресметани согласно со закон и овој колективен договор; трошоците за исхрана изнесуваат 145 ден на ден, а трошоците за превоз во висина на стварните трошоци во јавниот сообраќај; доколку работодавачот претходно ги вградил правата на исхрана и превоз во платата, согласно ставовите 1 и 2 од овој член, може дополнително на свој трошок на работниците да им организира исхрана за време на работа и превоз до и од работното место.

Агро-Синдикатот во доставеното мислење до Уставниот суд наведува дека по однос на воведувањето на концептот на бруто-плата, односно намалување и хармонизирање на најниската основа за плаќање на социјалните придонеси од 65% на 50% од просечната плата; постепено намалување на стапките на социјалните придонеси од 32% на 22%, а сегашни 27%; интегрирана наплата на придонесите за социјално осигурување и на персоналниот данок на доход од страна Управата за јавни приходи и дека работодавачите оствариле голема придобивка, затоа што платата на работникот е искажана како единствен трошок, а освен тоа, било намалено даночното оптоварување на платите, со што се намалиле трошоците во работењето на работодавачите. Исто така, се наведува дека новиот концепт значел и поедноставна административна постапка за пресметка на платите, што исто така било поволно за работодавачите.

Со Колективен договор склучен на определено време, како во конкретниот случај, не значи дека бесконечно време во иднина важат правилата од колективниот договор и дека не можат да се менуваат, туку значи дека во моментот на склучувањето на Колективниот договор договорните страни го ограничиле неговото време на важење, но можат да ги менуваат договорните правила во секое време кога ќе се согласат меѓу себе за тоа, како и кога ќе настанат промени на законските одредби кои се однесуваат на прашања опфатени со одредбите од Колективниот договор.

Воведувањето на концептот на бруто плата во Република Македонија, доведе до системски измени и дополнувања на повеќе закони, меѓу кои и Законот за работните односи. Со измените и дополнувањата на Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 161/2008) се интервенираше во член 113 став 1 во точките 1 и 2, кои ги регулираа исхраната за време на работа, доколку се исплатува во паричен износ и превозот до и од работа, доколку се исплатува во паричен износ. Истовремено се воведоа два нови става, работодавачот на свој трошок на работниците може да им организира превоз до и од работното место, како и исхрана за време на работа и висината на трошоците за исхрана и за превоз.

Концептот на бруто-плата опфаќаше повеќе суштински промени, како: пресметката и исплатата на платите во бруто-износ, кој ја вклучува чистата плата што ја добива работникот (нето-плата) заедно со сите јавни давачки (даноци и придонеси); бруто- плата со вклучени надоместоците кои ги добиваат вработените за храна и за превоз; намалување и хармонизирање на најниската основа за плаќање на социјалните придонеси од 65% на 50% од просечната плата; постепено намалување на стапките на социјалните придонеси од 32% на 22%, односно сегашни 27%; интегрирана наплата на придонесите за социјално осигурување и на персоналниот данок на доход од страна на Управата за јавни приходи.

Со воведувањето на концептот на бруто-плата, работодавачите остварија голема придобивка, затоа што платата на работникот е искажана како единствен трошок, а освен тоа, беше намалено даночното оптоварување на платите, со што се намалија трошоците во работењето на работодавачите. Исто така, новиот концепт значеше и поедноставна административна постапка за пресметка на платите, што исто така беше поволно за работодавачите. Овој концепт создаде и одредени придобивки за работниците, бидејќи се стесни просторот за манипулација од страна на работодавачите за избегнување на обврската за плаќање на социјалните придонеси. Имено, со концептот на бруто-плата, директен обврзник за плаќање на придонесите е работникот, но пресметката и уплатата на придонесите ја врши работодавачот.

Оттука, концептот на бруто-плата оневозможува да се плати само еден придонес, а да се избегне некој друг придонес или да се плати само персоналниот данок, а да се избегнат придонесите. Бенефит од реформата очекуваа и работодавачите и вработените. Но, уште на почетокот од воведувањето на реформата биле утврдени недостатоци и проблеми и бруто-платата ги оставила некои работници од приватниот сектор без надоместокот за храна и превоз или без храна и превоз. Некои работодавачи овие надоместоци ги вградија во бруто-плата во законски предвидениот износ, некои работодавачи ги вградија во намален износ, некои ја намалија платата за износот на храна и превоз за да ги вградат потоа или воопшто не ги вклучија во бруто-платата, со што голем дел од вработените во приватниот сектор беа и се уште се во нерамноправна положба, односно надоместокот за храна и превоз не им се вклучени во бруто-платата. Како резултат на концептот на бруто-плата се појави големо шаренило во вклучувањето на надоместокот за храна и превоз во платата на работникот и работење на црно, додека кај сите буџетски корисници се јави проблем со намалени плати, особено кај ниските до 15.000 денари.

Агро-Синдикатот, покрај одговорноста за своето членство, за заштита на правата и интересите на членовите, тргнувајќи од своите статутарни начела на заемност и солидарност во остварувањето на уставните и законските права на сите работници во Република Македонија кои работат во агроиндустрискиот комплекс, согледувајќи ги резултатите од воведувањето на концептот на бруто-плата и шаренилото во интегрирање односно неинтегрирање на надоместокот на храна и превоз во бруто-платата, успеа со член 75 став 1 алинеја 1 од Колективниот договор за вработените од земјоделство и прехранбената индустрија („Службен весник на Република Македонија“ бр.128/2012 – пречистен текст) да ги ублажи недостатоците и последиците за работниците на кои надоместокот на храна и превоз не им се вгради во бруто-платата. И тука, наместо да стане збор за поголеми права дадени со грански колективен договор, зборуваме за корегирање на ситуација со која поголем дел од работниците од приватниот сектор беа доведени во нерамноправна положба, обесправени, а никој не понесе одговорност за истото.

Судот на седница утврди исто така, дека не се основани наводите во иницијативата во однос на Преамбулата на Колективниот договор за вработените од земјоделство и прехранбената индустрија („Службен весник на Република Македонија“ бр.128/2012 – пречистен текст), каде се наведува дека измените и дополнувањата на Законот за работните односи не се вградени во Колективниот договор за вработените од земјоделството и прехранбената индустрија („Службен весник на Република Македонија“ бр.128/2012 – пречистен текст) иако се вршени измени и дополнувања на Колективниот договор, без притоа да се повика на членот 207 од Законот за работни односи кој предвидува лицата кои според Законот за работни односи можат да бидат страна на колективниот договор, се должни со добра волја да преговараат за склучување на колективен договор во врска со прашањата кои според овој закон можат да бидат предмет на колективниот договор. Остварувањето на процесот на колективното договарање, како и неговиот тек и динамика, покрај добрата волја за преговори договорните страни се условени и од подготвеноста и интересот на страните на преговори, со уважување, респектирање на интересите на двете страни, заемно уважување, отстапки и толеранција, кои се од значење за ефикасноста и ефективноста на процесот во колективното договарање.

Понатаму, согласно членовите 222 и 225 од Законот за работни односи претставниците на синдикатите и на здруженијата на работодавачите кои учествуваат во преговорите за склучување на колективен договор, мора да имаат овластување од своите органи односно полномошно за колективно преговарање и склучување на колективен договор. Овие документи служат како доказ дека лицата кои учествуваат во преговорите се овластени претставници, врз основа на кое ги преземаат и правата и обврските за претставување и застапување на интересите на тие што ги застапуваат, но и за легитимација пред другата доброволна страна во преговорите и склучувањето на колективните договори.

4. Согласно член 8 став 1 алинеи 1, 3, 8 и 11 од Уставот, темелни вредност на уставниот поредок на Република Македонија, покрај другите, се и: основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот; владеењето на правото; хуманизмот, социјалната правда, солидарноста и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право.

Според член 32 став 3 од Уставот, секој вработен има право на соодветна заработувачка, а според ставот 5 од истиот член остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, а според ставот 3 на истиот член од Уставот, ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.

Со членот 1 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија” број 62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/2010, 52/2010, 124/2010, 47/2011, 11/2012, 39/2012, 13/2013, 25/2013, 170/2013, 187/2013, 113/2014, 20/2015, 33/2015, 72/2015, 129/2015, 27/2016,134/2016 и 120/2018) се уредуваат работните односи меѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување на договор за вработување. Работниот однос се уредува со овој и со друг закон, колективен договор и договорот за вработување (став 2).

Според член 12 став 2 од Законот за работни односи, со договорот за вработување, односно со колективен договор не може да се определат помали права од правата утврдени со закон, а ако содржат такви одредби, се сметаат за ништовни и се применуваат соодветни одредби од закон (став 3). Со договорот за вработување, односно со колективен договор може да се одредат правата, кои за работниците се поповолни, отколку што ги определува овој закон (став 4). Правата од работен однос утврдени со Уставот, закон и колективен договор не можат да се одземаат или ограничат со акти и дејствија на работодавачот (став 5).

Согласно член 113 став 1 алинеи 1 и 2 од Законот, работникот има право на надомест на трошоци поврзани со работата за: службено патување; теренски додаток; користење на приватен автомобил за службени патувања; одвоен живот од семејството и смрт на работникот или член на неговото семејство. Работникот има право на отпремнина при одење во пензија, како и јубилејни награди (став 2. Висината, основицата и рокот за пресметување и исплата на надоместокот на овие трошоци се утврдува со закон и колективен договор (став 3). Работодавачот на свој трошок на работниците може да им организира превоз до и од работното место, како и исхрана за време на работа (став 4). Трошоците за исхрана од ставот 4 на овој член можат да изнесуваат најмногу до 20% од просечната нето-плата по работник исплатена во претходната година, а трошоците за превоз во висина на стварните трошоци во јавниот собраќај (став 5).

При наведената уставна и законска регулатива, се поставува прашањето дали со оспорениот член 75 став 1 алинеја 1 од Колективниот договор за вработените од земјоделство и прехранбената индустрија („Службен весник на Република Македонија“ бр.128/2012 – пречистен текст), се повредуваат законските утврдени права работодавачот на свој трошок, доколку не организирал исхрана за време на работа или немал организиран превоз до и од работното место, на работниците да им ја зголеми платата во висина што ќе ја определи во договор со синдикатот, како една од страните потписнички на договорот.

Со член 205 став 1 од Законот за работните односи е предвидено дека Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството (ОКД) се применува непосредно и е задолжителен за сите работодавачи и работници во приватниот сектор.

Истиот принцип е определен и со членот 2 од Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството, односно овој колективен договор се применува непосредно и е задолжителен за сите работодавачи и работници во приватниот сектор. На ваков начин, со Уставот и ЗРО се утврдија основите на двослојниот модел на уредување на односите од областа на трудот, со закон и колективни договори.

Колективните договори се уставна категорија. Колективниот договор е посебен вид на договор кој го склучуваат претставниците на работниците – синдикатите и претставниците на работодавачите со кој се уредуваат прашања од работен однос или во врска со работниот однос од интерес за работниците и работодавачите. Колективниот договор е посебен, специфичен договор, кој има повеќекратна улога и значење во развојот и унапредувањето на трудовото право, подигање на нивото на правата на работниците од работен однос, кои се поголеми од оние утврдени со ЗРО, односно во обезбедување на поголемо ниво на права и заштита на правата.

Со оглед на тоа дека Законот за работни односи во целост не ги уредува сите прашања од областа на работните односи и од него произлегува и обврската за уредување со Општ колективен договор, односно за уредување со колективен договор на ниво на оддел, гранка или на ниво на работодавач. Законот за работни односи и Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството, го одредуваат основниот корпус на правата и обемот на правата, коикако основа и истовремено минимална рамка ги регулираат правата, обврските и одговорностите од работен однос кои важат, се однесуваат и треба да се применуваат за сите работодавачи и работници од приватниот сектор, со цел да се обезбедат еднакви права, положба и еднаква заштита за сите вработени и работодавачи.

Понатаму, според Судот, Законот за работни односи остава можност со колективен договор да се уредат или доуредат определени прашања од работниот однос, со што се обезбедува целосно регулирање на сите прашања со цел да нема правна празнина во уредување на работните односи.

Ова значи, дека некои прашања поконкретно се уредуваат со колективен договор и/или пак со нив се обезбедува поголемо право за работникот, како на пример прашања во врска со платите, надоместоците, додатоците на плата и слично, кои без уредување со колективен договор нема целосна регулатива за овие прашања, ниту пак целосна примена на Законот за работни односи, затоа што овој закон без колективните договори не претставува целина во уредувањето на работните односи.

Ова е во насока со членот 1 од Општиот колективен договор со кој се уредуваат и доуредуваат, во согласност со закон и други прописи, правата, обврските и одговорностите на договорните страни кои го склучиле овој договор, а особено склучувањето, содржината и престанокот на договорот за вработување и други прашања од работните односи или во врска со работните односи во стопанството на Република Македонија, како и начинот и постапката за решавање на меѓусебните спорови. На ист начин е регулирано и со членот 1 од Колективниот договор за вработените од земјоделството и прехранбената индустрија со кој се уредуваат и доуредуваат, во согласност со закон и Општиот колективен договор, правата, обврските и одговорностите помеѓу работниците и работодавачите во следните дејности: преработка и конзервирање на овошје и зеленчук.

Со член 206 став 1 од Законот за работни односи е определено што е предмет на уредување со колективните договори, односно кои прашања и односи се уредуваат. Правата и обврските на договорните страни од работен однос се основните прашања коишто се основата и предметот на колективното договарање и на колективните договори. Со колективните договори се уредуваат правата и обврските на договорните страни кои го склучиле колективниот договор, а според Законот за работни односи, колективните договори можат да содржат и правни правила со кои се уредува склучувањето, содржината и престанокот на работниот однос и други прашања од работните односи или во врска со работните односи. Наведената одредба од Законот за работни односи го регулира ограничувањето на автономијата на договорните страни при склучување на договор за вработување и при склучување на колективен договор. Од тие причини со наведената законска одредба ограничена е автономијата на договорните страни при одредување на права во колективни договори, на начин што со колективен договор дозволено е и може да се одредат правата кои за работниците се поповолни отколку што ги определува овој закон, а не е дозволено да се одредат и права кои се спротивни на закон.

Оттука, гледано во корелација со член 12 ставови 2 и 3 и член 206 од Законот за работни односи , многу е јасно дека со член 75 став 1 алинеја 1 од Колективниот договор за вработените од земјоделство и прехранбената индустрија дадени се поголеми и поповолни права за работниците и основот за уредување на ова прашање.

Спорната одредба од член 75 став 1 алинеја 1 од Колективниот договор за вработените од земјоделство и прехранбената индустрија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 128/2012 – пречистен текст), со дополнувањето на Колективниот договор е содржана во член 72 став 1 алинеи 1, 2, 3 и 4 од Колективниот договор за вработените од земјоделство и прехранбената индустрија објавен во („Службен весник на Република Македонија“ бр.3/2016 – пречистен текст), каде е предвидено дека работодавачот на свој трошок на работниците им организира превоз до и од работното место, како и исхрана за време на работа; работодавачот, доколку не организирал исхрана за време на работа или нема организиран превоз до и од работното место, на работниците да им ја зголеми платата за износот на трошоците по основ на исхрана за време на работа и превоз до и од работа, пресметани согласно со закон и овој колективен договор; трошоците за исхрана изнесуваат 145 ден на ден, а трошоците за превоз во висина на стварните трошоци во јавниот сообраќај; доколку работодавачот претходно ги вградил правата на исхрана и превоз во платата, согласно ставовите 1 и 2 од овој член, може дополнително на свој трошок на работниците да им организира исхрана за време на работа и превоз до и од работното место.

Согласно, член 26 од Општиот колективен договор е предвидено работодавачот може, доколку не организирал исхрана за време на работа или нема организиран превоз до и од работното место, на работниците да им ја зголеми платата во висина што ќе ја определи во договор со синдикатот. Со оваа одредба од Општиот колективен договор целосно се расчистува дилемата за основот на правото уредено со член 75 став 1 алинеја 1 од Колективниот договор за вработените од земјоделството и прехранбената индустрија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 128/2012 – пречистен текст), имајќи ја во предвид одредбата од член 32 став 5 од Уставот на Република Македонија.

Во однос на наводите во иницијативата кои се однесуваат на дадениот пример од уставно-судската практика, Судот утврди дека истите се неосновани од причина што со споменатото Решение бр. 31/2011 од 31.10.2012 година на Уставниот суд, не се поведува постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 26 од Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр. 88/2009, 60/2010 и 94/2010 година).

Во иницијативата е наведено дека заради примената на концептот на бруто плата, Министерството за финансии со пропратно писмо заведено под број бр.13-3000 од 28 јануари 2009 година ги известило сите правни субјекти за изготвеното Упатство за примена на концептот на пресметка и исплата на бруто плата на вработените во институциите – буџетски корисници во врска со надоместокот за исхрана, а кое е доставено во прилог на оваа иницијатива. Напоменуваме, дека со пропратното писмо Министерството за финансии ги известило вработените во институциите-буџетските корисници во врска со надоместокот за исхрана, а не приватните стопанственици.

Поаѓајки од анализата на содржината на дел од иницијативата од која произлегува дека причините за неуставноста на оспорената одредба од Колективниот договор подносителката на иницијативата ги гледа од аспект на практичната примена на истата, односно од аспект на тоа како судовите постапувале во случај на големиот број на поднесени тужбени барања, коишто биле доставени во периодот од 1 јануари 2013 година па наваму. Имајки ја во предвид одредбата од член 115 од Законот за работни односи со којашто било пропишано дека паричните побарувања од работен однос застарувале во рок од три години од денот на настанувањето на обврската, Судот утврди дека истите наводи не се основа за мериторно одлучување по иницијативата од причина што Уставниот суд не е надлежен за оцена на примената на закон или колективен договор.

Од изнесената уставна одредба (член 32 став 5), како и од изнесените одредби на Законот за работните односи (член 113 ставовите 1 и 3), Судот оцени дека за член 75 став 1 алинеја 1 од Колективниот договор за вработените од земјоделство и прехранбена индустрија, пречистен текст („Службен весник на Република Македонија“ бр.128/2012), не може да се изрази сомнение по однос на неговата согласност со Уставот и Законот за работните односи.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.

У.бр.36/2018
03.04.2019 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Никола Ивановски