У.бр.14/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 3 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 13-ти март 2019 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на: член 17 во делот: „а ќе започне да се применува од 1 јуни 2014 година” од Законот за изменување и дополнување на Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија” број 148/2013), Законот за изменување на Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија” број 42/2014), Законот за изменување на Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија” број 177/2014), членот 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија” број 72/2015), Законот за изменување и дополнување на Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија” број 6/2016) и Законот за изменување на Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија” број 106/2016).

2. Магдалена Петковска од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на закони и нивни одредби, означени во точката 1 од Решението.

Во иницијативата се наведува дека со оспорените одредби од законите, како и оспорените закони со кои континуирано се вршела измена на рокот за примена на законски измени на Законот за спортот, се нарушувала правната сигурност и се доведувало во прашање уставно загарантираниот принцип на владеење на правото, затоа што законодавецот со постојано менување на vacatio legis доведувал до правна несигурност на правниот поредок воопшто и прибегнувал кон своевидно одложено започнување на законот, што било противуставно, поради што подносителката предлага укинување на оспорените законски одредби и оспорените закони.

3. Судот на седницата утврди дека со членот 17 од Законот за изменување и дополнување на Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија” број 148/2013) се уредува дека овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на неговото објавување во „Службен весник на Република Македонија“, а ќе започне да се применува од 1 јуни 2014 година (оспорен дел).

Судот, утврди и дека:

– Според членот 1 од оспорениот Закон за изменување на Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија” број 42/2014), во Законот за изменување и дополнување на Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија“ број 148/13), во членот 17 зборот „јуни“ се заменува со зборот „декември“, а според членот 2 од Законот, овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.
– Според членот 1 од оспорениот Закон за изменување на Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија” број 177/2014), во Законот за изменување на Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија“ број 42/14), членот 1 се менува и гласи: „Во Законот за изменување и дополнување на Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија“ број 148/13), во членот 17 зборовите : „1 јуни 2014 година “ се заменуваат со зборовите : „1 мај 2015 година“, а според членот 2 од Законот, овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.
– Според оспорениот член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија” број 72/2015), во Законот за изменување на Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија“ број 177/14), во членот 1 зборовите: „1 мај 2015 година“ се заменуваат со зборовите: „1 јануари 2016 година“.
– Според членот 1 од оспорениот Закон за изменување на Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија” број 6/2016), во Законот за изменување на Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија“ број 72/15), во членот 4 датата „1 јануари 2016 година“ се заменува со датата „1 мај 2016 година“, а според членот 2 од Законот, овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.
– Според членот 1 од оспорениот Закон за изменување на Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија” број 106/2016), во Законот за изменување на Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија“ број 6/16), во членот 1 датата „1 мај 2016 година“ се заменува со датата „1 мај 2017 година“, а според членот 2 од Законот, овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со оспорените закони и нивните одредби законодавецот го менувал времето на започнување на примена на Законот за изменување и дополнување на Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија” број 148/2013), односно на повеќе пати ја одлагал неговата примена, се до 1 мај 2017 година, кога Законот конечно почнал да се применува.

Со иницијативата се наведува дека ваквото континуирано менување на рокот за примена на Законот, доведувало до правна несигурност и го доведувало во прашање уставно загарантираниот принцип на владеење на правото, што било противуставно, поради што со иницијативата се бара укинување на оспорените законски одредби и оспорените закони.

Во конкретниот случај станува збор за законски одредби и закони со кои се врши менување на законски одредби со кои се уредувало време на започнување со примена на измени и дополнувања на Законот за спортот.

Поточно, со оспорените законски одредби и закони се врши измена на претходно законско уредување, од што произлегува дека со секое наредно менување на законските одредби кои што се однесуваат на рокот за започнување на примена на измените и дополнувањата на Законот за спорот, правното дејство на претходно уреденото, престанува да важи, од што произлегува дека со иницијативата се оспоруваат норми од закони и закони кои што не се во правна сила што е процесна пречка за одлучување по иницијативата.

Последно оспорениот Закон за изменување на Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија” број 106/2016), исто така е исцрпен во своето дејство, бидејќи со истиот законодавецот извршил последно менување на денот за започнување со примена на законските измени и дополнувања на Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија” број 148/2013), односно од 1 мај 2016 година на 1 мај 2017 година, после што законските измени веќе се во примена.

Имајќи предвид дека со иницијативата се оспоруваат законски одредби и закони кои што се исцрпени во своето дејство, барањето со иницијативата за оцена на уставноста на оспорените законски одредби и оспорените закони, е беспредметно. Исто така законските измени и дополнувања уредени со Законот за изменување на Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија” број 148/2013), се веќе во примена.

Воедно, причините поради кои се оспоруваат законите и нивните одредби, а тоа е околноста што законодавецот со истите вршел одлагање на примена на закон кој го донел, според Судот, не се основа за впуштање на Уставниот суд во оцена на оправданоста на интенцијата на законодавецот за одложување на примената на Законот, бидејќи во надлежност на законодавецот е да ги донесува, менува и/или дополнува законите, да го одредува времето на нивното важење или да утврдува престанување на нивното важење, но и да го одредува времето на започнување на примената на законите кои што ги донел.

Од уставно-правен аспект е битно дали со нормата со која се уредува ден на започнување на примена на закон или нејзина одредба, се врши повреда на член 52 став 4 од Уставот или не, на што не се однесува предметната иницијатива.

5. Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека во конкретниот случај исполнети се условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот за отфрлање на иницијативата поради процесни пречки за одлучување по истата.

6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.14/2019
13-ти март 2019 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Никола Ивановски