Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 6-ти март 2019 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија, донесена од Собранието на Република Македонија, број 08-6054/1 од 19.10.2018 година, објавена во „Службен весник на Република Македонија” број 192/2018.
2. Светскиот македонски конгрес од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот, означен во точката 1 од Решението.
Во иницијативата се наведува дека Одлуката за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија, број 08-6054/1 од 19.10.2018 година, не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, членот 51, член 52 став 3 и член 131 став 1 од Уставот на Република Македонија.
Во продолжение на иницијативата се цитираат содржините на уставните одредби со наведување дека влегувањето на оспорената одлука веднаш во сила, било спротивно на член 52 став 3 од Уставот, а и самото донесување на оспорената одлука било спротивно на член 131 став 1 од Уставот, бидејќи двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници изнесувало 81 пратеници, а не 80 пратеници со колку што гласови била донесена оспорената одлука, како што се сметало уште од првиот парламентарен состав на Собранието на Република Македонија, што можело да се потврди од стенографски белешки од одржани седници на Собранието во минатото. Со ваквата несогласност на оспорената одлука со наведените уставни одредби, се повредувало владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Со иницијативата се наведува дека, иако Судот поради ненадлежност ја отфрлил иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука на претходно одржана седница, се смета дека повторно можело да се постапува по оспорената одлука, сега по две формални причини, односно од аспект на нејзината согласност со член 52 став 3 и член 131 став 1 од Уставот.
Од изнесеното, со иницијативата се бара поништување на оспорената одлука, а се предлага и донесување на решение за запирање од извршувањето на поединечни акти и дејствија преземени врз основа на оспорениот акт.
3. Судот на седницата утврди дека актот кој се оспорува со иницијативата е со следната содржина:
Врз основа на член 131 став 1 од Уставот на Република Македонија Собранието на Република Македонија, на седницата одржана на 19 октомври 2018 година, донесе
О Д Л У К А
ЗА ПРИСТАПУВАЊЕ КОН ИЗМЕНА НА УСТАВОТ
НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
1. Се пристапува кон измена на Уставот на Република Македонија.
2. Оваа одлука влегува во сила веднаш, а ќе се објави во „Службен весник на Република Македонија“.
СОБРАНИЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
Бр.08-6054/1 Претседател на Собранието
19 октомври 2018 на Република Македонија
Скопје м-р Талат Џафери, с.р.
4. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според членот 28 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата, ако не е надлежен да одлучува за барањето, ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Предмет на оспорување со иницијативата е Одлуката за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија, број 08-6054/1 од 19.10.2018 година, објавена во „Службен весник на Република Македонија” број 192/2018.
По повод претходно поднесени инцијативи, меѓу кои и на подносителот, Уставниот суд, со Решение У.бр.113/2018 од 12.12.2018 година, согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Судот, ги отфрлил иницијативите за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија, број 08-6054/1, донесена од Собранието на Република Македонија на 19 октомври 2018 година („Службен весник на Република Македонија“ број 192/2018).
Со иницијативите, меѓу кои и од сега подносителот се барала оцена на уставноста на оспорениот акт од аспект на нејзината согласност со одредбите од членовите 1, 2, 8, 51, 52, 61, 68, 73, 75, 91, 118, 119, 130 и 131 од Уставот на Република Северна Македонија.
Со конкретната иницијатива подносителот смета дека Судот, повторно може да решава за уставноста и законитоста на оспорената одлука, бидејќи за разлика од иницијативата по која Судот решавал на 12.12.2018 година, сега со предметната иницијатива се бара оцена на оспорената одлука само од аспект на нејзината согласност со член 52 став 3 и член 131 став 1 од Уставот.
Според Судот, околноста што со иницијативата се бара оцена на уставноста на оспорениот акт, сега само во однос на двете наведени уставни одредби со иницијативата, не е од влијание за поинаков пристап по предметот бидејќи и во претходниот предмет подносителите помеѓу другите одредби од Уставот, во иницијативите се повикувале и на одредбите од членовите 52 и 131 од Уставот, за што Судот веќе се произнел дека отсуствуваат процесни претпоставки за мериторно постапување по иницијативите.
5. Имајќи предвид дека со предметната иницијатива се оспорува акт со иста содржина како и по предметот У.бр.113/2018, Судот и во конкретниот случај утврди отсуство на процесни претпоставки за мериторно одлучување по иницијативата, што е причина за отфрлање на истата согласно член 28 од Деловникот на Уставниот суд.
6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.
У.бр.7/2019
6-ти март 2019 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Никола Ивановски