Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 6 март 2019 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 216 ставови 2 и 3 од Законот за јавните набавки („Службен весник на Република Македонија“ бр. 136/2007, 130/2008, 97/2010, 53/2011, 185/2011, 15/2013, 148/2013, 28/2014, 43/2014, 130/2014, 180/2014, 78/2015, 192/2015, 27/2016, 120/2016, 165/2017 и 83/2018).
2. Дарко Миовски од Гостивар, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 на ова решение.
Според подносителот на иницијативата, оспорените законски одредби не биле во согласност со членот 2 од Законот за општата управна постапка, кој предвидувал дека со посебните закони одделни работи може да се уредат поинаку од овој закон, доколку не се во спротивност со основните начела и целта на овој закон и не ја намалуваат заштитата на правата и правните интереси на странките загарантирана со овој закон и со член 106 став 1 којшто предвидувал странката да може да изјави жалба против управниот акт во рок од 15 дена од денот на доставувањето, односно известувањето за управниот акт, освен ако со посебен закон не е определен подолг рок.
Во конкретниот случај, Законот за јавни набавки како посебен закон не бил во согласност со Законот за општата управна постапка, од причина што рокот за жалба кој е предвиден во член 216 став 2 од Законот е 8 дена, а во став 3 е 3 дена, а тоа е пократок рок од 15 дена, кој ги намалувал заштитените права и правни интереси на странките. Оттука, подносителот на иницијативата смета дека Законот за јавните набавки како lex specialis можел да регулира подетално одредена област од правото, но со почитување на основните граници зададени со lex generalis и законот кој супсидиерно се применувал во случајов, а тоа бил Законот за општата управна постапка.
Ваквите одредби упатувале на несогласност на оспорената законска одредба со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, кој како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија го определува владеењето на правото.
Имајќи го предвид наведеното, подносителот на иницијативата му предлага на Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одредба, па по спроведување на постапката, да донесе одлука со која ќе ги укине/поништи оспорените законски одредби како несогласни со Уставот и законите.
3. Судот на седницата утврди дека според член 216 став 2 од Законот за јавните набавки, жалбата се изјавува во рок од осум дена односно три дена кај постапката со барање за прибирање на понуди од денот на:
– приемот на записникот од спроведениот технички дијалог, во однос на дејствијата или пропуштањето за преземање дејствија поврзани со спроведување на техничкиот дијалог,
– објавувањето на огласот за доделување на договор за јавна набавка во однос на податоците, дејствијата или пропуштањата за преземање дејствија од огласот,
– отворањето на понудите во однос на дејствијата или пропуштањата за преземање дејствија поврзани со тендерската документација, односно постапката за отворањето на понудите,
– истекот на рокот за донесување одлука за избор или за поништување на постапката согласно со членот 162 став (2) од овој закон во однос на пропуштањето за донесување на одлука за избор или за поништување на постапката во соодветниот рок,
– приемот на одлуката со која се одлучува за поединечно право од постапката за доделување на договор за јавна набавка, во однос на утврдувањето на способноста на пријавите за учество или евалуацијата на понудите и одлуката или
– сознанијата за незаконско водење на постапка за доделување на договор за јавна набавка, најдоцна во рок од една година од денот на завршувањето на спроведената постапка.
Според ставот 3 на истиот член, жалба се изјавува и во рок од три дена од приемот на известувањето за склучен договор врз основа на рамковна спогодба.
4. Според член 8 став 1 алинеjа 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Според членот 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Согласно со член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Со Законот за јавните набавки се уредуваат начинот и постапките за доделување на договорите за јавни набавки, надлежностите на Бирото за јавни набавки, основањето и надлежностите на Државната комисија за жалби по јавни набавки и правната заштита во постапките за доделување на договори за јавни набавки, како и за концесии и јавно приватно партнерство (член 1).
Правна заштита во постапката на јавните набавки е регулирана во главата X од Законот (членови 200-231).
Според член 216 став 1 од Законот, постапката на правна заштита започнува со поднесување на жалбата, односно со барање за поништување на постапката за доделување на договор за јавна набавка заради недоставување документација до Државната комисија согласно со членот 222 од овој закон.
Според ставот 2 на истиот член, жалбата се изјавува во рок од осум дена односно три дена кај постапката со барање за прибирање на понуди од денот на:
– приемот на записникот од спроведениот технички дијалог, во однос на дејствијата или пропуштањето за преземање дејствија поврзани со спроведување на техничкиот дијалог,
– објавувањето на огласот за доделување на договор за јавна набавка во однос на податоците, дејствијата или пропуштањата за преземање дејствија од огласот,
– отворањето на понудите во однос на дејствијата или пропуштањата за преземање дејствија поврзани со тендерската документација, односно постапката за отворањето на понудите,
– истекот на рокот за донесување одлука за избор или за поништување на постапката согласно со членот 162 став (2) од овој закон во однос на пропуштањето за донесување на одлука за избор или за поништување на постапката во соодветниот рок,
– приемот на одлуката со која се одлучува за поединечно право од постапката за доделување на договор за јавна набавка, во однос на утврдувањето на способноста на пријавите за учество или евалуацијата на понудите и одлуката или
– сознанијата за незаконско водење на постапка за доделување на договор за јавна набавка, најдоцна во рок од една година од денот на завршувањето на спроведената постапка.
Согласно ставот 3 на истиот член, жалба се изјавува и во рок од три дена од приемот на известувањето за склучен договор врз основа на рамковна спогодба.
Во согласност со членот 231 од Законот, на постапката пред Државната комисија која не е уредена со одредбите од овој закон ќе се применуваат одредбите од Законот за општата управна постапка.
Од анализата на наведените и другите одредби на Законот за јавните набавки, произлегува дека законодавецот со овој закон, како Lex specialis го уредил начинот и постапките за доделување на договорите за јавни набавки, при што посебно ја уредил и правната заштита во постапките за доделување на договори за јавни набавки, за концесии и за јавно приватно партнерство. Во таа смисла, имајќи ја предвид спецификата на материјата која ја уредува, пропишал посебни рокови за изјавување на жалба во постапката за јавни набавки, коишто се разликуваат од роковите за изјавување на жалба пропишани со Законот за општата управна постапка како Lex generalis, којшто во случајот на јавните набавки има супсидијарна примена.
Целисходноста на ваквото законско решение е проценка на законодавецот, при што примената на правното начело Lex specialis derogat legi generali, како во случајов, не значи повреда на владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок.
Наводите во иницијативата дека оспорените одредби/рокови од Законот за јавните набавки не биле во согласност со одредбите/роковите пропишани со Законот за општата управна постапка, всушност претставуваат барање за оцена на меѓусебната согласност на одредби од два закони, што е прашање за кое, согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд не е надлежен да одлучува.
При анализата на оспорените одредби, Судот го имаше предвид и следното: Собранието на Република Македонија, на седницата одржана на 28 јануари 2019 година, донесе нов Закон за јавните набавки („Службен весник на Република Македонија“ бр.24/2019 од 1 февруари 2019 година).
Во Преодните и завршните одредби на овој закон (членови 185-192), со членот 189, се пропишува дека постапките за јавни набавки започнати пред денот на започнувањето на примената на овој закон ќе завршат согласно со Законот за јавните набавки („Службен весник на Република Македонија“ бр. 136/2007, 130/2008, 97/2010, 53/2011, 185/2011, 15/2013, 148/2013, 28/2014, 43/2014, 130/2014, 180/2014, 78/2015, 192/2015, 27/2016, 120/2016, 165/2017 и 83/2018).
Согласно членот 190 од истиот закон, со денот на започнувањето на примената на овој закон, престанува да важи Законот за јавните набавки („Службен весник на Република Македонија“ бр. 136/2007, 130/2008, 97/2010, 53/2011, 185/2011, 15/2013, 148/2013, 28/2014, 43/2014, 130/2014, 180/2014, 78/2015, 192/2015, 27/2016, 120/2016, 165/2017 и 83/2018).
Според членот 192 од истиот закон, овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, а ќе започне да се применува од 1 април 2019 година.
Тоа значи дека оспорениот член 216 ставови 2 и 3 од Законот за јавните набавки („Службен весник на Република Македонија“ бр. 136/2007, 130/2008, 97/2010, 53/2011, 185/2011, 15/2013, 148/2013, 28/2014, 43/2014, 130/2014, 180/2014, 78/2015, 192/2015, 27/2016, 120/2016, 165/2017 и 83/2018) ќе продолжат да се применуваат на постапките за јавни набавки започнати пред денот на започнувањето на примената на новиот Закон за јавните набавки (1 април 2019 година), и ќе траат се до нивното завршување.
5. Имајќи го предвид наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.
У.бр.23/2019
6 март 2019 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Никола Ивановски