У.бр.77/2018

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 13 март 2019 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката бр.09-200/2 од 18.05.2018 година за донесување на Детален урбанистички план за градска четврт И 17 Блок 17.02, донесена од Советот на Општина Аеродром („Службен гласник на Општина Аеродром“ бр. 6 од 21 мај 2018).

2. Дејан Митески и други граѓани од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, Секторот за урбанизам на Општина Аеродром, во постапката за донесување на оспорениот детален урбанистички план постапил спротивно на член 39 став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање бидејќи наместо преку информатичкиот систем е-урбанизам, урбанистичкиот план до Советот го доставил во писмена форма со барање за донесување одлука за оспорениот детален урбанистички план.

Пред донесувањето на деталниот урбанистички план и во моментот на донесување на планот, од страна на Општина Аеродром на членовите на Советот на Општината не им бил овозможен пристап преку информатичкиот систем е-урбанизам до извештајот за спроведената јавна анкета и предлогот на урбанистичкиот план, со што бил прекршен член 39 став 4 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, односно била повредена постапката за донесување на планот, со што на советниците им било наметнато да донесат одлука за предложениот план, без да ги имаат на увид забелешките од јавната анкета и предлог планот во електронска форма.

Во иницијативата се наведува дека конечниот предлог план бил изработен во февруари 2018 година, а од согласноста што ја дало Министерството за транспорт и врски со допис бр.24-5415/1 од 2 мај 2018 (стр.3 точка 5) произлегувало дека Градот Скопје дал мислење на конечен предлог план издадено под бр.13-7094/2 од 28 септември 2017 година (стр.3, точка 2), а Агенцијата за катастар на недвижности дала мислење на конечниот предлог план издадено под бр. 0928-21471/6 од 2 октомври 2017 година (страна 3, точка 3) што било пред изработувањетo на конечниот предлог план од февруари 2018 година, што било спротивно на член 36 став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Според тоа, Градот Скопје и Агенцијата за катастар на недвижности дале мислење на „конечен предлог план“ од септември 2017 година, а конечниот предлог план кој бил усвоен од страна на Советот на Општина Аеродром бил од февруари 2018 година. Со тоа постапката за донесување на оспорениот план била прекршена, бидејќи по конечниот предлог план не се произнеле Градот Скопје и Агенцијата за катастар на недвижности, што било обврска утврдена во член 36 став 1 од Законот.

Во иницијативата подносителите го цитираат член 61 став 10 од Законот за животната средина којшто се однесува на обврската за објавување на одлуката за неспроведување на стратегиска оцена, против која јавноста има право на жалба и наведуваат дека оваа одлука (бр.18-2320/1 од 8 јуни 2018 год.) не била објавена со што било оневозможено правото на жалба.

Подносителите на иницијативата се повикуваат на Решението на Уставниот суд бр.95/2017 со кое била поведена постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за градска четврт „3 06“ донесена од Општина Карпош, поради истите причини како и во предметната иницијатива.

Поради наведените причини со иницијативата се бара Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука и по спроведената постапка истата да ја поништи или укине. Подносителите предлагаат до донесување на конечната одлука, согласно членот 50 од Уставот и член 27 став 1 од Деловникот на Уставниот суд, Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорената одлука бидејќи со нејзиното извршување би можеле да настанат тешко отстранливи и ненадоместливи последици.

3. Судот на седницата утврди дека оспорената Одлука бр.09-200/2 од 18.05.2018 за донесување на Детален урбанистички план за градска четврт И 17 Блок 17.02, Советот на Општина Аеродром ја донел на седницата одржана на 17 мај 2018 и таа е објавена во „Службен гласник на Општина Аеродром“ бр. 6 од 21 мај 2018.

Во членот 1 од Одлуката е определено дека со оваа одлука се донесува Предлог на Детален урбанистички план за градска четврт И 17 Блок И17.02 Општина Аеродром, Скопје. Одлуката за донесување на Предлог на Детален урбанистички план за градска четврт И 17 Блок И17.02, Општина Аеродром, Скопје ги почитува определбите на Генералниот урбанистички план на Град Скопје 2012-2022, Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на РМ“ бр. 199/14, 44/15, 193/15, 31/16), Правилникот за поблиска содржина, форма и начин на обработка на генерален урбанистички план, детален урбанистички план, урбанистички план за село, урбанистички план вон населено место и регулациски план, формата, содржината на начинот на обработка на урбанистичко-планските документации и архитектонско урбанистичкиот проект и содржина, формата и начинот на обработка на проектот за инфраструктура („Службен весник на РМ“ бр.142/15) и Правилник за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање („Службен весник на РМ“ бр. 142/15, 217/15, 222/15, 228/15 и 35/16).

Во членот 2 од Одлуката е определен опфатот на деталниот урбанистички план, во членот 3 е означена документационата основа на планот (текстуален дел, нумерички дел и графички дел) и планската документација. Во членот 5 е определено влегувањето во сила на Одлуката.

4. Врз основа на документацијата и одговорот што го достави Општина Аеродром, во претходна постапка Уставниот суд ја утврди следнава фактичка состојба:

Иницијативата за изработка на ДУП за урбаната единица И-17 блок 2, ја дало физичко лице Борис Никодиновски од Скопје, на 27 ноември 2015 година.

На 16 декември 2015 година, Советот на Општина Аеродром донел заклучок за усвојување на Информацијата од Комисијата за урбанизам на Општина Аеродром за отпочнување на постапка за изработка на планска документација за детален урбанистички план за урбанистичката четврт И17 за блок 02.

Комисијата за урбанизам на Општина Аеродром била формирана на 25 јуни 2015 година со решение на градоначалникот Ивица Коневски. Во решението е наведено дека оваа комисија ќе постапува, меѓу другото, и по ДУП за четврт И17.

Стручно мислење по Предлог планот од Комисија за урбанизам, бр.18-2078/1 од 05.05.2017 година, регистрирано во е-урбанизам на ден 05.05.2017 година;

Коригиран предлог план од декември, 2017 година регистриран во е-урбанизам на ден 11.01.2018 година;

Стручно мислење по Предлог планот од Комисија за урбанизам, бр.18- 2399/1 од 15.05.2017 година;

Одлука за неспроведување на стратегиска оцена (бр.18-2320/1 од 8 јуни 2017 година);

Решение за организирање на јавна презентација и јавна анкета (бр.18-2341/1 од 9 јуни 2017 год);

Решение за формирање на Стручна комисија за изготвување извештаи и одговарање по анкетни прашања од спроведената јавна анкета (бр.18-2341/2 од 9 јуни 2017 год);

Соопштение за организирање на јавна презентација и јавна анкета (бр.18-2341/3 од 9 јуни 2017 год);

Анкетен лист бр.1 поднесен од лицето Борис Никодиновски на 20 јуни 2017 година;

Извештај за постапување по одржана јавна анкета и јавна презентација (бр.18-2637/1 од 7 јули 2017 год) во кој се констатира дека бил доставен еден анкетен лист од Борис Никодиновски и дека забелешката се прифаќа.

Записник од одржаната јавна презентација (бр.18-2637/2 од 7 јули 2017);

Извештај за одржани стручни консултации по предлог ДУП (бр.18-2637/3 од 7 јули 2017);

Известување за постапување по Извештајот од одржаната јавна презентација, јавна анкета и стручни консултации по предлог ДУП (бр.18-2637/4 од 7 јули 2017 год);

Одговор на анкетен лист бр.1 доставен до Борис Никодиновски (бр.18-2637/5 од 12 јули 2017);

Известување од Министерство за животна средина и просторно планирање дека се прифаќа Одлуката за неспроведување стратегиска оцена за влијание на животната средина и укажување дека одлуката и формуларите задолжително се објавуваат на веб страницата на органот што го носи планскиот документ (бр.УП1-15-848/2017 од 5 јули 2017);

Барање мислење за урбанистичкиот план од Комисијата за урбанизам на Град Скопје (бр.18-3216/1 од 12 септември 2017);

Мислење од Комисијата за урбанизам на Град Скопје дека планот не е изработен во согласност со Генералниот урбанистички план и дадени забелешки (бр.13-6808/2 од 15.09.2017);

Барање мислење до Комисијата за урбанизам на Град Скопје (бр.18-3307/1 од 21 септември 2017);

Позитивно мислење од Комисијата за урбанизам на Град Скопје дека планот е изработен во согласност со Генералниот урбанистички план (бр.13-7094/2 од 28 септември 2017 год);

Позитивно мислење од Агенција за катастар на недвижности за извршено споредување на податоците од ДУП со податоците од катастарскиот план за КО Кисела Вода 2 (бр.0928-2147/6 од 2 октомври 2017);

Барање за извршување на ревизија на ДУП (бр.18-3558/1 од 17 октомври 2017) од страна на Друштво за планирање, проектирање и инжинеринг ПРОСТОР од Куманово;

Барање согласност за ДУП за градска четврт И 17 Блок И 17.02 од Министерството за транспорт и врски (18-2559/1 од 17 октомври 2017);

Допис од Министерство за транспорт и врски дека не е дадена согласност и за враќање документација (бр.9724/2 од 31 октомври 2017);

Позитивен извештај од извршена Стручна ревизија по Конечен предлог-детален урбанистички план за градска четврт И 17, Блок И 17.02, Општина Аеродром-Скопје, за плански период (2016-2021), со плански опфат (6,2977ха), изработен “ИН-ПУМА” Скопје со тех. бр. 109/2016, арх.бр.09-371/2 од 23.04.2018 година изготвена од доел “ПРОСТОР“ Д.О.О. Куманово, со технички број 88/17;

Барање согласност за ДУП за градска четврт И 17 Блок И 17.02 од Министерството за транспорт и врски (18-1561/1 од 2 мај 2018);

Министерството за транспорт и врски со акт бр.24-5145/2 од 3 мај 2018 дало согласност на Конечен предлог ДУП за градска четврт И 17 Блок И 17.02, за плански период (2016-20121) со плански опфат (6,2977ха) изработен од ИН-ПУМА со тех.бр.109/2016 од април 2018;

Одлуката за донесување на Предлог детален урбанистички план за градска четврт И 17 Блок И 17.02 била донесена од страна на Советот на Општина Аеродром на 17 мај 2018 година.

По приемот на одговорот и документацијата врз основа на која се утврди фактичката состојба наведена погоре, од Општина Аеродром беа побарани дополнителни информации. Од дополнителниот одговор се утврди следново:

Во текот на постапката за овој ДУП, изработувачот на планот Институтот за урбанизам, сообраќај и екологија ИН-ПУМА од Скопје, до Општина Аеродром, преку системот на е-урбанизам, предлог планот го доставил 11 пати и тоа на 03.08.2017 година, 07.09.2017 година, 21.09.2017 година, 17.11.2017 година, 29.12.2017 година, 11.01.2018 година, 14.03.2018 година, 22.03.2018 година, 19.04.2018 година, 24.04.2018 година и 27.04.2018 година.

Во дополнителниот одговор, Општина Аеродром известува дека Одлуката за неспроведување на стратегиска оцена бр.18-2320/1 од 8 јуни 2016 година не е објавена на веб страната на Општината.

Предлог – планот на кој Министерството за транспорт и врски дало согласност, не беше доставен до Уставниот суд.

5. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 10 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Според член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 43 од Уставот, секој човек има право на здрава животна средина. Секој е должен да ја унапредува и штити животната средина и природата. Републиката обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина.

6. Просторното и урбанистичкото планирање е предмет на уредување на Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 119/2014, 44/2015 –две измени, 193/2015) кој во член 1 определува дека со овој закон се уредуваат условите и системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите на планска документација и постапката за изработување и донесување на истата како и други прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање.

Новина во важечкиот Закон за просторно и урбанистичко планирање (донесен во 2014 година), е тоа што постапката за изработување и донесување на урбанистички планови се спроведува електронски, преку информациски систем наречен е-урбанизам (член 24 од Законот). Согласно ставот 2 на овој член, корисници на информацискиот систем е-урбанизам се изработувачот на урбанистичкиот план, донесувачот на урбанистичкиот план, органите на државна управа кои се вкучени во постапката за донесување на урбанистички план, субјектите од член 32 став (1) на овој закон, членовите на комисијата за урбанизам од член 23 на овој закон, членовите на комисиите од член 34 став (8) на овој закон и член 35 став (10) на овој закон, Државен инспекторат за градежништво и урбанизам, Државен управен инспекторат, учесниците во стручна расправа и јавна анкета и членовите на Советите на општините, општините во Градот Скопје и Градот Скопје.

Во ставот 3 на овој член е определено дека размената на податоци помеѓу корисниците на информацискиот систем е-урбанизам од ставот 2 на овој член се потврдува од страна на корисникот со валиден дигитален сертификат издаден од овластен издавач, преку информацискиот систем е-урбанизам.

Според членот 26 од Законот, урбанистичките планови се изработуваат врз основа на планска програма со која се утврдува границата и содржината на планскиот опфат и истата се состои од текстуален и графички дел.

Според членот 28 од Законот, стратегиска оцена за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето при донесување на детален урбанистички план се спроведува само доколку не била спроведена стратегиска оцена за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето при донесувањето на генералниот урбанистички план врз основа на кој е изработен предметниот детален урбанистички план. Донесувачот на урбанистичките планови и урбанистичко-планската документација од ставот 1 на овој член е должен по донесување на годишната програма од член 20 став 1 на овој закон, да донесе одлука за спроведување или одлука за неспроведување на стратегиска оцена за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето, во која се образложени причините за спроведувањето, односно неспроведувањето на оценката, на начин и постапка пропишани со Законот за животната средина.

Согласно член 29 став 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, деталниот урбанистички план се изработува во една фаза, како предлог на план.

Во членот 31 од Законот е определено дека предлогот на деталниот урбанистички план го изработува изработувачот на урбанистичкиот план, во согласност со одобрената планска програма од членот 26 на овој закон.

Во членот 33 од Законот е предвидено дека по изготвување на предлогот на деталниот урбанистички план, надлежната комисија за урбанизам од член 23 на овој закон, должна е во електронска форма преку информацискиот систем е-урбанизам, да даде стручно мислење за согледување на степенот на усогласеноста планот со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на истиот. Надлежната комисија од членот 23 на овој закон е должна мислењето од став 1 на овој член да го даде во рок од осум работни дена од денот на доставување на предлогот на детален урбанистички план од страна на изработувачот на урбанистичкиот план, а во спротивно ќе се смета дека е издадено позитивно мислење. Изработувачот на урбанистичкиот план, должен е да постапи по стручното мислење од ставот 1 на овој член и да го достави предлогот на планот до донесувачот на урбанистичкиот план.

Согласно членот 35 од Законот, јавна презентација и јавна анкета се спроведува на предлог на детален урбанистички план, по добивање на стручно мислење на предлогот на план согласно член 33 на овој закон. Општината односно општината во Градот Скопје започнува постапка за спроведување на јавна презентација и јавна анкета за предлогот на деталниот урбанистички план, најдоцна во рок од пет работни дена по приемот на предлогот на урбанистичкиот план за кој е дадено стручно мислење согласно член 33 на овој закон. За одржувањето на јавна презентација и јавна анкета се известуваат субјектите од член 32 став 1 на овој закон, во електронска форма преку информациски систем е-урбанизам, а се објавува и соопштение во информациски систем е-урбанизам, како и во две јавни гласила, најмалку три работни дена пред започнувањето на јавната анкета. Јавната анкета од ставот 1 на овој член истовремено се спроведува и во електронска и во писмена форма. Јавната анкета во електронска форма се спроведува преку информацискиот систем е-урбанизам, а јавната анкета во писмена форма се спроведува со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во општината или во просториите на општината. Јавната презентација е стручно презентирање на планот коешто се организира во рамките на јавната анкета и трае еден работен ден. Јавната анкета за предлог на детален урбанистички план трае најмалку десет работни дена, во кој рок субјектите од членот 32 став 1 на овој закон како и сите заинтересирани физички и правни лица можат на анкетни листови да достават забелешки и предлози по предлогот на планот, во електронска форма преку информацискиот систем е-урбанизам или во писмена форма. Доколку во роковите утврдени во ставот 8 на овој член субјектите од член 32 став 1 на овој закон и другите учесници, не достават забелешки и предлози, ќе се смета дека немаат забелешки и предлози на планското решение. За спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за урбанистичкиот план, од страна на стручна комисија формирана од градоначалникот на општината односно општината на Градот Скопје, која е составена од три члена и тоа претставник на изработувачот на планот, вработено лице во општинската администрација надлежно за урбанистичко планирање и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање. Извештајот од ставот 10 на овој член се изработува најдоцна во рок од пет работни дена од денот на завршување на јавната анкета и истиот е составен дел на предлогот на планот, а се прикачува и во електронска форма во информацискиот систем е-урбанизам. Врз основа на извештајот, комисијата од ставот 10 на овој член е должна, во рок од пет работни дена од изготвувањето на извештајот да го извести секој субјект од член 32 став 1 на овој закон и секое физичко и правно лице кои поднеле анкетен лист, со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози, при што лицата кои поднеле анкетен лист во електронска форма се известуваат електронски преку информациски систем е-урбанизам, а лицата кои поднеле анкетен лист во хартиена форма се известуваат писмено. Доколку комисијата од ставот 10 на овој член оцени дека предлогот на планот со прифатените забелешки од јавната анкета претрпел значајни промени (промена на границата на урбанистичкиот опфат, промена на регулациона линија и промена на намената на земјиштето), повторно се спроведува јавна презентација и јавна анкета. Повторената јавна анкета и јавна презентација трае најмалку пет работни дена. Изработувачот на планот изработува конечен предлог на урбанистичкиот план, најдоцна во рок од 10 работни дена од изготвувањето на извештајот од ставот 10 на овој член и истиот го доставува до донесувачот на урбанистичкиот план.

Според членот 36 од Законот, донесувачот на урбанистичкиот план е должен веднаш по приемот на конечен предлог на детален урбанистички план, преку информацискиот систем е-урбанизам во електронска форма, да достави барање за мислење до органот надлежен за заштита на културното наследство, органот надлежен за заштита на животната средина, органот надлежен за здравствената заштита, органот надлежен за социјалната заштита, органот надлежен за образованието, Агенцијата за катастар за недвижности, а општините во Градот Скопје и до Градот Скопје.

Агенцијата за катастар на недвижности е должна да даде мислење за утврдената состојба по извршеното споредување на податоците од урбанистичкиот план со податоците од катастарскиот план, а Градот Скопје дали предлогот на детален урбанистички план на општините во Градот Скопје е во согласност со Генералниот урбанистички план и дали се почитувани одредбите за примарната сообраќајна мрежа на Генералниот урбанистички план на Градот Скопје. Субјектите од став 3 на овој член се должни во рок од пет работни дена од приемот на барањето од ставот 1 на овој член, во електронска форма преку информацискиот систем е-урбанизам да дадат мислење, а во спротивно ќе се смета дека немаат забелешки и дека е дадено позитивно мислење, при што евентуалните идни штети настанати поради непостапувањето, ќе бидат на товар на органот кој не постапил по барањето.

Во членот 37 од Законот е регулирана постапката за стручна ревизија на планот и е предвидено дека на конечниот предлог на урбанистичкиот план се врши стручна ревизија со која се утврдува дали е изработен во согласност со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон. Стручна ревизија врши правно лице кое поседува лиценца за ревизија на урбанистички планови. За извршената стручна ревизија, се изготвува извештај за стручна ревизија на урбанистичкиот план, во кој се констатира дали е изработен во согласност со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на истиот или има недостатоци кои треба да се отстранат.

Во членот 38 од Законот е уредена постапката за давање согласност на урбанистичкиот план од страна на органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот, со која се потврдува дека е изработен во согласност со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон. Надлежниот орган е должен во рок од 20 работни дена од денот на поднесувањето на барањето за добивање на согласност од страна на донесувачот на планот, да издаде согласност или да достави известување за констатирани недостатоци на урбанистичкиот план до донесувачот на урбанистичкиот план, во електронска форма преку информацискиот систем е-урбанизам. Органот на државна управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот, при повторно разгледување на урбанистички план за кој претходно било издадено известување за недостатоци согласно ставот 2 на овој член, не може да наведе нови недостатоци кои претходно не биле наведени во известувањето за недостатоци, освен доколку повторно е спроведена јавна анкета, или кога постојат нови податоци коишто не биле приложени со барањето за добивање согласност на урбанистичкиот план за кој претходно било издадено известување за недостатоци. По добивањето на согласноста, урбанистичкиот план се доставува до донесувачот на урбанистичкиот план, во електронска форма преку информацискиот систем е-урбанизам.

Во членот 39 од Законот е предвидено дека градоначалникот на општината, општината во Градот Скопје и Градот Скопје е должен најдоцна три работни дена по добивање на согласноста од член 38 став 2 на овој закон, а доколку не е издадена согласност и не е доставено известување за констатирани недостатоци на урбанистичкиот план, по истекот на рокот за издавање на согласност утврден во член 38 став 2 на овој закон, да го достави предлогот на планот во електронска форма преку информацискиот систем е-урбанизам, до советот на општината, општината во Градот Скопје и Градот Скопје, а претседателот на Советот е должен предлогот на планот да го стави на првата наредна седница на Советот, а Советот е должен да одлучи по истиот на истата седница.

7. Од анализата на наведените уставни и законски одредби произлегува дека владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата се темелни вредности на уставниот поредок на Републиката, во која смисла законодавецот, со Законот за просторно и урбанистичко планирање, пропишал прецизна регулатива во врска со планирањето на просторот, точно определувајќи ги плановите за просторно и урбанистичко планирање, нивната содржина и постапката за нивно донесување која е опишана погоре.

Од фактичката состојба, утврдена во текот на претходната постапка врз основа на доставеното мислење и документација, Судот утврди дека одделните наводи во иницијативата се основани.

Имено, наводите во иницијативата дека Секторот за урбанизам наместо преку информацискиот систем е-урбанизам, урбанистичкиот план до Советот го доставил во писмена форма, а не во електронска форма се основани. Ова од причина што од доставената листа на сите документи што биле доставувани во текот на постапката преку системот на е-урбанизам, произлегува дека последниот предлог план кој бил ставен во системот на е-урбанизам е со датум 27 април 2018 година, во форма на конечен предлог план на кој Министерството за транспорт и врски дало согласност со акт бр.24-5145/2 од 3 мај 2018 година. Согласно членот 39 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, градоначалникот на општината бил должен најдоцна три работни дена по добивањето на согласноста да го достави предлогот на планот во електронска форма преку информацискиот систем е-урбанизам до советот на општината, за да советот одлучи. Меѓутоа, од доставената документација се утврди дека по дадената согласност на планот од страна на Министерството, односно после 3 мај 2018 година, во системот на е-урбанизам не бил прикачен конечниот предлог план со што не е испочитувана обврската од член 39 став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Исто така, основани се наводите во иницијативата за повреда на член 36 став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање кои се однесуваат на мислењето што треба да го дадат Градот Скопје и Агенцијата за катастар на недвижности, коешто мислење треба да се даде на конечниот предлог план. Од фактичката состојба наведена погоре произлегува дека Градот Скопје мислењето го дал во септември 2017 година, а Агенцијата за катастар на недвижности во октомври 2017 година. Меѓутоа, во системот на е-урбанизам документи со наслов „конечен предлог план“ биле прикачувани и потоа, односно на 17.11.2017 година, на 29.12.2017 година, на 11.01.2018 година, на 14.03.2018 година, на 22.03.2018 година, на 19.04.2018 година, на 24.04.2018 година и последниот конечен предлог план бил со датум од 27.04.2018 година.

Судот во претходна постапка од Советот на Општина Аеродром побара дополнителни информации во оваа смисла, односно побара одговор на прашањето од кој датум е последниот конечен предлог план и побара до Судот да се достави последниот конечен предлог план. Со оглед на тоа што не беше даден одговор на ова прашање и не беше доставен конечниот предлог план, произлегува дека се основани наводите во иницијативата дека Градот Скопје и Агенцијата за катастар на недвижности дале мислење по предлог план кој подоцна претрпел повеќе измени, што е спротивно на член 36 став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Во однос на обврската за објавување на одлуката за неспроведување на стратегиска оцена за влијанието на планот врз животната средина, Уставниот суд во досегашната уставно-судска практика, повеќе пати укажал дека изработката на стратегиска оцена за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето е дел од постапката за донесување на урбанистичките планови, иако оваа проблематика не е предмет на Законот за просторно и урбанистичко планирање, туку е регулирана со Законот за животната средина.

Законот за животната средина во член 65 став 6 определува дека органот којшто го подготвува планскиот документ е должен да донесе одлука за спроведување или одлука за неспроведување на стратегиска оцена во која се образложени причините за спроведувањето, односно неспроведувањето. Во истиот член е предвидена обврска за органот што го подготвува планскиот документ, одлуката од ставот 6, заедно со формуларите да ги објави на својата веб-страница. Согласно ставот 11 на истиот член, против одлуката од ставот 6 на овој член, јавноста има право на жалба во рок од 15 дена од денот на нејзиното објавување на веб-страницата на органот кој го подготвува планскиот документ до министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина.

Имајќи го предвид наведеното, произлегува дека постои законска обврска општината, во постапката за донесување на ДУП, да донесе одлука за спроведување или одлука за неспроведување на стратегиска оцена за влијание на животната средина во која се образложени причините за спроведувањето, односно неспроведувањето на стратегиската оцена, но притоа, органот што го подготвува планскиот документ е должен, согласно член 65 од Законот за животната средина, на што упатува Законот за просторно и урбанистичко планирање, на својата веб-страница да ја објави наведената одлука, заедно со соодветните формулари, од кој датум тече рокот за запознавање на јавноста со одлуката и можноста за поднесување на жалба на истата.

Во конкретниот случај, од доставената документација се утврди дека била донесена Одлука за неспроведување на стратегиска оцена, заведена под бр.18-2320/1 од 8 јуни 2017 година, во која било констатирано дека за предметниот план не е потребно да се спроведе стратегиска оцена за влијанието врз животната средина согласно член 65 од Законот за животната средина. Во точката 4 од Одлуката е наведено дека против одлуката може да се поднесе жалба до Министерството за животна средина во рок од 15 дена од денот на објавувањето на одлуката на веб страната.

Во одговорот од Општината Аеродром се наведува дека образецот и формуларот потребен за добивање позитивно мислење за неспроведување на стратегиска оцена бил доставен писмено и електронски преку е-урбанизам и дека биле објавени на веб-страната на Општина Аеродром, врз основа на што било добиено и позитивно мислење од страна на Министерството за животна средина коешто било прикачено во системот е-урбанизам. Меѓутоа, во врска со одлуката, во дополнителниот одговор доставен од Општина Аеродром е наведено дека Одлуката за неспроведување на стратегиска оцена бр.18-2320/1 од 8 јуни 2017 година не била објавена на веб-страната на општината.

Тргнувајќи од фактот дека објавувањето на одлуката за спроведување или за неспроведување на стратегиска процена на веб-страната на општината е законски пропишана обврска при донесување на детален урбанистички план и дека против ваквата одлука јавноста има право на жалба во рок од 15 дена од денот на нејзиното објавување на веб-страната на органот којшто го подготвува планскиот документ, произлегува дека објавувањето на одлуката за спроведување, односно неспроведување на стратегиска процена на веб-страната на општината е дел од законски пропишаната постапка за донесување на детален урбанистички план, од кој зависи информирањето на јавноста и остварувањето на правото на правна заштита во областа на заштитата и унапредувањето на животната средина, така што нејзиното необјавување претставува повреда на постапката.

Сите горенаведени пропусти укажуваат дека постапката за донесување на оспорениот детален урбанистички план за градска четврт И 17 Блок 17.02 не била запазена во целост согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање и Законот за животната средина. Тоа според оценката на Судот, води кон повреда на начелото на владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок, поради што Судот основано изрази сомневање за согласноста на оспорената одлука со член 8 став 1 алинеи 3 и 10 од Уставот на Република Северна Македонија, со членовите 36 и 39 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, како и со членот 65 од Законот за животната средина.

Во однос на наводите во иницијативата дека на членовите на Советот не им бил овозможен пристап преку системот на е-урбанизам до извештајот за спроведената јавна анкета за предлогот на урбанистичкиот план, се утврди дека тие се неосновани. Имено, од увидот во листата на сите документи што биле донесени во постапката за донесување на оспорениот детален урбанистички план, кои што документи биле прикачени во системот на е-урбанизам, произлегува дека на 22 август 2017 во системот е-урбанизам бил прикачен документ насловен како Извештај за одржана јавна анкета. Од писмените докази што беа доставени до Судот, се утврди дека во документот со наслов Извештај за постапување по одржана јавна анкета и јавна презентација по предлогот детален урбанистички план за градска четврт И 17.02, Општина Аеродром, се содржани записник од одржана јавна расправа и записник од јавна анкета, констатирано е дека бил доставен еден анкетен лист и дека забелешката од анкетниот лист била прифатена.

8. Во врска со предлогот на подносителите на иницијативата до донесување на конечната одлука Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорената одлука, Судот оцени дека не се исполнети условите од членот 27 од Деловникот на Судот за изрекување на времена мерка.

9. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

10. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.77/2018
13.03.2019 гoд.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Никола Ивановски