У.бр.9/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеа 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 13 март 2019 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 67 ставови 2 и 3 од Законот за туристичката дејност („Службен весник на Република Македонија“ број 62/2004, 89/2008, 12/2009, 17/2011, 47/2011, 53/2011, 123/2012, 164/2013, 27/2014, 116/2015, 192/2015 и 53/2016).

2. Панова Љубица од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на член 67 ставови 2 и 3 од Законот означен во точката 1 на ова решение.

Според наводите во иницијативата, од оспорените законски одредби, произлегувало дека во однос на тоа дали на одредено лице ќе му биде изречена глоба, казна или воопшто нема да биде казнето, зависело исклучиво од проценката на овластениот општински инспектор.

Оттука произлегувало дека „она што ќе го каже“ инспекторот е конечно и правосилно и против истото граѓаните немале никаква правна заштита како би го оспориле. Врз основа на ова, граѓаните единствено би можеле да ја платат глобата, а доколку не го сторат тоа, би следела присилна наплата, што би значело и зголемени трошоци.

Во овој контекст, во иницијативата се посочува и на членот 50 од Законот за прекршоците („Службен весник на Република Македонија“ бр.124/2015) со кој е уредена мандатната постапка со издавање на мандатен платен налог, од каде повторно произлегувало дека лицата кои се третирани како сторители на некој прекршок, немале право на жалба, или воопшто право на судска заштита.

Меѓутоа, според член 50 став 2 од Уставот, се гарантирала судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања, а со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија е владеењето на правото.

Со оглед на тоа, оспорените одредби од член 67 ставови 2 и 3 од Законот за туристичката дејност, коишто регулирале плаќањето на глобата да заврши со порамнување преку издавање на мандатен платен налог кој во рок од осум дена лицето требало да ја плати, а доколку не ја плати глобата, мандатниот платен налог добивал форма на извршна исправа и налогот се доставувал до надлежниот орган за присилно извршување, значело дека тука не се регулира можноста странката да може да го оспорува прекршокот за кој се товари.

Во иницијативата се посочува и на други законски решенија, и тоа: Законот за финансиска дисциплина, Законот за домување и Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, каде спротивно на оспорената одредба со иницијативата, во овие законски решенија се предвидувало право на секое лице на судска заштита во ситуација кога се предвидувала глоба со издавање на мандатен платен налог, каде во случај ако странката не ја плати глобата, инспекторот поведувал прекршочна постапка.

Врз основа на овие наводи, се предлага Уставниот суд да ја прифати иницијативата и по поведената постапка за оцена на уставноста на оспорените одредби од Законот за туристичката дејност, истите да ги укине или поништи.

3. Судот на седницата утврди дека во Законот за туристичката дејност во глава V со наслов „Прекршочни одредби“ (членови 66-а – 71-б), е содржан членот 67 кој гласи:

Член 67

Глоба во износ од 400 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на физичкото лице, ако:
1) не е регистриран за вршење на туристичка дејност (член 3 став 2 и член 51 став 2);
2) не организира туристичко патување за своите членови и членовите на нивното потесно семејство преку туристички агенции, јавно ги огласува и рекламира туристичките патувања (член 6 став1);
3) врши дејност на туристички водич, лице кое е стручен работник кој ја врши дејноста водич на своето работно место кај правни лица во деловниот објект во кој работи (музеј, галерија, национален парк и сл.), стручен работник на туристичката агенција која придружува група туристи во место, водич во планина и пештера, водич на лов и риболов, како и водич или придружник на екскурзии и излети (член 39 став 2) и
4) врши дејност туристички водич или туристички придружник без положен соодветен стручен испит (член 40 став 2 и член 45-а став 1).

За прекршоците од ставот 1 на овој член, на физичкото лице, овластениот инспектор на општината и овластениот инспектор на градот Скопје, ќе спроведат постапка за порамнување со издавање на мандатен платен налог, за плаќање на глобата во определениот износ, во рок од осум дена од денот на врачување на мандатниот платен налог.

Ако физичкото лице доброволно не ја плати глобата во рокот од ставот 1 на овој член, мандатниот платен налог има сила на извршна исправа и овластениот инспектор на општината и овластениот инспектор на градот Скопје, ќе го достави до органот надлежен за присилно извршување, за негово извршување.

Овластениот инспектор на општината и овластениот инспектор на градот Скопје се должни да водат евиденција за издадените мандатни платни налози и за исходот на покренатите постапки.

Во евиденцијата од ставот 4 на овој член се собираат, обработуваат и чуваат следниве податоци име и презиме, односно назив на сторителот на прекршокот, живеалиште, односно престојувалиште, седиште, вид на прекршокот, број на мандатниот платен налог кој му се издава и исходот на постапката.

Личните податоци од ставот 5 на овој член се чуваат пет години од денот на внесување во евиденцијата.

Формата и содржината на мандатниот платен налог ги пропишува министерот за економија.

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлу­чува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Уставниот суд веќе расправал и одлучувал за уставноста на оспорениот член 67 ставови 2 и 3 од Законот за туристичката дејност („Службен весник на Република Македонија“ број 62/2004, 89/2008, 12/2009, 17/2011, 47/2011, 53/2011, 123/2012, 164/2013, 27/2014, 116/2015, 192/2015 и 53/2016), по повод претходно поднесена иницијатива, и со Решение У.бр.153/2016 од 05.07.2017 година не повел постапка за оцену­вање на уставноста на наведените одредби од членот 67 од Законот за туристичката дејност, бидејќи оценил дека тие не се во спротивност со одредбите на Уставот.

Според образложението на наведеното решение на Судот, меѓу другото е утврдено:

„Тргнувајќи од уставните одредби како и анализата на Законот за туристичка дејност и Законот за прекршоците произлегува дека издавањето на платен налог е систематизиран во Законот за прекршоци, во делот на забрзаните постапки во случаите кога тежината на делото, односно прекршокот и отсуството на штетните последици спаѓаат во ситни противправни дејствија за кои фактичката состојба е утврдена на самото место како и тоа што висината на глобата за прекршокот за издавање на платен налог е ограничена на минимален износ и истиот не може да се зголеми со посебни закони.

Во материјалните закони кои содржат одредби за прекршоци предвидени се основи за пропишување на формата и содржината на мандатниот и прекршочниот платен налог. Целта на изрекувањето на глоба на самото место со издавање на мандатен платен налог е да се избегне водење на прекршочна постапка во која се утврдува фактичката состојба и се изведуваат и ценат доказите по однос на сторениот прекршок, а сепак да се оствари генералната и специјалната превенција на Законот.

Ова дотолку повеќе што на службеното лице му е дадена надлежност да може на лице место да спроведе постапка на порамнување и посредување (мандатна постапка) и да врачува покана за плаќање на глоба или да издава платен налог во случаи определени со закон. Според тоа, мандатното казнување претставува определено претходно дејствие преземено пред поднесување на барањето за прекршочна постапка и не може да се третира како овластување на несудски орган да постапува во прекршочна постапка.

Смислата на постоење на мандатен платен налог е регулирање на оние прекршоци кои согласно законското битие на делото се прекршоци, но според тежината на делото и отсуство на штетни последици спаѓаат во категоријата на ситни, противправни дејствија за кои фактичката состојба може лесно и брзо да се констатира и утврди „на лице место“ и овој институт во правната теорија е познат како „глоба на самото место“.

Од друга страна треба да се има во предвид и целта на заштитата што се постигнува со мандатниот платен налог, а тоа е заштита на управната дисциплина, на јавниот ред или општествената дисциплина.

Со други зборови се работи за објективна одговорност односно објективен чин кој го утврдил надлежен орган и истата неспорна фактичка состојба е потврдена со записник изготвен на самото место и потпишан од страна на сторителот со кој „de facto“ го признава делото и се постигнува согласност на волји преку порамнување. За сите други прекршоци за кои е предвидена поголема глоба и каде е потребно водење на посебна доказна постапка проследена со други доказни средства се применува институтот „барање за поведувањe на прекршочна постапка“ што значи и постапка на истрага, а со самото тоа и проверка на фактичката состојба од страна на надлежен орган“.

Понатаму во решението, Судот оценил дека: „ оспорените законски определби на член 67 ставови 2 и 3 од Законот за туристичка дејност и член 50 ставови 1, 2, 3 и 5 од Законот за прекршоците се во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 50 став 2 и член 51 став 1 од Уставот, односно со амандманот XX со кој се дополнува членот 13 од Уставот, според кој за прекршоци определени со закон, санкција може да изрече орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања, а против конечната одлука за прекршок се гарантира судска заштита под услови и постапка уредени со закон“.

Во однос на членот 50 од Законот за прекршоците, во Решението е утврдено дека: „Во конкретниот случај, Судот веќе одлучувал за уставноста на член 50 став 4 од Законот за прекршоците и со Решение У.бр.51/2016 од 23 ноември 2016 година не повел постапка за оценување на уставноста во делот „има сила на извршна исправа“ од Законот за прекршоците („Службен весник на Република Македонија“ бр.124/2015)“.

Предметното законско решение, според кое за одредени прекршочни глоби е предвидена постапка за порамнување со издавање на мандатен платен налог за доброволно плаќање на глобата во определениот износ и определениот рок, а доколку тоа не се стори мандатниот платен налог да има сила на извршна исправа, евидентно е дека во правниот поредок се пренесува и во низа други материјални закони.

Со предметната иницијатива повторно се бара од Уставниот суд да ја оцени уставноста на член 67 ставови 2 и 3 од Законот за туристичката дејност, во суштина од истите причини како во предметот У.бр.153/2016, за што Судот се произнел и утврдил дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените законски одредби со одредбите на Уставот.

Имајќи предвид дека Судот веќе одлучувал за член 67 ставови 2 и 3 од Законот за туристичката дејност, Судот оцени дека согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, иницијативата треба да се отфрли.

6. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.9/2019
13.03.2019 гoд.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Никола Ивановски